Интервју со Сашо Димоски, директор на Театар „Џинот“ Велес: Европеизација на програмскиот модел на театарот

Раководството на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, претставувајќи ја програмата за сезоната 2021, насловена „Да се почне одново“, почна тригодишен театролошки проект.

Проектот „Да се почне одново“ Театар „Џинот“ Велес ќе го реализира во соработка со шест национални театри, исто толку независни субјекти од културата, четири реномирани театарски фестивали и издавачката куќа „Арс Ламина“. Актуелниот директор Сашо Димоски, кој дава зелено светло за проектот, е писател, драматург и театролог. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а докторирал на Факултетот за драмски уметности на Катедрата за театрологија. Токму театролошките знаења, искуства и кругови се силно впрегнати во реализацијата на проектот.

Народниот театар „ЈХК – Џинот“ од Велес неодамна ја претстави програмата за сезоната 2021, насловена „Да се почне одново“. Од каде дојде иницијативата за насловот на сезоната и со каква цел?

– Иницијативата доаѓа како резултат од полемика со студијата „Да се почне одново“, нарачана од Европската комисија на еминентниот театролог проф. д-р Драган Клајиќ пред десет години. Оваа студија нуди панорама на европските театарски модели, приказ на театарската Европа, приказ на институционалниот театарски облик и неговата „зафатнина во постојан развој“. Овој прирачник, исклучително важна книга за театарот, чиј издавач е „Арс Ламина“, е појдовна точка за создавање и развој на програмските активности на театарот. Целта на иницијативата кодирана во насловот, пак, е да посегне по готови формули/искуства во форматирањето на програмските активности на НТ „ЈХК – Џинот“ – Велес, и европеизација на неговиот програмски модел.

Велешкиот театар и во текот на минатата пандемиска година беше мошне активен. Какво резиме има ланската сезона низ бројки и наслови?

– Пандемиската 2020 ја почнавме со премиерите на претставите „Сестрите Прозорови“ (С. Димоски/ В. Зафирчев) и „Сара“ (К. Момева/ Е. Теова). Периодот на карантинот го искористивме за создавање на интернет-проектот „Тој и Таа“ (Ж. П. Мартинез/ Д. Дамјановски), чии дванаесет премиери ги прикажавме во периодот од април до август. Во летниот период учествувавме на фестивалите „Охридско лето“ и „Ристо Шишков“, а интернет-перформансот „Тој и Таа“ беше прикажан во рамките на фестивалот „Град“ во Сараево. Портфолиото на театарот беше претставено на „Косово шоукејс“ во категоријата „Театарски маркет“. Во вториот дел од полусезоната беа премиерно изведени монодрамата „Исмена“ (К. Момева/ Е.Теова), театарската инсталација за еден гледач „Херои 04:33“ (С. Димоски/ Д. Дамјановски, премиера на МОТ) и претставата со маскоти „Шумска болница“ (М. Јанчевска/ С. Чичевска), од која во соработка со издавачката куќа „Полица“ направивме и сликовница.

Пандемијата прво ги затвори, а потоа ги присили театрите да наоѓаат нови форми на театарската уметност. Практично, колку Велешкиот театар изгуби, а колку и какво искуство и нови вредности доби минатата година?

– Го изгубивме, панично и кратко, односот со публиката, а публиката го изгуби театарот. Но, со примената и почитувањето на здравствените протоколи, како и креирајќи директно од контекстот на вирусот и неговата парадигма меѓу задолжителното растојание и изолацијата, меѓу варијациите на стравот и вирулентниот притисок, меѓу поривот и неговото потиснување, се обидовме да стекнеме нови искуства, да дадеме сопствен влог во „вирусната епоха“, чија страшна слика ни се раѓа пред очи.

Сезоната на Театар „Џинот“ Велес почна со онлајн учество на претставата „Кралските копилиња“ на фестивалот „Сараевска зима“

Какви се плановите за оваа година со програмата „Да се почне одново“?

– Сезоната ја почнавме со учество на фестивалот „Сараевска зима“ со претставата „Кралските копилиња“. Во сезоната, предвидени се премиерите на претставите „Четири соби“ (С. Евтимов/ А. Ношпал), Есхиловата „Орестија“ (нејзино интегрално изведување во копродукција со НОБ, во режија на А. Ивановски, Н. Витанов, С. Ристевска и Д. Дамјановски), „Петтото годишно време“ (С. Димоски/ В. Зафирчев/ О. Панго) и театарската инсталација „Квартет“ (Х. Милер/ Д, Дамјановски), како и реализација на фестивалот „Стоби“ и театролошкиот проект „Да се почне одново“, во кој се синтетизирани мноштво партнери и активности. Предвидени се и три работилници, од кои првата веќе отпочна, неколку трибини и панели. Со оптимизам кон корона-околностите, предвидено е да отпочне со работа и детско и младинско драмско студио.

Пандемијата ќе биде присутна и оваа година. Дали и колку новите проекти на театарот се приспособени на строгите пандемиски протоколи, или ќе се подготвуваат за хибридна или онлајн изведба?

– Протоколите за работа овозможија отворање на театрите, овозможија театрите да бидат безбедни места, да се зачува непосредното искуство. Сето она што е надвор од непосредното искуство може само да кокетира со театарот, но не може никогаш да му биде замена. Театарот постои заради непосредното искуство и, можеби, сме во мигот кога токму непосредното искуство, онакво какво што ни е познато, е една од појдовните точки на кои се гради театарскиот чин, односот меѓу публиката и претставата.

Во пандемиска година го прифативте предизвикот на директорската функција во театарот во Велес, со каков мотив?

– Зад мотивот стои личната визија, перспектива за театарот, за неговата улога, неговото значење и смисла.

Занимавањето со приказни и со нивните потенцијали е една од можностите за бесконечност

Јавноста Ве познава како писател, театролог и драматург. Колку пишувачкото искуство Ви помага во практична реализација на драмски текстови, не само Ваши, на театарската сцена?

– Мислењето тангенти го сметам за сопствена предност, како вештина што се учи и надоградува. Дали мислата ќе се запише на хартија или ќе се форматира како сценски знак е прашање на моментален избор, личен избор или избор на авторскиот тим зад претставата, на театарската сцена. Канализирање на креативниот набој, „оприказнување“. Занимавањето со приказни и со нивните потенцијали е една од можностите за бесконечност.

Ги следите активностите на македонската и светската театарска сцена. Колку актуелните случувања со пандемијата ќе ја променат театарската форма и ќе отворат простор за нови изрази, или, можеби, по нормализирањето на состојбата ќе има тенденција на враќање кон класичниот израз?

– Ништо нема да биде исто, како што ништо не е исто, а сакам да верувам во развој на театарот, во развојот на публиката која го гледа, во соодветна општествена (интер)акција. Да си дозволиме да се изненадиме од промената која ни се случува, чиј чин сме. И попатно – да преживееме.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 75, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот