Интервју со Сашко Коцев: Се радувам на играчките на ќерка ми понекогаш повеќе од неа

Фото: Фејсбук/Сашко Коцев

Повеќе од 6.000 луѓе досега се забавуваа гледајќи го словенечкиот филм „Нешто слатко“ и тоа само во Скопје. Романтичната комедија со Сашко Коцев и Јелена Јованова, во која игра и режисерот на филмот, словенечкиот стенд ап комичар Тин Водопопивец, е приказна што ве освојува од прва. Зборува за погрешното идеaлизирање на ликовите што многу лесно станале стручњаци во одредена област и го добиле епитетот гуру. Токму еден ваков „гуру“ е Аце Мајсторовски, кој поради негов пропуст ќе влезе во триаголник со слаткарот Гоги и организаторката на настани Каја (Јелена Јованова).

Сашко е копродуцент и косценарист на филмот што стаса во регионот во вистинско време, за да нѐ освести дека вистинскиот живот не се само фотографиите и видеата од социјалните мрежи и трката за број на прегледи. Секој човек, како што и Сашко вели, треба да знае без брзање да ужива во ситниците, како на пример, во вкусот на еден убав десерт – нешто слатко.

Во интервјуто за „Слободен печат“, освен за филмот, Сашко раскажува за ќерката Јоана и за сопругата која му е најдобар критичар.

Аце Мајсторовски, кој го играш во филмот „Нешто слатко“, е маркетинг гуру. Во денешно време како да станува сè полесно да се ослови некој со гуру, експерт или специјалист. Како ти гледаш на лесното добивање на овие епитети?

– Токму затоа и го правевме овој филм, за погрешното и неосновано идеализирање и идолизирање на ваквите ликови. Јас сѐ уште се чудам како стигнуваат до тој епитет, како ги убедуваат другите, но како и себе се убедуваат во тоа. Јас сум човек што цело време се преиспитува, се прашува и се проверува. Но, некои луѓе едноставно брзо се заљубуваат во себе.

Сашко Коцев / Фото: Фејсбук/Сашко Коцев

Каков лик е всушност Аце, а каков е слаткарот што ќе го замени? Можат ли да се најдат карактерни сличности меѓу двајцата и среќаваш ли слични ликови во секојдневието?

– Јас секогаш кога работам на некој лик, пробувам да најдам таков модел од животот и тоа секогаш многу ми помогнало. Инаку, овие два лика се дијаметрално спротивни и токму тоа и беше мојот предизвик да ги прифатам овие две улоги. Инаку, филмот е за последната шанса во животот на едниот лик и првата шанса на другиот лик.

Како поминаа премиерите на филмот во градовите на поранешна Југославија, има ли различни реакции од, да речеме, македонската до словенечката публика?

– Секоја публика си реагира на различни работи, различни сцени и си засакува различни ликови од филмот. Во Словенија единствен хендикеп беше што е словенечки филм, а главните ликови ги играа Македонци што првпат ги гледаат, па тоа одзеде процент од публиката и продажбата. Но, за разлика од таму, овде е спротивно, публиката добро нѐ познава, ја има довербата и не размислува да отиде во кино и да го погледне филмот.

Сашко Коцев и Јелена Јованова
Сашко Коцев и Јелена Јованова / Фото: Фејсбук/Сашко Коцев

Работејќи на оваа комедија, какво е твоето искуство со словенечката екипа, беше ли забавно? Постои ли се уште „митот“ дека Словенците се студен народ?

– Не мислам дека се студен народ, туку напротив многу емотивни, претерано пристојни и емпатични кон другите, само што тоа не го изразуваат на начин што нам ни е познат и својствен. Сите се многу професионални во својата работа и воопшто не коментираат за туѓата работа што е типично повеќе за нас. Одлично искуство со одлична екипа, а верувајте нема филм на чие снимање е забавно. Тоа е стресно, нервозно, хаотично и неизвесно, особено кога се работи за снимање со доста мал буџет. Но, ние си ја правиме работата ведра и весела.

Колку сопругата знае да ти биде строг критичар, се случило ли директно да ти каже дека не толку успешно си изиграл претстава, да ти најде маана во филмска или во сцена во серија, во реклама?

– Секогаш, најостриот и најпрефинет критичар, кој дури не ги ни избира зборовите за некое мое сработено дело. Ако помине кај нејзе тогаш сум на сигурно.

Сашко Коцев со сопругата Смиљана / Фото: Фејсбук/Сашко Коцев

Сега си татко на Јоана, а осврнувајќи се назад, во твоето детство во едно друго време, какво дете и тинејџер беше, успеа ли да оствариш барем дел од твоите тогашни соништа?

– Сонот што го сонував тогаш, буквално сега го живеам и го уживам. Инаку морам да признаам дека бев прилично срамежлив како дете, но еве како сум го потиснал тој срам, со тоа што се качив на сцената, на даските што живот значат.

Колку е можно во денешново брзо и дигитално време да успееш да останеш „нормален“, да се дружиш во живо, да задржиш долгогодишни пријатели, да те радуваат ситници?

– Верувајте многу се радувам на ситници, еве на играчките на Јоана понекогаш јас повеќе се радувам. А, старите другарства не згаснуваат. Другар е – оној што ќе го сретнеш и по 3 години, а чувството е како да поминал еден ден. А, за нормален, еве се трудам, другите ќе кажат како ми оди, хахахахаахаха.

Интервју со Јелена Јованова, актерка: Анксиозноста не ме одмина, но добив други квалитети

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот