Интервју со Саша Бешлиќ, економист и банкар од Шведска: Иднината на Балканот и на БиХ е во интегриран економски систем

Интервју со Саша Бешлиќ, економист и банкар од Шведска: Иднината на Балканот и на БиХ е во интегриран економски систем

Ослобоѓење: Како е да се биде, од ваша перспектива, најдобар банкар, кога во БиХ сè уште се прават шеги дека банкарите на дното на морето, како и адвокатите, се добар почеток за похумано човештво? На ум паѓа и ставот на Брехт дека крадците не се оние што ограбуваат банки, туку тие што ги основале… Вие сте, се чини, нешто како банкарскиот Робин Худ?

Бешлиќ: Тоа не е само добра шега, туку и вистина на многу начини. Јас сум банкар кој пред 25 години сфати дека улогата на банките и финансискиот систем во општиот економски комплекс мора да помине низ голема промена. Постојат повеќе причини зошто е тоа потребно, а една од најважните е сознанието дека на финансискиот систем му треба нов општествен договор со заедницата во која работи и живее. Во суштина, финансиите се еден вид алатка за постигнување на целите на општеството и таа може да се искористи за да се изгради општеството и просперитетот во него или тоа да се уништи. Од нас зависи дали ќе сакаме ова да го смениме. Одговорното вложување води до добра заработка, но и гаранција за мирен сон. Јас сум вистински пример за тоа. Затоа, овој глобален финансиски систем може да биде насочен одговорно. Она што треба да се промени е целта на тој систем и целите на тие инвестиции. Патував по планетата во три наврати и бев на места каде обично не одите ако работите со финансии – видов тага, чемер, ропство, но исто така и среќа, радост и напредок. На крајот, сè започнува со луѓе и завршува со луѓе.

Ослобоѓење: Многу е интересна вашата транзиција, не само од војната во Босна и Херцеговина со заминување во Северна Европа, туку и онаа во вашата кариера, од областа на новинарството, во Црвениот крст и Африка, до луѓето во костуми и вратоврски… Не го загубивте моралниот компас и етичкиот ангажман, туку успеавте да им ги наметнете и на најтврдокорните, најназадни капиталисти… Од каде таква развојна линија?

Бешлиќ: Отсекогаш барав реални ситуации и вистински приказни, од животот, од производните погони, од дискусиите и разговорите со луѓето што го прават она во што јас сакам да инвестирам. Моралниот компас е прилично едноставен. Ја преживеав војната здрав и жив, а по неа кај мене веќе не постои вистински страв од пораз или тешкотии – тоа што го добив од животот, морам на некој начин да му го вратам на животот. Живееме во индивидуален, квази-капиталистички систем што мора суштински да ги надмине сите свои проблеми со помош на колективот. Токму оваа синтакса на капитализмот сега е во историска криза и единствениот пат напред е заедно, без оглед на тоа што мислиме за него како индивидуи.

Ослобоѓење: Каде ја најдовте мотивацијата и волјата да го постигнете ова што е зад вас и сè уште да не застанете?

Бешлиќ: Имав и луда среќа и голема храброст, младешка наивна храброст. Посетив речиси 100 држави во кои човечките соништа, стравови, надежи и храброста ги менуваат земјите, индустријата и историјата, и тие засекогаш станаа дел од мене. Да се гледа млада мајка во Африка, која за прв пат користи мобилен телефон за деловно работење или да се гледа небото во индиските ноќи со земјоделците што се плашат од климатските промени, се работи што создаваат уште поголема мотивација за работа. Ние можеме да ја смениме иднината на подобро.

Ослобоѓење: Босанско-херцеговските медиуми велат дека сте полни со пофалби за луѓето од нашето поднебје, но тие проблеснуваат многу почесто во странство отколку овде. Зошто ова наше чудно „растение“ вирее подобро на друго место отколку дома?

Бешлиќ: Секако, тоа не е толку зачудувачки, дел е од играта на медиумите и протагонистите на тој успех. Но, мојот најголем успех е што три деца стануваат нормални луѓе. Татковината може да се вратам да ја посетам, но не верувам дека би живеел во неа со оглед на националистичкиот популизам што, за жал, сè уште длабоко владее со нарацијата на балканското општеството. Ha живеам подолго во Шведска одошто што живеев во БиХ. Го сакам своето потекло и горд сум на духот на луѓето со кои пораснав. Тој дел од мене со таа шведска комбинација ми дава многу во животот.

Ослобоѓење: Неодамна слушнав како еден „паметен“ човек продолжува да ја застапува идејата дека нема Босанци и Херцеговци, туку само Срби, Хрвати и Бошњаци, иако поминуваат 25 години по крвавиот распад на Југославија. Дали имате идеја како да се надминат ужасите од таа војна што остави најдлабоки последици во Босна и Херцеговина?

Бешлиќ: Јас ја гледам ситуацијата низ економска и финансиска призма. Иднината на Балканот и БиХ е во интегриран економски систем, прво меѓу поранешните републики, а потоа кон другите регионални центри. ЕУ ќе игра улога можеби уште десет години, по што ќе се распадне на северните и јужните делови (како и поранешна Југославија). Внатрешната дисфункција на ЕУ ќе доведе до тоа, иако постои и сценарио во кое тоа нема да се случи. Луѓето на Балканот можеби треба да разберат дека ние не сме центарот на светот и дека треба да најдеме начини за живот и работа во глобален контекст.

Ослобоѓење: Кои алатки, средства, процеси, се неопходни за економијата да надвладее над политиката, со цел босанското општество да има перспектива во брзо менливиот современ свет?

Бешлиќ: Корупцијата, недостатокот од владеењето на правото, илјада закони, непотизам, ентитетска политика, национализам… Сето ова е дел од разнишаната основа на БиХ, а опстанува заради стравот од Западот повторно да не се испотепаме. Тоа е една чудна конструкција што опстојува поради тој страв, а во суштина е најголемата пречка за развој. Без тоа да се промени, нема да има прогресивна иднина. Младите ќе ја напуштат земјата, а ќе останат само оние кои мораат.

 

Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот