Интервју со Сања Симонова – Семпаи: Секоја жена може да ги совлада техниките за самоодбрана

Нашиот клуб е прочуен по традиционалната работилница за самоодбрана за жени. На таа работилница, практично се вежбаат најчестите напади, како што се шлаканица, клоца, прилепување до ѕид, соборување долу на земја и слично.

Сања Симонова е динамична личност, која ја сака природата, вежбањето, истражувањето на сопствените граници. Кон крајот на студирањето, на околу 24 години, барала некоја физичка активност што ќе го опфати сето тоа.

– Знаете, на овие години, повеќето луѓе мислат дека веќе е предоцна за да се занимаваат со спорт или со некое хоби, но тоа воопшто не е вистина. Тогаш дознав за „Буџинкан Македонија“ и уште на првиот тренинг ме освои вештината пренесена преку мајсторството на мојот учител Сенсеи Игор Довезенски – ни вели Сања Симонова – Семпаи (постар ученик) во Пат кон Сонцето (организација која е посветена на изучувањето на традиционалните јапонски борбени вештини).

Она што не треба да се прави, без оглед како и каде сме нападнати, е да се препуштат работите и да се падне во самосожалување и очај. Треба да се покаже борбеност и истрајност за да се одбраниме.

Јапонските боречки вештини ја привлекуваат Сања зашто „ајде најслободно да се изразам, се една комплетна школа за животот. Таму фокусот не е само на физичката компонента. Не е тоа тренинг за добро тело и тоа е сè. Како што и самото име кажува вештини или уметност, во себе кријат многу тајни што го облагородуваат телото, умот и духот. Со еден збор, баланс“.

Од која возраст може да се почне со тренинг и како се станува дел од клубот „Буџинкан Македонија“?

– Во нашиот клуб може да членуваат сите оние кои имаа отворено срце да го осознаат знаењето на нинџите и самураите од древна Јапонија. Почнувајќи од дечиња на возраст од пет години, за нив имаме посебни групи наречени „Нинџа клинци“, па сè до возрасни членови за кои нема никакво органичување во однос на годините. За подетални информации доволно е да нè контактирате преку некој од нашите профили на социјалните мрежи, или на телефон, доколку сакате да дојдете на нашите тренинзи и таму да поразговараме за сè што ве интересира. За жал, поради моменталната ситуација со коронавирусот, нашето доџо во Скопје е затворено и тренинзите ги одржуваме во природа, но со нетрпение чекаме повторно да се вратиме на тренинг во доџото. Како и да е, ја имате на располагање нашата интернет страница koryu.mk преку која можете да дознаете многу за работата на нашиот клуб.

Познавање на техника на самоодбрана е макотрпен процес, кој е подобро да се помине во доџо и никогаш да не ти затреба, отколку да не се знае ништо и да се настрада на улица. Техниката е ефикасна доколку е правилно аплицирана, а за тоа треба посветено изучување и усовршување преку тренинг, а не со гледање видеа на Интернет.

Што значи Буџинкан? Како би го превеле?

– Буџинкан доџо во превод значи „место каде што вежба божествениот воин“. Тоа е интернационална организација основана во Јапонија во седумдесеттите години на 20 век, од страна на соке Масааки Хатсуми. „Буџинкан Македонија“, како дел од таа интернационална организација, е првото нинџутсу доџо во Република Македонија, основано пред 25 години и активно работи до денес.

Колку техники на самоодбрана се изучуваат и колку се ефикасни во случаи на напад или при грабеж на улица?

– На ова прашање најдобро можам да ви одговорам со покана на некој од нашите тренизни кои, за жал, моментално се на пауза, каде што практично можете да видите. Поканата е отворена за сите заинтересирани кои сакаат да видат за што станува збор. Нашиот клуб е прочуен по традиционалната работилница за самоодбрана за жени. На таа работилница, практично се вежбаат најчестите напади, како што се шлаканица, клоца, прилепување до ѕид, соборување долу на земја и слично.

Самоодбраната се состои од низа техники зависно од сценариото, дали сме сами, дали сме во затворен простор или не, дали противникот е доста поголем од нас и слично. Познавање на техника на самоодбрана е макотрпен процес, кој е подобро да се помине во доџо и никогаш да не ти затреба, отколку да не се знае ништо и да се настрада на улица. Техниката е ефикасна доколку е правилно аплицирана, а за тоа треба посветено изучување и усовршување преку тренинг, а не со гледање видеа на Интернет. Секое повторување на техниката, ја зголемува увереноста во нејзината ефикасност. Да не биле ефикасни техниките на самоодбрана немало да преживее традицијата на пренесување на тоа древно знаење.

Во нашиот клуб имаме доста девојки, кои поминале низ обуките за самоодбрана или доаѓале на редовните тренинзи за боречки вештини и тоа стекнато знаење несомнено им се наоѓа во секојдневието.

Што вклучува одбраната? Да ни посочите три основни чекори на самоодбрана за жени?

– Иако е многу тешко да се опише, еве ќе се обидам. Доколку сте нападнати прво со зборови, па благи удари кои имаат цел да ве заплашат, советот што можам да го дадам е да се остане смирена и да се контролира дишењето, со тоа ќе покажете дека не ви е страв и можеби ќе го збуните напаѓачот. Потоа следува малку итрина и борбена вештина. Доколку нападот е ненадеен, најдобро е да се обидете да му зададете неколку удари во неговите слаби точки како што се гениталиите. Секоја припадничка на понежниот пол може да ги совлада овие техники, а тоа најдобро се прави преку тренинг. Она што не треба да се прави, без оглед како и каде сме нападнати, е да се препуштат работите и да се падне во самосожалување и очај. Треба да се покаже борбеност и истрајност за да се одбраниме.

Накратко ќе ви посочам три важни чекори при самоодбраната: предострожност, контрола на ситуацијата преку вербална и невербална комуникација и користење на факторот изненадување.

Во нашиот клуб може да членуваат сите оние кои имаа отворено срце да го осознаат знаењето на нинџите и самураите од древна Јапонија.

Од кого се браниме или треба да се одбраниме во денешна Македонија?

– Факт е дека во Македонија секојдневно сме сведоци и на физичко насилство, но исто така и на психичко. Секогаш под борба не подразбираме само физичка пресметка. За жал, живееме во време кога се чувстуваме нападнати по нашиот интегритет како личности. Денес, ако мене ме прашувате, треба најмногу да го браниме нашиот дух, да се одбраниме никој да не ни го скрши, никој да не ја згасне волјата за создавање живот кој е вреден за живеење. Секој од нас, кој живее во Македонија, води различни лични борби, а болката е дел од животот, нели? Но само слабите се откажуваат и очајуваат, силните учат како да возвратат на ударите на судбината и да го одбранат своето достоинство, своето семејство, својата родна држава. Впрочем, токму затоа и ни служи практикувањето на боречките вештини, да бидеме и физички и психички поподготвени  и да ги развиеме човечките доблести како што се чесноста, сочувството, самодовербата, високиот морал и уште многу други. Ова не е лесно. Но за оние кои ќе успеат, ќе стекнат доживотна сила која нема да им дозволи да се предадат во ниеден миг од нивната лична или заедничка борба во иднина.

Колку жените се заинтересирани за оваа многу интересна дисциплина и искуствено, зошто е популарна меѓу жените?

– Заинтересираноста кај жените за практикување на боречките уметности е скоро иста како и кај мажите. И понатаму треба да расте свесноста дека не треба да се препушти ништо на случајноста на надворешната средина. Ние велиме: „Колку повеќе пот во доџо, толку помалку крв на улица“. Во нашиот клуб имаме доста девојки кои поминале низ обуките за самоодбрана или доаѓале на редовните тренинзи за боречки вештини и тоа стекнато знаење несомнено им се наоѓа во секојдневието. Дисциплината, упорноста, издржливоста, искреноста, љубовта со која се прави ова, стекната преку секојдневен тренинг, се отсликува на сите полиња во животот, во домот, на работа, во социјалните и партнерските врски.

Мене лично, животот ми се промени целосно откако тргнав по овој пат од кој нема враќање назад. Физичкото и психичкото здравје пред сѐ, потоа борбената и животната вештина, неразделните другарства со соборците од нашиот клуб и уште долга низа богатства што се стекнуваат. Посакувам секој да може да зачекори по овој пат, за да сфати дека животот е една убава мелодија која ни се случува овде и сега и во која можеме потполно да уживаме. Треба само храброст да се одважиме да тргнеме, и истрајност за да одиме по него, до последниот наш здив.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот