Интервју со Ристо Лазаров: Кај и да се свртиш – трпки те лазат

Поетот, преведувач, есеист и критичар Ристо Лазаров во краток период го дополни своето творечко азно со две нови книги – поетската „Трпки“ и прозната „Намерници“, двете во издание на „ВиГ Зеница“, а современата живејачка, која ја гледа без розови очила, му е предизвик за уште нови дела.

Проникливиот, изострен, објективен, но и немирен карактер на Ристо Лазаров е најцврстата платформа на која се потпира неговата творечка и новинарска работа. Речиси пет децении личноста на Лазаров е присутна во македонската култура како поет-бунтовник и како „поет на македонската транзиција“, но и како прекалено новинарско перо и авторитет што несебично ја претставува македонската литература во светот.

Со текот на времето неговиот младешки бунт созрева во „поет на вистината“, со зрел, смирен и длабокомисловен израз. Во тој правец се движат и неговите две најнови остварувања, но секогаш има нешто што поетите не го кажуваат во своите песни или есеи, туку го носат длабоко во душата.

Предговорот во книгата „Намерници“ го напиша професорот Димитар Пандев, кој, меѓу другото, за личноста и творештвото на Ристо Лазаров истакнува:

– Ристо Лазаров, пред сѐ, е поет што никогаш не бил понесен од постојните поетски бранови во македонската литература, туку отсекогаш бил свој, со сопствен поетски (продлабочено ироничен) израз, (префинето циничен) јазик и (поетизирано разговорен) стил, особености со кои веднаш, уште со својата прва поетска збирка, се одделува од дотогашната македонска поезија. Својот јасно дефиниран и непомирлив младешки бунт Лазаров творечки успешно го надополнува со созреано опсесивен гнев што од референцијално биолошки опсервации на стварноста прераснуваат во згуснато панорамски поемски преплети, во кои има место за сѐ и сешто од кое било времепространство, но и ништо не останува поетски непоштедено.

Ристо Лазаров е поет што не мирува. Ниту во областа на јазикот, ниту во областа на поетското оформување на стварноста. И оствари своја поетика чијшто творечки дијапазон се движи меѓу реалната виртуелност на судбоносните седумдесетти години на минатиот век и виртуелната реалност на денешницата – напиша Димитар Пандев.

Токму затоа разговаравме со Ристо Лазаров.

Половина век активно творештво и 33 поетски збирки се импозантна трага што ја оставате зад себе во сферите на културата, но и на новинарството. Се сеќавате ли на праизворот, на првичната инспирација да зачекорите по трнливиот поетски пат?

– Има такви, „миговни мигови“, кога во раното детство (некогаш и подоцна, не е строго пропишано), едноставно, ќе ви зачкрипи моливот, чкорче ќе ви го осветли патот. Тој миг би можел да биде праизворот, како што велите: знам само дека тоа се случи на едно летување во Охрид, ќе да бев пред портите на „тинејџерството“ – се случи детска песничка… Потем учителот по македонски јазик во штипската осмолетка „Димитар Влахов“, Георги Доцев, ја испрати песничката во детско списание во Скопје, па ме фати за рака и ме внесе во чудесата на литературата.

Изгледа така некако потече тој извор, со времето стана и река, а знајно е дека реката не се враќа кон изворот, си го длаби коритото, си ја бара утоката. А првиот текст во дневен весник го објавив на петнаесетгодишна возраст. И киниса работата, на две шини, како кога вагонетка изнесува прамени руда од рудничките длабини, сосе рудата и јаловина, нормално… Тоа е на очи: под епидермата, чинам, длабоко во душата, сѐ уште, е скриено иницијалното жарче, не дека е маѓепсано од таинственост, ама не и од потребата за перчење. Очевидно: угодно ѝ е во бунарот на душата.

Насловот на најновата стихозбирка „Трпки“ открива дека, сепак, нешто не ви дава да „седите мирен“, туку постојано да нурнувате во светот што ве опкружува. Што најмногу Ве предизвикува?

– Тука најпрвин ќе го повикам издавачот на „Трпки“, поетот Глигор Стојковски, кој својот поговор кон книгата, потсетувајќи на оние што на почетокот ме нарекуваа бунтовник, заклучува: „…Тргнете го повишениот тон во сите негови книги, значи не прифаќајте да ве заведе само шармот на јазичните досетки со кои изобилува, и ќе откриете еден сосема поинаков поет – можеби најдлабоко нурнатиот, најдлабоко обземениот, најцелосно посветениот во нашата живејачка, овде – во нашава дома, најзагрижениот, најнемилосрдниот и најдоследниот просудувач, безмилосен судија на разните (а)национални, кусогледи, политикантски манифестации што изминативе триесетина години ни се случуваат недозволиво многу. Трпки е книга што уште еднаш потврдува дека некогашниот бунтовен поет Ристо Лазаров е веќе зрел, смирен и мисловен, поет што кажува важни вистини, на начин сосема соодветен на богатото творечко и животно искуство: лиричен, рефлексивен и натаму јазично свеж и натаму, сепак – немирен“, заклучува Стојковски.

А предизвици во времето што го живееме – колку да сакаш, доволно е да се подотвори само едното око. Не сум намќор, но не сум ни рекламен агент на розови очила. И не би си простил ако тукутака, ладнокрвно, би ја прескокнал оваа делница од своето време. Не се покрива тој прескок со измислени метафори. Речиси, кај и да се свртиш – трпки те лазат. Вистински, контејнерџиски трпки.

Тоа „поет на македонската транзиција“ од компетентно место ми потврдува дека не би си простил ако тукутака, ладнокрвно, ја прескокнев оваа делница од своето време (Фотографија: Приватна архива)

Како ја доживувате ознаката ,,поет на македонската транзиција“? Што е пресудно – времето во кое живееме или поетскиот осет да го види, да го препознае тоа што е околу него?

– Тоа „поет на македонската транзиција“ од компетентно место ми потврдува дека не би си простил ако тукутака, ладнокрвно, ја прескокнев оваа делница од своето време. Не би си простил ако во сопствениот творечки немир ги немам „Лавиринт“, „Мрак“, „Вампирското“, „Препките“, „Сонот на коалата“, „Светилникот“ и други книги инспирирани од воскреснувањето на Александар Македонски, сосе барокот, градот во кој уште живееме како ништо да не се случило. Време во кое творечкиот немир на трискок ве носи до патеката на гротескноста. Тој трискок, како што знае секој кој се испробал, не е баш лесна творечка и животна дисциплина.

Седум циклуси со по седум песни.. дали овој размер е случаен?

– Академик Катица Ќулавкова неодамна го обзнани тоа како клуч на сите мои книги. Седумката за секого си има различно значење, а кога ќе се помножи со седум добиваме 49, годината на моето раѓање, во оној таму век, сега толку безмилосно се бербати од секакви суши. Во таа четириесет и деветка, се разбира, има разни пластови на живејачката, од кои некои се хумористично-сатирични во времето. Времето без хумор ви е како празна бочва, од која нема што да капне ни на земјата ни во устето.

Во збирката прозни цртици „Намерници“ (исто така, издание на „ВиГ Зеница“) откривате сосема поинаков свет, во кој центарот на светот е Скопје, а голем број реални намерници се ставени во фиктивни ситуации. Цртичките содржат мноштво информации, но и преплет на времињата. На што е втемелена потребата за „скопски разгатки на светските загатки“?

– Можеби на уверувањето дека не сме слепо црево на светот, што ако сме Балканци. И Андриќ, и Крлежа, и Киш, и Станеску, и Кадаре, и Елитис, и Дончев, и Шопов, и Јаневски се Балканци! А, можеби, и на фактот што јас не сакам да бидам нем сведок на преплетот на времињата на овие простори. Можеби што не мислам дека е грев дека митските јунаци ги сретнувам на корзо, ама не скаменети, облечени во лажни мермерни одори. Исто како и нашите не толку дамнешни претходници. Да ги видам, на пример, како Томас С. Елиот, кој претпочиташе поинакви стихови за поинаква Европа.

Во поетските кругови сте познат како „бунтовник по природа“, во новинарските кругови како „ангажиран интелектуалец“. Колку времето на хиперпродукција на информации постојано влева „гориво“ на Вашиот општествен и културен ангажман?

– Чудно некое време: со хиперпродукција на информации, со хиперпродукција и на многу невладини, граѓански организации и фактори, а со некое фалшиво „гориво“ што се мачи да поткрене нешто повеќе освен потскокнувањето на место, што мисли дека стимулирањето на молчењето е – мудрост, златоносна.

Уште во социјализмот се формираа високи школи за новинарство, а постсоцијализмот изроди висококвалификувани партиски послушници и навивачи (Фотографија: Приватна архива)

Со години бевте дел и раководевте со информативни медиуми (Танјуг, Телма…). Можете ли да направите споредба на медиумите некогаш и медиумите сега?

– Ауу, само тоа не! Толку се чумосува минатото, што се заборава, на пример, дека и самата уметност се базира на помнењето, како што постојано повторува Кундера. Мислам: само по себе ќе го прескокнеме ако го споредиме она што по којзнае каква случајност останало од медиумите. Споредба со самите себе: „Нова Македонија“ и „Вечер“ преживеаја, тие си знаат како, и сега – ајде споредете ги со истоимените гласила од пред 40 години? А погледнете ја „Политика“, „Данас“, „Дело“, „Ослобоѓење“, „Побједа“ итн., итн. Баш како во насловот на последната книга на еден мој колега, си го живееме времето на своите парадокси: па едно време да бидеш новинар требаше, пред сѐ, да бидеш писмен. Уште во социјализмот се формираа високи школи за новинарство, а постсоцијализмот изроди висококвалификувани партиски послушници и навивачи.

Дали за поетите и за интелектуалците има „време на пензионирање“?

– Како се земе: кога бев на Ваши години, ми беше чудно кога во една пригода Владо Малески (ало, од каде ни е правото да го забораваме?!) ми рече дека еве, сега одам во пензија, најпосле го дочекав денот да станам професионален писател. Дури сега, откако самиот станав пензионер, гледам колку е жално, навистина многу жално, што сме раритетна земја во која писателите не се професионалци и не живеат од својата писателска работа.

Песна од стихозбирката „Трпки“:

На словенските богови

Еднаш годишно
тажните словенски богови
излегуваат од шумите
потоците езерата
и тргнуваат кон небото
да си го најдат таму
своето место

На половина пат
секогаш ги пресретнува
некој пијан
антички бог
кој со вино
тагата ја натопува
оти на земјата
Грци веќе нема

Наидуваат потем
пустопашниот Јупитер
и Јунона
бучни од срдба
или веселба
се караат и псујат
како богови
кои во боговите
веќе не веруваат

Тажните Словени
тогаш го продолжуваат патот
до оној
распнат син
кој со солзите
на праведниот
раните свои ги натопува
и тие го печат
и го печат сè повеќе
и тој во својата болка
бескрајно
ужива

И секогаш баш тогаш
боговите со чудна
модроока тага
одлучуваат
на земјата
да се вратат
и во мирот на изворите и шумите
добра коб
да им бидат
на тукушто заскитаните патници.

(Интервјуто и песната се објавени во „Културен печат“ број 37, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот