Интервју со Рисима Рисимкин: Магијата на сонувањето и творењето се менува со секој нов ден

Една од водечките македонски кореографки, уметнички директор на светски реномираниот „Скопје танц фест“ и основач на првата компанија, културниот центар „Интерарт“, за современ танц во земјава, Рисима Рисимкин, годинава одбележува триесет години активно кореографско творештво.

Одбележување триесет години активна работа во полето на современиот танц на 60-то издание на фестивалот „Охридско лето“ е вистинскиот начин да се прослави јубилеј. На тој начин кореографката Рисима Рисимкин прави и творечка елипса, имајќи предвид дека во 1996 година токму на „Охридско лето“ почна „Неделата на модерен балет“, во организација на тогаш основаниот „Интерарт културен центар“.

Балетската претстава „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ е aпстрактна скица за апокалиптичниот момент во кој живееме. Во реализацијата на претставата учествува извонредна танчерска и креативна екипа на Скопје танцовиот театар, кој оваа година во своите редови ги вклучува Адријана Данчевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Валентино Апостоловски, Бобан Русески и Исидора Краљевска.

За првпат како кореограф Рисимкин остварува соработка и со првенката на Националната опера и балет, Мими Поп-Алексова. Претставата е во кореографија и режија на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски, костимите се на нејзиниот долгогодишен соработник Благој Мицевски, а сценографијата е со потпис на Матеа Мијановиќ.

Претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“, премиерно изведена на 18 август оваа година во предворјето на „Света Софија“, може да се смета за круна на кореографското творештво на Рисимкин, но сигурно нема да биде затворање на елипсата. Напротив, низ разговорот со Рисимкин дознаваме дека таа има уште многу соништа за остварување.

Јубилејот го одбележувате со претстава со поетичен наслов „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ што укажува дека процесот на потрага и на сонување сѐ уште трае. Колку скиците што ги направивте во овие апокалиптични моменти се разликуваат од почетоците на балетскиот сон?

– Магијата на сонувањето и творењето се менува со секој нов ден. Ова време ни покажа дека многу лесно можеме да ја изгубиме убавината на живеењето и радувањето. Скиците се отслик на моментот, меѓутоа сонот за создавање е истиот.

Балерина се станува од мали нозе. Се сеќавате ли на првите чекори на сцената?

– Се сеќавам на танцувањето дома, во салонот на семејната куќа на моите родители. Потоа на првиот настап на сцена во една оперска претстава, во која се појавуваше Снежана и седумте џуџиња, јас бев едно од џуџињата, хахахаха.

Колку е голем чекорот, или скокот, од балетски изведувач во кореограф?

– Огромен. Тоа се две различни професии, иако се многу блиски. Кај мене патот беше природен, т.е. прво танцував, а потоа почнав да размислувам за сцената од другата страна. Кореографската работа и креација ме исполни комплетно, сосема се пронајдов во неа. Уживам во процесот на создавање и посебно во работата со танчерите, размената на уметничките енергии, идеи и креации. Прекрасен процес, без кој повеќе не можам да си го замислам животот.

Рисима Рисимкин: Моите претстави се метафорични и асоцијативни, не сакам наративност во исказот (Фотографија: Драган Перковски)

Триесет години кореографска дејност се период што содржи голем број претстави и изведби, но трагајќи по суштината, како се раѓа кореографијата за едно балетско дело?

– Секогаш од една мисла или слика, момент кој ме инспирира во одреден правец. Потоа се развива „филмот“ и се раѓаат слики/скици според кои размислувам. Ја споделувам идејата со најблиските соработници и почнуваме да ја градиме драматургијата. Самото движење, секогаш го барам во студио, во соработка со танчерите. Тие се за мене инспирација, телата, физичкиот момент на искажување на мисла. Ја завршувам претставата со магијата на боите и атмосферите кои ги создаваме на сцена, преку светлосните ефекти. Суштината на крај испливува и е тука, до нас, моите претстави се метафорични и асоцијативни, не сакам наративност во исказот.

Вашиот идентитет содржи повеќе компоненти – балерина, кореограф, педагог за танцова уметност, уметнички директор на танцов фестивал – што лежи во срцевината на идентитетот?

– Затоа сега правам серија претстави на тема – Идентитети, хахахахаха. Мислам дека уметник е точниот збор. Секоја активност која е поврзана со уметничкиот чин, за мене е предизвик. Ја сакам многу работата со млади, со студенти и уживам во можноста да им дадам нешто, дел од моето искуство и креации.

Кореографката Рисима Рисимкин со танчерите и дел од екипата што учествуваа во нејзината најнова балетска претстава (Фотографија: Драган Перковски)

Паралелно со вашата кореографска дејност се развиваа и културниот центар „Интерарт“, Скопје танцовиот театар, Танц фестивалот. Колку на балетската уметност треба да ѝ се пристапи со организираност, систематичност и прецизна методологија?

– Како и за сѐ во животот, кога се стремите кон успех, мора да сте организирани, систематични и прецизни. Јас имав визија која сакав да ја остварам. Само со упорност и работа можен е успехот. Никако поинаку. Се друго е лага, во која самите тонеме.

Ваши кореографски дела се поставени или видени, речиси, низ цела Европа, но и во САД и Кина. Кој момент лично го чувствувате како врв на досегашната кариера?

– За мене секој момент е врв тогаш кога се случува. Одбележувањето на 30 години јубилеј на кореографско творештво во Охрид, во предворјето на црквата „Св. Софија“, беше еден извонреден магичен момент и среќна сум што се случи. Претставите надвор ми се исто многу значајни, 2018 година би ја одвоила, бидејќи тогаш бевме со Скопје танцовиот театар на некои од најпрестижните светски фестивали во Њујорк, Хаг и Пекинг.

Одбележувањето на 30 години јубилеј на кореографско творештво во Охрид, во предворјето на црквата „Св. Софија“, беше еден извонреден магичен момент и среќна сум што се случи (Фотографија: Драган Перковски)

Млада и исклучително талентирана балетска екипа ги изведува вашите кореографии. Какви беа реакциите на публиката по изведбата на претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на фестивалот „Охридско лето“?

– Прекрасни. Многу се радувам што дел од публиката од Охрид нѐ знае и луѓето со кои се сретнувавме ни ги искажуваа своите впечатоци. Се разбира, публиката беше ограничена на помал број поради ситуацијата, но сите впечатоци беа многу, многу позитивни. Танчерите се навистина целосно посветени на работата, сите се талентирани и се надевам дека во иднина ќе ги надминат моите успеси. Тоа за мене ќе биде најголемиот поклон што мојата професија може да ми го даде.

Дали прославата на јубилејот ќе продолжи и на Танц Фест во септември во Скопје?

– Секако. Танц Фест за нас е неопходен, набргу ќе ја објавиме програмата. Со Танц фест ќе одбележиме 30 години постоење на современата танцова сцена во Македонија и ќе претставиме нови македонски кореографи. Еве ексклузивно кај вас ќе најавиме, отворањето ќе биде на четврти септември.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 45, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот