Интервју со режисерот Бранислав Миќуновиќ: Емотивен омаж за драгиот пријател Горан Стефановски

Драмскиот театар во Скопје на 31 март премиерно изведе претстава што е поставена според компилација на повеќе текстови од Горан Стефановски што досега не биле поставени на сцената на Драмски.

Драми од најпознатиот македонски драмски писател и даскал, сценарист и предавач, врвен интелектуалец, вреден занаетчија и скромен човек, Горан Стефановски, повторно се поставени на сцената на Драмски театар во Скопје. Со намера да се надополни пропуштеното во една претстава се употребени седум драмски текстови од Стефановски.

На овој комплексен театарски предизвик се нафатил црногорскиот режисер Бранислав Миќуновиќ. Станува збор за човек со фасцинантна биографија во секој поглед. Добитник на многубројни значајни професионални и општествени награди. Покрај режијата, предава актерска игра на Факултетите за драмски уметности во Белград и Цетиње, член е на повеќе европски академии за науки и уметности, бил директор на Црногорското народно позориште, министер за култура на Црна Гора во три мандати, амбасадор на Црна Гора во Белград, почесен доктор е на повеќе европски универзитети.

Бранислав Миќуновиќ – Тезата на Горан Стефановски за нашето заедничко или поединечно страдање е страшно потребна и во денешното време

Разговорот со Миќуновиќ го почнавме со потрага по личносните односи и пријателство што тој ги имал со Горан Стефановски, но и со предизвикот да се постават негови текстови на сцена.

– Претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ се роди од мојата посветеност кон Горановото дело и од сеќавањето на нашето пријателство. Таа е моја исповед пред пријателот. Моја посвета на неговиот опус кој, низ неколку негови драми, сакав да го претставам пред современата театарска јавност и уште еднаш да потсетам на тоа дека неговите катарзични теми се сѐ поактуелни. Драматично поактуелни.

Знаете, пријателствата и другарствата не се спонтани работи. Тие се создаваат со здружување на сензибилитетот, преку слични или заеднички погледи на животните теми. Првпат со Горан се сретнавме на Факултетот за драмски уметности, каде тој студираше драматургија, а јас театарска режија. Уште во тие студентски денови станавме другари и контактиравме во текот на целиот живот, толку колку што ни овозможуваа другите обврски, иако неколкупати имавме и континуирани средби во кои го надополнувавме она што сме го пропуштиле.

Кога го добив повикот од Драмски театар, се сетив на претставите „Хај-фај“ и „Диво месо“, кои ги режирав како релативно млад режисер. За оваа претстава во Драмски не сакав да биде само еден наслов, туку сакав претставата да ја посветам на целиот опус на Стефановски и на неговите драмски теми, а тоа да биде мојот сценски одговор. Сакав темата да биде поширока, да не биде само еден текст, бидејќи ги препознавав нитките во неговиот целокупен опус. Една од тие нитки беше чувството и третманот на идентитетот. Тој со идентитетот беше преокупиран.

Во првите негови драми беше присутен националниот идентитет, подоцна се појавува граѓанската форма на идентитетот преку поединецот, семејството и најблиското опкружување, а со неговото заминување во Англија, тој почна да пишува на англиски јазик и да се занимава со европскиот идентитет. Како тема во неговите драми се појавува и домот и затоа во претставата ја имаме неговата реченица „Домот е таму каде што боли“. На таа реченица се сетив читајќи го Оскар Вајлд, кој своевремено напишал слична реченица: „Каде е домот, таму е светото земјиште“.

Долгогодишно е моето чувство дека прашањето на идентитетот и за тоа каде сме, каде одиме, на што се враќаме, беа теми што го интересираа Горан и длабоко навлегуваа во неговите драми. Тој и самиот кажуваше дека кога е во Кентербери мисли на Скопје, и обратно, кога зборува на англиски јазик размислува на македонски, и обратно. Тоа се тие вечни теми за потрага по идентитетот. Дали можеби болката е она место што го одредуваме како свој идентитет? Место што те боли, кое длабоко те допира.

Идентитетот не е идилична приказна, туку е сериозна и голема човекова тешкотија. Миграциите што се случуваат и што се случувале во историјата на човештвото, тие милиони мигранти, и во минатото и во сегашноста, се луѓе без дом, луѓе што го губат својот идентитет. Веројатно луѓето не се свесни колку целата таа ситуација е стресна. Привид е дека сето тоа може да се почувствува како минлива работа, дека се случува сега и брзо ќе помине, независно дали на глобален или на индивидуален план. Но, тоа се големи и катарзични човекови теми. Тоа се и Горанови катарзични теми, и затоа не само неговата драматургија, туку и целиот литературен опус се катарзични. Тоа се теми кои нема да исчезнат и затоа неговото творештво е актуелно и денес, а ќе биде и во иднина. Тој не пишуваше за обични секојдневни теми, туку за вечните теми на човештвото. Можеме да ги наречеме и библиски теми, бидејќи и тогаш имало миграции. Целиот свет е сплетен од миграции, од губење и барање на идентитетот, дури и од заблуди што точно значи идентитетот.

Во Македонија бевме затекнати од неговата прерана смрт. За нас знаеме што ни значи неговото творештво, но како од друга страна изгледа нашата загуба? Беше ли доволно поставувано неговото творештво во регионот?

– Горановите драми се поставуваа и во регионот и низ цела Европа. Тоа е генерација на која и јас ѝ припаѓам. Ние навистина го освојувавме регионалниот простор. Горан пишуваше, јас поставував претстави од театар до театар. Работев различни теми. Патиштата често ни се вкрстуваа. Мислам дека Горан беше многу присутен со своите драми. Во овој период во Белград се игра неговото „Диво месо“, но не знам дали го има и во други средини. Затоа мислам дека и во ова време треба да се потсети на Горановиот опус, дека и на ова време неговото творештво му е потребно. Неговата теза за нашето заедничко или поединечно страдање е страшно потребна. Нема многу писатели кои на тој начин ги разгледуваат животните прашања.

Моите мотиви да ја поставам претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ во Скопје беа претставите што не биле поставени на сцената на Драмски, преку мојата идеја да се принесат поблиску до публиката. Иако станува збор за седум различни Горанови драми, јас се обидов да се занимавам со контекстот, со тезите, со катарзичните состојби на човештвото. Кај Горан има момент на општествена агитација, има мисионерска акција во текстовите, а неговите зборови и ситуации опоменуваат. Преку чистењето на просторот на претставата од излишни илустрации и тргнувајќи од потребата да не се загубат неговите зборови за нашите национални, индивидуални и колективни страдања, сакав гледачите да излезат од претставата со длабоки емоции што ќе ги задржат во долго сеќавање. Тоа веќе го гледаме во реакциите на публиката.

Иако станува збор за седум различни Горанови драми, јас се обидов да се занимавам со контекстот, со тезите, со катарзичните состојби на човештвото / Фотографија: Филип Кондовски

Имате импресивна театарска и професионална биографија. Колку од сето тоа што сте го направиле досега било поврзано со Македонија?

– Мои претстави гостувале на фестивалот „Охридско лето“, на „Ристо Шишков“ во Струмица, а биле и во Скопје. Во периодот кога го водев Црногорското народно позориште, кога бев министер за култура и амбасадор во Србија малку подзапрев со театарот и со режијата, но во текот на целото тоа време собирав енергија за некои нови погледи кон работите. Сите ние минуваме низ различни фази, и во животот и во однос на стилот со кој работиме и дејствуваме и со искуствата што ги здобиваме. И со оваа претстава останувам во рамките на својата естетика.

Имам чувство дека успеав да соберам смисла и токму таа смисла ја барав во една структура која ја најдов кај Горан. Одамна мислев на тоа и еве се случи овој омаж на творештвото на Горан. Не направив некаква пригодна претстава, туку омаж за мојот пријател, омаж за славните денови на Драмскиот театар во Скопје и срцето ми е полно што имам голем број пријатели во Македонија. Нивното пријателство секогаш ме исполнувало со емоции и во текот на целиот живот тие пријатели го граделе моето чувство кон Македонија. Често сакам да кажам дека Македонија е мојата втора татковина.

Кога ги спомнувате пријателите, колку од актерите што играат во претставата ги знаевте од претходно? Како го направивте кастингот во кој има од најмладите, преку средната зрела генерација на Драмски театар, а како гостин игра и актерот Мето Јовановски?

– Однапред знаев дека морам да составам добра актерска екипа. За претстава базирана на компилациски текст беа неопходни две околности – да бидат глумци штои се вешти во својот занает и да бидат луѓе со кои лесно се работи. Значи да бидат професионалци што не прават проблеми во текот на процесот. Во кастингот добив и добри глумци и добри луѓе.

Долго време се подготвував за поделбата на улогите. Гледав многу претстави и во театар и на видеоснимки. Така дојдов до изборот на актерите во претставата. На моменти имав и мисионерска задача. Во претставата има и неколку многу млади актерки и актери. Како професор по актерска игра секогаш сакам да истакнам кога младите луѓе ќе постигнат извонредни резултати и тоа беше едно значајно искуство и за мене.

Имаме една цела женска генерација од Јелена Жугиќ, Софија Куновска, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Соња Стамболџиоска и момците, како Драган Спасов Дац, Игор Ангелов, Златко Митрески, Стефан Вујисиќ и Дамјан Цветановски, младата Ана Димитрова, а со нив и едно слатко девојче Саша Димитриевска, која ни е маскота.

Посебен момент е што иконата на Драмскиот театар и мој драг пријател Мето Јовановски сакав да биде со мене во овој процес, и тоа после многу години неиграње во Драмски. Многу сум среќен и вистински задоволен што заедно сме во проектот. Пред многу години станавме пријатели, уште во периодот кога го водев Црногорското народно позориште. Тогаш тој често учествуваше во претставите на театарот како гостин.

Иконата на Драмскиот театар, актерот Мето Јовановски како гостин игра во претставата / Фотографија: Филип Кондовски

Мислам дека учеството на Мето во оваа претстава придонесе за чувствување на дополнителна енергија и сила за целиот ансамбл да го помине двомесечниот процес на подготовка и спроведување на стилот што сакав да го добијам и на најдобар начин да ги исполниме Горановите тези. Мислам дека сите заедно со огромен труд тоа успеаја да го постигнат. Тоа е сериозна референца на оваа претстава, бидејќи ако немате глумци – немате претстава. На крајот, ќе кажам дека претставата со оваа моја идеја е примена на еден многу емотивен начин што го исполнува моето срце, а тоа беше мојата цел.

Драматуршки потфат: Преиспитување на идентитетот, домот и слободата

Горановата мисла дека „Идентитетот не е зацртан, туку се освојува од ден на ден. Исто како и слободата“, била појдовна точка при изборот на драми и сцени во кои оваа потрага на авторот, но и на луѓето од овие простори генерално, е видлива, посочува драматургот на претставата Бранислава Илиќ.

– Така, преку монтажа на сцени од седум драми на Горан („Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа“, „Euroalian“ и „Одисеј“) настана авторската адаптација „My Name Is Goran Stefanovski“. Избраните драми се напишани во период од 1987 до 2012 година, во еден турбулентен историски период на балканскиот и европски простор, за време на кој, особено на овој некогаш заеднички, југословенски простор, преиспитувањето на идентитетот и слободата беше императив.

Другата причина беше мојата одлука да изберам драми што не се поставени во Драмски театар. Неизмерно му благодарам на семејството Стефановски што имаше доверба и разбирање за овој драматуршки потфат; на режисерот Бранислав Миќуновиќ, кој ме покани во оваа приказна и кој побара да работиме компилација од сцени од неколку драми; и на Драмски театар, за трпението, поддршката и можноста оваа сложена драмска структура да стане и сценски заокружена.

Зададеното тематско преиспитување на односите на идентитетот и домот, благодарение на режисерскиот концепт и препознатливиот естетски ракопис на режисерот Миќуновиќ, во сценска смисла станува потрага по идентитетот на поединецот распнат меѓу желбата за остварување лична слобода и потребата за имање сигурен простор.

Претставата „My Name Is Goran Stefanovski“ го поставува прашањето на релевантноста и актуелноста на оваа современа човекова дилема во свет во кој сѐ е на продажба и во време во кое интересите и моќта се поважни општествени категории од поединечното право на слобода и сигурност – објаснува Илиќ.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 123, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот