Интервју со проф. д-р Васил Илиев од Клиника „Жан Митрев“: Стрес-инконтиненција и нарушена статика на матка

Д-р Васил Илиев / Фото: Промо

Континенцијата претставува физиолошка, нормална функција на полнење на бешиката, која меѓу две празнења е комплетно сува, односно не доаѓа до истекување урина. Инконтиненција е спротивното, односно кога доаѓа до губење на урина, не по желба, туку станува збор за неволно, неконтролирано мокрење поради разни причини (подмочување).

На оваа тема разговараме со проф. д-р Васил Илиев, специјалист гинеколог-акушер, супспецијалист урогинеколог, од Клиника „Жан Митрев“.

Дали „подмочувањето“ е нормална состојба која кај жените доаѓа со возраста?

– Апсолутно е неприфатливо постоење каков било степен на подмочување односно инконтиненција на урината. Видете, уште во првата класификација на болести на Светската здравствена организација (сега е во употреба десеттата меѓународна класификација на болести) инконтиненцијата на урина беше именувана и класифицирана односно шифрирана и така ставена во редот на болести што на светско ниво се следат и статистички се обработуваат и се компарираат меѓу разни институции и разни земји. Сакам да кажам дека инконтиненцијата на урина треба да се сфати како секоја друга болест – нарушување, кое треба да се санира како би имале здравје.

Подмочувањето кај жените е честа појава. Дали има решение?

– Кај женската популација најчесто подмочување се случува при зголемување на интраабдоминалниот притисок, кое настанува при кашлање, кивање, смеење,трчање, сексуални односи итн., при што доаѓа до неволно истекување на мочката, познато како стрес инконтиненција на урина. Токму овој најчест тип инконтиненција кај жените има најефикасно решение односно најдобра досега операција за решавање стрес инконтиненцијата на урина. Имено, станува збор за слинг оперативната техника (исто така, наречен вагинална лента без напнатост или метод ТВТ-О): е најефикасна и најчеста современа операција за лекување на уринарната стрес инконтиненција. За тоа се користи специјално дизајнирана лентовидна мрежица од посебен мултипорен материјал кој е инертен за организмот и обезбедува трајна сфинктерна функција на мочниот меур. Интервенцијата се изведува во краткотрајна анестезија (обезболување) трае само 15 минути со еднодневна хоспитализација. Оваа слинг метода денес се смета за златен стандард за решавање стрес инконтиненција на урина.

Што претставува нарушената статика на матката?

– Пролапсот на гениталните органи и на мочниот меур или урогениталниот пролапс е сложен комплекс на нарушена анатомска позиција и нарушена функција на односните органи. Значи, поедноставно кажано, кога зборуваме за нарушена анатомска позиција, станува збор за кила (хернија) на некој или на повеќе делови од внатрешните генитални органи на жената и на мочниот меур и/или уретрата (изводниот мочен канал). Кога зборуваме за нарушена функција на некоја компонента на урогениталниот пролапс станува збор за проблеми со мокрењето во смисла на зачестено мокрење со или без чувство на нагон за мокрење, стрес-инконтиненција (подмочување при некој напор, кашлање, кивање, смеење, сексуален однос итн.), некомплетно празнење на мочниот меур, уринарни инфекции, нарушени или неможни сексуални односи. Причините се многубројни, но пред сè доминира возраста, породувањата (особено вагинални), обезност, физичка работа, наследни фактори, слабост на мускулно-потпорни структури итн. Што се однесува до пролапсот, жената не е свесна дека постои сè додека е интравагинален и се открива при вагинален преглед. Понапреднати степени на спуштање на вагината, мочниот меур и/или утерусот веќе самите пациентки ги чувствуваат и/или забележуваат како влечење особено кога се движат, болки, често и во лумбалниот дел на ‘рбетот, проблеми со празнење на мочниот меур и чувство дека е непотполно испразнет и/или болка, печење при мокрење. Најчесто пролапсот е придружен со постоење и на стрес-инконтиненција на урината.

Во што се состои третманот на гениталниот пролапс и дали кај нас се достапни реконструктивни оперативни интервенции?

– Видете, и мотивот за ова интервју е токму подигање на свеста за постоење ефикасен третман на пролапсот на гениталните органи како и на стрес-инконтиненцијата на урина. Станува збор претежно за вагинални операции, кои се минимално инвазивни, краток престој во болница и брзо закрепнување. Долгогодишна е токму мојата практика во имплементација на овие модерни реконструктивни интервенции за разни типови пролапс на матката и/или на вагината. Особено би ја истакнал интервенцијата за решавање стрес-инконтиненција на урината, која има најдобри резултати на компаративните анализи со светските центри за урогинекологија. За одбележување е фактот дека се постигнува трајно решение на пролапсот на која било компонента од урогениталните органи што учествуваат во нарушувањето што води до значително подобрување на квалитетот на живот и видно придонесува до одржување на здравјето, особено во понапреднатите години од животот кога, за жал, и други заболувања сè почести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот