Интервју со проф. д-р Дејан Јовиќ: Желбите на Човиќ и Додик се појавуваат во околности во кои Бошњаците се мнозинство, за прв пат во историјата

Фото: Ослобоѓење

Професорот на Факултетот за политички науки во Загреб зборува за хрватската политика кон БиХ, за улогата на САД и Русија и за шансите за реализација на желбите на Човиќ и Додик

Загрепскиот професор Дејан Јовиќ вели дека е штета што ЕУ не им нуди членство на сите балкански земји во Унијата за со тоа да застане на страната на Соединетите држави како сојузник.

Јовиќ: И ЕУ и НАТО едвај чекаа Трамп да се повлече, бидејќи тој покажа многу мал интерес за ваквите организации. Никој не сака „нов Трамп“, некој што ќе го ослаби единството и сојузот во рамките на ЕУ и НАТО, особено ако потекнува од мала земја како што е Хрватска. Особено не затоа што на Балканот остануваат само две земји што не се членки на НАТО, Србија и БиХ, а Западот знае дека Русија ги засилува активностите во овие две земји за да останат надвор од НАТО. Не мислам дека Русија влијае на политиката на Хрватска, која е целосно вклучена во ЕУ и НАТО, но фактот дека Хрватска на некој начин се спротивставува на понатамошно, посериозно интегрирање на БиХ и инсистира на продолжување на етнополитиката, има некои многу специфични барања во врска со внатрешна структура во БиХ – на пример, Изборниот закон и статусот на конститутивните народи – со тоа објективно го забавува решавањето на проблемот во БиХ, и тоа оди рака под рака со Русија и другите кои се скептични во однос на Западот. 

„Ослобоѓење“: Како го коментирате доаѓањето на американските и европските функционери во БиХ за да ги поттикнат босанските политичари на, како што рекоа, „итност и битност“? Можеме ли да се надеваме на каков било напредок?

Јовиќ: Нивното доаѓање сведочи за зголемениот интерес на Западот да постигне некои конкретни, позитивни промени во БиХ, но и во однос на позицијата на БиХ во однос на интеграцијата во западните структури, пред сè на Европската Унија, а потоа и на НАТО. Посетите се во согласност со новата политика на Бајден, како и со фактот дека во септември имаме избори во Германија, следната година во Франција и затоа е БиХ прашање на итност, како што велат.

Создадена е можност да се направи чекор напред, во меѓувреме, пред изборите. Факт е дека повеќето земји од Западен Балкан сè уште не успеале да влезат во ЕУ и, на некој начин, сега се или поделени или се повеќе склони да бараат некои алтернативи. Тоа е обид на САД и ЕУ повторно да се докажат како најважен фактор за БиХ и со тоа да се намали тенденцијата за влез на други актери, пред сè мислам на Русија, а делумно и на Кина, а можеби и на Турција, во политичката приказна во БиХ.

„Ослобоѓење“: Зошто сметате дека врзувањето на Хрватска за Додиковата и Човоќевата политика е проблем за Америка, а делумно и за Европа? Мислевте на руските влијанија на Балканот и дека поуките треба да ги бараме и во неуспешната офанзива на хрватските парламентарци во Европскиот парламент?

Јовиќ: Хрватската политика кон БиХ не претставува голем проблем за Америка, односно за Западот. Како што видовме, кога Хрватска зазеде малку понавредлив пристап кон декларацијата на НАТО, овој проблем беше решен многу брзо. Но, ако се отвореше посериозна приказна за БиХ и доколку имаше одредено противење од Загреб, тогаш тоа навистина може да биде посериозен проблем, бидејќи Западот не сака да го наруши евентуалниот договор меѓу САД и ЕУ. Хрватска ризикува да ја ослаби својата позиција во рамките на западниот блок поради нејзиниот однос кон БиХ, што е спротивно на интересите на самата Хрватска.

„Ослобоѓење“: Сметате ли дека со доаѓањето на Бајден на власт Америка се врати на „големата сцена“ и на што можат да се надеваат земјите од Балканот?

Јовиќ: На Америка ѝ е потребна ЕУ како сојузник во глобалното натпреварување што го има и со Кина и со Русија. Тоа е приказна во рамките на која треба да се набљудува и односот кон Западен Балкан, кој Бајден го вклучи меѓу неговите приоритети. Штета што ЕУ не го вклучи целосно Балканот и не им понуди членство на сите земји во регионот, без оглед на нивните бројни несовршености. Бајден е добро запознаен со ситуацијата на Западен Балкан, тој се чини дека е донекаде и лично заинтересиран да има тим на соработници кои имаат волја и интерес САД да се појават овде како важен и одлучувачки фактор. Не очекувам никакви радикални потези како што е нов Дејтон или укинување на Република Српска, но мислам дека ќе гледаме постојани обиди да се постигнат постепени промени што одат во насока на понатамошна интеграција на БиХ и нејзино привлекување кон евроатлантските интеграции.

 „Ослобоѓење“: Кои желби на Човиќ и Додик ги поддржува хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, бидејќи тој спомнуваше дури и блокада во НАТО доколку не им се удоволи на тие желби? Всушност, како ја оценувате Милановиќевата политика кон БиХ?

Јовиќ: Желбите на Човиќ и Додик се, пред сè, поврзани со зачувување на Дејтонската структура. Интересно е што тие се појавија како чувари на статус-кво состојбата и сигурно дека ни едниот ни другиот не сакаат да прифатат дека концептот на конститутивни народи е доведен во прашање. Јас би рекол дека ова има врска со новите околности во БиХ, во кои Бошњаците сега се мнозинство, за прв пат досега. Србите и Хрватите, нивните водачи, стравуваат овие два народа да не станат малцинство, па затоа се спротивставуваат на какво било зајакнување на т.н. граѓански опции во БиХ. Сепак, се занемарува тоа што граѓанското и националното не се некомпатибилни. Исто така, се занемарува тоа што граѓанското сега во БиХ е силно потиснато, а етничкиот фактор е крајно нагласен. Секој на Запад го гледа тоа и смета дека не е најдобро БиХ да остане етнократија, како што е сега.

Премиерот Пленковиќ вели дека сака Хрватска целосно да се интегрира во ЕУ и да биде активна во НАТО, но министерот Грлиќ Радман, како и претседателот Милановиќ, всушност, се чини дека прават нешто сосема друго, бранејќи ја позицијата на Човиќ и Додик во БиХ. Општо, мислам дека не е препорачливо една земја да се занимава со внатрешни работи на друга земја и дека Белград и Загреб треба да бидат многу внимателни во тој поглед. Дури и Хрватска не би гледала поволно на соседна земја која се меша во нејзината внатрешна политика за вакви прашања.

 „Ослобоѓење“: Поради вашите изјави ве нарекувале и „радикален босански унитарист“. Како гледате на тие квалификации?

Јовиќ: Јас сум навикнат на сите видови наслови и дисквалификации, па затоа не обрнувам внимание на тоа. Јас го искажувам своето мислење независно и со добра волја, согласно моето познавање на политичката наука за меѓународните односи. Јас не сум ниту унитарист, ниту сепаратист, и воопшто не мислам дека мојата работа, како политиколог, е да одлучам каква ќе биде државата. Мое е да толкувам, да кажам што заклучувам од моето знаење и совест, па, сега, дали тоа некому му се допаѓа или не… Знам дека е можно да се направат компромиси, само треба да имате добра волја и имагинација за некои дипломатски решенија што денес изгледаат „невозможни“, но всушност не се. Ако во БиХ некои веруваат дека терминот „малцинство“ не треба да се користи, а други истото го мислат за терминот „конститутивни народи“, тогаш е можно да се изнајдат решенија што нема да ги користат овие термини, туку ќе користат помалку политизирани и контроверзни термини. Постојат такви решенија, единствено прашање е дали сакаме да постигнеме стабилност и да ги поставиме темелите на траен мир или не, дали сакаме распаѓање на државата или нов конфликт во иднина.

Туркањето на сите луѓе во некои етнички куќи, со цел да се задржи нешто од што сите се чини дека не се задоволни, е бесмислено и погрешно. Како пријател на БиХ, би сакал таа да биде просперитетна и стабилна, демократска и, пред сѐ, мирна.

„Ослобоѓење“: Може ли да се очекува посилен отпор кон политиките на ХДЗ? Загреб ги дочека промените, а некои скромни обиди има и во делови од Херцеговина каде што Човиќ досега беше апсолутен владетел?

Јовиќ: ХДЗ, како најсилна партија во Хрватска, сепак еволуираше кон центарот и со тоа помогна во нормализацијата на политиката и општеството во самата Хрватска. Сепак, кога станува збор за односите со БиХ, другите партии немаат алтернативна политика. Не ме изненадува тоа што ХДЗ на Хрватска стои покрај ХДЗБиХ, но јас сум изненаден кога гледам дека луѓето кои не се во ХДЗ на Хрватска и кои се критичари на таа партија, стојат покрај ХДЗБиХ. Во Европскиот парламент, оние од СДП, исто така, гласаат за истите работи за кои гласа ХДЗ. Мислам особено на претседателот Милановиќ, кој во домашната политика силно ја критикува ХДЗ и кога треба и кога не треба, а потоа истовремено ја повторува, заговара и ја промовира политиката на ХДЗ во БиХ. Тоа не ми изгледа логично.

 „Ослобоѓење“: Кој е најголемиот виновник што БиХ е, како што еднаш изјавивте, „заробена“ во 1995 година?

Јовиќ: За жал, војните од 90-тите продолжуваат вербално, како да не сме во состојба да направиме радикален прекин во регионот и да кажеме дека војните беа трагедија, а не модел, момент на обединување или најсветлата точка од нашата историја, нема доволно емпатија за жртвите. Исто така, се спроведува ревизионистичка политика која или ги ослободува сторителите за какви било злосторства или дури ги третира како херои. Тоа е срамно и недопустливо. Во самата БиХ, мислам дека многу стравови што беа произведени, како во војната, така и после тоа, треба да се дискутираат одговорно и далеку од јавноста, и дека чувствителните теми не треба да се игнорираат. Неопходно е некако да се одврзе тој пакет што ограничува многу луѓе кои не сакаат само да се сведат на национално ниво, туку ја имаат таа димензија на граѓанска БиХ, да се изразат слободно.

Треба да се увери Западот дека тој мора да дејствува на таков начин дека војната е завршена. Во Дејтон, сите водачи, па дури и оние кои не се согласија со договорот, се согласија дека постојат три нации, дека целата структура на БиХ е всушност организирана врз принципот на трипартитност. Затоа Западот се согласи на тоа, иако неволно и никогаш не беше целосно убеден дека тоа е добро.

 

Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот