ИНТЕРВЈУ со полскиот амбасадор Војциех Тицињски: Северна Македонија е пример како се градат пријателски односи со соседите

Фото: Полскиот амбасадор Војциех Тицињски/Слободен печат

Годинава Полска го презеде претседателството со Берлинскиот процес и од 3 до 5 јули таа ќе биде домаќин на исклучително важни настани за Западниот Балкан, меѓу кои е и Самитот на лидерите предводен од државите и владите партнери на Берлинскиот процес, што ќе се одржи на 5 јули во Познањ.

Војциех Тицињски, амбасадор на Република Полска, вели дека Берлинскиот процес е сложен и повеќеслоен инструмент, но дека постепено решава многу прашања што ќе ѝ овозможат на Северна Македонија многу придобивки и полесна интеграција во Европската Унија.

Столбовите на полското претседателство се: економија, поврзаност, граѓанска димензија и безбедност, нагласува Тицињски.

Што може да очекува Северна Македонија од средбата во Полска?

– Самитот во Познањ е елемент на полското едногодишно претседателство со Берлинскиот процес. Резултатите на секое претседателство треба да се оценуваат сеопфатно и во контекст на целата година, а не само според состанокот на шефови на влади. Исто така треба да се има на ум дека во случај на сериозни економски, политички и социјални процеси, особено кога во нив се вклучени неколку земји и односите меѓу нив, една година не е премногу долг период. Вообичаено некои иницијативи се отпочнати и се развиваат, а нивното завршување често трае со години.

Самитот во Познањ за Северна Македонија сигурно ќе претставува можност за истакнување на нејзините уникатни искуства и достигнувања во решавањето на проблемите во билатералните односи со Грција и Бугарија. Ова е одличен пример за другите земји од регионот како треба да се градат пријателски односи со соседите, што е од суштинско значење од гледна точка на почетокот на преговорите за членство во Европската Унија. Уште едно достигнување на Вашата земја е во напредна фаза, а тоа е изградбата на граѓанското општество, што секако ќе биде нагласено во Познањ, за време на посебна средба на Форумот за граѓанско општество. Двата елемента се од суштинско значење за создавање позитивна слика за Северна Македонија како земја посветена на создавање и подобрување на демократските структури што ја приближуваат кон стандардите на ЕУ.

Практичната димензија на други иницијативи организирани во рамките на полското претседателство, какви што се Бизнис-форумот во Познањ на 4 јули и Форумот на градови и региони во Жешув од 4-6 јуни, имаат за цел зајакнување на соработката со партнерите од Западен Балкан.

Со оглед дека првата конференција на Берлинскиот процес се одржа пред 5 години, во која мера досега се спроведени реформите од овој процес и како тие придонесуваат во регионалната соработка и во унапредувањето и креирањето на политиките на Западниот Балкан?

– Берлинскиот процес како средство за приближување на Западен Балкан кон Европската Унија е многу сложен и повеќеслоен инструмент. Некои од неговите елементи се позабележливи и донесуваат видливи резултати од гледна точка на жителите на овој регион. Тие вклучуваат, на пример, договор на шесте земји за укинување на роаминг-трошоците во 2021 година. Иницијативата за тоа произлезе на еден од претходните самити на Берлинскиот процес во Трст во 2017 година. Исто така, важни се проектите од областа на поврзување, кои треба да придонесат за проширување на мрежата на меѓусебни врски и контакти меѓу земјите од Западен Балкан како и меѓу нив и земјите на ЕУ во областите какви што се транспорт, енергија и трговија. До денес, повеќе од 20 такви проекти се започнати.

Треба да се споменат и политичките ефекти од Берлинскиот процес. Според некои експерти, оваа германска иницијатива овозможи пред пет години, кога климата во ЕУ кон Западен Балкан беше помалку пријателска, да се потсетиме на значењето на овој регион за цела Европа и да се интензивира динамиката на политиката на приближување кон ЕУ.

Какво влијание треба да има Берлинскиот процес на стабилноста на Балканот? Ова е важно прашање со оглед на сè уште присутните тензии меѓу Белград и Приштина.

– Општо земено, во однос на регионите со толку тешко историско искуство, може да се каже дека колку е поголема ангажираноста на земјите и институциите на демократскиот свет, толку подобри се ефектите за одделни земји. Ова се однесува на политичкиот, како и на економскиот и културниот контекст. Секако, Берлинскиот процес инициран во 2014 година даде нов импулс за развој на дијалогот помеѓу земјите од Западен Балкан. Овој дијалог во некои случаи донел добри, па дури и многу добри резултати.

И така, водачите на овие земји потпишаа декларација за решавање на билатералните проблеми во духот на разбирање, тие, исто така, се обврзаа дека нема да преземаат мерки за блокирање на европската интеграција на другите земји во регионот. Добри резултати се постигнати и во билатералните односи во однос на граничните прашања (Црна Гора со Косово и со Босна и Херцеговина), името на земјата (Северна Македонија со Грција) и меѓусебната соработка (Северна Македонија со Бугарија).

Горенаведеното докажува дека Берлинскиот процес веќе позитивно придонесе за стабилизирање на ситуацијата во регионот на Западен Балкан. Досега, за жал, ваквиот напредок не може да се види во односите меѓу Србија и Косово. Убеден сум дека меѓународната заедница ќе стори сè за да помогне во решавањето на проблемите што постојат во односите меѓу овие две земји.

Дали сме близу до некоја прогноза – за колку време може да се очекува укинување на царините, изедначување на даноците и надминување на транспортните бариери како едни од целите на Берлинскиот процес?

– На ова прашање не е лесно да се одговори. Сите прашања содржани во него (царини, даноци, транспортни бариери) се многу сложени и поврзани со комплицирани преговори и финансиите на многу земји.

Во однос на царината, Европската Унија им додели трговски преференции на сите земји од Западен Балкан за период 2015-2020. Согласно нив, производите извезувани во ЕУ се ослободени од царински давачки и квантитативни ограничувања. Поради приближувањето на датумот на истекувањето на договорот, овие прашања ќе треба повторно да се преговараат.

Транспортните прашања се поврзани со таканаречената Агенда за поврзување, која има за цел да ги подобри заемните врски меѓу земјите од Западен Балкан, како и меѓу нив и Европската Унија. Сето ова треба да претставува подготвителна фаза за идниот процес на приклучување одделни земји од регионот во ЕУ. Еден од елементите на оваа агенда, меѓу другите, е дефинирање на транспортните приоритети како Трансевропската транспортна мрежа за Западен Балкан. Овој елемент ќе станува сè поважен поврзувајќи го регионот со ЕУ и ќе придонесе за зголемување на инвестициите во него. Врз основа на нашето полско искуство, можам да додадам дека, всушност, овие процеси – и покрај тоа што траат со години – на крај донесуваат огромни придобивки и се ценети од нашите граѓани.

Со спомнувањето на царинската унија, како дел од Берлинскиот процес, во Македонија се појавија и извесни стравувања дека во тој процес ќе бидеме губитници, особено од Србија која како поголемa земја со поголема понуда, ќе привлече повеќе инвеститори, но и пазари. Треба ли помалите земји да стравуваат од вакво заедништво?

– Како дипломат не можам директно да зборувам за односите на две земји, толку блиски на Полска. Како одговор на ова прашање, повторно ќе се навратам на полските искуства. Кога Полска се подготвуваше за европска интеграција, а исто така и кога интеграцијата веќе започна, во нашата земја имаше интензивни дебати за потенцијалните ефекти на приклучување за Полска кон областа на четири слободи: слободното движење на луѓе, стоки, услуги и капитал.

Присутни беа стравувања дека економско посилните земји на ЕУ ќе доминираат над Полска, дека ќе станеме земја без никакво значење во Европската Унија и, конечно, дека нема да можеме да ја искористиме оваа уникатна можност за развој. Денес, по 15 години членство, доминира мислење дека овој период многу добро го искористевме, за што потврдата е динамиката на нашиот извоз, инвестициите и фактот дека Полска во последните децении забележува просечно најголем економски раст во Европа.

Ги убедуваме нашите партнери да отпочнат преговорите за членство во ЕУ

– Соработката меѓу нашите земји достигна многу високо ниво. Во политичките односи, Полска е еден од најубедливите пријатели на Северна Македонија. Секогаш сме биле и остануваме поддржувачи на најбрза интеграција на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ. Договорот за пристап во НАТО го ратификувавме во април годинава. Пред јунскиот самит, до крај ги убедувавме нашите партнери од ЕУ да отпочнат преговори за членство со Северна Македонија и Албанија. Полска ќе продолжи со таква политика во иднина, мислејќи дека таков позитивен сигнал е неопходен за Македонците.

Што се однесува до економската соработка – се развива доста добро. Во последните две години забележавме значително зголемување на трговската размена, Полска се наоѓа на почетокот на вторите десет трговски партнери на Северна Македонија, пред земји какви што се САД, Франција и Русија. Важен елемент на нашите односи е силното присуство на полски туристи, кои неодамна станаа најголема група која ја посетува Северна Македонија. Се надевам дека оваа соработка уште повеќе ќе се интензивира, на пример, во сферата на инвестициите, за што имав задоволство неодамна да зборувам со министерката Зорица Апостолска, задолжена во Владата за странски инвестиции.

 

 

Значење на Берлинскиот процес

Берлинскиот процес е иницијатива за поддршка на интеграцијата на регионот на Западен Балкан во европските структури. Иницијативата има за цел поддршка на економскиот развој и продлабочување на регионалната интеграција и соработка. Посебен акцент е ставен на поддршка на инфраструктурните проекти, пораст на инвестициите, дигиталната интеграција, но и младинската соработка и развој на добрососедските односи.

Во овој процес учествуваат шест земји кандидати за членство во ЕУ – Црна Гора, Србија, Северна Македонија, Албанија и потенцијалните кандидати – Босна и Херцеговина и Косово, како и избрани членки на ЕУ – Австрија, Бугарија, Хрватска, Франција, Грција, Германија, Полска, Словенија, Велика Британија и Италија, како и Европската комисија. Во процесот се вклучени исто така невладини и младински организации од регионот, како и меѓународни финансиски институции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот