Интервју со поетот Бранко Цветкоски: Без страв, туку со стрв по животот

Стихозбирката „Од исто тесто“ на поетот Бранко Цветкоски веќе со поднасловот „стихови за животот и смртта“ го упатува читателот кон главната тематска преокупација на авторот, но онтолошките димензии во поезијата секогаш кријат мноштво значења.

Поетот, есеист, литературен критичар, преведувач и издавач, Бранко Цветкоски е автор на 26 книги поезија, критика, есеистика и публицистика. Во 2014 година се печатени неговите Избрани дела во шест тома. Објавил повеќе од 30 преведени и препеани книги од видни балкански, европски и светски поети, прозаисти и публицисти. Одделни поетски книги или избори од поетското творештво на Цветкоски се преведени и објавени на 18 светски јазици.

Добитник е на 18 високи македонски и меѓународни литературни награди и признанија, како и на Државната награда „Свети Климент Охридски“. Неодамна од печат излезе неговата најнова стихозбирка „Од исто тесто“ (Макавеј, 2020), а на нашите прашања поврзани со содржината на книгата Цветкоски одговараше од неговото родно Слатино.

Пандемијата на коронавирусот придонесе во последниве неколку месеци смртта да биде сведена на статистичка бројка, да се тривијализира. Колку тешките времиња ја менуваат човековата перцепција за смртта?

– Со најблиските и со книжевните и духовни пријатели оваа планетарна здравствена закана ја именуваме „лош облак“, неплодоносен, истребителен, несфатлив, грозен. Можеби и уште повеќе – пандемијата ја доживувам како злокобен нарачан страв во кој треба да се држи човештвото, да се поотстрани од креативноста и разлетот на доблестите, да се стегне и стиши ведрината и полетот во човечките души – двојно да се понижи и дистанцира човековата личност: од своите телесно и крвно најблиски и (уште пострашно) од сопствените најинтимни илузии. А без тие сплотености – невозможна е мечтата по далечното, високото, недостижното. По откровенското.

Тоа што сите актуелни владетели по планетата зад овој лош облак најдоа заветрина за реализација на сопствените изгубени политички илузии и се претворија во статисти и статистичари на смртта е уште еден мрачен акт на нечувствителност и безсострадалност. Акт на дрска некреативност. Јас слични чувства на згрозеност и револт имав и кога мојот македонски јазик и мојата земја Македонија беа принудени на преименување со умисла за детронирање на вековното македонско достоинство и заедничарење со сите народи на нашата единствена татковина. Но, сѐ ќе помине и пак ќе си тече каде што течело.

Смртта е дел од постоењето, дури и сочувствителна и неизбежна како и самиот живот, а ова што му се случува на светот е уште една игра зад завесата која, сепак, со секој изминат ден во сите светски метрополи се демистифицира, се разоткрива и лека-полека, како и секоја ѕверска атака врз човештвото, ќе заврши со пораз. Овој грд и кобен облак, не е Божја закана, можеби само предупреда да се вратиме кон темелните природни таленти на човековото тело и ум, да ја гушнеме природата мајчински и плотно и да се радуваме на различностите меѓу нас луѓето. Ќе протатни и ќе помине и оваа зараза, како и многуте познати во историјата на човештвото. Со оваа малечка планета додека заедно нѐ грее сонцето заречени сме за достоинствен живот и достоинствена смрт.

Во Вашата најнова поетска книга „Од исто тесто“ смртта е присутна со нејзината онтолошка димензија. Како се создаваше збирката и во кој период се пишувани песните?

– Помал дел од песните се настанати порано, можеби пред 4-5 години, но поголемиот корпус и хармонизацијата на внатрешниот дослух меѓу песните, стилското брусење и дорекување се збиднуваше поинтензивно и страстно во изминатите две години. Книгата се оформи и се затвори за печат кон крајот на минатата година, според еден сопствен ритам и сопствена внатрешна неопходност за откривање на граничниот срт меѓу смртта и животот, меѓу стравот и надежта, меѓу здивовите на овдешното и неовдешното.

Впрочем одамна во моите песни се јавуваше пулсот на онтолошкиот стисок на смртта и животот. Уште од мојата прва книга „Свијок“, која беше доблесно откриена пред 40 години од редакцијата на списанието „Стремеж“, кое тогаш го уредуваа нескротливите и талентирани писатели Санде Стојчевски и Благоја Ристески – Платнар. Во изминатите година-две, како што ја чувствував сѐ постамената рака на опитот и наблегот на годините, на извесен начин, ме одушевуваше таа чувствителна игра на тенката, речиси, невидлива жичка меѓу смртта и надежта, меѓу останувањето и заминувањето, меѓу овде и таму, меѓу вечното и минливото, сегашното и минатото, иднината која страотно нѐ голта и нѐ прогласува само преку невидливиот миг на сегашноста – за трајно минато, за траен имот на смртта.

Меѓутоа, поревајќи се меѓу овие две димензии на постоењето (животот и смртта) многу ми беше важно, речиси секогаш ми е неизречливо важно, песната да ја одржува својата внатрешна гранитна ритмичка, значенска и еуфонска возбуда и заводливост и во таа смисла сум прерадуван како дете што целоста на книгата, и покрај тематскиот канал, дише како лирска онтологија на неповторливости. Без тоа чувство на полнотија и задоволство што со своето опфатно устројство го постигна – книгата немаше да биде обзнанета.

Книгата се оформи и се затвори за печат кон крајот на минатата година, според еден сопствен ритам и сопствена внатрешна неопходност за откривање на граничниот срт меѓу смртта и животот, меѓу стравот и надежта (Фотографија: Приватна архива)

Самиот наслов носи повеќезначност, додека поднасловот на збирката е „стихови за смртта и надежта“, две неизбежности присутни во сечиј живот „подеднакво далечни/ и подеднакво сраснати“. Колку тие се составени „од исто тесто“?

– Сето што се збиднува од миг во миг и што одминува во микронскиот дел од истиот тој миг е подарено прелевање на составките на минатост и идност, како нераскинлива смеса на истото тесто од кое се храни и се одржува битисувањето. Преминот и прелевањето се божествените спојки низ кое се разгласува човековата обзнана, неговото сведоштво дека светот се збиднал и останал почувствуван и вреднуван, а потоа испратен во трезорите на минатото. Или како што лирски го илустрирам житејскиот човеков ритуал во песната „Од Исто тесто (2)“: „од исто тесто е лебот/ за постапалките/ И лебот за испраќање од овој свет. Со истото писмо/ се служи крштението/ И се воспева проштението“.

Митологизираното тесто во мојата нова книга е трајното душевно чувствување со кое човекот се раѓа и си оди од овој свет: трајното човеково сведоштво дека учествува(л) во овдешното разминување и во оностраното спојување со смртта. Врелиот леб на тажното сознание за минливоста која ги мери без страст и без ум нашето земно и небесно постоење. И секогаш одново и одново се повторува.

Пишувајќи за смртта практично пишувате за животот и за вечната љубов. Постои ли миг, возраст или, можеби, провидение кога човекот почнува да ја чувствува вистинската димензија на животот?

– Во мојава доба на прекршената шеста деценија од раѓањето сè повеќе ме исполнува чувството дека мерата е вистинската маја, единствената нежна хармонија што ни дава можност да ги почувствуваме и да ги објасниме и исполниме со смисла сите божји драгоцености што ни се дадени на овој свет. Но истовремено знам дека целиот живот го поминуваме во кршење на мерата, можеби и во безмерие, во итање и занес, во заборавање и блен, во несоодветности и претерувања – како да го ставаме на постојана преоценка капацитетот и моќта на нашето тело и ум.

Исто така, денес, знам дека без преполнувањето на чашата на страстите и сознанието не ќе сме стасале до каде што сме, а со тоа и не ќе сме ја почувствувале силата на љубовта, лакомоста по убавините, несопирливоста кон откривањето… Целиот наш живот е преисполнет со спротивставености, со падови и подеми, со црпење од премудрото минато и итање кон зјапнатата уста на иднината.

Затоа можеби сега во оваа моја доба меѓу шестата и седмата деценија од животот земен ја посакувам и секојдневно се грабам по мерата на животот, по јазичето на терезијата меѓу телото и умот. И одново согледувам дека со иста голема љубов треба да се посакува и да се надева, како и да се сострада и проштева, да се премолчува и заборава, без страв од смртта туку со благост и љубов кон неа. Така, секој нов, ден – неизбежно така како што и мудриот римски император Хадријан, кого го имам за лирски јунак во една од песните, грижејќи се за величественоста на римскиот мир постојано „се чувствувал одговорен за убавината на светот“.

Епископот стобиски Давид во својот поговор кон книгата посочува дека со проблемот на смртта се занимавале сите прочуени поетски имиња. Што Вас Ве иницираше да се посветите на овој онтолошки проблем и каков е вашиот пристап?

– Како што веќе провеа низ погорните одговори на вашите прашања за тематизирањето на смртта јас првенствено се залагам само од чисто лирски/поетски аспект. Колку е таа тематски, стилски и наратолошки примамлива да „зрачи“ во песната не само како антипод на животот, туку истовремено како составка на онтосот, на суштествувачкото, да биде поставена и сопоставена во иста рамнина со животоносното.

Онтосот е продолжително плоден и за метафизичкиот насет на светот и од тој аспект во поетскиот логос семантиката на смртта нуди многу можности за воспоставување и една витална драматика во песната. Но не се задржував само на „лиризирањето“ на смртта, држејќи ја рамносилно со животот. Некаде и се прикрепував со историски, филозофски, етички, духовнорелигиозни и простожитејски сознанија и опити за да ги одржам високо естетската и рефлексивната димензија на поетското писмо.

Но, во или вон тематизација, да се разбереме, секогаш најважна ми остануваше ефективноста и заводливоста на песната како естетски (уметнички) чин. Ниту ја глорифицирав ниту ја потценував, само ја барав, ја наоѓав и ја воспевав истосилно со животот. Знаете, од детството ми остана неразделната сладнина и по корката и по средишницата на пресниот леб. Насушен и вечен, измесен од рацете на животот и подаден за сеќавање во сите векови.

За жал, глобализираниот свет замесен со споулавениот консумеризам невидливо катадневно создаваат глобализиран катадневен ум кој тоне во површности, невкус, елементарно незнаење и варварски сфатената слобода на личноста (Фотографија: Приватна архива)

Во текстот со наслов „Празник на обилната отсутност“ рецензентот Санде Стојчевски забележал дека „…границата помеѓу овој и оној свет е само наша умисла, неотстранлива условност, слаб привид од утеха“. Можно ли е човек да најде утеха во поетски стихови, особено во денешново модернизирано и глобализирано општество?

– Се плашам дека новите можности за комуницирање, кои ги прават достапни за увид и коментар речиси сите случувања во исто време на сите точки на планетата, ќе ја потиснат уште повеќе жедта кај продуховените да ја пронајдат и да се насладуваат на поезијата со високи и трајни естетски вредности. Апсолутно отворениот пристап до сѐ и сешто истовремено е отворен и за пласирање на сѐ и сешто. Со тоа и невкусот, саморекламерството, лимитираниот ум и субестетизмот бездруго ќе ја засенуваат рецепцијата на осведочените или новосоздадените високи естетски вредности.

За жал, глобализираниот свет замесен со споулавениот консумеризам невидливо катадневно создаваат глобализиран катадневен ум кој тоне во површности, невкус, елементарно незнаење и варварски сфатената слобода на личноста. Не знам каква утеха би биле сите темелни поетски корпуси кога светот е свртен кон сопственото некултивирано и непросветлено его. Џабе е светлината без просветление.

Навистина не сум оптимист, иако на социјалните мрежи се пласираат и значајни и иновативни поетски вредности, но заразеноста на светот од самата технолошка зависност веќе ги оневозможува сите и најмалку сериозни обиди за пласман и коментирање на откровенските достигнувања. А во условите на новата здравствена криза во светот мислам дека разговорот за поезијата и за уметностите станува мора која деморализира, отуѓува и заплашува со продолжителното траење. Како да тонеме во некоја нова доба на ѓаволското, наместо во божественото и провиденското.

Книжевната јавност Ве познава како поет, есеист, литературен критичар, преведувач, публицист и издавач. Добивте многубројни награди за Вашето творештво. Што е утехата за поетот што целиот свој живот го посветил на литературата, стихот, зборот?

– Веројатно утехата е во занесот кој сте го стекнале со раѓањето. Во занесот кој ви дошепнува секојдневно дека убавината може да го спаси светот. Во целиот мој книжевен ангажман, па и во издавачкиот и публицистичкиот, и после сите високи македонски и меѓународни награди и признанија, верував и верувам дека катадневно ќе досегнам делче од таа убавина и мудрост на светот. Но, пред сѐ, со поетскиот занес. Зашто самиот чин на создавањето е еден вид драгоценост којашто само во исклучителни мигови и самото наше трошно битие го прави безвременско. Тоа се малите искри на големата возбуда кога со напишаното веруваме дека сме заборавиле на нашиот кус земен престој.

Тоа е „вечноста што се крие во срцето на мигот“! Тоа е, сепак, нашиот голем прилог кон величието на животот зашто тој продолжува преку нашите дела, преку сите наши уловени и напишани, но и недофатени мисли. Секогаш ќе се раѓаат и ќе мечтаат поети што ќе го довтасуваат она што ние не сме го втасале.

Каде во овој период го минувате секојдневјето?

– Ме затекнавте во родното Слатино (Охридско). Сѐ уште е можен животот без маски, без студена дистанца и полициски час и без страв дека некој ќе ве зарази или вие ќе заразите некого. О, санта симплицита! Се обидуваме да ни дише пределот во нашиот врат. Без страв, туку со стрв по животот.

Во последната песна од збирката навестувате дека многу Ваши песни останале недовршени и незапишани. Планирате ли следен поетски потфат?

– Се надевам, во миговите кога ќе се подзаборавам, ќе здогледам како ме довикуваат некои нови стихови. Слободни, дури без мојот ракопис и име. Ослободени дури и од моето его. Чезнеам по такви песни.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 43, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот