Интервју со писателот Владо Јаневски: Малку треба да ви се сруши светот за кој сте мислеле дека ве заштитува

Светот што го опкружува, и во кој живее, е главната инспирација за пишување на македонскиот писател Владо Јаневски, кој триесетина години живее во Австралија.

Писателот Владо Јаневски досега ги има објавено романите „Маде ин Јабана“ и „Под друга капа“, наскоро од печат треба да излезе романот „Чудо зад аголот“, а веќе работи и на ново дело. Книгите носат различни тематики, но сите се инспирирани од светот во кој живеел писателот, а уште повеќе од искуствата што ги стекнал со патувањата во повеќе од шеесет држави.

По три децении живот во Австралија, како ја избирате темата што ја обработувате во Вашите книжевни дела?

– Сум престојувал во повеќе од шеесетина земји. Австралија сум ја одбрал како еден вид голема работна соба, од која можеш да го набљудуваш светот како на дланка. По секое патување се повлекувам во таквата работна соба и пишувам. Во мојот прв роман „Маде ин Јабана“ („Слово“, 2004) темата беше пресек на животот на нашиот човек надвор од Македонија; тоа што се наоѓав во Австралија многу ми помогна да го доловам начинот на кој се менува таквиот човек.

Темата на вториот роман „Под друга капа“ („Магор“, 2019) ми се наметна додека патував низ Австралија, Азија и САД – и тогаш личното искуство беше важно за да се создаде нешто што ќе биде убедливо и така се роди авантурата на современиот македонски Кристофер Колумбо.

Во третиот роман „Чудо зад аголот“ („Магор/Пагома“), кој наскоро треба да излезе од печат, темата е заснована на тоа како еден мачор метаморфозира во човек. И тука патувањето по светот ми користеше да избегнам затворање во еден тесен свет. Во најновиот роман, кој е во ракопис, темата е суровоста на еден тип луѓе и начинот на кој тие „успеваат“ во животот. Темата се роди по едно патување во Јапонија и го доби конечниот облик кога почнав да размислувам за тоа колку малку треба да ви се сруши светот за кој сте мислеле дека ве заштитува.

Австралија сум ја одбрал како еден вид голема работна соба, од која можеш да го набљудуваш светот како на дланка

Според Вас, колку Македонците во Австралија успеваат да го сочуваат изворниот мајчин јазик? Што таму правите на таа тема?

– Има училишта за македонски јазик во повеќе градови во Австралија. За жал, во јазикот многу се присутни англиските зборови, некои од нив „помакедончени“, што впрочем е сѐ повеќе случај и во Македонија. Инаку, потекнувам од западниот дел на Македонија и добро ги владеам дијалектите од тој, како и од централниот дел на Македонија. Иако сум повеќе од 30 години во Австралија и тука ретко имам можност да комуницирам на македонски, дома отсекогаш сме зборувале исклучиво на македонски литературен јазик.

Меѓутоа, забележувам дека денес и во Македонија литературниот јазик сѐ поретко се зборува. Ќе ви кажам личен пример: при една посета во Македонија ми беше укажано дека при зборувањето сум имал австралиски акцент. Подоцна дознав дека на соговорникот, ученик од Битола, му било чудно што зборувам на литературен јазик бидејќи, според него, немал можност да слуша некој да зборува така во неговото училиште. За него, а се плашам и за други како него, литературниот македонски јазик како да почнува да станува по малку туѓ.

Пандемијата на ковид-19 го опфати целиот свет. Како таму се справувате со коронавирусот и има ли поддршка за уметниците од државата?

– Австралија засега добро се справува со пандемијата. Раното активирање на националниот план за справување со пандемии, добрата организација и високиот степен на отчетност – сето тоа придонесува заразата да се држи под контрола. Не велам дека сѐ е идеално и дека не се случуваат пропусти, но се работи мошне транспарентно, без политикантство.

Владата досега издвои 3,5 милијарди долари за здравствени мерки и 320 милијарди долари за економска поддршка. Во вториве влегуваат и средствата што им се исплаќаат и на уметниците. Бидејќи во Австралија системот на владеење е на три нивоа (федерално, ниво на сојузна држава и локално), уметниците и уметничките и културните институции можат да добијат помош и од федералните фондови, но и од фондовите на државата во која живеат.

На интернет редовно следите што на културен план се случува во Македонија. Какви културни настани, кои се однесуваат на македонската уметност и култура, има во Австралија?

– Во Австралија работат повеќе културно-уметнички друштва, кои не само што ги негуваат и промовираат македонскиот фолклор и култура, туку и организираат гостувања на истакнати уметници од Македонија. Малостопанственици Македонци, исто така, спонзорираат гостувања од Македонија. Во неколку градови делуваат театарски групи што изведуваат претстави од македонски иселеници во Австралија. Постојат и литературни дружини, кои организираат поетски читања и конкурси за поетски и прозни остварувања на македонски иселеници.

Македонските црковни општини, кои се конституирани и како културно-просветни установи, исто така, се вклучени во организирање културно-уметнички настани од интерес за македонската заедница. Австралиската влада и релевантните департмани на сојузните држави со грантови поддржуваат културни и уметнички организации и поединци од мултикултурните заедници. На пример, пред две години владата на државата Викторија додели 375.000 долари за нов македонски културен центар во Мелбурн.

Во овој период е тешко да се прават планови, но што прво ќе направите при следното доаѓање во Македонија?

– Во Македонија доаѓам секоја година, освен ако не сум спречен, како во случајов со пандемијава. Се разбира, најмногу сакам да се видам со најблиските и со пријателите. Средбите со оние што се занимаваат со творештво, иако многу ретки, ми се многу драги. Секогаш се обидувам да го проширам тој круг на познајници, бидејќи од нив има многу што да се научи, меѓутоа тоа е двонасочна улица и верувам дека и тие исто толку можат да научат од моето искуство. Затоа ова е отворена покана, секој што е расположен да се дружиме и соработуваме е добредојден.

Имам впечаток дека на тамошната литературна сцена треба и физички да си присутен и да остваруваш средби лице в лице за да биде промовирано она што ти е објавено. Затоа при моето следно доаѓање, очекувам издавачката куќа „Магор“ да го промовира романот „Под друга капа“, кој требаше да биде промовиран лани, но бев спречен да дојдам. Веројатно тоа ќе биде двојна промоција, бидејќи и мојот најнов роман „Чудо зад аголот“ треба да излезе од печат штом се нормализира сегашнава ситуација.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 28, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25-26 април 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот