Интервју со писателот Владимир Плавевски: Пишувањето за маалскиот живот ми доаѓаше само од себе

Докторот Владимир Плавевски во последниве дваесет години јавноста почесто го препознава како писателот Владимир Плавевски, а во пресрет на 13 февруари, празникот на Друштвото на писателите на Македонија, му беше врачена наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело во 2020 година за романот „Боксерот од Ново маало“.

Пишувањето за Владимир Плавевски е потреба, дури и опсесија. Иако по професија е доктор специјалист оториноларинголог, сега во пензија, тој во текот на целиот свој живот пишува. Во минатиот век пишуваше сценарија за телевизиски серии и филмови за Македонската телевизија, како и драмски текстови кои беа поставени на повеќе театарски сцени. Истовремено се занимаваше и со фотографија, но од 2000 година, кога стана член на Друштвото на писателите на Македонија, напиша сериозна низа на прозни дела. Книгите на Плавевски имаат одек и во јавноста. Во 2013 година ја доби наградата „Роман на годината“ за романот „Јадица“, додека овие денови му беше врачена наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за романот „Боксерот од Ново маало“, кој е избран за најдобро прозно дело во 2020 година.

Со романот „Боксерот од Ново маало“ ја добивте прозната награда „Стале Попов“ на ДПМ. Во своето образложение комисијата на ДПМ напиша дека „во годината на најголемото меѓусебно отуѓување и оддалечување, романот и е потребен не само на македонската книжевност, туку и на општеството“. Практично, кога го пишувавте романот и со какви намери?

– Романот „Боксерот од Ново маало“ го напишав пред речиси две години. Го објави „Арс Ламина“ во средината на 2020 година. Идејата за овој роман тлееше во мене долго време. По професија сум лекар, па секогаш се поткрепувам со фактографија на настаните. Спортскиот бокс како техника ми беше непознат, а посебно што се случувало со боксот во предземјотресно Скопје. Во тоа најмногу ми помогна мојот добар пријател, спортскиот коментатор Зоран Михајлов, кој е вчудовидувачка спортска енциклопедија со прецизни податоци за сè што го прашував. Дејствието на романот, средено во мојата литературна драматургија, се одигрува во Скопје пред 1963 година, кога Скопје настрада во катастрофалниот земјотрес, а главниот јунак, со грд прекар Шуре Катиљот, беше реална личност, маалски кабадахија и тепачиште кому му немаше рамен. Поради тепачките неколкупати лежеше в затвор и последниот пат директорот на затворот му рекол да се занимава со боксирање како спорт, оти ако повторно го осудат за маалски тепачки, „ќе скапе во Идризово“. Шуре, од повреда на главата во тепачките, имаше алексија (неспособност да сфати што е напишано) и ме побара мене, познат како „маалски читач“ да му читам за боксирањето како спорт. Јас од библиотека земав книга за боксот и повеќе пати му ја читав и прераскажував. На мој предлог појдовме на Градскиот стадион, каде што имаше боксерски клуб и, понатаму им оставам на читателите да прочитаат како Шуре Катиљот се справуваше со боксирањето во својот живот.

Мило ми е што комисијата на ДПМ во образложението за наградата за проза „Стале Попов“ напиша дека „во годината на најголемото меѓусебно отуѓување и оддалечување, романот ѝ е потребен не само на македонската книжевност, туку и на општеството“. Романот е, на некој начин, и историски, но не е романтичен, туку сурово вистинит. Вистинит за едно време кое веќе не постои, време кое постоеше пред 1963 година, во Скопје, кога соседот беше поважен од роднина, кога вратите не се затвораа ниту преку ноќ, а ако некој ви чука на портата, знаете оти е туѓинец… Владееше невидена меѓусебна солидарност. Ако немате шеќер или кафе, веднаш позајмувате од соседот; пари на заем земавте од соседот; кога одевте на годишен одмор соседите ви ја чуваа вашата плитарка со мал двор; вие, а и тие, меѓусебно знаевте сè меѓусебно еден за друг. Денес, посебно ако живеете во повеќекатна станбена зграда, не го знаете ниту името на соседот до вас, а освен лесен наклон со главите не се поздравувате со никого од зградата. Не кажувам ништо ново, оваа состојба на отуѓување ни се наметна како нужност на бремето од времето во кое живееме.

Романот е, на некој начин, и историски, но не е романтичен, туку сурово вистинит

Маалскиот живот и ликови од Ново маало се присутни во повеќе ваши книжевни дела. Како успеавте да ги сочувате и подоцна да ги напишете сите овие приказни?

– Во Ново маало живеев до пред земјотресот во 1963 година. Учев во осмолетката „Браќа Миладиновци“ и бев еден од најдобрите ученици, прогласен дури и за најдобар ученик на годината, а дипломирав на Медицинскиот факултет во Скопје. Но, Ново маало ми значеше многу. Често одев да се видам со пријателите и со соседите од маалото. Мислам дека маалското живеење ми беше не само свест, туку и потсвест, така што кога почнав да пишувам, пишував за луѓето и настаните од маалото. Се служев и со локализми, така што со лекторите имав сериозни проблеми. На пример, лекторите не знаеја што значи „чикмак“ или „играч на фанта“… Тоа ме оптоваруваше сѐ додека еден познат лингвист не ми кажа дека и локализмите се дополнително богатство на јазикот. А пишувањето за маалскиот живот ми доаѓаше само од себе, како истиснување од потсвеста за нешто што било и веќе не се повторува. Можеби има и романтика во тоа, но во основата на сето напишано, на некој начин, е цивилизациско-политичката вивисекција на тогашното време кое, како и денес, беше оптоварено со бремето на политиката.

Мислам дека маалското живеење ми беше не само свест, туку и потсвест, така што кога почнав да пишувам, пишував за луѓето и настаните од маалото

Општеството веќе е организирано и функционира по поинаков систем. Што најмногу Ви недостасува од маалскиот начин на живеење, имајќи предвид дека во наградениот роман сте и наратор?

– Точно, во романот „Боксерот од Ново маало“ јас сум и споредниот лик покрај Шуре Катиљот. Во тоа време компјутерот беше научна фантастика, телевизија воопшто не постоеше. Имавме само радио, дневни весници и кино. Телефон во маалото имаше само еден службеник, кој работеше во пошта. Децата си играа на улица со игри, како џамлии, челик, долга магарица, или се тепаа, или се капеа на реката Вардар. Навечер, посебно летно време, соседите вадеа столчиња и седнати еден до друг расправаа за Тито и политиката, а ако дојдеа деца, некој им раскажуваше приказни. Најголема забава ни беше одењето во кино. Се туркавме во големи редови за билети или по двојно/тројно поскапа цена ги купувавме од тапкароши, посебно ако на репертоарот е каубојски филм. Дома имавме радио и секоја среда во 19 часот се собираа соседите да слушаат радиодрама, што ја емитуваше Радио Скопје. Кога имаше свадби, се ангажираа сите соседи и тоа беше улична прослава со музика, играње и пијанчење на маалото до бесвест. И јас играв со децата на улица, се капев на Вардар, но најмногу сакав да читам. И, читав многу. Дури татко ми навечер ми ја гаснеше сијалицата „да не трошам струја и да не ги расипам очите“!

Пишувањето сега, кога сум пензионер, ми е речиси редовна секојдневна обврска, покрај Фејсбукот, кој е нужно секојдневно и добро и лошо во нашево денешно тековно битисување

Во информацијата од ДПМ стои дека на конкурсот, покрај наградениот роман, учествувала и новелата „Туѓо тело“. Дали тоа значи дека сега пишувањето е Вашата секојдневна преокупација?

– Новелата „Туѓо тело“ е медицинска научна фантастика, која се котира дури на четвртото место за наградата „Стале Попов“! Значи, и медицината постепено влегува во моите пишувања. Пишувањето сега, кога сум пензионер, ми е речиси редовна секојдневна обврска, покрај Фејсбукот, кој е нужно секојдневно и добро и лошо во нашево денешно тековно битисување. Морам да се пофалам оти преку две издавачки куќи оваа година конкурирам пред Министерството за култура со два пообемни, историски романи.

Не е првпат да добиете награда. Во 2013 со „Јадица“ ја добивте наградата „Роман на годината“. Имајќи предвид дека по професија бевте доктор, колку и како Ви значат книжевните награди?

– Морам да признаам – многу! Тие се потврда за моето пишување како, можеби, опсесија, можеби потреба, можеби и како доказ оти потсвеста интензивно делува (според Фројд и Јунг, секако) на мене како личност. Сум забележал, ако наидам на проблем при пишувањето, наутро, кога се памети сонот, насон да го добијам решението за тековното писание. И, кога ќе завршам со пишувањето, ми се јавуваат дистонични тегоби на кои ми се жалеле и повеќе автори писатели, уште кога работев како доктор.

Своевремено пишувавте и сценарија за телевизиски филмови и серии, драмски текстови, радиодрами… како успеавте целиот живот да го одржите дуалитетот доктор-писател?

– Мислам, сосема лесно. Кога работев како ОРЛ-специјалист, ми се јави тогашниот директор на „Нова Македонија“, Нове Цветановски, и побара да напишам фељтон за папараците, оти тие беа главните виновници за смртта на принцезата Дијана. Фељтонот го напишав и брзо и лесно и излегуваше во десетина продолжетоци во весникот „Нова Македонија“. Режисерот Ацо Алексов ми се јави на телефон и ми „нареди“ да објавам книга за папараците. И, во 1997 година ја објавив книгата „Папарацо – феноменот на денешнината“ со предговор на Мек-Луан – „Сериозниот печат има милион читатели, но жолтиот печат има само милијарда читатели!“ Потем следуваше збирката раскази „Играч на фанта“, која ги бунеше водителите на неколку ТВ-емисии за културата кога им давав интервју, бидејќи фанта не е пијалакот фанта, туку фанта беше комарџиска маалска игра.

Ваша голема љубов е фотографирањето, а во еден период и предававте фотографија на ФДУ. Колку сега успевате да се посветите на таа страст?

– Во 1999 година ја објавив стручната обемна книга „Фотографија“, во која беше опишана историјата на фотографијата и сите деталности за аналогната фотографија. Ме повикаа од Факултетот за драмски уметности да бидам предавач по предметот Фотографија на нивните студенти, бидејќи немаа таков профил што одлично ја познава фотографијата. Предавав една година фотографија и потем предметот го укинаа. Секако, работев како доктор и се снаоѓав прекувремено со ФДУ, иако имаше бунење на факултетот – „како доктор предава фотографија“!

Дигиталната фотографија достигнува кулминација на фотографијата како визуелен феномен, а до каде тоа ќе оди – ќе видиме

Со мобилните телефони веќе сите станаа фотографи. Дали во таа уметност баш така може да функционираат работите?

– Денес практично постои само дигиталната фотографија. Аналогната фотографија (снимање црно-бел или колор филм и копирање фотографии денес ретко се користи) е веќе историја. Јас на дигиталната фотографија се префрлив со самото нејзино зачнување, така што денес снимам само со дигитални фотоапарати. Своевремено, кога бев член и претседател на Фото-клубот „Вардар“ и претседател на Фото сојузот на Македонија, држевме предавања за фотографијата, кога често споменувавме дека фотографијата треба да стане комунистичка уметност, т.е. секој да фотографира! И, еве сега, дојде време на комунизмот на фотографијата! Сите имаат мобилни телефони кои имаат дигитални фотоапарати и со нив постојано снимаат. Не само тоа – туку тие фотографии можат или на телефонот или низ компјутерски програми да се обработуваат до фантастични феноменални размери. И јас се служам со сите овие опции и учествувам во многубројни интернет фотографски групи и – освојувам награди. Дигиталната фотографија достигнува кулминација на фотографијата како визуелен феномен, а до каде тоа ќе оди – ќе видиме.

Имате ли нови приказни за пишување/објавување?

– Секако, веќе споменав оти две издавачки куќи со два мои најнови романи чекаат поддршка од Министерството за култура. Во мене подолго време тлее идеја за роман, кој мислам оти ќе почнам да го пишувам деновиве. Имам време не само како пензионер, туку и поради ретките излегувања од дома предизвикано од пандемијата на еден вирус, кој, можеби, е ненамерна или намерна грешка во лабораториите за биолошко уништување.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 68, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот