Интервју со писателот и академик Луан Старова: Секоја книга има своја судбина

Со најновиот роман „Баба“ писателот и академик Луан Старова ја дополни низата од 20 книги објавени во книжевниот циклус „Балканска сага“, што го почна во 1992 година со романот „Татковите книги“.

Посебно место во творештвото на академик Луан Старова има книжевниот циклус „Балканска сага“. Иницијација за циклусот биле татковите книги што ги добил како наследство. Трагајќи по пораките оставени на страниците на татковите книги Старова создава обемен книжевен опус од 20 романи базирани на семејната историја.

Романот „Баба“, како најнова книга од циклусот „Балканска сага“ на Старова, е објавен од издавачот „Паблишер“.

Преку ликот на баба Хазбије се враќате прилично далеку во семејната историја, но и во начинот на живот на Балканскиот простор. На кој начин успеавте да ги сочувате сеќавањата на тие времиња и да ги раскажете во романот?

– „Среќните народи немаат историја“ (Жил Мишле), но „Балканците се соочени со пресилна историја, со која се принудени да се справат“ (Винстон Черчил).

Од овие две изреки би можело на најдобар начин да се разбере балканскиот трагизам, кој ја постигна својата кулминација во XX век: со двете светски војни, со Балканските војни, со распадот на Југославија и со братоубиствените војни. Речиси секое балканско семејство, во текот на стогодишната историја, на еден или друг начин ќе мора да се соочи со нејзините последици. Покрај „официјалната историја на победниците“, постои незапишаната историја на секое балканско семејство.

Во животот на мојата баба, Мајката Хазбије, се впишани половина век историја: во тој период го создава и спасува своето семејство од три ќерки и два сина, далеку од своите родители заминати во Турција. Баба Хазбије внесува нов дух и надеж во нејзиното семејство – татковина.

Романот „Баба“ сведочи за еден вид жртвување на жената (мајка, баба) во секојдневната борба за опстанокот на семејството

Жените во тие времиња имале сосема поинаква функција во семејството и позиција во општеството. Каква симболика носи ликот на баба Хазбије во романот?

– Кај речиси сите балкански народи семејството, не само во клучните периоди на историјата, претставувало вистински „Пијемонт на истрајувањето“, во што клучна функција имала жената – храброст. Со право Нобеловецот Албер Ками ќе рече дека секогаш за него „својата мајка ја става пред државата“. И баба Хазбије „живее за да си го спасува семејството“, кое станува нејзина вистинска татковина откако сите нејзини заминале во Турција.

Поминаа речиси 30 години од објавата на „Татковите книги“ (1992), роман со кој го отворивте книжевниот циклус „Балканска сага“, кој сега содржи 20 романи. Се сеќавате ли на првата мисла што ве поведе кон создавањето на овој блескав мозаик од романи исполнети со многу ликови и настани?

– Литературата може да значи потрага по слободата во сите нејзини облици. Литературата е најблиску до провидението. Ги наследив татковите книги пишувани на различни јазици. Марсел Пруст рекол дека писателот умира два пати, вториот пат е кога исчезнува неговата библиотека. Јас сакав да ги задржам татковите книги во живот, трагајќи по нивните пораки. Прелистувајќи ги татковите книги, јас наидував на одделни страници со ознаки од пепел. Веднаш ја открив тајната: страстен пушач и читател, татко ми во силна концентрација, заборавал да ја истресе пепелта во пепеларникот и таа паѓала врз читаните страници. Пепелта ќе го означи итинерерот (патоказот, н.з.) на моите потраги по неговиот живот. Дамките на пепелта врз отворените страници на татковите книги како да беа негов повик отаде животот, да трагам по тајните на неговото постоење, на неговото семејство. Како да беше тоа фениксова порака. Не без причина, ја започнав потрагата по тајните на неговите книги.

Дамките на пепелта врз отворените страници на татковите книги како да беа негов повик отаде животот, да трагам по тајните на неговото постоење, на неговото семејство

Според една латинска поговорка – секоја книга има своја судбина. Така, на пример, од книгите за козите, најдени во татковата библиотека, се документирав за романот „Времето на козите“, таков беше случајот и со „Патот на јагулите“, „Балкански клуч“, „Љубовта на генералот“ и така по ред до последната книга – романот „Баба“.

Првата книга од „Балканската сага“ со наслов „Татковите книги“ настана уште во далечната 1992 година. Таа е еден вид матрица на сите дваесетина, досега напишани и објавени книги. По „Татковите книги“ следеа „Времето на козите“, „Атеистички музеј“, „Пресадена земја“, „Балкански клуч“, „Тврдина од пепел (сиџилите)“, „Патот на јагулите“, „Ервехе – книга за една мајка“, „Балкански жртвен јарец“, „Љубовта на генералот“, „Полифонисти“, „Во потрага по Елен Лејбовиц“, „Амбасади“ и „Нови амбасади“, „Балканвавилонци“, „Враќањето на козите“, „Граница“, „Јаничари“, „Цариградски емигрант“ и „Баба“.

Приказните во поголемиот дел од романите се сплетени од животот и митологијата на Балканот. Покрај раскажувањето на историјата на своето семејство, која е вашата лична дефиниција за луѓето што живееле и живеат на Балканот?

– Имајќи „нерегуларна историја“, со долготрајни граници наметнати од другите, Балканците, без свои историски континуитети на регуларни институции, често пати прибегнувале кон митови, кои биле речиси идентични кај сите балкански народи. Со овие митови Балканците како да сакале да ѝ се спротивстават на немилосрдната историја. Таков е, на пример, митот на „вградената жена“ во темелите на големи градби, како мостови, храмови, тврдини и др. На овие митови се надоврзуваат и големите балкански писатели, како Иво Андриќ, Исмаил Кадаре и други. Жената требало да го претставува чинот на најголемото жртвување. Во моите романи „Ервехе – книга за една мајка“ и „Баба“ се сведочи за еден друг вид – жртвување во секојдневната борба за опстанокот на семејството.

Циклусот „Балканска сага“ е високо вреднуван од домашната, но и од меѓународната книжевна критика. Француската книжевна критика ги вбројува во редот на големите европски романи. Вие сте добитник на највисокото француско одликување „Командант во доменот на уметностите и книжевноста“, како и носител на одликувањето Офицер на Легијата на честа. Повеќе романи се преведени на дваесетина различни јазици и добиле врвни книжевни награди во странство. На што се должи таквата рецепција на вашите романи?

– Се сеќавам на упатното кажување на писателот и теоретичар на литературата, Робер Мале, кој по објавувањето на моите романи во Франција ми рече: „Вие, се разбира, не би можеле да се надоврзете на француските естетски императиви, да навлезете во францускиот книжевен корпус, но за вас преостанува на еден култивиран начин да сведочите за вашите разлики“.

Кога пишувам, никогаш не размислувам, далеку од тоа, дали романот ќе биде објавен, награден или објавен на друг јазик. За мене од суштинско значење е максимално да сум сконцентриран на тоа што го пишувам. Да ја доживеам личната катарза од тоа што сум го напишал. Релативниот успех на моите романи во странство, можеби најмногу се должи на обидот да се предочи можна балканска синтеза на различни духовни вредности иманентно присутни кај сите балкански народи.

Би сакал, кога сме кај рецепцијата на моите романи во странство, а посебно во Франција („Татковите книги“, „Времето на козите“, „Атеистички музеј“, „Брегот на егзилот“) да го посочам примерот на мојата читателка Елен Лејбовиц, која следејќи ги по медиумите настаните од крвавата југословенска драма и читајќи ги наведените романи, ми напиша, меѓу другото, дека „открила една сосема друга слика за Балканот, далеку од секакво варварство, кое им било припишувано на Балканците“.

Вреди во доменот на перцепција на романот „Времето на козите“ да изнесам дел од писмото на читателката Елен Шарпантје од Париз: „Мојот брат Константин ја прочита вашата книга ’Времето на козите‘ на француски јазик и му ја подари на мојот татко. Обајцата беа воодушевени од романот. По потекло од Преспа, Македонија, делото силно ги трогна. На мајка ми, која го изгуби видот, мојот татко би сакал да ѝ ја чита книгата на македонски, нејзиниот мајчин јазик, единствениот со кој се служат. Дали постои начин да најдам примерок од романот ’Времето на козите‘ на македонски јазик, кој би им го подарила на моите родители со најголема радост за Божик“.

Во периодот на Вашата дипломатска работа во Франција се сретнавте со повеќе значајни современи писатели и поети. Познато е Вашето долгогодишно пријателство со филозофот и социолог Едгар Морен. Како во тие уметнички кругови тогаш се гледаше кон случувањата на Балканот?

– Треба да се истакне позитивната улога на виден број француски интелектуалци, како Гилвик, Бадентер, Мале, Бонфуа, Гошерон, Мешоник и многу други, кои застанаа со декларации и петиции на страната на Македонија по грчкото ембарго и во други клучни периоди за нашата земја. Тие застануваа на страната на независна Македонија, во одредени периоди и против официјалната политика на Франција, тие остануваа доследно верни на пријателството кон Македонија.

Како професор по француска книжевност самиот преведовте дела од повеќе значајни поети и писатели. Успеавте ли со некои од нив да останете во комуникација до денешен-ден?

– Има една француска поговорка според која најубавото во животот е верноста кон пријателствата. Имав среќа во животот да го доживеам и негувам искреното пријателство на неколку француски великани во литературата, духовноста, политиката. Во прв ред го ставам пријателството со филозофот и социолог Едгар Морен, еден од најголемите живи мислители во светот, со потекло од солунските Евреи – Сефарди. На упатената честитка за среќен 100-ти роденден, деновиве добив убав одговор, иако нему му беа упатени илјадници честитки од целиот свет.

Во преписка останав и со големиот француски поет Андре Френо, потоа писателот и поет Робер Мале, кого што претседателот на француската република, Шарл Де Гол, го постави за ректор на „Сорбона“ за време на бурните студентски настани од 1968 година, верувајќи дека тој ќе означи нова ера на „Сорбона“. Тоа и се случи.

Тука би го навел и пријателството со сенаторот и министер за правда, Робер Бадентер, кој има историска улога во укинувањето на смртната казна во Франција. Бадентер останува големиот пријател на Македонија, во утврдувањето на меѓународниот легимитет на независна Република Македонија. Потоа тука се и добитниците на Златниот венец на поетска Струга, Ежен Гилвик и Ив Бонфуа. Романот „Нови амбасади“, од „Балканската сага“, сведочи за сите мои француски пријателства.

Во моите долгогодишни потраги по ментална „семејна археологија“ сигурно има уште многу нерасветлени настани и ликови

Има ли уште приказни за раскажување и во кој правец понатаму би се развивал циклусот „Балканска сага“?

– Потенцијално првата книга од „Балканската сага“ – „Татковите книги“ ги содржи сите напишани и евентуално нови книги. Секоја од овие книги е плод на повеќегодишни потраги и размисли, акумулации. Не може да се избегне вистината на латинската поговорка – ars longa, vita brevis. Но сепак, пишувањето ќе го следи авторот до крајот на животот.

Повеќе години сум обземен од ендемската изолација на Балканот. Покрај неумоливиот и лавиринтски балкански, географски релјеф, Балканецот живее и во ментален релјеф, како синдром на неговата изолација. Во моите долгогодишни потраги по ментална „семејна археологија“ сигурно има уште многу нерасветлени настани и ликови. За тоа треба уште многу време и трпение.

Би сакал во иднина преку балканската наратива да третирам настани и пројави од заеднички карактер за сите Балканци. На пример, тука е потрагата по други заеднички феномени, како границите и патиштата. Железницата во Европа заживува мошне рано и опстанува како неопходен императив и во денешните дни. На Балканот таа заживува со „Ориент-експресот“, кој патувал од Лондон до Цариград. Но, железницата никогаш не заживува вистински на самиот Балкан, кој останува во изолација. Можеби, идниот роман ќе носи наслов „Пат“ или „Пруга“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 96, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот