Интервју со писателот Благоја Иванов: Старата чаршија е магија што никогаш не ме напуштила

Искрен и емотивен разговор направивме со писателот Благоја Иванов во неговиот дом по повод збирката раскази „Скопски дамари“, а покрај скопските, се разбудија и дамарите на животот.

Збирката раскази „Скопски дамари“ од македонски писател Благоја Иванов, со поднаслов „автентичен книжевен вкус на старо и ново Скопје низ дваесетина антологиски раскази“, ја објави издавачката куќа „Или-Или“. Изборот на расказите го направи Игор Анѓелков, кој во освртот кон збирката нагласува дека Иванов, заедно со Славко Јаневски, Влада Урошевиќ и Димитар Солев, е континуираниот хроничар на скопските случувања во неговите дела од пред Втората светска војна до денешен ден.

Благоја Иванов (1931) е македонски раскажувач, романописец, есеист, критичар и драмски автор. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел како главен уредник на Културниот сектор на Радио Скопје, директор на Телевизија Скопје и професор на ФДУ. Долги години го уредувал списанието „Млада литература“, а бил и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Член е на ДПМ од 1958 година и негов претседател во два мандати. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Добитник е на наградите „1 Мај“, „Недела на радиодрамата на ЈРТ“, „Рациново признание“, „Кочо Рацин“.

Расказите во збирката „Скопски дамари“ се подредени во циклусите „Скопски незаборав“, „Младо Скопје“, „Семејно Скопје“ и „Скопје како личност“. Разговорот со Благоја Иванов со почнавме со насловот за последниот циклус во книгата.

Што значи да се опише Скопје како личност?

– Скопје како град има своја биографија и свој животопис, има минато коешто е исполнето со приказни, со луѓе и нивните судбини, луѓе на различна возраст, и деца и старци, луѓе кои преживеале многу премрежја, кои виделе и почувствувале и многу војни и некои наводни ослободувања и режими и држави. Можеме за Скопје да говориме од дамнешни времиња до сегашноста, која најчесто нас нѐ интересира. Скопје било обновено во 19 век и оттогаш се развивало кон ова што го знаеме денес. Меѓу првите семејства што се познати од тоа време биле Сидовци и Икономови. Како најстари ги познаваме Пајко маало и Еврејското маало, веднаш до Камениот мост. На почетокот градот преку Старата чаршија се ширел кон Чаир и Гази Баба, а од другата страна на реката Вардар Скопје почнало да се шири дури по изградбата на железничката линија Скопје – Солун и на Мала станица. Моето семејство во Чаир се населило од селото Дивле, кое се наоѓа на тромеѓето меѓу Овче Поле, Куманово и Скопје.

На што се сеќавате од Вашето детство во тогашниот Чаир?

– Во тоа време таму живееја занаетчии, земјоделци и „исполичари“, односно луѓе кои земаа земја под кирија и родот по половина го делеа со сопствениците на земјата. Татко ми Ѓорѓија работел како везач на машина, а познат е по тоа што бил основач и прв претседател на фудбалскиот клуб „Балкан“. Како мал се сеќавам дека ме носеше на фудбалски натпревари. Учев во основното училиште „Доситеј Обрадовиќ“, кое се наоѓаше на просторот што го викавме Саук-чешма. Тоа школо настрада во скопскиот земјотрес. Прогимназиум учев во „Борис Дрангов“ на бугарски јазик, но школувањето се прекина за време на Втората светска војна, а гимназијата ја завршив по ослободувањето на Скопје.

Кога се појави првиот поттик за пишување?

– Веројатно првиот поттик беше тоа што мојот вујко Лазар Танев, кој беше и првиот претседател на Град Скопје во 1944-45 година, работеше како книжар и постојано ми даваше книги. Некои од тие книги ги чувам и денес. Мајка ми, исто така, сакаше многу да чита. Тој што сака да чита го привлекува и пишувањето. Во првиот клас на прогимназиумот ми се случи мој есеј на тема „Зима“ да биде истакнат пред целиот клас. Тогаш наставникот ја повика мајка ми за да ѝ каже дека како дете сум бил многу надарен и, на некој начин, ми претскажа дека или ќе бидам писател или ќе бидам министер.

Благоја Иванов во студентските денови (1952 година) фотографиран на „Нов мост“, помеѓу денешните „Холидеј ин“ и Министерство за надворешни работи

Подоцна почнавте да работите во тогашното Радио Скопје, а во текот на 25-годишната работа во еден период бевте и директор на Телевизија Скопје. Дали поради писателската дарба влеговте во таа куќа?

– Во радиото влегов затоа што сакав да ја работам таа работа. На почетокот работев на дескот, а по една година влегов во редакцијата за детска програма. Во тој период веќе бев член на клубот на млади писатели при Универзитетот, каде што беа и Матеја Матевски, Димитар Солев, Цветко Мартиновски, Симон Дракул и други. Првата работа што ја објавив во списанието „Млада литература“ беше книжевен есеј за доброто и лошото со наслов „Херојство или злочин“. Во 1954 година бев избран во редакцијата на „Млада литература“, а уредници бевме Коста Крпач, Матеја Матевски, јас и Димитар Солев. Списанието стана орган на студентската младина и со тоа добив ветер во грб за да можам да продолжам понатаму.

Како се случи во тој период толку многу писатели да работат во радиото, а подоцна и во телевизијата?

– Од литератите што бевме во радиотелевизија Матеја Матевски стигна до генерален директор, Солев беше директор на телевизијата, а по Солев бев јас, Ацо Алексиев беше на Радио Скопје, Србо Ивановски беше главен и одговорен уредник на културниот сектор. Во моето време работеа повеќе од 70 членови на Друштвото на писателите на Македонија, бидејќи беа најписмениот кадар што во тоа време го имаше Македонија и беа многу ценети.

Како гледате на денешните медиуми, во кои е реткост да се сретне писател?

– Не би можел да коментирам, бидејќи сите услови веќе се променети. Сменети се и кадрите што раководат со медиумите. Ние кога работевме во медиумите имавме образовна и културна задача. Фокусот на нашата работа беше на образованието и културата, а политиката ја држевме на страна. Во периодот кога бев одговорен уредник во Радио Скопје на секторот за култура, образование и забава имаше 90 соработници. Тоа значеше дека дневно произведувавме по 90 страници со текстови. На истиот принцип се работеше и во телевизијата. Кога ме назначија за директор на телевизијата мојата задача беше да ја држам културата со акцент на развој на драмската програма. Во текот на мојот четиригодишен мандат снимивме 36 серии и ТВ-драми за драмската програма.

Во биографијата Ви е запишано дека сте биле професор и на Факултетот за драмски уметности. Што предававте таму?

– Држев предавања по предметот Историја на југословенската драма и театар, а потоа и Историја на светската драма и театар. Во 1964-65 година како стипендист бев во Париз, а кога се вратив ја презедов радиодрамата, која во тој период беше запоставена. Под мое раководство тогаш почнавме да правиме по три емисии дневно за драмската програма.

Луѓето сакаат да го знаат минатото на својот народ и на своето родно место, иако ние сме народ што најчесто своите родители ги знаат најмногу до својот прадедо

Од времето кога работевте во радиотелевизија Ви остана прекарот Мачето. Како го добивте тој прекар?

– Ме викаа Мачорот. Прекарот го добив од мојата сопруга Олга. На една седенка со Матеја Матевски, Драган Бојаџиев и Владо Чучков со нивните сопруги, се појави едно маче. На тоа мојата сопруга рече дека кај вујко ми имало некое маче што го викале Блаже, и така излезе Благоја Мачорот. На почетокот се лутев, но потоа си го прифатив прекарот.

Да се вратиме на книгата „Скопски дамари“. Во еден од циклусите пишувате за скопските незаборави, како Саук-чешма, Млин Балкан, Еврејско маало, Железничката станица, Офицерскиот дом, Кино Балкан, Народниот театар, но какви дамари чувствувате за денешното Скопје?

– Последниве години не излегувам, особено откако ми почина сопругата. Последен пат син ми Бојан ме однесе во Старата чаршија пред четири години. Во Старата чаршија беше везачката работилница на татко ми, а и јас сум работел таму. Татко ми почина кога бев многу мал, па често таму одев со мајка ми. За време на окупацијата и по ослободувањето во дуќанот ѝ помагав на мајка ми. Таму се везеше, но и се продаваа шамиите, марамите и наметките што се везеа. Чаршијата за мене е чудесен предел и ден-денес. Таа е магија што никогаш не ме напуштила.

Скопски дамари – Во моите книги имам раскази и за други места што се надвор од Македонија, но овие приказни за Скопје најубаво ги знам и најдлабоко ги чувствувам

Колку е битно приказните и легендите за еден град да се пишуваат и да се пренесуваат на следните генерации, како што Вие тоа го правите со вашите книги?

– Луѓето сакаат да го знаат минатото на својот народ и на своето родно место, иако ние сме народ што најчесто своите родители ги знаат најмногу до својот прадедо. Не сме од тие што своите корени ги знаат по неколку векови наназад. Во минатото често имало пожари од различни причини во црковните архиви, така што и немаме многу документи низ кои би можеле да трагаме за нашите корени. Затоа ни е интересно да дознаеме за она што било, иако се ретки книгите од кои тоа можеме да го дознаеме. Во моите книги имам раскази и за други места што се надвор од Македонија, но овие приказни за Скопје најубаво ги знам и најдлабоко ги чувствувам.

Пишувате нови раскази и книги?

– Имав сопруга што беше многу добра и многу образована. Ние многу млади се земавме, таа на 19 години, а јас на неполни 24 години. Ние растевме заедно. Моето сакање на книгите беше и нејзино сакање. Израснавме во многу добро заемно пријателство и останавме заедно 62 години. Сѐ што пишував прво на нејзе ѝ давав да го прочита и многу ми беше битно што ќе ми каже. Кога таа почина, си реков дека го немам својот прв читател. Оттогаш не сакам да пишувам, бидејќи мислам дека сето тоа ќе биде изнасилено сеќавање. Така престанав да пишувам.

Но следите што пишуваат другите?

– Следам и сѐ уште читам, не така страсно како порано. Не затоа што не сакам книги, туку веќе сум стар и очите ме изневеруваат. Влезен сум во 90-тата година од животот и човек на таа возраст веќе не се надева на ништо, освен на своите деца и внуци. Староста не би требало да го лиши човека од задоволството да чита, бидејќи тоа е големо задоволство, само да има среќа да има добри очи. Порано читав по две книги неделно и за нив сум пишувал рецензии за Радио Скопје. Сега ми треба речиси еден месец за да прочитам една книга од 300 страници. Често поминувам и во книжарницата „Или-Или“ на Игор Анѓелков и Ненад Стевовиќ. Некогаш и купувам понекоја книга. Радосен сум што имаме многу добра литература од младите писатели. Тоа ми причинува големо задоволство. При една од посетите на книжарницата се роди и идејата за збирката со мои раскази „Скопски дамари“ со избор на Игор Анѓелков.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 50, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот