Интервју со писателката Румена Бужаровска за нејзиниот прв роман со наслов „Тони“: Карикатурален приказ на современата машкост
По објавата на четири одлични збирки раскази, писателката Румена Бужаровска одлучи да напише роман и, судејќи според еуфоријата меѓу публиката на промоцијата, неговиот книжевен успех веќе е загарантиран.
Откако ја зеде во своето јато, издавачкиот центар „Три“ прво ги реобјави претходните збирки раскази на писателката Румена Бужаровска, потоа следуваше објавата на есеистичката книга „Господ, па Америка“, а на 4 декември во „Јавна соба“ беше промовиран и првиот роман на Бужаровска со наслов „Тони“.
Излегувањето на романот беше проследено со бомбастична најава дека тоа е книга која ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие. Промоцијата беше проследена од многубројни читатели на делата на Бужаровска, а се одвиваше низ разговор што со авторката го водеа поетесата, основачка и главна уредничка на „Медуза“, Калиа Димитрова, и македонскиот писател Петар Андоновски.
Во овој период Румена Бужаровска е една од најуспешните македонски современи писателки. Покрај пишувањето се занимава со превод и предава американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет во Скопје. Нејзини книги се преведени и објавени на петнаесетина јазици, а со некои од расказите е присутна и на театарската сцена. Пред да почнеме да го откриваме романот „Тони“ се потсетив на еден разговор што го направивме за нејзините раскази.
Во еден наш претходен разговор истакна дека расказот е форма во која си вљубена. Твоите збирки раскази навистина постигнаа фантастичен успех. Како се случи посегањето по подолгата прозна форма, односно што те поттикна да напишеш роман?
– Започнав да пишувам серија раскази во кои главниот лик секаде беше сличен, и попатно сфатив дека тој лик може, всушност, да биде еден ист, па така решив дека е подобро да ги поврзам приказните и да го склопам наративот во роман. Патем, тоа ми беше и предизвик, зашто во последните години се впуштив и во пишување во други жанрови: освен колумни, почнав да пишувам документаристика (па така излезе „Господ, па Америка“, во издание на „Три“), а напишав и детска книга со хумористични песни („Што виде бубамарата?“ во издание на „Чудна шума“). Неистражена форма ми остана романот, па решив и да ја пробам.
Малку збунува насловот на романот, бидејќи е употребено лично име, независно дали станува збор за реален или фиктивен лик. Зошто одлучи така да го насловиш романот?
– Главниот лик во романот се вика Тони и целото дејствие се одвива околу неговиот неодговорен живот, во кој тој сее катастрофа и несреќа за неговите блиски, но суштински, и за себе. Тоа е еден карикатурален приказ на проблемите со кои се соочува современата машкост, па затоа е и комитрагичен. Се разбира дека ликот е фиктивен, но во голема мера неговите карактеристики ги препознаваме кај многу мажи во нашата околина. Го нареков Тони по инспирација од расказот „Осми март“ во збирката „Мојот маж“, зашто тоа име ми се виде погодно за насловување на извесен тип човек што сите го препознаваме. Има повеќе варијанти и постои во повеќе јазици, како име е звучно и препознатливо, па така ми се виде како пригодно за употреба.
Подолгата форма нужно води кон подлабока карактеризација на ликовите. Низ каков процес помина градејќи го главниот лик?
– Искрено, не беше толку тешко како што замислував. Морав да водам белешки за конзистентноста на ликовите и на нивните приказни, за да нема логички несоодветствувања. Затоа поминав подолг процес измислувајќи и скицирајќи го романот, за самиот процес на пишување да ми биде полесен и да не се изгубам во наративни замки (процес кој почна во 2021 година). На извесен начин, тоа е како да ве повикаат во полициска станица откако сте сториле некаков криминал, и да мора стопати конзистентно да ја повторите истата приказна што сте ја измислиле (како што гледаме во крими-сериите). Инаку, ми беше задоволство да градам ликови на подолги стази, и ми беше многу забавно.
Во какво опкружување живее ликот?
– Во современо, скопско опкружување, во 2021 година во екот на пандемијата. Вложив големо внимание и напор главниот лик и споредните ликови да зборуваат на жив, современ, па и брутален јазик кој го отсликува нашето секојдневие и нашето време.
Дали неговата приказната е резултат на инспирација или на согледување на моменти од реалноста?
– Согледувањето на моменти од реалноста се моја инспирација, така што и едното и другото. Секако, приказната е фиктивна, а тоа се гледа по тоа што е гротескна, но сепак во гротеската постои нешто што е буквално, или пак, буквално пренесување на стварноста што ја очудува приказната. Буквалното пренесување, пак, не значи дека тие ликови навистина постојат или, пак, дека сите тие ситуации се случиле баш така како што се пренесени. Писателот мора да измислува, но и да биде верен на реалноста.
Колку романот можеме да го третираме како белешка за родниот град?
– До некаде, да, зашто Скопје е испишан таков каков што го доживувам: понекогаш романтичен и миризлив, а често сив, загаден и безнадежен.
Во твојата претходна книга „Господ, па Америка“ направи есеистичка анализа на американското општество. Колку романот е прозна вивисекција на македонското општество?
– До некоја мера, е, зашто тоа сум се обидувала да го постигнам и во моите раскази. Од друга страна, во „Тони“ има и одредена универзалност поради пренесувањето на традицијата на машкоста, како и детали што сигурно ќе бидат препознатливи за регионот, посебно на територијата на поранешна Југославија.
Промотори на романот (на промоцијата) беа Калиа Димитрова и Петар Андоновски. На што е базиран изборот тие двајца да го претстават романот?
– Има три причини. Првата е што Петар и Калиа се одлични писатели, и тоа во различни форми (Петар е романсиер, Калиа е поетеса и колумнистка). Втората е што и двајцата се општествени еманципатори. Имаат направено многу за унапредувањето на ова општество, а очекувам дека ќе направат уште повеќе, зашто тоа е нешто неминовно во нивните карактери. И трето, како луѓе се духовити, пријатни и искрени, поради што сме и пријатели.
Родовите односи често се во прв план во повеќе твои прозни остварувања. Зошто?
– Бидејќи сметам дека родовата нееднаквост е првата и основна нееднаквост во човештвото што присуствува уште од самите почетоци на она што го нарекуваме цивилизација.
Заедно со Ана Василева и „Тиииит! Инк“ успевате да направите повеќегодишен континуитет на настанот „ПичПрич“, секогаш на различни и провокативни теми. Какво влијание има настанот во однос на подобрувањето на позицијата на жената во нашето општество?
– Мислам дека сме имале ефект, а тоа го гледам во публиката – колку е сензитивизирана за родовите прашања, на што навистина се радувам. Тоа се случува кога имате традиција на некаков настан, па така, на пример, Скопскиот џез-фестивал има изградено публика кои навистина се познавачи на џезот, или во други места имате филмски фестивали со публика која навистина умее да гледа и да цени филмови (тоа последно го посведочив на белградскиот „Филмски авторски фестивал“). Со оглед на тоа што нашата публика е главно женска, да, по континуитет од девет години и три настани годишно, сметам дека имаме направено напредок во однос на освестувањето за родовите прашања.
Колку личните приказни што се раскажуваат на „ПичПрич“ можат да бидат инспирација за следни прозни дела?
– Мене лично тоа не ми се случило, оти тоа се туѓи приказни што самите раскажувачки треба да си ги напишат. Но, мислам дека некои од нив веќе тоа го имаат сторено. А имавме и случај со актерката Софија Ристевска, која разви стендап-кариера откако неколку пати брилираше на „ПичПрич“ со своите комични приказни.
Главен лик во романот „Тони“ – Банално комична реалност
Приказната во „Тони“ се врти околу средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и „работи“ во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него. Ставајќи се себеси на прво место, Тони неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода. Наместо да ги храни своите лични односи со емпатија, почнува паразитски да нагризува од емпатијата и љубовта на луѓето кои се грижат за него. И полека тоне. Но, дури ни тоа не го освестува за да стане подобар рокер и подобар човек. Тони тоне, удолу го влече товарот на неговиот лежерен став кон животот, недостигот на сопствен интегритет и живеењето на стара слава, која, исто така, е под знак прашалник. Заедно со него, тонат и луѓето во неговиот живот, жртви на готованството на Тони, кој воопшто не е свесен за влијанието врз загубите што ги предизвикува. Како вистински лав во подзнак, а и во душата. Впрочем, реалноста е секогаш пошокантна од тоа што го пишува во книгите. И банално комична.
Калиа Димитрова – Архетип на токсична машкост
– Романот „Тони“ е сатира на затворените модели на машкост (пренесувани транс-генерациски преку сезнајниот и генијалниот, а, сепак, отсутен, Татко), кои во обидот да останат непроменети, уништуваат сѐ околу себе. Накратко, светот се менува, но Тони не се менува. Овој роман доаѓа во совршен социо-политички момент, кога од една страна, и интимно и колективно, ни е смачено од машката неодговорност, но уште се бориме со тоа да го покажеме Тони со прст. Веројатно зашто сите имаме паднато во замката да веруваме дека Тони е исклучок, а не правило. За последиците од постапките на овој универзален, доволно локален и еднакво глобален, архетип на токсична машкост маестрално пишува Румена, нудејќи ни катарзично читателско искуство, додека истовремено нѐ соочува со прашањето, до кога ќе се реплицира овој Тони?
Петар Андоновски – Метастази на општеството
– Румена Бужаровска, како во расказите така и во првиот нејзин роман „Тони“, преку јазикот на хуморот ни ги прикажува сите метастази на општеството. Па така, повторно обработувајќи теми за кои, речиси, никој не зборува, првиот роман на Бужаровска е сериозна шлаканица врз образот на патријархатот. После читање на овој роман дури и оние кои не се чувствуваат „засегнато“ поинаку ќе гледаат на машката неодговорност, дрскост и самоувереност.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 259, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-9.12.2024)