Интервју со писателката Калина Малеска: Скопје го доживувам најмногу преку луѓето

Писателката Калина Малеска неодамна ја објави својата нова збирка раскази „Скопје во високата зона“, а при средбата со неа разговаравме и за предизвиците во нејзината професорска, аналитичка и книжевна работа.

Урбаниот сензибилитет на расказите сместени во збирката „Скопје во високата зона“ на писателката Калина Малеска сосема природно произлегува од нејзиниот спонтан и срдечен карактер, од способноста да го осознава просторот и од различните визии на времето. Некои нејзини сеќавања се однесуваат на минатото и на сегашноста, но некои се обидуваат да ја разоткријат и иднината.

Книжевната критика во расказите открива „шармантни лингвистички игри и инвентивни раскажувачки елементи“, а збирката ја дефинира како еден вид „скопски прозен времеплов“. Сместени во четири циклуси, преку расказите Малеска, пред сѐ, го открива својот внатрешен свет, но дава и свое толкување на поимите и на значењата на светот околу себе.

Необична структура има Вашата најнова збирка раскази. Почнувате со подолги раскази, па се редат пократки, потоа се појавува и микрофикција, а завршува со раскази во стихови. На кој начин мислата ја обликува формата во Вашето творештво?

– Едно време се плашев дека збирката може да изгледа премногу хаотично или некохерентно поради таа различност во должината, раскажувачкиот пристап, формата, темите на расказите. Во исто време, и сакав збирката да биде точно таква. Во контекст на вашето прашање како мислата ја обликува формата – во дадени моменти ме обземаат мисли за разни теми што сакам да ги искажам на различни начини. Некогаш тоа е така затоа што ми изгледа дека најдобро би биле претставени во одредена форма. Другпат, станува збор за некој вид наративен експеримент.

Во однос на првата причина – на пример, протагонистката од „Торба со пари“ цел живот се надева дека една крајно непријатна состојба, во која се наоѓа уште од дете, ќе заврши, но таа не завршува до крајот на животот. Овој расказ ми изгледаше најсоодветно да се одвива во иднината за да го доловам тоа бескрајно траење на непријатната состојба. Во „Лингвистичко-идеолошки спор“ има брз ритам и повторувања, па расказ во стих ми изгледаше како оптималната варијанта. Во други случаи, станува збор за експериментирање за да видам како функционира јазикот или приказната во некој контекст, како во „Каспија и Баш-Челик“, „Расказ од онлајн-зоната“ или некои од микроприказните.

Збирката раскази „Скопје во високата зона“ од Калина Малеска е издание на „Или-Или“, а дизајнот на корицата го изработи Марија Смилевска

Според насловот се чини дека Скопје е во главната улога на расказите, но во збирката се појавуваат и други топоними. Тоа што константно е поврзано со Скопје се Вашите мисли. Зошто сето тоа го ставивте во „висока зона“?

– Меѓу другото, за да го донесам во фокус проблематичниот однос меѓу поимите и значењата. Високи зони обично се однесуваат на нешто што е, условно речено, со повисок стандард. Но, конкретниот расказ „Легендата за високата зона“, од каде што е извлечен и насловот на збирката, се однесува на нешто спротивно, на катовите во зградите што се над третиот кат, каде што едно време често немаше вода. Во овој случај ниската зона е попожелна отколку високата зона. Оттука, насловот е и ироничен, а иронијата се состои во разликата меѓу претпоставеното значење на поимот и она што, всушност, се означува со него. Бидејќи во повеќето раскази е присутен ваков раздор меѓу зборовите и значењата, и меѓу случувањата и интерпретацијата на тие случувања, насловот е соодветен за целата збирка.

Каков е Вашиот личен однос кон Скопје? Како ја чувствувате неговата трансформација, особено видлива во последниве десетина години?

– Некои од трансформациите на Скопје во последниве десетина години ми се туѓи – идеолошки, естетски и од аспект на информациите за можни финансиски малверзации. Пред две-три години читав текстови за трансформации на јавниот простор во неколку градови во светот и тие идеи ми изгледаа одлични и применливи и за Скопје. Сакам да кажам дека имам некоја своја замисла за тоа како би можело да се трансформира Скопје, но бидејќи не сум експерт за урбано планирање, ќе ја чувам за себе. Инаку, Скопје го доживувам најмногу преку луѓето, не преку изгледот, така што, од тој аспект, не би живеела во ниту еден друг град.

Некои од трансформациите на Скопје во последниве десетина години ми се туѓи – идеолошки, естетски и од аспект на информациите за можни финансиски малверзации / Фотографија: Слободен печат / Рики Пејовски

Вашето досегашно творештво содржи четири збирки раскази, два романа, една драма, книга за деца и книжевни студии. Што како жанр Ви е најблиско, или најмило за пишување?

– Сè ми е интересно за пишување. Кога ќе завршам некоја книга, потоа сакам следната да ја пишувам во друг жанр. Дури и често сум помислувала да се обидам неколку раскази да напишам толку различно во секој поглед што ќе изгледа како да ги напишале различни личности. Тоа не ми успеало до сега, мислам.

Специјалност во професорската работа ви е утописката/дистописката книжевност. Колку таквиот избор на предметот има влијание и врз Вашето лично творештво?

– Тешко да се пишува за иднината зашто промените се крајно непредвидливи и зависат од милион (во буквална смисла, веројатно дури и повеќе од милион) фактори, така што добри утописки и дистописки книги се, всушност, многу ретки. Почесто книгите и филмовите од овој жанр имаат стереотипни ликови, отпор кон напредок и преизразена дидактичност. Од тие причини, во расказите од делот „Скопје: иднини“ намерно ги избегнувам конвенциите на утописката/дистописката книжевност – во таа смисла, изборот на предметот има влијание врз моето творештво. Со други зборови, расказите од овој дел не би рекла дека се дистописки, иако имаат по некој дистописки елемент, ги сместив во блиска иднина, но таа служи за да овозможи да се истражуваат некои ситуации и идеи повеќе отколку да се предвидува иднината.

Во компаративната студија „Облици на моќ во современата книжевност“ правите анализа на влијанието на општествено-политичката стварност врз структурата на литературните дела на неколку конкретни автори. Каков е Вашиот заклучок, влијае ли стварноста врз литературата, или, можеби, кога станува збор за фикција не може да има граници?

– Не само што стварноста влијае врз литературата, туку и не гледам зошто литературата би сакала да избега од стварноста. При истражувањето за оваа студија, увидов дека во книжевната теорија и критика доминира тезата дека книжевноста е, на некаков начин, над стварноста или над моменталните случувања на општествено-политички план, и дека постојат книжевни дела што имаат трајни вредности. Тоа е чудно затоа што ако анализирате дела од различни периоди на книжевната историја, сè ќе ви укаже на тоа дека книжевноста е длабоко поврзана со стварноста, дека и стварноста влијае врз книжевноста, и книжевноста врз стварноста, и дека не постојат трајни вредности.

Сите книжевни дела се под влијание на стварноста и се нејзин израз, што е одлично, инаку, веројатно, би биле бесмислени / Фотографија: Слободен печат / Рики Пејовски

Има една многу позната песна од Киплинг, која се вика „Ако“. Накратко, во неа поетот искажува како човек треба да се однесува кога ќе се соочи со разни предизвици: да не мрази ако го мразат, да биде воздржан ако го обвинуваат, да не се жали на загубите и така натаму. Намерата е да биде израз на еден вид викторијански стоицизам, а во исто време, и без намера на авторот, укажува и на една цела идеологија, според која постои само еден правилен начин на однесување. Песната, според голем број критички осврти што се пишуваат до денес, има трајни вредности. Од друга страна, не мора сите да се согласиме со тоа зашто промовирање на само еден начин на однесување, на пример, е многу проблематично. Сметам дека е во ред кое било книжевно дело, без оглед колку е признаено, да се проблематизира, со анализа и аргументи. Има книжевни дела што имале значајна улога во одредени историски околности и мене ми има логика во тој контекст и да се анализираат. Сите книжевни дела се под влијание на стварноста и се нејзин израз, што е одлично, инаку, веројатно, би биле бесмислени.

Едно од анализираните дела во студијата е „Она што беше небо“ од Владо Малески. Од критички агол нема ништо спорно да се анализира делото, но ако станува збор за Вашиот дедо се отвора прашањето со каква цел го препрочитувавте делото на дедо Ви?

– Ме замисливте. Би рекла дека немав цел што беше различна од целта на препрочитување на другите дела кои се анализираат во „Облици на моќ во современата книжевност“. Ја читав извесно време пред да почнам да работам на студијата и кога почнав да пишувам, сфатив дека би била одлична за анализа на моќта, пред сè, преку ликовите на Денко и Наум, кои се на спротивни страни во однос на имање-немање моќ, што зависи од личните карактеристики, начинот на зборување, блискоста со други луѓе и организации и од многу други фактори. Мислам или, еве, се надевам, дека во анализата му пристапив на романот исто како и на другите романи.

Вашиот дедо е автор на стиховите на македонската химна, Вашиот татко е познат дипломат и политички колумнист. Чувствувате ли сенка од величината на нивните личности, или можеби си одбравте своја сигурна зона во книжевноста?

– Малку ми е тешко да дадам одговор на ова прашање зашто таквото евентуално чувство не зависи само од мене, туку и од перцепцијата на другите, а перцепцијата на другите ниту знам каква е ниту можам да ја контролирам. Јас лично не се чувствувам оптоварено, никогаш не сум осетила притисок дека морам да постигнам нешто посебно или да се споредувам со нив. Се разбира, тоа не мора ништо да значи во однос на перцепцијата на другите, но ако прашањето е за моето лично доживување, тогаш одговорот е дека не чувствувам сенка од нивните личности.

Кој ќе биде Вашиот следен книжевен предизвик?

– Кога ја завршив оваа збирка, во некои моменти и паралелно додека работев на неа, пишував и една поема за деца – „Вонземјанинот Лу-Ру-Су“. Оваа книга е завршена, илустрациите се на Наталија Лукомска, и во моментов е во печат, а планирано е нејзиното излегување да биде објавено на 7 декември. Таа се развива околу две испреплетени приказни: можностите за живот во вселената и од што зависат тие, како и темата на врсничка нетолеранција кон едно девојче што отскокнува од средината.

Промоција во Истанбул – Преосмислување на бајките за новите генерации

Расказите „Детето без златна коса“ и „Собата со формули на ѕидот“, кои на македонски јазик се објавени во збирката „Скопје во високата зона“ (Или-Или, 2021) на Калина Малеска, се објавени и на англиски јазик во меѓународната збирка приказни „Будни, а не заспани: Преосмислување на бајките за новите генерации“. Збирката се состои од 28 приказни од автори од 25 земји од Европа и Централна Азија, а беше промовирана на 18 ноември во меѓународното училиште МЕФ во Истанбул, Турција. Покрај македонската авторка Калина Малеска, уреднички на збирката се и Анџела Хантер Волш, Дона Џо Наполи и Надија Алберт.

Објавувањето на збирката е резултат на иницијативата на Регионалната канцеларија на ОН Жени (Европа и Централна Азија) во Истанбул, која почна во септември 2020 година и опфаќаше низа работилници и покана за пишување раскази, кои би преосмислиле постојни бајки и сказни или би биле авторски приказни со елементи на бајки, а на кои учествувале повеќе од педесет авторки и автори. Една од идеите на збирката е да поттикне размислување и промени во начинот на кој општествата ја перципираат улогата на жените и девојчињата.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 108, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот