Интервју со пијанистот Дино Имери: Не барам скратен пат до успехот

Промотивниот концерт на албумот „Рефлексии“ на Дино Имери од здравствени причини е презакажан за 2 април во МКЦ, а излегувањето на албумот под етикетата на „ПМГ џез“ отвори можност за откривање на инспирациите на авторот.

Излегувањето на албумот „Рефлексии“, како прво авторско дело објавено под етикетата на „ПМГ џез“, е сведоштво дека пијанистот Дино Имери од фантастичен изведувач се трансформира и во потентен композитор. Композициите за албумот се создадени во пандемиски услови и се одраз на внатрешниот свет на авторот. Музиката, во овој случај, е платформа што на Дино Имери му овозможила себеси да си даде одговор на низа прашања. Во разговорот со него, пак, добивме одговори на прашања што се однесуваат на суштината на неговото живеење со и за музиката.

Албумот „Рефлексии“ има убава патека, покрај пандемиските услови во кои беше создаден. Како се случи албумот да биде издаден под етикетата на „ПМГ џез“?

– „Рефлексии“ е „дете“ на пандемијата. Верно е да се каже дека да не беше пандемијата, најверојатно немаше воопшто да настане овој музички материјал. Со доаѓањето на вирусот во регионот, и мене како и моите колеги, ме дочека целосно откажување на сите мои настапи во државата и странство. Но, што би била уметноста кога еден вирус би успеал да ја спречи? Во целата атмосфера на неизвесност, социјална дистанца, општа параноја што владееше во светот околу мене, помислив дека е одличен момент да го истражам повеќе светот во мене. „Рефлексии“ е еден искрен и длабок обид на враќање на моите корени. Еден обид да се пронајде она што е вистинско, значајно, инспиративно и радосно во мојот живот. Момците од „ПМГ џез“ го препознаа материјалот како вредност што заслужува и албумско издание, кој ќе биде од интерес за пошироката јавност и идните генерации. На мое големо задоволство, токму оваа куќа е издавач на мојот прв авторски албум.

Албумот „Рефлексии“ е обид да се пронајде она што е вистинско, значајно, инспиративно и радосно во мојот живот

Изведбата на музиката од албум во живо секогаш носи дополнителна возбуда и за изведувачот и за слушателите. Каков е твојот пристап во вакви ситуации, концертот да биде ист како музиката на албумот или секогаш е добро да се понуди нешто дополнително?

– Музиката е жива, таа има свој пулс, свое време и свои пораки. Секогаш го следам текот на музиката, иако многу често и самиот не знам каде ќе ме одведе. На промоцијата ќе се слушнат и теми од албумот, но верувам дека ќе бидат многу поразлично изведени од самата снимка. Секој настап е авантура.

На албумот се појавуваш како пијанист, но и како композитор на музиката. Колку е полесно или потешко да се свири своја музика?

– Многу е тешко. Истовремено, луѓето тука многу лесно се воодушевуваат на дела од артисти што не се од Македонија, дури и да се далеку послаби композитори и изведувачи од нашите само поради тоа што не се од тука. Секој ден одново и одново ме изненадува нивото до кое самите ние не си ги цениме нашите уметници и нивните дела. Спремни сме да преплатиме и да воздигнеме третокласни уметници од странство, само да не си признаеме дека и тука има луѓе кои вредат и кои треба да се поддржат.

Во таа смисла, колку композиции од македонски автори за тебе се предизвик за изведба и кои?

– Постојат многу домашни автори чија музика ја следам со особен интерес. Од помладите, на пример, Филип Иванов, Ангел Спироски, Никола Коларовски, Мартин Џорлев. А, се разбира, постојат повеќе чии композиции сум имал привилегија да ги изведам, меѓу кои Томислав Зографски, Александар Џамбазов, Живојин Глишиќ, дела на мојот татко Дамир, меѓу кои и неговиот Концерт за пијано и оркестар, кој го изведов со Стразбуршката филхармонија и маестро Клеменс Шулдт. Со голема радост ја следам работата на многу мои колеги и кога ќе издвојат некој успех се радувам три пати повеќе отколку за своите успеси.

Братска поддршка за албумот стигна од Ади Имери, фантастичен гитарист. Колку често можеш да се потпреш на неговата поддршка и како те поддржа во овој случај?

– Со Ади работиме многу често, особено на полето на филмската и театарската музика, но јавно сме настапиле само еднаш – на мојот јубилеен концерт пред неколку години. Секогаш можам да се потпрам на неговата безусловна поддршка, а овој пат се радувам што ќе имаме еден заеднички музички момент со една тема посветена на нашиот град. Секогаш е возбудливо да се работи со него, се разбираме без да размениме збор.

Никогаш немав дилема кој инструмент ќе го одберам, иако на вистинско пијано првпат седнав дури кога почнав да учам во музичкото училиште / Фотографија Сашо Н. Алушевски

Иако си помлад од Ади, како се случи тој да се фати за гитарата, ти да седнеш на пијаното?

– Всушност, немавме дома гитара кога бевме деца. Ади почна да учи и да свири на гитара подоцна, некаде на школска возраст. Дотогаш, домашното студио на Дамир ни беше главна игротека на двајцата. Заедно споделувавме кој што ново научил играјќи на неговите синтисајзери и модули. Технологијата во 90-тите беше во подем, а Дамир беше меѓу првите музичари во државата кој активно ги користеше најновите изуми во своите дела. Беше многу возбудливо да се расте во таква атмосфера! Јас никогаш немав дилема кој инструмент ќе го одберам, иако на вистинско пијано првпат седнав дури кога почнав да учам во музичкото училиште. Дотогаш, синтисајзерите и модулите ми беа главна преокупација. Мислам дека рано научив дека идејата и музиката доаѓаат пред сѐ, а инструментите се само инструменти. Исто така, научив дека се работи со памет, а не со прсти. Првото пијано го добив дури кога наполнив 16 години, дотогаш работев на разни клавијатури на кои работеше Дамир. Вежбав на пијано сѐ до моето магистрирање некаде на 22-годишна возраст, оттогаш повторно се вратив на дигиталните инструменти, а честопати работам воопшто без инструмент пред мене. Често, така и изучувам нови дела, без воопшто да ги свирам.

Кога живеевте заедно, каква музика слушавте по дома?

– Во време на Ем-ти-ви, достапна ни беше музиката на Мајкл Џексон, „Квин“, Принц, Витни Хјустон, Сил, потоа македонските фестивали што изобилуваа со прекрасна музика од луѓе како Драган Мијалковски, Виолета Томовска, Веле Матевски, воопшто секој „Макфест“ или Скопски фестивал бевме пред малите екрани, Драган Вучиќ, музиката на група „Кода“, чиј член беше Дамир, цела македонска естрада. Дома често се дружевме со плочите и касетите на Мајлс Дејвис, Херби Хенкок, Чик Корија, Џон Меклафлин, Махавишну, Кит Џерет, Пет Метини, Џо Пас, Оскар Питерсон, Арт Тејтум, потоа се запознававме со класичната музика преку касетите на светските филхармонии, во тоа време првпат слушнав за Владимир Хоровиц, Глен Гулд, Артур Рубинштајн, Јаша Хајфец, Давид Ојстрах, Марија Калас, трите тенори, Леонард Бернштајн, Херберт вон Карајан. Музика од филмовите што ги гледавме, како онаа на Џон Вилијамс, Томас Њуман, Вангелис. Бевме изложени на одлична музика многу рано и брзо сфативме дека добра музика е добра музика, без разлика на жанрот и географијата.

Прашањето за семејната поддршка може да се прошири и на Дамир и Будимка. Колку тоа што сега си, на некој начин, е логична последица на тоа од каде потекнуваш?

– Мојот животен и музички пат е уникатен по многу нешта, а често пати спротивен од она што повеќето луѓе го очекувале од мене. Вистинската поддршка од моите родители е што секогаш ме охрабрувале да го послушам своето срце и интуиција, од секоја ситуација да научам лекција и да продолжам понатаму со насмевка.

Специфично за Дамир е што знае да направи одлични аранжмани, додека Будимка работи во музичката редакција на Македонското радио. Колку нивната работа ти помогна во твојата работа?

– На почетокот не ми беше јасно зошто толку време поминуваат над едно парче музика. Кога работеше Дамир во неговото домашно студио, кое по некое непишано правило каде и да живеевме се наоѓаше во дневната соба, понекогаш го слушав со часови како враќа два-три такта. Или една строфа ќе ја слушнев десетици пати. Кога почнав јас да работам самиот, сфатив колку многу енергија, концентрација и љубов изискува да се работи со музика. Мајка ми во прво време работеше и како музички новинар, а подоцна и како музички продуцент, па многу често дома се водеа многу дискусии околу концертите кои таа ги пратеше или снимаше, разните изведувачи, композитори. Со Ади уште од мали нѐ вклучија како рамноправни во тие дискусии. Постојано учев од сите нив, и сѐ уште постојано учам. Ме научија да не барам скратен пат до успехот, да се занимавам со музика од вистинските причини – не за да бидам познат или платен, туку да го сакам тоа што го работам. Само така можеш да стигнеш далеку во секоја работа.

Музичките совети што ги разменуваат со сопругата Дијана се искрени и објективни, секогаш во насока на личен и професионален прогрес

Твоја брачна сопатничка е диригентката Дијана Имери Илкоска, која ја гради својата музичка патека со одлични концерти. Какви музички совети си давате еден на друг?

– Искрени и објективни, секогаш во насока на личен и професионален прогрес. Таа е за мене гласот на разумот, како што се надевам дека и јас за неа. Имам навистина среќа што можам постојано да се советувам со неа за многу, многу аспекти од мојата работа.

Како на семејните собири го дефинирате изразот „апсолутен слух“?

– Нема поапсолутен слух од слухот што го имаме за другите, за оние на кои најмногу им треба, а тоа не го добиваат. Тоа е голема работа.

Секако, тоа е голема работа во меѓучовечките односи, но како може да се објасни апсолутниот слух за луѓе што не се занимаваат со музика, или едноставно не го поседуваат?

– Апсолутен слух е способноста да слушнеш одреден звук и да знаеш точно на која висина се наоѓа, без притоа да користиш музички инструмент како помош. За мене низ годините многу музичари и професори мислеа дека поседувам таков слух, но тоа воопшто не е случај. Ако би можел да го дефинирам мојот слух, би рекол дека е хармонски, бидејќи повеќе ја слушам музиката во вертикала и по боја, отколку по висина сама по себе. На крај, се разбира, најважно е како ќе ги искористиш работите кои природата ти ги дала и како ќе ги развиваш.

Што би правел во животот ако не постоеше музиката?

– Најверојатно ќе се занимавав со компјутерско програмирање, моја голема страст од детството и хоби последниве неколку години.

Ме инспирираат индивидуалците што го движат напредокот и го креваат критериумот уште повисоко преку својата квалитетна работа / Фотографија Татјана Ранташа

Албумот „Рефлексии“ донесе музички приказни од твојот внатрешен свет. Што те инспирира, или можеби, нервира во надворешниот свет?

– Прво и основно, непрофесионализмот кој владее во секој сегмент од нашето живеење. Потоа, идејата дека сме нешто е поважна од тоа да бидеме тоа што сме го замислиле. Со други зборови, во светот луѓето работат и се потат за да постигнат нешто во кое веруваат. Што да се каже за едно општество во кое главен фокус на целото внимание на јавноста е политиката, а не културата, образованието, здравството, спортот?

Очигледно тоа те нервира, а што те инспирира?

– Ме инспирираат индивидуалците кои го движат напредокот и го креваат критериумот уште повисоко преку својата квалитетна работа. Такви индивидуалци имаме во секој сектор, преку културата и спортот, па сѐ до медицината, компјутерските науки… Сакам и да пријателувам со луѓе од кои можам да научам, кои ќе ме мотивираат да го дадам својот максимум и да се трудам да бидам најдобрата верзија од себе, секој ден, секоја минута. Ме инспирираат луѓето кои ги сакам. Ме инспирира еден огромен каталог на одлична музика која постојано излегува од нашите млади луѓе. Ме инспирираат и студентите со кои со задоволство работам, го пренесувам своето знаење, но и учам многу од нив. Ме инспирираат сите хуманитарци, кои се борат со сета сила да им помогнат на оние на кои тоа им е најпотребно без притоа да помислат на себе. Има многу за инспирација и за нервирање, но велат убавината е во очите на набљудувачот. Секој ден е добар ден за нова инспирација и авантура.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 71, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 6-7 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот