Интервју со Петар Јовановски, претседател на Одбојкарската федерација на Македонија: Сакам предизвици, зошто одбојката да не биде спорт број еден

Фото: Слободен печат/Рики Пејовски - Драган Митрески

Одбојкарската репрезентација на Македонија одлично ја започна 2021 година, успеа втор пат по ред да обезбеди пласман на Европското првенство. Одбојкарите до второто учество на континенталните собири стигнаа преку двата квалификациски турнири кои се играа токму во Скопје и на кои беше освен двете победи над БиХ, беше совладана и Турција.

Успесите на одбојкарите кои станаа нови миленици на јавноста, но и организацијата во време на пандемија на коронавирусот, како и плановите во иднина на Одбојкарската федерација на Македонија, се доволен предизвик за интервју со претседателот на Федерацијата, Петар Јовановски.
– По лоша година дали е толку добро со одбојката навистина не знам меѓутоа македонска јавност го прифати многу позитивно. Ние одбојкарите се најдовме во центарот на вниманието и јас како претседател никогаш не сум сакал да се експонирам, повеќе мојата работа е во одбојката, отколку презентација и рекламирање. Успехот е огромен, навистина ова не е случајност, ние работиме веќе десетина години со оваа генерација, во периоди кога не сме имале поддршка, кога немала слух македонската јавност, кога немале слух ни институциите во државата задолжени за развој на спортот, но бевме истрајни. Тоа е една мала група на луѓе од 3-4 луѓе, Ивица, Љупчо и генералниот секретар Карановиќ што навистина сме фанатици и љубители на одбојката, сме работеле и сме истраеле и покажуваме. И мислам дека ова е добро во секој сегмент од нашето општество во нашата држава дека ако навистина нешто се сака и се работи – резултатите ќе дојдат – вели Јовановски.

фото: Слободен печат/Рики Пејовски

Одбојкарите втора година по ред ќе бидат дел од континенталниот собир, и со тоа Македонија расте во очите на Европската и Светската одбојкарска јавност, што претставува добра подлога за по натамошни успеси.

– Знаете што е чудно, ние во одбојкарскиот свет во Европската и Светската одбојкарска федерација навистина имаме едно еминентно место и секогаш го ценеле тоа што сме го правеле. Знаеле кои се нашите можности, кој биле нашите буџети, и буквално од нивна страна сме имале подрршка, тие го препознавале нашиот труд и работа и секогаш сме биле поддржувани со организации на турнири во кадетски, младински или во сениорски конкуренции. Меѓутоа тоа сме го добивале бидејќи тие гледале дека ние се трудиме и дека работиме. Драго ми е во последните 2-3 години имаме сериозна подршка од нашите инситуции, од АМС кои го препознаа тоа што го работиме, резултатите кои ги постигнавме и сега мислам дека и македонската јавност сериозно ја препознава одбојката и буквално се радува за нашите успеси. Највеќе што ме радува е нашата проценка од пред 7-10 години дека имаме една генерација која има потенцијал и перспектива, и работата во овие години ги донесеваквите резултати. Се радувам што имаме и деца кои сакаат да тренираат и играат одбојка и се надеваме дека со вистинска работа дека ќе ги наследат сегашните репрезентативци и дека ќе имаме квалитетна одбојка и во иднина – смета првиот човек на ОФМ.

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Двата квалификациски турнири кои на почетокот од годината се играа во Скопје и тоа во време на пандемија на коронавирус, ОФМ ги организира перфектно. Беа направени околу 400 тестирања и немаше ниту еден позитивен случај.
– Тоа беше сериозна организација, исто така ОФМ ќе биде организатор на Европското првенство за одбојкарки до 19 години, а сме и сме кандидат за група на сениорското машко ЕП. Во јануари само ние и Израел бевме организатори. Мене ми жал што во наата група беше и Данска но поради пандемијата тие се откажаа од учеството. Кога ќе заврши организацијата изгледа дека е многу лесно, меѓутоа тоа е далеку од реалноста. Не само ние како ОФМ туку на овој турнир работеа и уште 20-30 волонтери и сакам и на нив да им се заблагодарам бидејќи воопшто не беше едноставно и во тие 10-тина дена од пристигнувањето на репрезентациите па до испраќање имавме строго одредени процедури, протоколи. Имавме секојдневни тестирања, сите репрезентации си имаа водичи кои се грижеа за нив и се заврши добро. Се направија околу 400 тестови и немаше ниту еден позитивен, сите беа презадоволни од организацијата, а најдобро е што ние се пласиравме на ЕП.

фото: Слободен печат/Рики Пејовски

Со успесите на репрезентацијата се враќаат и одбојкарските центри кои беа расадник на таленти и во времето на поранешната држава. Тоа е знак дека одбојката се враќа на голема врата во македонскиот спорт.
– Македонија имала сериозна одбојка, сме имале четири центри во поранешна Југославија кои биле сериозно сфатени, Тетово, Велес, Струмица и Скопје. Во период по распадот на Југославија сето тоа замира и можам да кажам дека Струмица опстојува како центар од кои ги влечеме овие одбојкари кои сега се костурот на репрезентацијата. Меѓутоа во последните 2-3 години повторно се вратија центрите како Велес, Тетово, така што одбојката има светла иднина.

Пред две години за влакно ни избега осминафиналето на ЕП, а сега првиот човек на одбојката во Македонија смета дека е време да се оди чекор напред.
– Апсолутно, нашите цели се секогаш да одиме чекор напред верувам дека костурот на репрезентацијата го имаме, ги имаме младите деца кои исто така се појавуваат, имаме селектор кој сериозно се вклопи во менталитетот. Ние одбојкарите имаме изговор дека можеби сме атипични како репрезентација. Сите играчи кои ги создадовме- ги создадовме преку репрезентацијата, им измислувавме позиции, ги враќаме во националниот тим. Ајде да не биде премногу со преголем оптимизам и доколку имаме среќа во жрепката и добиеме поволна група мислам дека сигурно ќе се пласираме во осминафинале.

Петар Јовановски е прв човек на македонската одбојка од 2009 година и успеа одбојкарите кои до пред неколку години имаа вистински патешествија во настапите во Европската лига кога го добија прекарот „Спартанци“. Првиот човек на ОФМ го открива рецептот како одбојката од спорт во „сенка“ повторно стана спорт и носи резултати со кои се врати насмевката кај сите фанови.

фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Можеби тој збор „Спартанци“ кои медиумите им го дадоа на одбојкарите се уште ги „лепи“, но мене искрено не ми се допаѓа. Ние сме Македонци, ние сме репрезентација, но, не можеме да ги избегнеме прекарите. Основата по мене е проценка и поставување на цели. Проценката тогаш ја направивме, ги поставивме целите. Но, за да се реализираат целите се потребни многу услови, а ние тогаш немавме ни „У“ од услови. Но, ентузијазмот, желбата, љубовта и коегзистентноста која ја имаме ние во Управниот одбор, и самите играчи кои не прифатија како родители, успеавме да дојдеме до сево ова. На почетоците, условите беа незадоволителни за ниту еден клуб кој се натпреварува. Меѓу желбата и вербата да покажеме дека вредиме не донесе до ова. Во последните 3-4 години конечно имаме перфектни услови и самите играчи го кажуваат тоа. Ние имавме подготовки повеќе од 30 дена во кои одбојкарите имаа перфектни услови и во поглед на сместувањето и со условите за тренинг кои се одрвиваа во главната сала во Борис Трајковски. Сето тоа се враќа, сите сме свесни, добро е што сега навистина имавме и средства, но сите треба да знаат дека секој денар кој ќе влезе во ОФМ ќе заврши за развој на одбојката – смета Петар Јовановски.

Првиот човек на ОФМ смета дека треба да се искористи моментот на успесите на одбојкарите и женската одбојка да го следи чекорот на мажите.
– Во овие последни десетина години велиме дека сите замерки кои евентуално биле за моето раководење на федерациаја биле од аспект на отоа што сум ја ставил женската одбојка во сенка. Никогаш ние во ОФМ не сме ја ставиле женската одбојка во сенка, но како да кажам единствената ѕвезда водилка ни била машката сениорска репрезентација и велевме дека тие ќе повлечат се понатаму. Е сега дојде тој момент кој треба да го искористиме. Женската одбојка е најмасовен спрт во Македонија но тоа е се на база на школи кои треба да прераснат во клубови и да ја искористат масовноста и популарноста на мажите и да работат, но многу да работат. За успеси потребно е повеќе од три тренинзи неделно. Да бидеме реални, така не можеме да постигнеме резултати. Сакам сите школи и клубови да имаат најмалку по 500 деца, да го валоризираат трудот, а со последните успеси се зголемува и вредноста на клубовите и школите.  Нивото е кренато, клубовите разбраа што значи работа и што значи резултат веќе и тие финансиски се подржани многу, мислам дека одбојката во Македонија е спорт број два и се бориме да станеме број еден. Јас секогаш знам дека куќата се прави од темелите и затоа почнуваме сериозно со репрезентацијата до 19 години. Имаме ангажирано селектор од Србија која е светска одбојкарска велесила и веќе година дена работиме со оваа репрезентација. Се чувствува голема разлика, подобрување. Тие се нашите цели, кандидати за организација на група на ЕП 2023 и да имаме континуитет во наредните десетина години и иако е нереално, јас сакам предизвици и зашто одбојката да не биде национален спорт број еден во Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот