Интервју со Панда Зографска Беличанец: Секогаш има нови идеи кога се движиш во средина на која уметноста ѝ е – живот!

Фондацијата „Томислав Зографски“ веќе петнаесет години успешно работи на афирмирање на музичкото творештво на композиторот Томислав Зографски, кое е дел од културното наследство на земјава, како и на поттикнување на развојот на музичката култура во државата и во странство.

Средбата со Панда Зографска Беличанец, директорка на Фондацијата „Томислав Зографски“, се случи по повод двата јубилеи што Фондацијата ги бележи оваа година. Ситуацијата со ковид-кризата не дозволува големи свечености, но во државата има личности и настани што не смеат да бидат заобиколени, ниту заборавени. Разговорот со Панда Зографска Беличанец, практично, е продолжување на комуникација почната при средбите на концертите организирани во рамките на манифестациите Денови на македонска музика и Есенски музички свечености, кои беа снимени за аудио и видеоархивите на Фондацијата.

Годинава се навршија 20 години од заминувањето на композиторот Томислав Зографски, а на 6 декември Фондацијата „Томислав Зографски“ ќе влезе во 15-тата година од основањето. Со која мотивација ја основавте Фондацијата пред 15 години?

– Беше потребно време семејството да го надмине првиот период од неговото заминување. За време на неговиот живот, делата на Зографски се изведуваа ширум светот од наши и од странски музички уметници, оркестри и диригенти. За тоа сведочат аудио и видеоснимки, написи и стручни критики кои тој ги зачувал во својата архива. Сметавме дека обврска на семејството е да продолжи изведбата на неговото творештво, кое е дел од македонското културно наследство, особено што тој во последните години создаде повеќе дела, меѓу кои и три симфониски, кои не беа изведени.

Што точно е дејноста на Фондацијата?

– Во 2006 година ја формираме Фондацијата јас и моите две ќерки, Наташа и Елена, со две цели: афирмација на музичкото творештво на композиторот Томислав Зографски, како дел од културното наследство на Република Македонија, и поттикнување и поддржување на развојот на музичката култура во Република Македонија. Особено сме задоволни што покрај широката афирмација на творештвото на Зографски во Македонија и надвор од неа, добиваме признанија во нашата средина дека Фондацијата ја извршува и својата втора цел. Во архивата на Фондацијата поголемиот дел се снимки и фотографии од концерти на кои не се изведувало дело од Зографски. Признанијата доаѓаат од професионални и од млади музичари, студенти, како и од семејствата на наши композитори.

Со колкава збирка од творештвото на композиторот Томислав Зографски располага Фондацијата?

– Фондацијата само ја дополнува богатата архива што ја остави Зографски. Тој во почетокот на деведесеттите години на минатиот век почна да го средува своето творештво. Беше фасциниран од можностите што ги има дигиталната технологија, и во формат што постоеше тогаш, ги средил своите дела со сите податоци, година на создавање, прва и сите следни изведби, имиња на изведувачите, место, дали има аудио или видеоснимка, оригинал партитура, преписи, штимови. Таа книга во која стигнал до оп. 131, ние ја продолживме и во неа се впишани повеќе од 150 дела, од кои најголем дел партитурите се во дигитализирана форма. Но во архивата, покрај снимки од негови дела, зачувани се и огромен број снимки од дела од светски автори кои ги користел за своите предавања со студентите на ФМУ, како и исечоци за настани кои не се однесуваат на неговото творештво, а му оставиле впечаток. Нашиот врвен музички уметник Благој Нацоски се зачуди кога му покажав интервју од 1999 година пред неговото заминување во Италија!

Средбата со Панда Зографска Беличанец се случи по повод двата јубилеи што Фондацијата ги бележи оваа година (Фотографија: Горан Банџо)

Од своето основање, Фондацијата доделува награда за најдобриот студент на ФМУ, од 2012 доделува награди и на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“ и „Охридски хорски фестивал“. Со каква цел?

– Томислав Зографски беше професор повеќе од 30 години на Факултетот за музичка уметност, продекан и декан и имаше класа за композиција. Наградата беше првата активност на Фондацијата. Се врачуваше на најдобриот студент на Одделот што го раководел Зографски, за композиција, музикологија, диригирање и музичка теорија и педагогија. Ја врачувавме на свечениот годишен концерт на Факултетот. Од 2015 година не е доделена поради неисполнување на условите од Статутот на Фондацијата.

Учеството на двата меѓународни натпревари, најреномирани во поширокиот регион, е многу значајно за афирмација на творештвото на Зографски. И организаторите и ние бевме пријатно изненадени колку композициите на Зографски се интересни за учесниците. На Охридскиот хорски фестивал, со мали исклучоци, учествуваат извонредно квалитетни хорови од други држави со реномирани диригенти. Минатата година девет хора исполнија композиција од Зографски. На „Охридски бисери“ учествуваат и од Македонија. Уште првата година се пријавија осумнаесет! Следната, јубилејна година на Фондацијата е јубилејна и за двата фестивала!

Редовно ги снимате концертите на ФМУ, на фестивалите Денови на македонска музика, Есенски музички свечености и други. Со колкав аудио и видеоматеријал располага Фондацијата?

– Со нашите снимки само ја прошируваме архивата на Зографски. Тој ја формирал со преснимување на снимки од Радио Скопје и Македонската телевизија, а многу снимки направил и самиот со својот магнетофон. Ги снимал и студентите на кои им велел „да учат од нив“! Сега снимките се неопходни, особено за младите идни музичари. Снимаме единствено со согласност на организаторот. Тоа се аматерски снимки од концерт, снимени од публика, но за музичарите, па и за организаторите се значајни, бидејќи без звучен запис, концерт не се случил! На сите организатори и на поединци редовно им ги подаруваме.

Каква комуникација остварувате со музички фондации и партнери од странство?

– Со странство се поврзавме преку поединци, учесници на концерти или натпревари, фестивали на кои сме присуствувале. Прекрасни контакти се изградија со две престижни музички академии во Полска, Универзитетот „Фредерик Шопен“ во Варшава и Музичката академија „Карол Шимановски“ во Катовице, Полска. Соработката со Катовице почна со една млада виолинистка, која учествуваше на „Охридски бисери“ и свиреше композиција од Зографски, и која подоцна се заинтересира за неговото творештво и магистрираше на таа тема под менторство на еден од најреномираните виолинисти во Полска.

Ме потсетивте на уште една активност на Зографски која Фондацијата ја продолжи, а таа е подарување на партитури во библиотеките на музички образовни институции. Во 1972 година тогашниот декан на Музичката академија во Белград, на која дипломирал Зографски, проф. Душан Сковран побарал да му испрати свои партитури за библиотеката, која решиле да ја збогатат со дела од нивни поранешни студенти. Ние продолживме да подаруваме, во библиотеки на музички институции во Македонија и во странство.

Поврзаноста на маестро Симон Трпчески со семејството Зографски датира уште од неговите студентски денови

На својот концерт во Филхармонија во рамките на 43. Денови на македонска музика, пијанистот Симон Трпчески со пријателите изведе неколку дела од Томислав Зографски и од уште десетина други македонски композитори. Колку е важно делата од македонските композитори почесто да се изведуваат на музичката сцена?

– Има една прекрасна трајна врска помеѓу Зографски и Симон. Симон Трпчески е една особена личност, покрај исклучителната дарба тој знае да се радува и на успехот на другите, да им оддаде почит и признание и да не заборави! Зографски има удел во неговиот почетен, пресуден успех на натпреварот во Лондон, после тој „полета“ во светот! За жал, професорот не го доживеа неговиот брилијантен успех. Тој ја напишал препораката што била составен дел на апликацијата, стручно мислење од афирмиран педагог од Македонија (печатена е во Монографијата). Но, Симон го почитува и творештвото на Зографски. Многу сум му благодарна за изведбата на четирите композиции со учество на нашите врвни музички уметници Гонца Богоромова Краповски, Милена Арсовска и Шкељзен Бафтијари. Тој концерт и Вашиов напис ќе бидат прекрасна најава за јубилејната годишнина на Фондацијата.

Во врска со македонското творештво, убедена сум дека и Фондацијата има удел во подемот на македонското музичко творештво, зашто и преку нашите многубројни снимки можеа да се запознаат композициите. Најважно е да се изведуваат, да бидат задолжителен дел од програмите на нашите уметници, особено на нивните концерти во странство, а времето ќе ја оценува нивната вредност.

Вие сте дипломиран инженер архитект, но колку успевавте да се посветите на својата професија, а колкава е Вашата посветеност кон работата со Фондацијата „Томислав Зографски“?

– Беше потешко до 2011 година додека бев во работен однос, оттогаш целосно сум посветена на Фондацијата и на моето прекрасно семејство. Огромна е документацијата што ја оставил Зографски. Во 2011 година заедно со Министерството за култура издадовме Монографија за Зографски, која ја напиша нашиот еминентен музиколог Марко Коловски. Мислев дека собравме сѐ на тие 350 страници. Но, оттогаш се отворија уште многу страници, податоци, постојано имаме активности. Но, најзначајно е присуството на концертите, така се создаде таа прекрасна мрежа од музичари, во Македонија и во странство, стотици концерти, стотици подарени партитури и снимки! Се надеваме дека овој тежок период ќе помине и дека целосно ќе се отвори бескрајниот простор за музичарите и за сите други уметници.

Дали на некој начин планирате да се одбележи јубилејот на Фондацијата, иако ковид-кризата не дозволува големи свечености?

– Верувам, се надевам дека ќе се случи и значаен настан поврзан со творештвото на Зографски и да ја доделиме наградата Гран при, која ја воспоставивме во 2016 година по повод 10-годишнината на Фондацијата, единствената што ја доделува Одборот на Фондацијата, а не стручна комисија. Имаме планови за следната година, секогаш има нови идеи кога се движиш во таа прекрасна средина, Зографски велеше дека и не може да биде многу голема, но на која уметноста ѝ е – живот!

Биографија – Томислав Зографски (1934-2000)

Композиторот и педагог Томислав Зографски е еден од основоположниците на македонската композиторска школа. Роден е во Велес на 29 март 1934 година. Тој во шеесеттите години на 20 век прв ги внесува карактеристиките на неокласицизмот во македонската музика и со своето творештво македонските музички вредности ги доближи до светските современи трендови. Истовремено во едно од неговите најзначајни дела од композиторскиот опус, антологискиот циклус „Записи“ за длабок глас и пијано, авторот користи текстови запишани во македонските средновековни ракописи, мелодиски обрасци од т.н. „Пападакиско пеење“ на Јован Кукузел, а „имитацијата“ на ѕвона од македонските камбанарии прави своевиден мост помеѓу неговите предци зографи, кои при изработката на своите живописи се инспирирале од истиот тој архетипски ѕвон на македонска почва.

Подоцна Зографски ги прифаќа најсовремените начини на музичко изразување и ја збогатува македонската музика со повеќе од 160 дела од сите музички родови, секогаш во корелација со сопственото професионално и животно кредо. Дипломирал на Музичката академија во Белград во 1961 година во класата на познатиот педагог и композитор Миленко Живковиќ (1901 – 1964). Од 1967 година до крајот на својот живот бил професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Беше продекан и декан на ФМУ, а покрај своето творештво, зад себе остави длабоки траги и како педагог, образувајќи една цела класа помлади, а денес меѓународно афирмирани композитори, како Димитрије Бужаровски, Живојин Глишиќ и Јана Андреевска, живеат и работат во Скопје, Мирослав Спасов, Панде Шахов и Никола Коџабашија, во Лондон, Евдокија Данајловска во Париз и други.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 58, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-29 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот