Интервју со новиот тренер на Вардар Никола Илиевски-Џиџи: Нема место за жалопојки, ќе ја истераме работата до крај

фото: Роберт Спасосвски/Екипа.мк

Искусниот стратег, кој го презеде најтрофејниот клуб во многу тежок момент, зборува за очекувањата и плановите за пролетниот дел од сезоната. Најбитно ќе биде тимот составен главно од млади играчи, оние кои останаа по егзодусот на поискусните, да се подготват психолошки за она што ги очекува.

Накогашниот македонски селектор Никола Илиевски – Џиџи се нафати во последен миг да застане на кормилото на Вардар, кој задоцнето во минута до дванаесет започна со тренинзи за колку-толку да се подготви за пролетниот дел од сезоната што стартува викендов.
Вардар во Скопје го пречекува Пелистер, а според Илиевски, во неколкуте тренинзи пред стартот на пролетниот дел најбитно ќе биде тимот составен главно од млади играчи, оние кои останаа по егзодусот на поискусните, да се подготви психолошки за она што го очекува. Физичките подготовки ќе течат во од, односно, формата ќе се крева како првенството ќе тече.

Инаку, финансиската криза долго го оптоварува Вардар, добар дел од тимот од есенскиот дел си замина поради неизмирени обврски. Во последен момент изнајдени се средства колку принудно подмладениот Вардар да стартува во пролетниот дел. Вардар е моментно на шестото место на табелата. Во стручниот штаб на Илевски се Бобан Грнчаров, Никола Глигоров и Златко Таневски и Филип Ивановски.
– Сите во стручниот тим сме мобилизрани во овие три тренинга да ја подговивиме екипата на психолошки план. Што се однесува до подготовките на физички план, нема теорија за три дена нешто повеќе да се направи, освен таа состојба што е во моментов да се прелее во една тимска тактика и тимска игра. Понатаму од напревар во натпревар ќе се крева физичката подготовка и очекувам екипата брзо да излезе од кризата. Немаме време за класични подготовки, па ќе правиме подготовки од недела во недела. Ќе мора да се ротираат играчите и ќе треба мудро да се користат тие пет измени.

Со каков пласман на крајот на сезоната би биле задоволен?
– Во вакви услови не постои тренер во светот кој би можел да каже што очекува како пласман. Очекуваме дека ќе ги оствариме целите на Вардар. Многу ќе биде важно како ќе се води натпреварот и правовремено да се ротираат играчите. Искуството на стручниот штаб, а особено моето, би требало да дојде до израз за да им се даде во вистински момент вистинска минутажа на играчите и да закрепнат одредени линии во екипата како ќе одминува првенството.
 Колку беше предизвик за вас, да го преземете Вардар во толку тежок момент?
– Вардар е Вардар. Нема место за жалопојки. Се нафативме и мораме да ја истераме работата до крај, како што сите очекуваат. Би сакал да се заблагодарам на Комитите што успеаја да најдат средства за да ги мотивираат играчите. Ова е голем потег и покажаа дека навистина го сакаат клубот. Играчите ќе дадат се од себе.
Каков е предизвикот да се работи со главно многу млади играчи?
– Во стручниот тим имаме голем оптимизам во однос на овие млади играчи. Со право се надевам дека ќе се подигне нивното ниво. Многу важно е да не прегорат од желба. Не ми е првпат да влегувам во такви кризни ситуации кај клубови. Една олеснителна околност е дека Вардар има такво бодовно салдо кое ни дава за право да не бидеме толку притиснати, без оглед што сме притиснати со млади играчи. Заминаа поискусните кои имаа поголема минутажа, а младите треба тоа да го искористат на најдобар начин. Да се надеваме дека ќе имаме здрави играчи кои ќе немаат повреди.
Стартувате со дерби. В недела Вардар игра со Пелистер.
– Без оглед на моментниот квалитет Вардар – Пелистер отсекогаш било најголемото македонско дерби. Секако во последните неколку години тука е дербито со Шкендија. Тоа се најголемите дерби средби на Вардар, а би ги споменал и дербито со Шкупи и со Работнички.

Ќе дадеме се од себе за да ги израдуваме Комитите

– Кој и да е тренер, не може да предвиди како ќе заврши средбата Вардар и Пелистер, во вакви околности. Но едно можам да ветам, дека сите оние што ќе го облечат дресот на Вардар в недела ќе дадат се од себе за да ги израдуваат оние кои најмногу им помогнаа во овие тешки времиња, а тоа се Комитите.

ФОТО: Роберт Спасовски/Екипа.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот