Интервју со Никола Глигоров: Работата на „Скопско лето“, пред сѐ, претставува задоволство

Традиционално, на 21 јуни и почетокот на летото се дава знак и за почетокот на фестивалот „Скопско лето“. Во изминатите над четири децении на фестивалот биле реализирани илјадници програми со учество на десетици илјади учесници и со присуство на стотици илјади посетители. Фестивалот е еден од културните брендови на градот Скопје, но и промотор на културни вредности од сите области на уметноста – музика, театар, балет, литература, филм.

Во портфолиото на Дирекцијата за култура и уметност, како организатор на „Скопско лето“, останува забележана и сопствената продукција на драмски и балетски претстави, изложби на врвни домашни автори, издадени книги, носачи на звук и видео. Речиси да нема домашен уметник или изведувач кој барем еднаш не настапил на „Скопско лето“. Голем е бројот и на странски уметници кои гостувале во Скопје во рамките на фестивалот.

Програмата на „Скопско лето“ вообичаено се реализира во текот на 40 дена во летните месеци, од 21 јуни до 31 јули. Исклучок беше минатата година, кога поради пандемијата фестивалот почна десетина дена подоцна. Годинава „Скопско лето“ се враќа во стандардниот формат и веќе се подготвени содржините за 42-то издание. На подготовките и реализацијата на „Скопско лето“ работи мала екипа од Дирекцијата за култура и уметност раководена од Никола Глигоров.

Почетокот на омилениот скопски летен фестивал „Скопско лето“ секогаш е убав повод да се посети Дирекцијата за култура и уметност во Скопје и да се дознае програмата на новото издание.

Во кој правец ќе ја продолжите 41-годишната традиција и со што ќе биде отворен фестивалот?

– По минатогодишното, малку скратено, издание оваа година се обидуваме да се вратиме на старите патеки. Ќе се обидеме да ја задржиме концепцијата на фестивалот која е препознатлива и прифатена, како од публиката, така и од самите уметници, а тоа значи мултимедијална програма, на различни простори, со учество, пред сѐ, на домашни уметници и ансамбли, но и гости од странство. Оваа година отворањето на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката, ќе го одбележи оркестарот на Националната опера и балет со концертот насловен „Од оркестарот за публиката“ – опера без зборови.

Оркестарот на Националната опера и балет

Минатата година почетокот на фестивалот беше поместен поради пандемијата на ковид-19, но „Скопско лето“ прво го разби карантинскиот молк со настани во живо според протоколите за заштита. Годинава пандемијата го губи здивот, но колку ланските искуства ќе бидат во прилог на реализацијата на годинашната програма?

– Така е, „Скопско лето“ практично беше првата културна манифестација што започна веднаш по објавувањето на соодветните протоколи за организирање на културно-уметничките програми. Тоа беше доживување за публиката од една страна, а од друга страна, конечно, уметниците дојдоа до здив, до израз. Минатогодишното издание на „Скопско лето“ практично беше посветено само на домашните автори. На тој начин ѝ покажавме и ѝ потврдивме на публиката дека нашиот град, нашата држава располага со исклучително талентирани и квалитетни уметници. Затоа потпрени на ланското искуство и оваа година најголемиот дел од програмата е посветена на домашните уметници и сето тоа збогатено со гости од Австрија, Канада, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, затоа што „Скопско лето“ од една страна го промовира и го афирмира домашното творештво, а од друга страна секогаш е отворена порта за сите добронамерни гости.

„Скопско лето“ од една страна го промовира и афирмира домашното творештво, а од друга страна секогаш е отворена порта за сите добронамерни гости / Фотографија: Стамат Наумовски

На што ќе биде ставен програмскиот фокус оваа година?

– Како што налага концептот на „Скопско лето“, ќе се обидеме да дадеме можност на уметниците од сите области на духовното творештво. Традиционално, заради жанровската разновидност и богатството на изразните форми, музиката ќе предничи, но ќе има изложби, театарски претстави, филмска програма, програми за сите возрасти од најмалите – децата, младите до повозрасните. Програми за оние кои уметноста ја доживуваат послободно, како и програми за онаа публика што има високо изградени естетски мерила.

Со изборот на локациите „Скопско лето“ знаело да ги открие најскриените скопски катчиња. На кои и колку локации годинава ќе се одвива програмата, имајќи предвид дека пандемијата сѐ уште трае?

– Токму заради пандемијата и препораките за што помало групирање оваа година ќе изостанат настаните на плоштадите, но затоа ќе ја користиме Старата скопска чаршија со објектите Сули-ан, Куршумли-ан, Чифте амам, нов отворен простор што ќе се обидеме да го анимираме е паркот кај Домот на културата во Кисела Вода, како и амфитеатарот во зградата на „Ендава“ и, секако, изложбените салони на Културно-информативниот центар (КИЦ), Салонот на НОБ, салонот на МНТ.

Годинава се случува миграција на дел од фестивалите што вообичаено се одржуваат во септември и октомври да се одржат во текот на летото. Имате ли комуникација со другите продуценти околу евентуалното преклопување на термините за предвидените настани?

– Фестивалот „Скопско лето“ пред 42 години започна како идеја за збогатување на културниот живот во градот во текот на летните месеци, кога практично ништо не се случуваше во областа на културата, и надминување на т.н. „мртва сезона“, како и воспоставување на координиран културен живот во Скопје во текот на летото. Заради актуелната ситуација и неможноста одредени фестивали и манифестации да се одржуваат во затворените простори, дел од нив се поместени во текот на летото. Да, комуницираме со останатите организатори во функција за да се направи одредена координација на случувањата и за да се даде можност публиката да проследи што повеќе настани.

Организатор на „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност, која успеа да ја преживее транзицијата и да ја задржи организацијата на фестивалот. Разликата е што сега треба да аплицирате за поддршка за секој проект што сакате да го реализирате. Со каква „магија“ успева Дирекцијата и нејзината програма да опстои и да се одржи?

– И покрај скромната поддршка, пред сѐ, од Министерството за култура во однос на некои изминати години, благодарение на долгогодишното постоење на „Скопско лето“, тоа има многубројни пријатели и добронамерни соработници во програмска смисла. Тие го почитуваат овој фестивал и публиката и секогаш даваат свој придонес во таа смисла.

На подготовката и организацијата на „Скопско лето“ работи мала, но одбрана екипа вработени во Дирекцијата за култура и уметност – Скопје

Фестивалот „Скопско лето“ не е единствената програмска активност на Дирекцијата. Кои други активности ги реализирате и со колкава екипа?

– Покрај „Скопско лето“, Дирекцијата ги организира и „Блуз и соул фестивалот“, кој минатата година одбележа 25 години постоење, „Есенските музички свечености“, кои оваа година ќе се одржат по 22-ри пат, тука се и програмите за матурантите: „Матурската парада“ – меѓународна манифестација која се одржува во над 60 градови во десетина држави од Југоисточна Европа, „Средбата на првиот со најдобрите“, проект во рамките на кој градоначалникот на Град Скопје ги наградува најдобрите матуранти. Исто така, Дирекцијата работи во сферата на издаваштвото, организацијата на ликовни изложби, меѓународни програми и други. И сето тоа со мала, но одбрана екипа на вработени во Дирекцијата, како и со поддршката на членовите на Извршниот одбор и Собранието на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Која е Вашата лична приказна? Како се случи да станете дел од Дирекцијата и да останете толку долго во организацијата на „Скопско лето“?

– Во Дирекцијата за култура и уметност сум од 1984 година. Можеби во почетокот немав некои големи амбиции, но работата, луѓето со кои работев и сѐ уште работам ми го даваат потребниот елан и желба за работа. Покрај тоа, свој придонес имаат и уметниците, благородни луѓе од кои секогаш има што да се научи, како да се вреднува животот, како да се градат вистинските критериуми за вреднување на нештата.

За публиката „Скопско лето“ е можност за културна надградба во текот на топлите скопски вечери, а за Вас?

– За мене лично и за моите колеги со кои го работиме „Скопско лето“, како и сите други манифестации и програми, овој фестивал, пред сѐ, претставува задоволство. Задоволството е уште поголемо кога после макотрпната работа и труд ќе се појават резултатите, а тоа се задоволни уметници и уште позадоволна и побројна публика, која секоја година е со нас, не поддржува и бодри на свој начин. На тој начин и ние стануваме подобри.

Свечено отворање: Опера без зборови за почеток на „Скопско лето“

Соработката на Дирекцијата за култура и уметност со Националната опера и балет (НОБ) ќе го одбележи почетокот на 42. „Скопско лето“. Свеченото отворање на фестивалот ќе се случи на 21 јуни во Салонот на НОБ со настанот „Од оркестарот за публиката“ – опера без зборови. Со оркестарот на НОБ ќе диригираат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, а концертот е во режија на Трајко Јордановски.

Хорот на Националната опера и балет

Следниот ден, на 22 јуни, на Зелениот покрив на ГТЦ концерт ќе одржи Хорот на НОБ. Диригенти, односно хор-мајстори, се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ, со пијано придружба ќе настапи Јанинка Невчева, а режисер е Дејан Прошев.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 85, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18-20 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот