Интервју со министерката за култура Ирена Стефоска: Во моменти на криза најважна е солидарноста

Одвивањето на процесот на аплицирање за Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес, но и други тековни активности на Министерството, беа повод да се сретнеме со министерката за култура Ирена Стефоска.

Министерката за култура Ирена Стефоска уште од првиот ден како стапна на функцијата, се чини дека мора да разрешува проблеми што се појавуваат во низа. Прво беше доцнењето на платите, следуваше средбата со синдикатите за култура и стапувањето на сила на Колективниот договор, потоа дојде Годишниот конкурс, додека ковид-кризата е сечие секојдневје веќе десетина месеци. Приемниот рок на Годишниот конкурс за проекти од национален интерес за 2021 година заврши на 12 ноември.

Конкурсот, но и други тековни активности на Министерството беа повод за разговор со министерката Стефоска. За време на фотографирањето, ја замоливме министерката кратко да ја тргне заштитната маска од естетски причини, без намера да го прекршиме принципот на работа на министерството, каде што вработените секојдневните обврски ги реализираат со маски поради ковид-кризата. На нашите прашања министерката, пак, одговори „без маска“, односно директно, јасно и решително.

Приоритет на Министерството за култура на Конкурсот се поддршката на проекти од младите и за младите, како и заштитата на културното наследство. Со каков мотив ги поставивте приоритетите на Годишната програма за 2021 година?

– Да го заштитите највредното што го имате како аманет и да ја поддржите иднината на оваа земја – зарем може да има поголем мотив за една Влада, како и за Министерството за култура. Грижата за културното наследство, младите и ЕУ-интеграциите се врвните приоритети опфатени и во мандатното писмо од премиерот до мене како министерка. Не само што немам намера од нив да отстапам ниту милиметар, напротив, за нив се залагам со сета своја енергија.

Условите што се поставени во Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2021 година, соодветствуваат со приоритетите на Министерството, но и со кризната состојба предизвикана од ковид-19. Сметаме дека прецизните критериуми и во општите услови на Конкурсот, но и во поединечните области, ќе придонесат за еднаква распределба на средствата, со фокус на приоритетите, како што се поддршка на младите, лицата со попреченост, родовата еднаквост, правичната застапеност и интеркултурниот дијалог. Сакам да нагласам дека кај сите апликанти најважен при оценувањето ќе биде квалитетот на понудените проекти.

Грижата за културното наследство, младите и ЕУ-интеграциите се врвните приоритети опфатени и во мандатното писмо од премиерот до мене како министерка (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

Еден дел од културните дејци реагираа на приоритетите, но дали тоа значеше дека Конкурсот на некој начин беше ограничен само за проекти со опишаниот приоритет или можеа да учествуваат сите што ги исполнуваат општите критериуми на Конкурсот?

– Истакнувањето на одредени приоритети поврзани со посебни категории граѓани не значи исклучување на сите останати. Напротив. Министерството охрабрува поврзување, вклучување и заемна соработка. Инклузивноста и квалитетот, согласно на сите услови од Конкурсот, се од исклучителна важност за Министерството. Да појаснам дека општиот услов за исклучување на невработени лица до 35 години од критериумот за аплицирање во само две области, се однесува на заштита и еднаков пристап на граѓаните, кои поради пандемијата беа и се силно изложени на последиците од економската криза. Притоа, немаме намера да ги исклучиме другите групи граѓани кои можат еднакво да аплицираат во максимум две области. Ќе повторам дека во моменти на криза најважна е солидарноста. За жал, ние не сме во „клубот на богатите“ и го немаме правото на луксузот на себичноста.

Вообичаено секоја година има силни реакции по објавувањето на резултатите со поддржани проекти на Конкурсот. На кој начин планирате да ја превенирате таквата ситуација однапред?

– Позицијата министер за култура ја прифатив со голема чест и со уште поголема одговорност. Јас сум човек што искрено и длабоко ги почитува уметниците зашто повеќето од нив живеат за уметноста, а ретко кој од уметноста. Оттаму, јасно ми е дека проектите со кои аплицираат на Годишните конкурси за многумина се и извор на егзистенција. Токму ним сакам да им порачам дека во подготовката на овие годишни конкурси за финансирање на проекти од национален интерес вложивме сериозни напори за да ги надминеме пропустите од минатото и да утврдиме критериуми и евалуациска матрица за оценка на квалитетот на проектите. Условите и критериумите, како и начинот на бодувањето при оценувањето, се јасно определени и верувам дека годинава нема место за какви било злоупотреби при одлучувањето по пријавите. Проектите на годишните конкурси ќе ги разгледуваат посебни комисии составени од стручни и компетентни лица во конкретната област, со кредибилитет и без судир на интереси. Нивниот авторитет при одлучувањето ќе бидат гарант за успехот на годишните програми, а со тоа и на политиките на ова Министерство за култура. Мојот авторитет го ставам во заштита на нивна непречена работа, без притисоци и без какви било калкулации од политички, етнички и финансиски аспект. Тоа е мојот начин на превенција.

Јас сум човек што искрено и длабоко ги почитува уметниците зашто повеќето од нив живеат за уметноста, а ретко кој од уметноста (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

На министерската функција дојдовте од парламентот, каде што бевте пратеничка во периодот 2016-2020 и претседававте со Комисијата за култура. Какво беше Вашето мислење за Министерството за култура од позиција на пратеничка, а какво е сега како министерка? Каква состојба затекнавте?

– Со собраниската Комисија за култура, со која претседавав, стекнав драгоцено искуство. Но, сѐ е поинаку кога сте „внатре“. Од далеку, можеби ја гледате сликата во целина, но не и „деталите“ во кои, всушност, е вистината. Само што зачекорив во Министерството, се соочив со доцнење на платите во културата. Тој голем проблем е сега надминат. Платите на културните работници ги усогласивме со новиот Колективен договор, кој беше донесен по 15 години. Следен проблем беше изнаоѓање начини како да функционира културата во услови на светска пандемија и прилагодување на протоколите според специфичноста на секоја дејност одделно. Финансискиот пресек на програмскиот буџет за 2020 година е посебна приказна, која ќе мора да биде „раскажана“.

Се соочуваме и со структурни проблеми, кои се пречка ова Министерство да биде професионален сервис на културните работници и граѓаните. Кадровски, делумно, ги реорганизиравме постојните ресурси по увидените пропусти во функционирањето на секторите. Работиме да ја подигаме на високо ниво соработката со УНЕСКО. Веќе е формирана и Националната комисија за соработка со УНЕСКО.

Во околности предизвикани од ковид-19 и ротации на вработените, забавено е „движењето“ на документите, но обезбедуваме механизми за непречено одвивање на усвоените програми. Има многу проблеми, но има и многу планови за излез од нив. Ме радува тоа што кај вработените гледам добра волја и посветеност заеднички да ги совладуваме предизвиците. По природа сум непоправлив оптимист кој песимистите ги смета за луѓе кои бегаат од одговорност.

По природа сум непоправлив оптимист, кој песимистите ги смета за луѓе што бегаат од одговорност (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

Во периодот откако сте на министерската позиција, успеавте ли да направите увид во состојбите во националните установи, кои дополнително се најдоа во незавидна ситуација со ковид-кризата?

– Културата во светот, па и кај нас, меѓу првите „влезе“ во ковид-карантин и брои огромни загуби, во секоја смисла. Мојот тим и јас имаме континуирана комуникација и посети на националните установи, зашто наша цел е одржување на културата во ова „ново нормално“. Повикуваме на солидарност во ова невреме, повикуваме на рационалност и на иновативност. За среќа, пролетта ја „преживеавме“ онлајн, а летото и раната есен ни овозможија неколку големи културни задоволства. Имавме и сериозна книжевна продукција на нови дела од македонски автори, квалитетни изложби и концерти.

Постојано излегувате на терен, бевте во Курбиново, Љубојно, Отешево, во Скопје ги посетувате фестивалите што се во тек и се одржуваат според протоколите за заштита од коронавирусот. Покрај кризната здравствена состојба, за која никој не може да предвиди колку ќе трае, што е потребно за состојбите во културата да се подобрат?

– Многу трпение и многу, многу, многу работа. Знам дека преку ноќ работите не се менуваат, особено не на подобро. Но, нема откажување. Корона-кризата ги забави, но не ги одложи нашите планови. Во соработка со институциите во земјава, но и со специјалисти од странство, преземаме ургентни активности што ќе помогнат да се мобилизираат сите професионални, материјални и експертски ресурси за да се обезбеди трајна заштита на културните добра што ги поседуваме, а кои во изминатиот период биле запоставени. Исто така, го формиравме и Националниот совет за заштита на културно наследство, исклучително важен за откочување на процесот за валоризација и ревалоризација на културното наследство од особено значење. Да не заборавиме и дека дел од фестивалите, какви што се „Охридско лето“, „Скопско лето“, Скопје џез-фестивалот, Оф-фест, „Танц фест“, „Проза Балкан“, „Литера“, фестивалот на критичка култура „Крик“ и многу други, се одржаа во услови на светска пандемија, и тоа доста успешно. Ваквите настани ми влеваат оптимизам и нѐ потсетуваат на едноставниот рецепт за успех – стручни луѓе со експертски познавања да бидат на клучните позиции.

Министерката Ирена Стефоска на 30 октомври изврши увид во тековните активности на неколку значајни културни добра во Преспанскиот регион, а посетата ја почна со црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново (Фотографија: Министерство за култура)

До каде е процесот со новиот Закон за остварување јавен интерес во културата и зошто е потребно негово побрзо донесување? Што практично ќе промени новиот закон?

– Со овој Предлог-закон за остварување на јавниот интерес во културата, кој е во собраниска процедура, меѓу другото по долги години се уредува и начинот на финансирање. Наместо досегашното финансирање по пат на годишен конкурс, тоа ќе се одвива врз основа на два редовни конкурса, во март и во септември. Пријавувањето на конкурсите ќе биде по електронски пат преку електронски систем за управување со пријави. Ваквиот начин на пријавување сакавме да го воведеме уште од оваа година. Но, да бидам искрена, Министерството за култура до овој момент не ги поседува алатките кои ќе ја поддржат и издржат е-апликацијата. А тоа, многу ќе ни ја олеснеше работата на сите.

Да се вратам на вашето прашање. Предлог-законот што ги помина сите фази на јавна и стручна расправа, за усовршување на финансирањето, предвидува и министерот за култура да може да склучи договор за период од три години за финансирање програми, односно проекти, манифестации и фестивали од јавен интерес со установи, здруженија и фондации и правни лица што континуирано и квалитетно остваруваат дејност од областа на културата, врз основа на спроведен конкурс за таа намена.

Со овој Предлог на закон се врши проширување на опфатот на лицата што би можеле да се стекнат со право да им се доделат месечни надоместоци за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за данокот на личен доход. Новина во Предлогот на закон е и утврдувањето на правото на додатоци на плата, како теренскиот додаток и право на додаток на плата за посебни услови за работа, права утврдени и со Законот за работните односи, но истото со Предлогот на закон се упатува да се регулира и со Колективниот договор за култура. Со Предлогот на закон се утврдува дека во установите согласно со нивните статути може да се формира Програмски совет. Како поранешна пратеничка, апелирам до Комисијата за култура и до претседателот на Собранието, Законот што побрзо да ги помине собраниските процедури и расправи за доброто на културата.

Ситуацијата со ковид-кризата се менува, речиси, на дневна основа. Каков е ставот на Министерството за култура во однос на одржувањето на културните настани во државата и функционирањето на културните установи, особено на оние што се поддржани со Годишната програма за проекти од национален интерес?

– Министерството за култура ги следи препораките на Комисијата за заразни болести. Во постојана комуникација сме. Во моментов, установите од областа на културата функционираат според посебни протоколи наменети за настани во затворен простор. Сакам да нагласам дека поради ковид-кризата имаше намалување на буџетските средства на националните установи. Министерството за култура и покрај намалувањето на Буџетот за 2020 година, наменет за реализирање на проектите од национален интерес во културата, ќе стори сѐ да ги исполни обврските кон корисниците кои во целост го реализирале проектот и имаат комплетен финансиски и наративен извештај.

Иако сите посакуваме оваа светска пандемија што побргу да исчезне од нашите животи, никој не знае кога ќе се вратиме на старото секојдневие. Затоа на учесниците во годишните конкурси за 2021-ва им препорачавме да претпочитаат проекти што можат да се реализираат и онлајн. Вакцината можеби ќе биде за неколку месеци, но ќе ни треба многу повеќе време за да се справиме со последиците и да ги зацелиме „раните“. Во тој процес, културата и уметноста имаат исцелителна моќ.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 56, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот