Интервју со Милчо Манчевски: „Кајмак“ ќе изненади, шокира и засмејува меѓу солзи

Милчо Манчевски на сет

Догодина наесен се очекува премиерата на седмиот игран филм на Манчевски

„На пауза“ од монтажата, а пред обработката на звукот и сликата, најновиот, седми долгометражен игран филм „Кајмак“ на Милчо Манчевски, тивко, но сигурно ја добива својата форма. Манчевски го прашавме колку е задоволен од материјалот, што да очекува публиката и дали и во овој филм останува доследен на сопствената филмска „граматика“. Вели дека не е мераклија на етикети, но „Кајмак“ е црна комедија која не е само македонска приказна.

Милчо Манчевски со актерската екипа
Милчо Манчевски со актерската екипа
Речиси три месеца по крајот на снимањето, лично колку сте задоволен од материјалот додека трае процесот на монтажа?

Многу сум задоволен – и од снименото и од процесот. Го гледам материјалот и се радувам оти го содржи сето она кон што се стремевме, а богами и повеќе: богата слика (дело на целата екипа, ама пред сè на директорот на фотографија, Улрик Боел Бенцен, дизајнерот Дејвид Манс и костимографката Жаклина Крстевска), исклучително комплексна и прецизна глума (на Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски… Сите величенствени), атмосфера, а сето тоа го доловува и го истакнува она што е во сценариото – лична потрага по љубов, тажна и смешна приказна за човечки судбини во Македонија, ама кои можат да бидат каде било во светот, силна критика на односите во една гнила заедница… Секој филм е тежок за снимање оти мораш да комбинираш техника, финансии, човечки табиети во нешто што на крајот ќе има душа.

Во нашиот случај тешко – или поточно, тажно – беше тоа што финансиските подготовки на проектот беа минирани од луѓе во филмската власт кај нас, чија работа е всушност да ја поддржуваат домашната кинематографија. Јас имам среќа што моето дело се почитува во странство, понекогаш дури и повеќе одошто кај нашите филмски моќници, па „Кајмак“ на крајот беше во поголема мерка финансиран од странски извори одошто од домашни (колку за илустрација, за „Кајмак“ беа одобрени помалку средства одошто за некои наши дебитантски филмови; а во истиот период беа поделени средства на 37 филмски проекти без банкарски гаранции за што постои и кривична пријава од Транспаренси, а реагираше и Антикорупциска). Поради ова моравме да компензираме со тоа што брзо ќе работиме, па филмот беше снимен со неверојатна брзина и тоа бараше огромна жртва од екипата и од глумците – на 40 степени работевме дење-ноќе.

Процесот беше тежок, но и многу убав. Ама, како што убаво пејат Монти Пајтон, секогаш треба да се гледа на убавата страна на нештата – ние имавме феноменална меѓународна екипа, извонредни наши професионалци и филмаџии од Данска, Холандија, Србија, Хрватска, Англија, Бугарија, кои работеа посветено, небаре на нешто свето и мило. За тоа сум им бескрајно благодарен, и едвај чекам и публиката да ги види резултатите на нивната пожртвуваност. Многу сум среќен и со колективната актерска игра. Ние имаме врвни глумци, кои се рамо до рамо со кој било Даниел Деј Луис или Филип Сејмур Хофман или Лив Улман, само им треба добар текст, одличен кастинг директор (во нашиов случај Милка Анчевска) и соработка од режисер.

Милчо Манчевски на сет
Милчо Манчевски на сет
Најавата за филмот е дека е „безмилосна критика на малограѓанштината и лицемерието“. Колку идеи во сценариото еманираа токму од нашата домашна, односно локална малограѓанштина, или станува збор за „чист дестилат на фикцијата“?

Секој сериозен автор црпи од сите извори околу него – од она што го гледа, го сонува, го слуша, го чита… Комплексните човечки односи ме интересираат и ме инспирираат. Сценариото е инспирирано и од локалната малограѓанштина, себичност и манипулативност, ама и од она што воопшто се случува во светот. Ние како општество не живееме во вакуум, она што го гледаме тука, го има и по светот. Ништо во „Кајмак“ не е својствено само за Македонија, туку се однесува и за други заедници, други држави. Голем дел од она за што зборува филмот е базирано врз вистински случки – настани кои луѓе ми ги раскажале или кои самиот сум ги видел. Ќе се зачудите дека баш најстрашните, најневеројатните моменти во филмот се базирани врз нешто што навистина се случило. Вистината е почудна од прикаската. Не е тоа рационална одлука. Јас одам онаму каде што ме води прикаската, не калкулирам и не планирам. Овој пат ме поведе таква прикаска. Емоцијата и филозофијата на оваа прикаска најдобро се формулираат низ форматот на црна комедија. „Кајмак“ е филм што изненадува, шокира и засмејува меѓу солзи. Тоа ќе да е опис на една црна комедија – иако јас не сум голем мераклија на етикети.

Со каква мисла очекувате дека ќе си отидат гледачите по проекцијата на „Кајмак“?

Мое е да го направам филмот најдобро што можам, да ја раскажам прикаската со радост и скромност и, по можност, инспирација. Како публиката ќе го пречека, низ каква призма ќе го гледа, што ќе очекува… тоа веќе не е моја работа. Јас сакам да истражувам емоции и значења во мојата уметност и затоа се нафаќам за различни структури и за различни жанрови. Неблагодарно е и да се проценува со каква мисла гледачот ќе си отиде од проекцијата, ама очекувам дека нема да биде рамнодушен. Нивниот комотен поглед кон екранот ќе биде размрдан.

Создавате „церебрален“ филм што отвора теми за размислување, или филмски „допир“ во кој веќе е апсолвирано размислувањето?

И едното и другото. Како консумент сакам уметност која ќе ме допре, значи не верувам дека има уметност без емоција. Ама, во исто време, филмот е наративен медиум во кој кажуваме и слушаме нешта кои ја стимулираат и рационалната страна на нашите мозоци. Јас не планирам да пратам порака, ама таа самата се наметнува ако е делото добро сработено, чесно и силно.

Сцена со Ана Стојановска
Сцена со Ана Стојановска
Во вашите филмови има многу „археологија“: значења, симболи, традиција… Дали останувате доследен на тој филмски јазик и во „Кајмак“, или можеби ова е сосема нов пристап?

Од себе не се бега. Ткивото на моите филмови е исто, ДНК на ист човек, дури и кога жанровите се различни – хорор, надреален вестерн, експериментален псевдо-документарец, црна комедија… Гледачот – и кај нас, и во светот – ќе го препознае мојот филмски јазик. Значењата и симболите ги работам интуитивно и лефтерно, па затоа радува кога тие имаат резонанца кај гледачот. И се случува да добијам писма од обичен гледач во Бразил или во Кина, или да прочитам академски есеј, во кои се анализираат симболи и значења во моите филмови за кои не сум бил ни свесен – што не значи дека се помалку валидни. Напротив, тоа значи дека дошле од најдлабокиот потон.

Кога очекувате да го завршите филмот и кога публиката би можела да го види?

Во моментов го монтираме филмот во Дебар Маало со екипа од Холандија, Англија и одлични домашни професионалци. Работиме тивко, ама со многу радост. Кога тоа ќе го завршиме, звукот ќе го обработуваме во Амстердам, а сликата во Копенхаген.  Визуелните ефекти ги работи Мишо Ристов, а музиката Данскиот гудачки квартет. Ќе го завршиме напролет, а премиерата би била наесен.