ИНТЕРВЈУ со Михаил Теохаров од „Аудио Култура“: Простор во кој се промовираат звучни вредности

Средбата со Михаил Теохаров, менаџер на „Аудио Култура“, ни овозможи влез во звучното царство на брендот „Теохаров“, но ни откри и уникатен аудиопростор наменет за дружење, социјализација, презентација и промоција.

Многу наука, истражување, преслушана музика, но и љубов, страст и пасија кон висококвалитетниот звук се креативната и идејна основа на просторот „Аудио Култура“. Првобитно замислен како продажен салон, со одличниот архитектонски дизајн станува ретко катче во градската бетонска џунгла кое е посветено главно на аудиофилите, но и на сите што сакаат и можат да ги почувствуваат вибрациите произведени од висококвалитетна рачно изработена аудио-опрема.

Што точно е „Аудио Култура“, како простор и како дејност?

– Произведуваме аудио-опрема повеќе од 10 години. Од денешен аспект можеме со гордост да потврдиме дека имаме сериозно квалитетен производ што сакаме да го направиме подостапен за сите. Затоа ја создадовме „Аудио Култура“.

Како концепт и како замисла „Аудио Култура“ е место каде што сакаме да ги презентираме нашите производи, како и производите за кои сме застапници, а тоа се повеќе светски брендови познати во аудиосветот, како Фокал, Рега, Наим. Од друга страна, „Аудио Култура“ не е само продажен салон. Во практична смисла, тоа е катче во кое може да се слушне квалитетна музика на висококвалитетна опрема во убав архитектонски дизајниран амбиент.

Нашата идеја е „Аудио Култура“ да биде простор во кој со пијалак ќе може да се консумира музика репродуцирана на врвна опрема. Притоа, слушателот може да селектира од кој бренд аудио-опрема да биде репродуцирана музиката и на тој начин да го направи вистинскиот избор за себе. Нашите планови се „Аудио Култура“ да стане катче во кое ќе се случуваат убави настани поврзани со музиката, како радиоемисии во живо од овој простор, акустични концерти, но и промоции на нови музички изданија. „Аудио Култура“ не е само име. Тоа е простор што промовира вредности и силно се залага да постави повисоки стандарди во светот на музиката, но и да инспирира промени на подолг рок.

Како катче за аудиофили „Аудио Култура“ функционира од 29 јануари оваа година, но кој точно стои зад овој концептуален аудиопростор?

– Зад „Аудио Култура“ стои брендот „Теохаров“, под кој работиме заедно со брат ми Веселин Теохаров. Практично, целата работа потекнува од него, бидејќи тој е креаторот на производите на брендот „Теохаров“, додека мојата функција повеќе е насочена кон организација, менаџирање и маркетинг.

„Аудио Култура“ е продажен салон, но и катче во кое може да се слушне квалитетна музика на висококвалитетна опрема во убав архитектонски дизајниран амбиент (Фотографија: Влатко Секуловски)

Какви производи досега се имаат појавено под брендот „Теохаров“?

– Досега произведовме околу 30-ина модели на звучници, засилувачи и дистрибутери. Производите веќе сме ги претставиле и надвор од државата, на саеми во Белград и во Загреб, и сме добиле одлични оценки и впечатоци за квалитетот.

Што е спецификата на овој тип звучници?

– Станува збор за рачна изработка на производите, од замисла и конструкција до финален дизајн. Во нив се вградени драјверски единици од еден од најпознатите светски брендови „Сканспик“. Притоа се направени математички пресметки при конструкцијата на звучниците за да се добие врвен квалитет на звукот. Покрај конфигурацијата на драјверите, многу е важен и дизајнот на звучниците. Ќе истакнам дека не станува збор за масовно производство, туку нашиот пристап е на индивидуално ниво и може да се направат прилагодувања по желба на аудиофилот, а притоа да не биде нарушен квалитетот на звукот.

Од каде потекнува Вашата љубов кон чистата дефиниција на звукот?

– Љубовта кон квалитетниот звук и интересот за производство потекнуваат од брат ми. Веројатно тој тоа го носи во себе од раѓање. Откако јас знам за себе, брат ми слушаше, преслушуваше, купуваше компакт-дискови и во делот на изведбата постојано трагаше по најквалитетниот звук. Засилувачите и звучниците што сме ги имале дома отсекогаш ги расклопувал, ги преправал и правел сѐ за да добие подобар звук. Сето тоа се случува дваесетина години наназад. Во тој период, освен слушање квалитетна музика, вградени се многу наука, многу истражувања и, секако, многу страст и пасија, кои како резултат дале неколку прототипови на опрема што ќе може да репродуцира максимално квалитетен звук.

Го создадовме „Аудио Култура“ како простор што промовира вредности и силно се залага да постави повисоки стандарди во светот на музиката, но и да инспирира промени на подолг рок

Тоа што го правите малку е спротивно на времето во кое живееме, особено по појавата на форматите мп3 и мп4, наменети за дигитално складирање на музиката. Колку со овој начин на работа се обидувате да останете во аналогното време на звукот?

– Искуствата со луѓето што досега го посетиле нашето аудиокатче, се дека не сакаат да слушаат музика од извор во формат мп3 или мп4, бидејќи голем дел од продукциските елементи се скратени при дигитализацијата. Денес постојат многу други дигитални формати достапни за повеќето комерцијални уреди за репродукција, кои овозможуваат бескомпромисно уживање во аудиорепродукцијата, земајќи предвид дека сега се лесно достапни мемории со огромен капацитет за многу ниски цени на кои едноставно се складираат и подолгите формати.

Напротив, ние не остануваме само на аналогното, бидејќи имаме пасивни но и активни звучници, кои во себе содржат дигитален контролер и дигитални засилувачи. Целата идеја е репродукцијата на звукот да остане непроменета, односно недеформирана. За да се добие квалитетен звук, покрај засилувачот и добриот сет звучници, мора да постои и добар извор – без оглед дали е дигитален или аналоген. Тоа значи дека правиме обид да добиеме идеална ситуација на репродукција на звукот, како што го замислиле авторот и музичкиот продуцент. Од изворот, односно компакт дискот или винилната плоча, звукот ќе биде пренесен низ целиот систем на засилувач и звучници без никакви изобличувања и ќе ги покаже најдобрите перформанси.

Сега веќе имаме и активни системи на звучници во кои се вградени уреди со кои може да се репродуцира музика во дигитален формат, од било која мемориска локација и притоа, се користат музички формати со висока резолуција, кои носат беспрекорно ниво на квалитет на музичкиот материјал.

Во научна или техничка смисла, што се губи од квалитетот на музиката кога ќе биде поставена во мп3 или мп4 форматите?

– Еден од првите компресирани дигитални формати кој е измислен, сега веќе одамна, е мп3, кој зафаќа малку меморија и отфрла од себе голема количина од хармониците присутни во музичкиот материјал, по алгоритам кој е доста комплексен, а притоа се труди да го задржи квалитетот колку е тоа возможно. Материјалите снимени со 64кбпс се со сиромашен квалитет за уреди со мал капацитет на меморија или за пренос преку интернет. Со зголемување на брзините на интернетот и мемориските единици и мп3 форматот се зголеми до 320кбпс, со што многу се подигна квалитетот на оваа компресија.

Вредно е да се напомене дека уредите што можат да репродуцираат мп3 денес веќе можат да репродуцираат и дигитални формати со повисок квалитет и буквално без компресија. Еден од нив е флак, кој е поддржан од речиси сите мултимедијални уреди за репродукција.

На глобално ниво се враќа трендот на издавање винилни плочи. Дури и македонските групи, кога ќе објават нов албум, покрај дигиталните изданија настојуваат да објават и стотина примероци на винил. Како гледате на тој тренд во аудиофилска смисла?

– Факт е дека трендот на плочите, винилите или лонгплејките, како што ги нарекуваме, се враќа назад. Сме имале можност да се сретнеме, но и доаѓале во „Аудио Култура“ луѓе што сакаат да слушаат музика само од грамофон, како основен извор на звукот. Некогаш станува збор за навика, но веројатно и самото „гребење“ на иглата врз плочата го создава чувството што ги примамува. Не би можел да кажам кој е мотивот на издавачите, но сигурен сум дека има и маркетиншки моменти, особено знаејќи го карактерот на луѓето што се колекционери на музика и кои сакаат максимално да уживаат во квалитетот на звукот.

Овде треба да се напомене дека преносот на сигнал во негова природна аналогна форма е возможен само преку винил, бидејки касетофоните и ленташите се одамна комерцијално недостапни, можеби ова е и еден од мотивите на оваа група слушатели.

Колекционерите се специфичен слој луѓе и дефинитивно се фанатични аудиофили. Успевате ли да ги препознаете кога ќе се појават во Вашето аудиокатче?

– Голем дел од аудиофилите не можете да ги препознаете на улица. Иако се страстни колекционери на музика и уживаат во вистински звук, често се занимаваат со професии што не се ниту блиску до музичката продукција. Некои се лекари, адвокати, финансиски консултанти, електроинженери, а има и политичари. Она што ние го препознаваме е желбата на тие луѓе, пристапот, очекувањата, па и знаењето.

Среќни сме што секој што дошол го препознава квалитетот, нашето знаење и отвореноста за обострана едукација и делење на искуствата. Музичарите, аудиофилите и сите оние кои вака или онака слушнале за Теохаров и биле во нашето катче се воодушевени од звукот што го слушнале на поставената опрема во саундкорнерот. Се надеваме дека секој што ќе ги слушне позитивните впечатоци, ќе дојде за самиот да се увери. Кај нас секој е добредојден и секој е потенцијален купувач.

На кој начин е поделен просторот во „Аудио Култура“?

– Уште кога го замислувавме просторот, сакавме да создадеме место за продажба на аудио-опрема, но не сакавме тоа да биде само продавница, туку да нуди квалитет повеќе. Така се појави идејата да создадеме простор во кој прво ќе може да се слушне звукот што го дава опремата која е изложена, а потоа секој да си одлучи дали таа му одговара на потребите.

Луѓето од аудиосветот сакаат да го консумираат звукот во убава атмосфера. Затоа првиот, или влезниот, е комерцијален дел каде што може да се најдат различни брендови и производи. Саундкорнерот се наоѓа повнатре и е простор во кој се поставени различни системи што наизменично може да се слушаат со цел да се направи споредба на звукот што го дава секој систем поединечно, како и да се ужива музиката во добро друштво и пијалак.

Третиот сегмент е посебно аудиокатче кое е со физичка преграда од останатиот дел од просторот во кое аудиофилот може да се изолира од останатиот свет во амбиент сличен на домашниот и да ужива во звукот што се репродуцира.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 22, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 март 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот