Интервју со Михаил Ренџов: Поетот се раѓа, тоа е божје ухание

На своите 84 години поетот Михаил Ренџов е прилично активен и витален, посетува културни настани, дома ја подготвува новата стихозбирка, а зачестија и наградите за неговото творештво, што беше повод да го посетиме во неговиот дом.

Книжевното азно на поетот Михаил Ренџов е збогатено со две нови награди. Во септември му беше врачена наградата „Книжевен жезол“ за 2020 година од страна на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), додека на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ ја доби наградата „Антева златна книга“, односно Почесно антево перо за животен поетски опус.

– Поемите на Михаил Ренџов, како и целата негова поезија, имаат смелост да нѐ соочат со многубројните (ќор)сокаци во кои заглавил современиот човек. Секако, поезијата на Ренџов не нѐ остава на очајот и темнината, туку извонредно сугестивно нѐ носи до пределите на надежта, светлината, восхитот и вознесот. Поезијата на Ренџов е и монолог со себеси и дијалог со светот – напиша Владимир Мартиновски во текстот „Душописот на Михаил Ренџов“, објавен во стихозбирката објавена по повод добивањето на наградата „Книжевен жезол“.

Досега имате добиено многу награди, но како Ви доаѓа на душата што нови награди Ви пристигнуваат за поетското творештво?

– За моето творештво ги имам добиено речиси сите значајни книжевни награди, Рациново признание, „Глигор Прличев“, „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, како и општествените „11 Октомври“, наградата „8 Ноември“ на градот Штип, од каде сум родум, така што во еден период почувствував дека сум презаситен од награди. Самиот никогаш не сум се борел да добијам награда, а тие секогаш доаѓале како резултат на мојата работа. Кога го добив „Книжевниот жезол“ на ДПМ, некако почувствував дека, можеби, требаше да го добијам многу порано, но имав некои противници во друштвото, кои не ми го доделија. Сега дојде точно навреме, затоа што веќе има напишано триесетина книги, имам богат творечки опус, а веќе и во животот имам 84 години, така што наградата ми дојде како освежување и како миг на радост во ова матно време. И на доделувањето кажав дека во ова матно и тажно време ја почувствував радоста затоа што не ме заборавиле мене и мојот творечки ангажман.

Владимир Мартиновски и Михаил Ренџов на доделувањето на наградата „Книжевен жезол“

На врачувањето на наградата „Книжевен жезол“ во рамките на „Празникот на липите“, професорот Владимир Мартиновски во беседата за вашето творештво употреби еден неологизам – душопис. Од каде потекнува тој збор?

– Имам објавено книга во Штип, која беше насловена „Ракопис – душопис“. Ракописот фактички е огледало на душата. Има психолози и антрополози кои според ракописот ја читаат душата на човекот. Самиот си реков дека ракописот е душата. Во ракописот се чувствува дишењето, се чувствува животот, мислата, душата. Затоа реков дека тоа е душопис. Дури и тоа што сега го пишувам е душопис. Подготвувам една книга која е со наслов „Јас“ и се опишувам себеси. На крајот на краиштата, никогаш не сум бегал од сопственото битие, се разбира, со додавки на она што го гледам во светот и околу себе. Тоа се манастирите, црквите, историските и културни споменици во градовите Охрид, Штип, Битола и други. Сум пишувал за сето она што го заинтересирало моето творечко битие. Но, јас сум во прв план, бидејќи се кажувам себеси, моите доживувања, моите таги и болести, но и моите радости. Во книгата „Јас“ ќе има и дел што ќе го наречам „Јас и тие“, а тие се Анте Поповски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, тие што биле околу мене како пријатели и како творци. Чувствувам дека сум дојден на овој свет да се кажам себеси, да ја искажам тагата во душата и мислата во главата.

Корица на книгата „Ракопис – душопис“

Целото Ваше творештво е поврзано со душата и со духовното. Каков е тој нагон што постојано ја одржува духовноста?

– Мислам дека оригиналното творештво, тоа што е душописот, тоа што сум јас и тие што се моите пријатели е суштината на живеењето. Откако знам за себеси, го набљудувам светот и тоа што ќе го забележам го кажувам во стих. Завршив Правен факултет според тоа како тогаш ги даваа стипендиите, меѓутоа сум задоволен од правото затоа што ги гледа животот и луѓето од правен аспект. Но, на правото не му посветив внимание, бидејќи кога завршив се вработив во Центарот за култура, а потоа во НУБ „Св. Климент Охридски“, каде поминав 30 години. Секогаш гледав да му помогнам на своето човечко битие себеси да се истражи. Бидејќи сум роден во 1936 година, во овој свет ги доживеав ропството, ослободувањето, одењето на училиште, немањето учебници, пишувањето и така натаму. Веќе сум кажал дека не постои потажна историја од историјата на македонскиот народ. Тоа е чудо. Од турско во српско, па во бугарско, на крајот и во удба-ропство. Такво беше времето. Македонскиот народ е многу намачен и истрадан. Природата не прави скокови, а ова што ни се случува е дел од нашето живеење. Знаете ли какво задоволство беше кога во 50 и некоја година купивме радио? Тоа беше празник во нашето старо, но бедно семејство. Од друга страна, црквата ни беше нашето душолечилиште, каде одевме да се помолиме на Бога да ни ги одземе тешкотиите и маките од живеењето.

Едно од најцитираните Ваши дела се „Псалми“. Како се родија Вашите псалми?

– Од дете живеев како верник и како поклоник на Бога, на манастирите, на фреските, на иконите. И до ден-денес во мојата соба имам икона што сум ја наследил од дедо и прадедо, која ме поврзува со тој тежок и мачен, но во исто време духовен свет. Псалмите дојдоа како резултат на тоа што ми се случува, но со божествена преокупација и со божествено гледање на светот, и на маките и на тагите и на страдањата што ги дава на народот.

Композиторот Стојан Стојков ги искористи како лирски мотив во свои композиции, а на Деновите на македонска музика пред десетина дена беше изведена една од нив. Како се случи соработката со Стојков?

– Ние не сме другарувале, а на постари години тој како композитор, а јас како книжевник се појавија моменти што не поврзаа и не направија пријатели. Едноставно, и кога молчиме се разбираме. Тоа е едно прекрасно другарување. Живееме во исто време, со иста психичка градба и духовност. Тој се вљуби во мојата поезија, јас се вљубив во неговата музика и така се случи таа соработка со 20-ина текстови кои беа употребени во негови композиции.

По потекло сте од Штип, а долго време живеете во Скопје. Кога се појави мотивот Нерези во вашето творештво?

– Тоа е последица на мојата врска со манастирите, фреските и иконите. Каде и да одам се интересирам за тие белези на нашето постоење. Во Скопје дојдов во 1956 година, кога бев студент, а тогаш Нерези беше далеку. Во мислата доаѓавме до него. Откако се преселив во Скопје, почнав да одам на Водно, да го посетувам манастирот во Нерези и да се вљубам во тој крај околу манастирот, кој има прекрасна ренесансна уметност. Често пешачев до манастирот, а потоа си направив и мало куќарче во близина на манастирот, каде напишав голем дел од моето творештво. Нерези е фантазија, убавина и ренесанса која го краси Скопје.

Ние имаме учени поети, доктори, магистри, меѓутоа без божјето ухание не може да се напише убава поезија

Спомнувате времиња кога луѓето оделе пеш, кога другарувале и се веселеле, наспроти модерното време кога сите се со автомобили, а малкумина пешачат, со ковид-кризата дури сме принудени да се оддалечуваме еден од друг. Какво време живееме?

– Во однос на кризата можам да кажам дека се наоѓам во тешка душевна ситуација, не само поради короната, туку и поради промената во целиот свет. Чувствувам како и јас се менувам. Дури и откако ја направив куќата во Нерези, продолжив да одам пеш дотаму, бидејќи тој простор целосно го примами моето битие и моето постоење. Со короната морав да се приврзам за мојот дом во Скопје, иако сѐ уште пеш ги качувам скалите до мојот стан. Пешачењето по планините го надоместувам со качувањето по скали до мојот дом. Тоа е мојата душа, која секогаш сакала да бидам активен, да одам и да го набљудувам светот.

Кое време е творечко време за авторот, за уметникот?

– Поетот се раѓа, тоа е божје ухание. Секој не може да биде поет. Ние имаме учени поети, доктори, магистри, меѓутоа без божјето ухание не може да се напише убава поезија. На никого не му е забрането да пишува, но без божјето ухание нема вистинско творештво. За себе мислам дека му припаѓам на тој духовен свет, бидејќи и досега имам кажано дека јас не пишувам – јас издишувам. Издишките ги собирам, ги одбирам и избраните ги запишувам. Значи моето постоење и моето дишење е мојата поезија.

Колку короната ќе успее да го промени светот и да нѐ оддалечи од соборноста и духовноста?

– Короната дојде и како казна и како предупредување на човештвото, бидејќи духовноста пропадна во целиот свет, а исто така, и кај нас. Сега ги немаме комшиството, пријателството, другарството. Останаа како поими, но сега ги нема меѓу нас. Живеев во свет во кој другарувањето беше голема љубов, не зближуваше како луѓе, ги разменувавме мислите, желбите, страданијата, духовноста. Короната дојде како предупредување да обрнеме внимание на небесата и на себеси. Западниот начин на живеење дојде и кај нас, а тоа е отчовечување и отуѓување од себеси и од Бога. Предупредувањето е ако продолжите на овој начин, ќе се избришете себеси, а тоа е апокалипсата.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 51, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот