Интервју со Марјонка Велјановска, извршен директор на „Фармахем“: Потешко се забележуваат резултати постигнати од жена, а лесно се признаваат кај мажите   

Колку побрзо стигнуваат квалитетни жени на раководни позиции во бизнисот, политиката, науката, културата, уметноста, толку побрзо ќе се приближиме до развиениот демократски свет, вели Марјонка Велјановска во интервјуто за „Женски печат“.

Во едно традиционално општество во кое промените доаѓаат споро, а родовите стереотипи се многу раширени, во општество со поразителни статистики – во кое само два отсто жени се на високи раководни позиции во приватниот сектор, а само шест проценти жени се директорки на јавни претпријатија, општество во кое жената на раководна позиција е трипати помалку платена во однос на своите машки колеги, задоволство ни е да разговараме со една исклучителна жена на раководна и многу одговорна позиција, Марјонка Велјановска. Безмалку деценија и пол, Велјановска е извршен директор на „Фармахем“, а статистиките во оваа компанија ги уриваат стереотипите – сопственичка е жена, извршен и финансов директор се жени, од раководителите на сектори пак, четворица се мажи, а четири се жени.

Во време на климатски промени и глобална здравствена криза, решивме јубилејот да го одбележиме со засадување 75 дрвја во паркот во Сарај и во Ѓорче Петров.

На 1 октомври, компанијата „Фармахем“, каде што сте извршен директор 14 години, прослави 30-годишен јубилеј на необичен начин – со засадување дрвја. Како изгледаше прославата, кој сè беше дел од неа и колку дрвја засадивте и каде?

– Триесет години постоење на „Фармахем“ е навистина голем јубилеј, особено во контекст на Македонија. Го славиме во исклучително тешка година заради глобалната ковид-криза. Во време на климатски промени и глобална здравствена криза, решивме јубилејот да го одбележиме со засадување дрвја во паркот во Сарај и во Ѓорче Петров. Во заедничка акција со сите вработени, засадивме 30 јавори во чест на 30-годишнината и 45 садници од декоративното растение келреутерија. Вкупно 75 дрвја, со што одбележавме и 75 години од раѓањето на основачот на „Фармахем“ – д-р Јосиф Таневски.

Денот помина во прекрасна свечена атмосфера, на отворено, со почитување на заштитните мерки за ковид-19 и со убаво чувство дека придонесуваме за почист воздух и попријатна животна средина во општината. Ние често сме во природа, на заеднички излети со сите вработени, на семинари за развој на тимска работа или за успешно раководење со тим, како и на службени патувања поврзани со екологија и заштита на животната средина. Мислам дека дури и да не беше пандемијата, ќе го одбележевме јубилејот на сличен начин, но ќе беа поканети и нашите почитувани партнери, клиенти и соработници, без кои успехот на „Фармахем“ ќе беше невозможен.

Можам со задоволство да кажам дека „Фармахем“ низ 30 години постоење прерасна во препознатлив бренд во сите лаборатории во Македонија – во прехранбената, фармацевтската индустрија и многу пошироко, но и бренд во областа на консултантството за заштита на природата и животната средина. Брендот го карактеризира висок квалитет, интегритет, професионален пристап и општествена одговорност.

Во последните осум години тимот работи на спроведување на „Програмата за зачувување на природата“, со посебен фокус на Источна Македонија, регионот по течението на реката Брегалница.

Заштитата и вложувањата во животната средина не ви се туѓи, напротив. Во рамките на самата компанија имате и сектор за животна средина и лабораторија за животна средина, која ги следи европските трендови во областа на заштитата и унапредувањето на животната средина. Со што всушност активно се занимава секторот, а со што лаборатoријата?

– Секторот Еколошки консалтинг е дел на „Фармахем“ од самото формирање на компанијата, што сведочи за визионерството на Јосиф Таневски, затоа што додека денес климатските промени и одржливиот развој се секојдневно дебатирани во медиумите и многу фирми се обидуваат да придонесат кон заштитата на животната средина, некои суштински, а некои за рекламни цели, пред 30 години екологија и заштита на животнта средина не беше висок приоритет. Колегите во секторот низ годините имаат сработено многу проекти за заштита на животната средина и зачувување на биолошката разновидност во Македонија. Патем речено, многу луѓе не се свесни дека по биолошката разновидност Македонија е една од најбогатите во Европа. Тоа е нешто со што можеме да се гордееме, но и да го заштитиме и сочуваме за идните генерации.

Во последните осум години тимот работи на спроведување на „Програмата за зачувување на природата“, со посебен фокус на Источна Македонија, регионот по течението на реката Брегалница. Програмата е финансиски поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка. Целта на оваа Програма е да ѝ помогне на држвата да ја зачува природата преку промоција на одржливо користење на природните ресурси, а главен столб на Програмата, којшто се надеваме е на дофат, е дел од Осоговските планини да биде прогласен за заштитено подрачје. Тоа е од огромна важност и за локалното население и за целата држава. Можеби слушнавте за кампањата „Осогово и лично и различно“.

„Фармахем“ лабораторија за животна средина е прва акредитирана лабораторија во Македонија со одделенија за тестирање и калибрации, кои ги покрива стандардот ИСО/ИЕЦ 17025 (ISO/IEC 17025). Лабораторијата за животна средина е акредитирана за тестирање на мерни параметри од животна средина, на пример во површински и отпадни води, тестирање на штетни материи при емисија од стационарни извори во воздух, тестирање на квалитет на амбиентен воздух, бучава, но и за калибрација на инструменти за волумен и за сила.

„Фармахем“ во март 2019 година учествуваше на јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој со проектот МИКРОЕКО и беше избран за финансиска поддршка. Проектот предвидува иновативен производ за третман на почви загадени со пестициди, со помош на микроорганизми. Ефикасноста на овој третман ќе се следи со анализа на пестицидите во почвата, со акредитирани методи токму во лабораторијата за животна средина. Многу сме возбудени со оваа иновативна работа што ќе придонесе за прочистување на почвите и, со текот на времето, ќе ги помогне трендовите за органско производство на храна.

Останувајќи на истата тема, неизбежно е да напоменеме дека „Фармахем“ е заслужна за реализирањето на македонскиот филм „Медена земја“. Како се случи медената приказна од идеја до реализација?

– „Медена земја“ е документарен филм што беше номиниран за Оскар во две категории, кој доби многу награди на европски и светски филмски фестивали. Речиси нема човек што не слушнал за филмот или за главниот протагонист во него, Атиџе. Она што е помалку познато е дека снимањето на филмот започна уште во 2015 година, во рамките на гореспоменатата програма за зачувување на природата на „Фармахем“. Иницијалната идеја беше да се документира проектот и да се направи документарен филм за регионот, за природата, за одржливото производство на мед. Благодарение на креативната филмска екипа и прекрасната личност на Атиџе, снимањето ги надмина рамките на проектот и прерасна во фантастичен документарен филм. Филмот, покрај социјалната приказна, ја пренесе и пораката за важноста на одржливото користење на природните ресурси како моќна порака за влијание врз промени. Исто така, филмот ја стави Македонија на глобалната мапа, низ одличните рецензии во многу реномирани медиуми. Се разбира, успехот им припаѓа на режисерите и на филмската екипа. Но  мислам дека е фер да се спомене дека заслуга за раѓањето на филмот имаат и еко-тимот на „Фармахем“, кои покажаа слух за идејата и Швајцарската агенција за поддршка и развој, што го одобри буџетот за снимање на филмот.

Успехот на „Медена земја“ им припаѓа на режисерите и на филмската екипа, но фер е да се спомене дека заслуга за раѓањето на филмот има и еко-тимот на „Фармахем“, кој покажа слух за идејата.

Што е следно на Вашата промотивна листа што се однесува на заштита на природата?

– Еко-тимот на „Фармахем“ е предводник во Македонија во развивање и поддржување на сите идеи за заштита на природните богатства што ги има нашата земја, шумите, реките, биолошката разновидност. Секако, и за намалување на загадувањето. За конкретни активности, повеќе во некоја друга прилика. Прво „Прогласување на Осогово за заштитено подрачје“.

Општествено-одговорното делување израснало од идејата компаниите кои успешно работат, на доброволна база да ѝ „вратат“ на широката заедница дел од сопствениот профит, главно преку филантропски активности. „Фармахем“ континуирано вложува во општествената одговорност“ – стои во портфолиото на компанијата. Што денес значи да се биде општествено одговорна компанија во Република С. Македонија и зошто општествената одговорност е важна?

– Како што веќе споменав, општествената одговорност е вградена во темелите на „Фармахем“. Ние сме повеќе насочени кон поддржување на идеи и иницирање проекти кои имаат подолготрајно влијание врз животната средина и врз општествениот развој, отколку кон филантропија. Општествената одговорност исто така подразбира одреден стил во раководењето со фирмата, кој вклучува грижа за работната средина, за добросостојбата на сите вработени, континуиран професионален развој со следење на најновите научни сознанија во сите полиња на делување, транспарентно раководење и адекватна вклученост на вработените. На некој начин, општествената одговорност е дел од нашата култура во фирмата, дел од работната етика и стил.

Јас сум среќна што работата на развивање и одржување на оваа работна култура е препознаена и признаена – „Фармахем“ само минатата година доби седум меѓународни и национални признанија за општествена одговорност, меѓу кои и престижната награда за унапредување на човековите права во бизнисот.

Дали и на кој начин општествената одговорност влијае на одржливоста на самата компанија?

– Секако дека влијае. Колку што е поздраво општеството, толку е поздрав и бизнисот. Зборувам за бизнисите со интегритет. Мотивацијата на сите вработени е поголема кога знаеме дека нашата работа ги надминува целите на профит туку придонесува за заштита на природата, за унапредување на животна средина, за подобрување на бизнис-стандардите и на општествената клима во целина. Нашето работење има влијание не само сега и овде, туку влијае и на условите за живот и работа што ќе ги имаат наредните генерации, нашите деца и внуци. Мотивирани и компетентни вработени се од непроценлива вредност за секоја компанија. Во „Фармахем“ се стремиме да создадеме атмосфера на припаѓање, на заедница, на одговорност. Велам се стремиме, зашто некогаш ни успева, некогаш има тешкотии, се разбира. Но, не се откажуваме од главните вредности.

Деценија и пол компанијата ја раководи жена, односно Вие, и тоа очигледно во вистинска насока. За жал, во нашата земја, со само два отсто жени на високи раководни позиции во приватниот сектор и со само шест проценти жени директорки во јавните претпријатија, сме далеку од просекот на економските и демократски развиени земји. Дополнително, според податоците, жените на раководни позиции се трипати помалку платени во однос на нивните машки колеги. Колку е тешко да се биде жена на лидерска позиција? Кои се најголемите предизвици на оваа тема со кои се соочувате?  

– Што да кажам, статистиките се поразителни. Секаде во светот односот на мажи и жени на раководни позиции е нееднаков, ама процентите во Македонија, и во приватниот и во државниот сектор, се исклучително ниски, да не кажам средновековни. Неодамна читав европски споредбени статистики, според кои Македонија е далеку под просекот на земјите од Европската Унија, во речиси сите параметри на родова еднаквост. На пример, жените во Македонија ги извршуваат најголемиот дел од домашните работи, заработуваат многу помалку од мажите, честопати немаат пристап до финансиски средства. Жените се само околу 39% од вкупниот број на вработени во Македонија. Значи, зборуваме за базични стандарди, а не за раководни места или политичка моќ. Има многу простор за подобрување.

Треба активно да се работи на родова еднаквост, нема статистиките да се променат сами од себе. Треба законски рамки, треба промена на свеста, треба конкретни политики насочени кон еднакви можности и поголема застапеност на жените во раководење на бизниси и во други области. Се надевам дека како што Македонија фаќа чекор со другите демократски текови на развиениот свет, ќе се промени и состојбата со родовата еднаквост. Или обратно, колку побрзо ќе стигнат квалитетни жени на раководни позиции во бизнисот, политиката, науката, културата, уметноста, толку побрзо ќе се приближиме до развиениот демократски свет.

Во „Фармахем“ статистиките се сосема поинакви. Сопственичката е жена, извршен и финансов директор се жени, од раководителите на сектори четворица се мажи, а четири жени. Моите лични предизвици и согледувања се дека многу потешко се забележуваат резултатите постигнати од жена, потребно е постојано докажување, а автоматски лесно се признаваат кај мажите.

Зошто според Вас, бизнисот е сè уште „машки свет“ и што треба да се направи да се помрднат работите во полза на жените лидери?  

– Ние сме многу традиционално општество во кое промените доаѓаат споро. Родовите стереотипи се многу раширени. Образованието е многу важно. Но треба промена и во легислативата, треба подобра општествена инфраструктура, на пример во однос на број и пристапност на градинки за малите деца, на организирана грижа за старите луѓе, тоа се некои од факторите кои за многу жени претставуваат пречка за развој на кариера и за прифаќање на лидерски позиции. Треба поддршка за започнување приватни бизниси, регулатива за родителско отсуство и за мажите, многу, многу работи. Ни треба да се рестартира тркалото. Добри примери од кои може да се учи има во Европа, особено во скандинавските земји статистиките се значително подобри. Но пред сè треба да се препознае дека родовата нееднаквост е проблем, не само во бизнис-сферата, туку во целото општество. Еве пример, вие како новинарка придонесувате кон зголемување на свесноста на читателите на оваа тема.

Фотографии – Драгољуб Николовски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот