Фото: Приватна архива

Интервју со Маја Милошевска, професионален возач: Последниве години автоспортот во Македонија е во изумирање и тажно е што нема трки

Потекнува од тркачка фамилија, па вели дека е природно да сака да се занимава со овој спорт свесна за ризиците, но кога е адреналинот во прашање, ништо не може да ја спречи да седне зад воланот.

Маја Милошевска, една од ретките дами кај нас, која со години се занимава со автоспорт и учествува на ваквите натпревари. Потекнува од тркачка фамилија, па вели дека е природно да сака да се занимава со овој спорт свесна за ризиците, но кога е адреналинот во прашање, ништо не може да ја спречи да седне зад воланот. Витрината ѝ е полна со пехари, а успесите мотив, иако е жена да успее во овој спорт. Со Маја разговараме во интервју за „Слободен печат“.

Маја, како една од ретките дами кај нас која се занимава со автоспорт и учествуваш на вакви натпревари, што е потребно за некој да се занимава со ова работа?

– Како и за секој друг спорт, така и за автоспортот постојат клубови во кои се зачленуваат вљубениците во него и каде што започнува и се развива кариерата на автомобилистите. Но, во однос на другите спортови, автомобилизмот е поскап спорт и бара многу голема вложување. Веќе 17 години сум член на Авто картинг клубот „Никола Карев“.

Фото: Приватна архива

Од каде љубовта кон автоспортот и кога првпат седна зад воланот?

– Потекнувам од тркачка фамилија. Мојот татко и неговите браќа се занимавале со автоспорт уште од нивната младост и настапувале во шампионатот во автомобилизам на Југославија. Уште од најрана возраст бев присутна на трките, а редовно ги следев и светските шампионати во автомобилизам. Затоа, кога почнав да се занимавам со автомобилизам, никој не беше изненаден од мојата одлука. Кога растеш во таква фамилија, јасно е дела количките ти се главна играчка, а се запознаваш со воланот од рана возраст.

Во кои дисциплини од автомото спортот си учествувала и можеш ли да се сетиш на првата трка?

– Почетоците ги направив со картинг во 2004 година. Тогаш беше организиран и Еуро паласт картинг купот, кој се состоеше од неколку трки низ Македонија. Следната година започнав да го возам женското рели, кое ми беше отскочна штица за да настапувам заедно со Марклена Димитровска во шампионатот на Бугарија во женско рели. Од 2005 до 2007 година во Македонија беа одржани три релија со олдтајмери, а јас настапив на сите, со возилото опел кадет. И во 2009 година настапував на неколку трки. Потоа одлучив да почнам да се натпреварувам и на две тркала, па настапував во шампионатот на Македонија со скутери. Во 2017 година за првпат настапив во шампионатот на Косово во дисциплината автослалом, во кој настапував и во сите следни сезони. Во 2019 година имав зацртано да настапам барем на една трка од шампионатот на Србија во автослалом, со оглед на нивото на развиеност на автоспорт во Србија. Настапив на последната трка од сезоната во Белград и тоа беше одлично искуство, затоа што беше ридски слалом, каков што немав возено дотогаш.

Фото: Приватна архива

Колкав е ризикот и дали кога си дел од една трка, размислуваш ли на можните ризици?

– Ризикот е различен во зависност од дисциплината, но затоа составен дел на секое натпреварување е безбедносната опрема, која има за цел да го заштити натпреварувачот. Главно фокусот ми е насочен кон постигнување резултати и не размислувам за ризик.

Кој успеси би ги издвоила?

– Искрено, имам многу пехари и признанија, а секој настап е едно искуство повеќе, кое ја збогатува кариерата. Витрините ми се преполни со пехари. Во сезоната 2019 година од четири автослалом трки на кои настапив од шампионатот на Косово, забележав 4 победи, ја освоив шампионската титула во отворениот шампионат во автослалом, на автослалом трката во Белград го освоив третото место во отворениот шампионат. Во 2018 година ја освоив шампионската титула во шампионатот на Македонија во автослалом во класата на тркачките возила и третото место во генералниот пласман во класата на сериските возила. Во 2011 година станав вицешампион во Македонија во скутери, а во женското рели секоја година ме има на подиум.

Фото: Приватна архива

Како жена што се занимава со овој спорт, што е со предрасудите и сметаш ли дека има доволно жени кај нас кои се занимаваат со автоспорт?

– Во моето долгогодишно искуство во автомото спортот, никогаш не сум имала проблем од машките натпреварувачи да ме гледаат со омаловажување. Веројатно затоа што никогаш не сум оставила простор за тоа. Автоспортот сè уште важи за машки спорт, така што застапеноста на жените е мала.

Како сега кај нас стојат работите во однос на ваков тип натпреварување? Има ли доволно организирани натпревари или недостасуваат?

– За жал, последниве години автоспортот во Македонија ни е во изумирање. Сите гранки од автоспортот што ги развивавме со години се во тотален колапс, а Автомобилистичката федерација на Македонија како одговорна институција за автоспортот во Македонија, функционира само на хартија. Трки нема…

Фото: Приватна архива

За крај, потекнуваш од тркачка фамилија, свесна за ризиците. Колку оваа љубов му ја наметна и на твојот син?

– Заинтересиран е за автомобилизмот, го интересираат автомобилите. Уште од мал се натпреваруваше во шампионатот на Македонија во мини мото, но за среќа, сега е целосно посветен на фудбалот. За секој родител е помалку стресно детето да му се занимава со фудбал, отколку со мотоциклизам.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот