Интервју со Љупчо Нечовски, најголемиот евровизиски фан во Македонија: Разликите меѓу нас се само во умовите, но не и во срцата

Најголемиот фан на Евровизија во Македонија, Љупчо Нечовски, Фото: Приватна архива

Поактивното следење Евровизија, со бележење резултати, статистики и слично, го започнав во 2000 година и од тогаш до денес ме „вози“ тој филм, тоа чувство дека сведочам нешто каде не постои критериум за влез, каде што секој е прифатен онаков каков што е и само придонесува со својата нијанса кон тоа огромно шаренило на мелодии, јазици, култури, вели Љупчо.

Љупчо Нечовски има 31 година и работи како преведувач од македонски на англиски јазик и обратно. Во слободно време слуша и споделува музика, пее и членува во академскиот хор „Мирче Ацев“ веќе 12 години. Има големи апетити за истражување музички новости, но едно од најкарактеристичните негови обележја е неговото следење на Евровизија. Љупчо веќе 20 години го следи музичкото натпреварување со фанатична посветеност и сподели со „Слободен печат“ перспектива и длабинска анализа на обожавател на шоуто.

Евровизија гледаме сите, но Вашата ревносна посветеност е уникатна. Како се роди љубовта за музичкото натпреварување и како ја негувате?

– Првпат се сретнав со Евровизија на неполни 7 години, во 1998 година, кога Македонија учествуваше за првпат на овој натпревар и сето тоа беше толку многу најавувано по медиумите, па не одолеа ни моето семејство и на 9 мај 1998 сите бевме пред телевизор. Тогаш бев мал и рано си легнував, па не го проследив целото шоу до крај, но се сеќавам на импресиите од сцената, оркестарот, шарените државни знамиња и разноликите јазици на сите земји учеснички. Поактивното следење Евровизија, со бележење резултати, статистики и слично, го започнав во 2000 година и од тогаш до денес ме „вози“ тој филм, тоа чувство дека сведочам нешто каде не постои критериум за влез, каде што секој е прифатен онаков каков што е и само придонесува со својата нијанса кон тоа огромно шаренило на мелодии, јазици, култури… Токму поради ова ја сакам Евровизија, затоа што за секого има место и затоа што го поттикнува и го поддржува развојот и прикажувањето на нашите уникатни таленти и вредности, кои верувам дека секој од нас ги носи во себе, само ги буди во различни околности.

Фото: Приватна архива

Кои се најдобрите македонски евровизиски настапи гледано низ субјективна и низ објективна призма?

– Како песни и настапи на Евровизија што мене лично ми се многу драги, би ги издвоил оние на Владо Јаневски, „XXL“, „Некст тајм“, Калиопи, Јана Бурческа и Тамара Тодевска, затоа што сметам дека со овие претставници и песни, без оглед на конечните резултати, во исто време се претставивме доста автентично, но и бевме во тек со музичките и други трендови актуелни за времето во кое тие настапија. Од објективна гледна точка, би се согласил со мислењето на пошироката европска јавност, односно би ги издвоил нашите песни што оствариле најдобри пласмани, како оние на Тоше Проески, Каролина Гочева, Елена Ристеска, и повторно ќе ги спомнам Калиопи и Тамара Тодевска. Би рекол и дека „Црно и бело“ на Калиопи и „Proud“ на Тамара беа, според мене, најкомплетните пакети што Македонија ги презентирала на Евровизија, вклучувајќи одлични песни, пејачки и сценски настапи, кои соодветно беа наградени од европската публика.

Пред неколку денови напишавте отворено писмо до МРТВ во кое го критикувавте. Кои се недостатоците на организацијата според тебе и како може да се санираат?

– Како што напишав во тој статус, јас лично од позиција на гледач и евровизиски фан, добивам чувство дека пејачите што ја претставуваат Македонија на Евровизија, немаат секогаш потполна поддршка од јавниот сервис. Од една страна, верувам на сите ни е јасно дека МРТВ има лимитирани ресурси кога станува збор за нашето евровизиско претставување, но од друга страна, постои еден невидлив, психолошки товар, кој пејачите што нè претставуваат на Евровизија, се чини дека го носат сами. Се создава слика како улогата на МРТВ да запира во моментот кога ќе избереме претставник за на Евровизија, и како понатаму сè до главниот настан во мај, пејачите сета останата работа да ја вршат сами, со мала помош од своите продуценти, кој колку може. Секогаш кога од Евровизија се враќаме со поднаведната глава бидејќи не сме влегле во финале или не сме се пласирале солидно, сиот товар од негативна критика и одговорност паѓа на рамената и главите на пејачите и, според мене, најтрагично е што по сета таа низа од послаби резултати, јавниот сервис не остава впечаток дека се обидува работите да ги промени на подобро. Ете, за волја на вистината, оваа година одбраа поинаков пристап во селекцијата за претставник на Евровизија, но идејата за национален избор беше изведена прилично аматерски, и во таквите моменти нормално е кај јавноста, кај гледачите, да се создаде незадоволство и фрустрација, бидејќи сепак станува збор за јавен сервис финансиран од парите на граѓаните и верувам дека секој граѓанин сака да види полезност од тој негов придонес кон општеството.

Нечовски: 15 години едни исти луѓе нижат неуспеси на Евровизија, а никој од нив не бара одговорност

Сето ова може да се промени ако како јавен сервис навистина седнеме убаво да изанализираме и да најдеме некаков НЗС зошто во последниве неколку години немаме успех на Евровизија и како да го промениме тоа. Можеме да земеме пример од други земји како Шпанија, Франција, Литванија, Естонија, Полска, Србија и неколку други, кои по темелни промени во нивниот начин за селекција на евровизиски претставник, значително го имаат подобрено својот резултат на ова натпреварување. Како земја и како народ, нам ни недостасува (Скопски) фестивал, една национална платформа каде што би промовирале млади надежни музички имиња, пејачи, бендови, но и композитори. Да видиме прво што имаат тие да ни понудат, нека покажат резултат, па потоа да им се понуди можност своите музички креации да ги претстават и на Евровизија. Сметам дека ваквиот пристап ќе мотивира многу музичари кај нас, затоа што Македонија навистина има таленти. Еве, последниот национален избор ни откри прекрасни изведувачи како Андреа, Јон Ајди, Кали и другите, секој од нив со уникатен израз и музички печат. Имаме само една Андреа, еден Јон, една Кали, па ајде да ги поддржиме. Да дадеме простор каде што сите тие млади луѓе ќе ја промовираат својата музика, простор за здрава конкуренција меѓу нив.

ВИДЕО | Едноставна, а моќна: Андреа со одличен настап во Торино

Кои се светските трендови кога станува збор за Евровизија? Како може да се доближиме до поголем успех или барем до финалето?

– Ако ја ставиме Евровизија во една трендовска рамка, мислам дека самите победници на овој натпревар вообичаено се оние што диктираат трендови за понатамошните изданија. Но, ако морам да издвојам еден икс-фактор кој секогаш генерира успех на Евровизија, тоа е автентичноста и оригиналноста на пејачите, на песните или на земјата, односно културата што се претставува таму. Како прв и најпретставителен пример ќе ја посочам Украина, единствената земја што досега секогаш на Евровизија се пласирала во финалето. Украинските музичари ја најдоа својата формула за успех во совршениот преплет на традиционална музика автентична за нивната култура и онаа современата што лесно влегува во речиси сечие уво. Украинските претставници се секогаш едни од најоригиналните на Евровизија, од Руслана, па сè до „Go_A“ и нивните моментални претставници „Калуш оркестра“.

Исто така, како земја од ваков калибар на Евровизија би ја посочил и Италија, која од 2011 година кога се врати на евровизиската сцена, па сè до денес, дури 8 пати се пласираше во топ 10, благодарение на уникатниот продорен и емотивен звук на италијанската музика. Можам да кажам дека и некои други земји полека ја препознаваат оваа формула за успех и ја применуваат на некој свој автентичен начин и успеваат да реализираат одлични резултати. Тоа е формулата за успех: да се биде автентичен и уникатен, и сметам дека ние како земја треба да се фокусираме на тоа што нè прави уникатни, како нашиот македонски јазик и нашата македонска култура, која со малку повеќе труд може да ја преточиме во прекрасни песни, кои на Евровизија верувам дека може да бидат мошне успешни.

Фото: Приватна архива

Каква е Вашата прогноза за финалната вечер? Како ќе се избира победникот годинава? Дали некој друг освен Украина има шанса, со оглед на воените околности?

– Победникот веќе седум години се избира според систем каде што поени на песните доделуваат стручни жири-комисии составени од националните сервиси на сите земји учеснички, и публиката што следи Евровизија пред малите екрани, во сооднос 50-50. Да, Украина важи за главен фаворит поради војната и чувствата што таа ги буди кај Европејците, но сметам дека и покрај тоа, Украинците имаат солидна конкуренција. Како главни фаворити би ги издвоил претставниците на Шпанија и Обединетото Кралство, па и домаќините, Италија, кои оваа година ни нудат навистина добри песни со исто така многу добри сценски настапи. Тука би ја вброил и Констракта од Србија, не само затоа што ми е личен фаворит, но и според мене, оваа година ни го нуди најуникатниот и најоригиналниот пакет од песна, настап и порака, кои гледам дека допираат до многу луѓе низ Европа и покрај јазичната бариера.

Од година во година „карактерот“ на Евровизија се менува. Како изгледа иднината на музичкото натпреварување?

– Ја следам Евровизија повеќе од 20 години и можам да забележам дека технологијата и технолошките решенија се сѐ поприсутни во организациската структура на овој фестивал и натпревар. На пример, лани поради ковид-пандемијата за првпат Европската радиодифузна унија дозволи придружните вокали да бидат снимени на матрица, т.е. нивниот дел да не мора да се пее во живо, правило што остана во сила и за оваа година. Исто така, сметам дека социјалните мрежи и медиуми имаат големо влијание врз метаморфозите на Евровизија низ годините, па можеме да воочиме дека многу земји и делегации решаваат поголем акцент да стават на визуелното претставување на своите песни, за сметка на музичкиот дел. Тоа може некому не му се допаѓа, но ако новата генерација на евровизиски фанови го поставува тоа како критериум, ние од повозрасните генерации не можеме да се противиме на тоа, оти сепак, светот на младите останува. Освен ова, немам многу размислувано за тоа како Евровизија би се менувала во иднина и што би станало интересно и атрактивно. Само знам дека целта и смислата на Евровизија е да ги собере народите со различни култури на едно место, и да ги обедини во нивната оригиналност и автентичност. Едноставно, Евровизија ни покажува дека разликите меѓу нас ни се само во умовите, но не и во срцата.

Сите досегашни македонски претставници на Евровизија: „Proud“ нѐ направи горди, а цела Европа танцуваше на „Нинанајна“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот