Интервју со Лидија Димковска: Човештвото, како никогаш досега, има(ше) шанса да создаде поправеден свет

Авторката што не ги затвора очите пред реалноста, Лидија Димковска, минатата недела на својот фејсбук-профил ја објави песната „Распаѓање“, во која со поетски јазик го истражува процесот на пропаѓање, гниење и уривање на современото општество.

Повеќе убави вести поврзани со творештвото на Лидија Димковска, македонска поетеса, писателка и преведувачка што живее и работи во Словенија, стигнуваа во последниов период. Доби убави рецензии на романот „Но-Уи“ во Полска и во Хрватска, песната „Патување“ е објавена од Академијата на американските поети, ја доби наградата „Велењица – Чаша на бесмртноста“ на словенечкиот поетски фестивал „Лириконфест“.

Иако веќе 25 години е надвор од Македонија, а последниве 19 години со семејството живее и работи во Љубљана, таа, сѐ уште, своето творештво го пишува на македонски јазик. Како еден вид иницијација за разговорот со Димковска е песната „Распаѓање“.

Самиот наслов доволно зборува, но песната може да се почувствува како апел да не дозволиме домот, земјата и светот да се распаднат пред нашите очи. Така ли го доживуваш светот во кој сега живееме, во распаѓање?

– Мојот поетски субјект го доживува на таков начин поставувајќи ја тезата за распаѓањето како духовна, ментална, физичка и егзистенцијална појава, која има и свои причини и свои последици. Парадоксално, но светот во кој живееме се распаѓа токму кога однадвор се чини дека најмногу напредува – во економска, геополитичка и неолибералистичка форма. Напредокот на цивилизацијата денес, за жал, се мери со димензијата на материјалното богатство, консумеризмот, поседувањето, индивидуализмот, а не со димензијата на духовното богатство, знаењето, разбирањето, љубовта. Како, тогаш, да не се распаднат домот, земјата, светот, и сѐ друго, во (мета)физичка смисла?

Песната е моментална инспирација или е дел од поголем циклус на кој работиш во овој период?

– Песната „Распаѓање“ си ја имаше инспирацијата во повеќе наврати, и во блиското минато и во денешната сегашност, но овој период ја пронајде својата конечна идеална рамка, и содржинска и формална. Сепак, темата ме влече и понатаму да го истражувам со поетски јазик процесот на пропаѓање, гниење, уривање, односно распаѓање, па мислам дека ќе продолжам со циклусот, бидејќи распаѓањето е широк поим и може да се однесува на мноштво физички, духовни, душевни, политички и социјални појави и суштини што го засегаат човекот.

Во литературата отсекогаш ме влечела радикализацијата на книжевниот израз, да се премине границата на баналното и на вообичаеното и да се создаде нова реалност, пореална од постојната. Пишувајќи ја песната „Распаѓање“, размислував дали наместо тврдења да ставам прашални стихови, на пример – Земјата што се распаѓа / треба ли наврат-нанос да се напушти итн., односно да му оставам на читателот простор за одговор, но потоа, сепак, решив да му го наметнам мојот поетски став. Таа радикализација го става читателот пред свршен чин и од него зависи дали ќе се идентификува или не со неа. И едното и другото е добредојдено.

Светот, односно човекот, во основа сака да е онака како што беше, да се врати во старата нормалност, која беше сѐ, само не нормална

Во изминативе неколку месеци стигнаа неколку убави вести поврзани со твоето творештво и повеќегодишна работа. Што точно значи тоа што си добитник на наградата „Велењица – Чаша на бесмртноста“ за врвен поетски опус во изминатата деценија, иако сѐ уште пишуваш на македонски јазик?

– Да, на 18 јуни во Велење ќе се одржи ограничено издание на поетскиот фестивал „Лириконфест“, на кој ќе ми биде доделена наградата „Велењица – Чаша на бесмртноста“. Наградата го носи насловот на една од најпознатите песни на словенечкиот поет Антон Ашкерц, кого како дете го имав во училишната програма. Почестена сум што ќе добијам награда насловена токму според песна на поет што сум го изучувала во училиште.

Наградата се доделува за десетгодишен поетски опус и првпат во своето 15-годишното постоење ја добива авторка што не пишува на словенечки јазик, а наградата е наменета исклучиво за словенечките автори. Тоа е преседан во словенечката литература и затоа сметам дека наградата е двојна: и за мене како за авторка што живее во Словенија, пишува на македонски јазик, а книгите ѝ се преведуваат на словенечки, и за словенечката култура која на овој начин се надминува себеси, го шири својот канон, ги урива границите создадени од јазикот (кој неретко е идеолошки инструмент) и ја признава мојата поезија, напишана на друг јазик, за рамноправна со поезијата на другите добитници на наградата, кои пишуваат исклучиво на словенечки јазик.

Очигледно е дека одлично си прифатена во словенечкото општество. Колку години поминаа од твојот живот таму и какви културни мостови успеа да изградиш?

– Поминаа речиси 19 години од мојата преселба во Љубљана и постојано се трудам не само да градам мостови, туку и да внимавам да не пресушат реките под нив, и пишувајќи и преведувајќи, и учествувајќи во јавниот културен живот, пред сѐ, како долгогодишен соработник на меѓународниот фестивал „Виленица“ и како истражувач на емигрантската и малцинската литература во Словенија. Лично не верувам во концептот на чиста национална книжевност детерминирана исклучиво со јазикот на мнозинството, особено не денес, во 21 век, век на бегалства, миграции, номадизам, откорнатост, раселеност итн. Не верувам дека земјите во своите граници можат да имаат еднонационален систем во секоја смисла. За жал, тој сѐ уште постои во многу општества, па многу појави и во словенечкото сѐ уште треба да се промислат и да се променат за да може културата да биде во целост отворена кон сите што живеат и создаваат во неа.

Во Словенија живеат повеќе од 120 автори и авторки што не пишуваат на словенечки јазик – или се доселеници или се претставници на малцинствата, а нивната литература ретко кој ја познава и чита. Со години се залагам токму за нив, а во таа смисла уредив и две антологии на емигрантската, односно малцинската книжевност во Словенија. Можеби со уште неколкумина автори сум во повластената категорија на прифатени творци, но во суштина ситуацијата не е толку поволна и неретко зависи и од политичките струења во општеството. Бидејќи сум хронично алергична на национализам, локал-патриотизам и на сѐ што ги ограничува правата на другите, не можам, а да не се залагам за интеграција, а не асимилација на малцинските и емигрантските писатели. И во Македонија треба многу повеќе да се размислува за от/зат-вореноста на културата.

Неодамна Петар Андоновски доби Европска награда за литература. Какви се твоите искуства како носителка на Европската награда во 2013 година со романот „Резервен живот“?

– Наградата за литература на Европската Унија е убаво признание со благородна цел: нови преводи и нови читатели на наградената книга. Сигурна сум дека и на Петар Андоновски, како и на Гоце Смилевски, Ненад Јолдески и мене, како поранешни нејзини добитници, ќе му донесе убави книжевни средби, поширока рецепција на книгата, меѓународна признаеност, нов творечки поттик и убави книжевни пријателства.

Парадоксално, но светот во кој живееме се распаѓа токму кога однадвор се чини дека најмногу напредува – во економска, геополитичка и неолибералистичка форма

Пандемијата на коронавирусот привремено укина едно од основните човекови права – правото на слободно движење. Како ги чувствуваше затворените граници и неможноста да дојдеш во својата татковина во овој период?

– Прилично клаустрофобична беше помислата дека нема да можам да одам во Македонија во овој период, а и понатаму останува загриженоста дали ќе можеме со семејството да дојдеме во текот на летото, но не ја губиме надежта. Во овој период, сепак, пред сѐ, ме загрижуваше состојбата со епидемијата што во Македонија поминува низ критични фази. Прво беа одредени одлични заштитни мерки, на кои многумина можеа да им позавидуваат, па имав впечаток дека Македонија брзо ќе се справи со вирусот.

За жал, мерките што подоцна се носеа беа или непочитувани или контрадикторни: долги полициски часови пред и по кои народот нагрнуваше на јавните и на затворените места, попуштање пред „авторитетот“ на верските заедници, односно флертување на власта со нив (обично верските заедници флертуваат со власта, но овој пат беше обратно), отворање институции што не беа клучни за потребите на граѓаните, несовесност и неодговорност од многумина итн. – сето тоа за мене, која редовно ги следам случувањата во Македонија, беше разочарувачки. Сепак, се надевам дека последиците нема да бидат застрашувачки.

Еднакво силен израз носиш и во твоето поетско и во твоето прозно творештво. Општествената критика е присутна во секое твое дело, вклучувајќи теми како миграција, бирократизација, алчност, емотивно страдање. На кој начин би можело да се направи поправеден свет во новата „нормалност“, која се најавува по завршувањето на пандемијата со коронавирусот?

– Човештвото, како никогаш досега, има(ше) шанса да создаде поправеден свет, односно да влезе во нова нормалност во која ќе се почитуваат природата, човековите права, вистинските вредности, во кој капиталот нема да биде главен, а неолиберализмот ќе стивне по сета онаа долга хистерија на консумеризам и искористување, луѓето ќе имаат повеќе време за своите внатрешни потреби, културата и уметноста ќе станат поважни од политичките игри, здравството и образованието ќе бидат на прво место итн.

Морам да признаам дека верував во таква промена и епидемијата ми се виде како можност за нов почеток, со здрави мерила и критериуми за доброто на сите. За жал, тоа не се случи и нема ни да се случи. Светот, односно човекот, во основа сака да е онака како што беше, да се врати во старата нормалност, која беше сѐ, само не нормална. Тоа значи дека ни од оваа куса, но важна историја, нема да извлечеме поука за животот во иднина. Како авторка што не ги затвора очите пред реалноста, мислам дека сѐ што се случи во изминатиот период, ако не веднаш, тогаш во некое идно време ќе си најде одраз во книжевноста, можеби не како тема, туку, пред сѐ, како продлабочено соочување со човекот во себе и со светот што се распаѓа или, пак, одново се раѓа.

Словенија е една од државите што најдобро се справи со пандемијата. Како помина овој период и на кој начин државата им помогна на уметниците?

– Жителите на Словенија беа крајно одговорни и совесни во почитувањето на заштитните мерки, па затоа и пандемијата беше надмината во релативно кус период. Најголем број смртни случаи имаше во домовите за стари лица за кои, пак, државата не се погрижи на најдобар можен начин. Што се однесува до помошта на уметниците – таа, пред сѐ, остана на декларативно ниво, па токму затоа, покрај веќе редовните петочни протести против владата, на кои учествуваат десетици илјади граѓани, се одржаа и протести на уметниците пред Министерството за култура, кое сето ова време остана незаинтересирано за потребите на уметниците, незадоволни од програмата за помош на владата. Официјалното укинување на пандемијата беше, всушност, политички потег со кој престана да важи одлуката за доделување помош на граѓаните засегнати од неа. Кога нема епидемија, нема ни потреба од финансиска помош – а уметниците, сѐ уште, се без своите вообичаени активности.

Песна „Распаѓање’

  1. Куќата што се распаѓа

треба што побрзо да се еутанизира,
да ѝ се исклучат водата, струјата, гасот,

да ѝ се пломбираат телевизорот, телефонот, рутерот,
сите апарати да ѝ се извадат од прекинувачот,

цевчето за инфузија да се повлече со еден потег
и ќепенците да се замандалат за последен пат,

а потоа да му се даде знак на багерот
и збогум куќо што беше дом, дому што сега не си ни куќа.

Да се закопа треба во длапката на сопствените темели,
да ѝ се оди на Задушница со понади и свеќи,

а времето, велат, полека ќе ја залечи болката.
Но, што ако самата решила да побегне пред судбината?

Ти јавуваат дека истрчала по патот, но трагата ѝ се губи,
како дементна старица заскитала којзнае каде,

ќе ја пријавиш за исчезната, ќе ставиш оглас врз скршената ограда,
а никогаш никој нема да ја пронајде ни жива ни мртва.

  1. Земјата што се распаѓа

треба наврат-нанос да се напушти,
да се грабнат јазикот, пасошот и две-три фотографии,

во детско ранче да се напикаат
раѓањето, детството, младоста, животот

и со тилот потсвиткан да се тргне по патот на егзилот.
Нозете сами ти одат, колективната меморија ги води,

бегството е наследство, нужен дел од оставината
на татковината, физичка кондиција на предците.

Да се премине треба границата стуткан во багажник
во мигот кога се спушта знамето на половина копје,

а потоа бос, гладен и со клоца во задникот
со месеци да се оддалечуваш чекор по чекор

од човекот во другиот кон човекот во себе.
Кога homo politicus убива, самоубиецот е и џелат и жртва.

Ќе ја напуштиш земјата што се распаѓа
без око да ти трепне, дури душата ти трепка и ти завива

како ротационо светло и сирена на полициска патрола
што се надеваш дека ќе те фати и врати, а ја снемува во далечина.

  1. Светот што се распаѓа

треба да се завитка во болнички чаршаф
и на носилка да се пренесе во одделот за палијативна нега

каде што е предвидено преживување најмногу до шест месеци,
достоинствено и спокојно умирање со контролирана болка.

Прозорецот е отворен, собата е само за еден,
пев на гугутки во градината, јоргован на масичката.

Како во кујна на ресторан над вратата на собата пишува
„Насмевка“ и сите што му доаѓаат во посета

се насмевнати до уши, а никому не му е до смеа
и претпочитаат рударско „Среќно!“ пред јамата на смртта.

Мирис на амонијак и јод, на лушпи од мандарини и банани,
на радио вечерни вести за новите војни и финансиски кризи

што не го засегаат повеќе. А тоа го боли. Во крајчето на свеста
знае: ни убавината не го спаси, а и поетите залудно

сакаа да го сменат. И одеднаш сеќава меѓу коските и кожата
љубовен повтеж: да може барем уште еднаш да се љуби со слободата

која му мавта од врата: „Спиј, ќе наминам кога ќе можам“.
Светот што се распаѓа треба да се остави

во хосписот каде што ангелите на животот немаат намера
ниту да ја забрзаат, ниту да му ја одложат смртта.

(Интервјуто и песната се објавени во „Културен печат“ број 33, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 мај 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот