ИНТЕРВЈУ со Леа Катарина Павиќ: На 14 години издала книга која се продава на светски познати интернет сајтови

Стапивме во контакт и со УНИЦЕФ, и сме во преговори да донираме преку нив околу 50 книги на локалните училишта од посиромашните делови на градот и во домови за деца без родители во Кенија. Се надевам дека моето творештво ќе ги инспирира овие деца на кои им се пружени помалку можности во животот отколку на едно просечно дете од поразвиените земји, да учат, и да ја засакаат литературата, вели Леа.

Леа Катарина Павиќ на свои 14 години веќе има издадено книга на англиски јазик, насловена како „С.А.Г.: Читање на времето“ (S.A.G.: Reading time). Ова нејзино дело, на љубителите на пишаниот збор им е достапно на интернет и сите заинтересирани можат да го купат на amazon.com, barnesandnooble.com, Xlibris.com и неколку други онлајн страници за продавање, а може да се најде и на goodreads.

Книгата е од жанрот фантазија и станува збор за две другарки кои наоѓаат чудна волшебна книга во која паѓаат. Тука почнува нивното патешествие низ времето и низ разни историски периоди, каде што главната хероина мора да одгатнува загатки и да пронаоѓа предмети што им припаѓаат на историски личности за да може да се врати назад во своето време.

Инаку, двајцата родители на Леа, работат во Обединетите Нации, и токму поради опфатот на нивните работни обврски, таа во моментов заедно со својот брат и со мајка ѝ живеат во Најроби, Кенија, додека татко ѝ, пак, работи и престојува во Газа, Палестина.

Леа раскажува дека љубовта кон пишаниот збор го наследила од мајка си која е страсен љубител на книги и во нејзината домашна библиотека поседува неверојатни 5.000 книги.

Кажете ни нешто повеќе за книгата односно за тематиката што ја обработува, како и за тоа од каде црпевте инспирација додека ја пишувавте истата?

– Што би се случило ако некој се загуби во минатото и открие дека се наоѓа во некој вид на игра? Оваа мисла ми ја даде идејата да ја напишам „С.А.Г.: Читање на времето“. Кратенката С.А.Г. доаѓа од името на главната хероина во книгата, Софија Абигејл Грин. Книгата е издадена од Xlibris во САД, и е приказна за созревањето, пријателството, првата љубов и издржливоста.

Оваа приказна е за две девојчиња, другарки, кои паѓаат во волшебна книга и се заглавуваат во игра на патување низ времето. Тие мораат да пронаоѓаат препознатливи предмети од различни историски периоди, што им припаѓаат на познати личности од тоа време, за да можат да се вратат дома во своето време.  Предметите треба да ги стават во мало џепче на корицата од нивната волшебна книга, и на тој начин се движат низ разните нивоа или историски периоди, сè додека не стасаат дома.

Што се однесува до инспирацијата, целиот мој живот сум фасцинирана од книгите и од магијата на раскажувањето. Откако научив да читам, се задлабочувам и се губам со часови во книгите, заборавајќи на сè друго. Мајка ми има огромна домашна библиотека, со повеќе од 5.000 книги. Исто така, како помала имав и свој имагинарен свет каде што сè беше возможно, и често измислував приказни и им ги раскажував на домашните. Идејата дека можам да креирам и да им донесам радост на луѓето со моите креации, да им овозможам да избегаат на момент од нивните секојдневија, и да им дадам шанса да летаат на крилјата на мојата фантазија, само ја зголемува мојата желба за пишување и љубовта кон творењето.

Каде може да се купи книгата и како оди продажбата на истата?

– Книгата е достапна на amazon.com, barnesandnooble.com, Xlibris.com и неколку други онлајн страници за продавање, а исто така, може да се најде и на goodreads. Во моментов сè уште немаме податоци за продажбата, но мојата издавачка куќа треба да ме известува и да ме исплатува на секои 3 месеци .  Еден индикатор имаме од Амазон страницата за автори, каде графички е прикажана дневната продажба не само од Амазон, туку и од останатите онлајн продавници со кои соработуваат, и мојот моментален ранг е околу 800.000 од 8 милиони книги достапни за продажба кај нив и нивните соработници. Мајка ми исто така разговараше со неколку локални книжарници во Најроби каде живееме во моментов, да ја продаваат мојата книга. Стапивме во контакт и со УНИЦЕФ, и сме во преговори да донираме преку нив околу 50 книги на локалните училишта од посиромашните делови на градот и во домовите за деца без родители во Кенија. Се надевам дека моето творештво ќе ги инспирира овие деца на кои им се пружени помалку можности во животот отколку на едно просечно дете од поразвиените земји, да учат, и да ја засакаат литературата.

Дали книгата планирате да ја објавите и на македонски јазик?

– Да, планираме летово кога ќе го посетиме Скопје, да се распрашаме околу создавање на македонска верзија на книгата и пронаоѓање на македонска издавачка куќа и професионален преведувач.

Дали ќе се обидете да творите на македонски јазик?

– Можеби некогаш во иднина ќе се обидам да творам и на македонски.  Иако македонскиот јазик одлично го владеам, во моментов сепак, ми е полесно да се изразам на англиски, особено за литература, затоа што тоа е јазикот на кој се школувам. Веќе се обидувам да творам и на македонски, меѓутоа вложувам голем труд околу граматиката и правилното изразување.

На која возраст започнавте да пишувате?

– Оваа книга ја започнав кога имав 11 години, меѓутоа, имав обиди на пишување и пред тоа, особено со раскази. Исто така, пишувам и поезија, и веќе имам напишано неколку поеми во Spoken word, кои, исто така, планирам да ги издадам во скоро време. Во училиште членувам во новинарската секција од  трето одделение, и редовно пишувам кратки раскази и статии на разни теми во училишниот весник, кои обично будат голем интерес кај моите соученици и професори. Исто така, почнав и свој блог, кој е поврзан со книгата, и каде планирам да пишувам кратки раскази за животите на сите личности од книгата, како на пример, за нивните детства, кои не се опфатени во главната приказна.

Кои се вашите идни планови, дали кога ќе пораснеш сакаш да бидеш писателка?

– Секако дека планирам да пишувам и да творам до крајот на мојот живот, а дали покрај тоа ќе имам уште некоја професија, сè уште не сум се одлучила.  Многу се интересирам за психологијата, а исто така, и за правото, но пишувањето секогаш ќе остане мојата прва љубов.

Кога доаѓате во Македонија, што е она што најмногу ви се допаѓа тука?

– Начинот на живот, духот на Скопје, и слободата на движење. На пример, кога се шетаме низ центарот на градот, секогаш разговарам со продавачите на разните штандови на плоштад, и нивната отвореност и пријателство секогаш ме воодушевуваат. Посебно ми е омилена една од продавачките на книги на плоштад, и секое лето кога доаѓаме, ја посетувам барем по еднаш, и си разговараме околу книгите. Мојот втор омилен град во Македонија е Охрид, и веќе имам неколку пријатели таму.

Кој е вашиот идол од областа на литературата?

– Книгите кои ги читам се претежно од автори од англиско говорно подрачје, и ги обожавам Киера Кас, Крис Колфер, Соман Чаинани и Џејн Остин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот