ИНТЕРВЈУ СО ЛД ПИСТОЛЕРО: Силата на рапот е да биде гласот на народот кој не може да се чуе – Слободен печат
Ви ПрепорачувамеМагазин

ИНТЕРВЈУ СО ЛД ПИСТОЛЕРО: Силата на рапот е да биде гласот на народот кој не може да се чуе

„Секој човек ја има приказната за себе, но ја нема способноста тоа што го мисли да го искаже прво на лист хартија, а потоа и во микрофон на сцената“, е безвременски поетски принцип на раперот ЛД Пистолеро, кој на 1 декември одржа самостоен концерт во МКЦ

Првата средба со ЛД Пистолеро ја имав пред многу години, кога со хип-хоп колективот „Легијата“ со рап-офанзива ја менуваа супкултурната мапа во градот и во државата. Слушнав за неговиот прв соло-албум „После мостот“ пред неколку години. Особено драго ми стана кога дознав дека својот втор албум, „Далеку“, објавен во март годинава, ЛД Пистолеро концертно го промовира во Младинскиот културен центар, како еден од самостојните концерти во рамките на фестивалот „Таксират“.

Долго време не сме се виделе. Што има ново?

– Да, поминаа 11 години. Нови работи има многу, има нов албум, има концерт, има „Баду Бар“, има учества на европски и светски првенства со Кендо репрезентацијата на Македонија, нема „од 9 до 5“, има рапидно отселување на моите блиски, има нови нус-појави од културата што ја викаме хип-хоп и, што е најбитно, има денови за сето ова одново…

На времето бевте голема хип-хоп банда со „Легијата“. Како сега стојат работите? Секој си оди по својот пат или остана дружбата?

– Уффф… денес за „Легијата“ ќе чуеш сешто, и вистина и лага… дека се распаднале, дека нема веќе да бидат истите, дека се досадни, како еден почнал да се дрогира, како овој го „заебал“ оној, како еден полудел и останал сам, како „Гринаут“ не постои, бла-бла-бла… Некои луѓе имаат неверојатна дарба многу брзо да ги забораваат работите и да создаваат своја слика за нив, особено кога си им малку повеќе познат… Да не се лажеме, Скопје е мал град и многу брзо се дознава сѐ, особено кога вестите се лоши. Вистината е дека Џака и Таз кои, би рекол, се главен фактор, се отселија, „Гринаут“ не постои поради проблеми за кои не би зборувал, „Легијата“ има нов сингл, секој има свој живот и свој пат и, можеби, не се гледаме толку често како порано, ама патиштата никогаш не ни се раздвоија и никогаш не се распаднавме. „Легијата“ за нас е многу повеќе од хип-хоп колектив и секогаш ќе биде така. Ќе се вратиме двојно посилни кога најмалку ќе очекуваат. Дружбата е вечна, а „Легијата“ е легенда што долго, долго ќе се прераскажува на овие простори, дали за добро или лошо, оставам иднината да одлучи. На крајот од ова прашање јас би прашал. Во рака имате големо прекрасно јаболко растено на ваше дрво старо 20 години и само на едно место почнува да скапува. Дали кога би го отсекле тој дел за да не им наштети на другите, остатокот од јаболкото е за јадење?

Фото: Страјк

Прашањето е реторичко, но радува фактот што отсекогаш си имал филозофски став кон нештата. На албумот „Далеку“, исто така, слушам дека сѐ уште имаш филозофски пристап кон Скопје. Колкава е силата на рапот да смени некои состојби во градот, па и во државава?

– Скопје е мојот роден град, го сакам во каква било состојба без сомнение, во него живеам и работам, и за него имам посветено многу стихови. Мојот пристап кон него секогаш ќе биде филозофски, затоа што сметам дека тоа е моето најсилно оружје во оваа наша вечна војна. Тоа е силата на рапот, да биде гласот на народот, кој не сакаат да биде чуен. Текстовите во нашиот рап се категорични и доста од нив посочуваат кон промена. Тие се весник за она што се случува и предвесник за она што не чека. Буделе револуција, но кога тоа ќе го каже некој повлијателен, е тогаш за незаинтересираните и скептични луѓе е нешто ново и изненадувачко, а за жал, тие луѓе се побројни. Секогаш сублиминално или директно пробуваме да им ги отвориме очите на младите без да им наметнуваме наши лични идеали и состојби, туку да го одвоиме квалитетното од чкартот за тие самите да одберат што е добро за нив и за местово во кое живееме заедно. Не можеш да влијаеш на сѐ и на сите, особено не на игнорантна структура. Сакам да мислам дека поставивме совршена платформа и стандарди во хоп-хопот и супкултурата. Сакам да мислам дека на слушателите им го даваме оној мотив што им недостига, затоа што на многумина од нив им треба и многумина од нив се пронаоѓаат во нашите песни. Сакам да мислам дека им даваме надеж и правец. Сѐ ова ни е доволно. Промената тука очекувам да ја видам преку очите и однесувањето на луѓето и успехот од тоа, а не преку видливите промени, бидејќи тој воз веќе одамна ни пројде пред носот.

Твојот концерт на 1 декември во рамките на „Таксират“ е распродаден. Што можеме да им откриеме на оние што нема да можат да влезат на концертот – што ќе пропуштат?

– Секогаш имам верба во моите фанови, а по распродадениот албум и концерт по не знам кој пат си докажав дека и тие имаат верба во мене. Концертот се распродаде многу брзо и искрено ми е мило за тоа. Секој ден се бара карта повеќе. Некои беа поучени од фактот дека лани Страјк, исто така, во рамките на „Таксират“ го распродаде концертот на ист ден како и јас, па си земале карти навреме, но некои не успеале во тоа, а капацитетот е исполнет докрај и нема реприза. Не ги обвинувам тие што сакале, а не успеале да стигнат навреме да купат карти, секогаш апелирам дека е потребна идеална, скромна од надвор, но полна со квалитет и душа од внатре, концертна сала што ќе собира барем 2.000 луѓе и каде што селективно ќе се избираат бендовите што ќе настапуваат, а секогаш ќе имаат предност домашните изведувачи, ама… На 1 декември нè чека пеколна рап-атмосфера, која ќе ја загрее Диџеј Славе со почеток во 20.30 часот. На бината ќе ме поддржуваат мојот продуцент и диџеј Гоце, Страјк и Ронин, а ќе се појават и многу гости, со кои сум делел микрофон низ годиниве. Тие што ме знаат, приближно знаат што ги очекува. Ќе дадеме сѐ од себе.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 7, во викенд-бројот на „Слободен печат“ на 30 ноември/ 1 декември 2019)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close