Интервју со Крсте Роџевски: Ми недостига стариот звук, оти во него има ем наивност ем интензитет

Препознатливиот нежен и кадифен глас на Крсте Роџевски добива, на моменти, подраматична нијанса во песните од новиот албум „Хјубрис“, што е објавен под етикетата на „МОД Рилоудед“ на познатиот продуцент Бил Ласвел во Њујорк.

Македонскиот вокалист, гитарист и композитор Крсте Роџевски веќе дваесет години живее и работи како психијатар во Њујорк. Следејќи ја својата пасија за свирење на мандолина и на гитара уште од времето на детството поминато во Битола, Роџевски паралелно се занимавал и со музика. Како кантавтор досега ги објави албумите „Батанија“ (2015), „Горчливи бадеми“ (2017) и „Зајакот и паднатиот јавор“ (2018). Музичката критика трите албуми ги нотира како заокружена трилогија, во која Роџевски остава траги за своето потекло.

Со својот вокал Роџевски соработува и со други композитори, како Дуке Бојаџиев, но и со филмски режисери, а негови песни се користени во филмовите „Бикини мун“ и „Сенки“ на Милчо Манчевски, „До балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов.

Минатата година Крсте Роџевски со својата група, составена од музичари со кои соработува во Њујорк, настапи на Оф-фест, и тоа беше неговото прво самостојно концертно претставување на неговите албуми пред македонската публика, со што затвори една фаза од своето творештво и си отвори хоризонти кон нови предизвици.

Четвртото албумско остварување на Крсте (Кристо) Роџевски, со наслов „Хјубрис“, излезе на 1 мај оваа година, а објавено е под етикетата на американската дискографска куќа „МОД Рилоудед“ (MOD Reloaded) во Њујорк. Дигиталното издание на албумот е проследено со објава на компакт-диск, а кон крајот на годината се планира и винилно издание. Албумот содржи десет нови авторски композиции на Крсте Роџевски (гитара/вокал) изведени и снимени во придружба на Мери Халварсон (гитара), Бил Ласвел (бас), Томас Фуџивара (тапани) и Икуе Мори (електроника).

Езотеричниот звук на албумот го води слушателот во паралелен свет на неочекувана „паранормална нормалност“. Песните се испеани на англиски јазик, но во некои од нив суптилно се вметнати стихови на македонски јазик.

Какви се досегашните реакции на албумот?

– Одлични се досега. Со оглед на тоа што албумот излезе среде пандемија, а и немаше некоја посебна ПР-кампања, ме радува тоа што си добива свој живот и има добар фидбек не само во Америка, туку и во други земји, како Чиле, Холандија, Јапонија итн. Албумот има светска дистрибуција преку компанијата „Redeye“, а кон крајот на годината ќе има и винил. Она што најмногу ми значи е дека им се допаѓа на некои њујоршки музички икони, кои се искрени и кон кои имам огромна почит.

Албумот содржи десет нови авторски композиции. Веќе имате албумска трилогија зад себе. Што на овој албум Ве повлече како инспирација?

– Сакав да направам електричен и валкан албум за внатрешни психолошки објектни односи, за еден премин од адолесцентна лутина во средовечна тага. Колаж од некои формативни, автобиографски и измислени моменти, испреплетени со митови и клинички приказни – а сето тоа раскажано преку слики од „камера на рамо“ и со експериментален ретро звук, без компресори во постпродукција. И две лажички вегета од Мариово.

Како да го преведеме насловот „Хјубрис“ – некако звучи премногу езотерично за да има едноставно значење?

– Хјубрис (Hubris) во грчката митологија е ароганција или бунт кон боговите. Најблизок славјански збор би бил „охолост“. Посебен вид ароганција е, бидејќи има и патолошка гордост, самобендисаност, тврдоглавост, а и храброст и самоуништување во неа. Може да е и тивка, скриена грандиозност, која си дреме во човекот, кој за да може да се чувствува морално супериорен, скришно, во себеси, ги суди и девалуира другите. Еден вид на самостимулација и начин да се одбрани човек кога не знае каде завршува тој/таа, а каде почнува другиот. Има и многу едиповски елементи во неа, а и негирање на минливоста на времето.

Минатата година Крсте Роџевски со својата група, составена од музичари со кои соработува во Њујорк, настапи на Оф-фест

Дел од музичарите (Мери Халварсон и Томас Фуџивара), што учествуваа во снимањето на албумот, можевме да видиме и на концертот на Оф-фест минатата година. Како се одвива изборот на музичари што учествуваат во снимање на албум на њујоршката сцена?

– Многу спонтано. Има многу музичари, ама секој овде си има свој марифет и капацитет да те однесе на различни места. Обично формациите се прават со блиски пријатели и музиката станува само надополнување на разговор што веќе се одвива, само сега со тонски инженер што ја запишува во студио. Мора да има елементи на доверба, на хумор и спремност за изненадувања на самото место. Точно знаеш од кого и што можеш да добиеш. Електрониката на Икуе (DNA, Death Ambient, Phantom Orchard) ја има јапонската естетика, смиреност и ритмичност, како воз што се приближува кон станица и никогаш не стигнува. Бил Ласвел има приземјувачки бас, Мери (Code Girl) со својата фантазмагорична гитара ѝ влегува на композицијата однатре кон надвор, како да превртува блуза, а Томас (Thumbscrew) е како кутија со прва помош, секогаш навреме, кога си изгубен во звучен облак, веднат ќе ти помогне и ќе те ориентира.

Како се случи албумот не само да го продуцира, туку и да свири бас познатиот Бил Ласвел, продуцент што е поврзан со околу 3.000 албумски остварувања и соработка со Мик Џегер, Јоко Оно, Иги Поп, Лори Андерсон, Херби Хенкок, Џон Лајдон и уште илјадници други познати музичари?

– За овој албум повеќе беа влијателни неговите продукции и инструментализам во неговите бендови „Масакр“ (Massacre), „Праксис“ (Praxis) и „Пеинкилер“ (Painkiller). Неколку вечери, кога се враќав од канцеларија, пред да го сретнам Бил за вечера, го слушав албумот „Оргазматрон“ од „Моторхед“, што Бил го продуцираше, како и албумот „Килинг тајм“ од неговиот бенд „Масакр“, и му реков дека многу ми недостига тој стар звук, оти во него има ем наивност ем интензитет, а многу лесно си дише. Имав десет песни на акустична гитара што му ги пратив за неколку денови и решивме да снимиме електричен албум на кој Бил ќе свири бас и ќе го продуцира. Мери и Томас се согласија, а потоа се чув со Икуе, бидејќи ми требаше нејзиниот осет за архитектонска електроника и доловување на она чувство на газење по снег. Во еден ден веќе сѐ беше организирано.

Сакав да направам електричен и валкан албум за внатрешни психолошки објектни односи, за еден премин од адолесцентна лутина во средовечна тага

Во таа смисла, колку за еден автор е битно тоа што живее и работи во еден од светските центри на уметноста, како Њујорк?

– До луѓето е. Њујорк е идеја, начин на живот, кофа со ладна вода, смрт на чиновникот, дијалог, анегдота, а не само град со згради и авении. Не можеш само да флертуваш со градов, или си тука целосно, со телото и душата, или не. Ако во еден ден можеш да одиш на муабет со Ото Кернберг (еден од најпознатите американски психоаналитичари и психијатар, н.з.), да видиш ретроспективна изложба на Агнес Мартин, потоа да мирисаш липи во Томпкинс Парк и ѓубре во Чајнатаун, па ја гледаш Френсис Мекдорманд во „Вустер груп“, па полноќен концерт на Дерек Бејли (RIP), па газиш преку пијани тела на Бовери да си влезеш дома, не можеш да кажеш дека ќе напишеш иста поезија или композиција ако си на некое друго место во светот. Сите животни судбини на едно место, сите годишни времиња во исто време. Стануваш поскромен и почнуваш да имаш ниска толеранција за напумпан медиокритет и опортунизам. Што е убаво, бидејќи те ослободува од заблуди и од психолошки спреги.

Мојот пристап кон правење музика и пишување текстови е психоаналитички. Во мојата клиничка работа секоја нарација, слободна асоцијација или сеќавање си има своја музика

Очигледно веќе сте дел од уметничката сцена во Њујорк, но по професија сте психијатар. Колку професијата и музичкото „хоби“ се дополнуваат, или можеби се разминуваат во секојдневната практика?

– Се надополнуваат. Мојот пристап кон правење музика и пишување текстови е психоаналитички. Во мојата клиничка работа секоја нарација, слободна асоцијација или сеќавање си има своја музика. Некој не сака да свири за да не ја разбуди мртвата мајка, која може пак да го остави ако се разбуди; некој не поднесува тишина оти му е многу гласна; некој става премногу зборови (ноти) за да избега од интимноста; некој интелектуализира и рационализира како некое досадно гитарско соло полно со техника, а без чувство, итн. Некој има потсвесни фантазии за спасување ранета птица што сака да ја врати во седелото, па става две точки на петолинието (знак за враќање на почеток) и ја повторува истата приказна компулсивно очекувајќи поинаков резултат, итн.

Таа „Декартова“ поделба на психијатрија и музика, за која многумина ме прашуваат, е само дистракција од делото. Мојот предлог секогаш е да се фокусираат на продуктот и да донесат одлука дали им се допаѓа, дали им значи нешто, дали ги погодува, изненадува или поместува, или не. Независно од сѐ.

Ако дозволите, би сакале да го слушнеме Вашето психијатриско мислење за последиците што ќе ги остави пандемијата на ковид-19 не само во Њујорк, или во САД, туку и на глобално ниво?

– Кога психата поминува низ трауматски стрес или е во интензивен конфликт, луѓето регресираат, стануваат конкретни и ригидни, а светот го гледаат црно-бело, без нијанси, старите аналитичари тоа го нарекуваа псевдоимбецилност. Со ковид-19 многу карактерни патологии излегоа на површина, посебно кај оние што имаат нестабилна/гранична структура на личност и се склони кон параноја, кон нарушувања на мисловниот процес, кон заблуди на омнипотенција, перверзии во интимноста, кон „тотем и табу“ симболиката. Така маските станаа политички симбол, неносењето маски стана бунт и симбол на американска слобода, а врз тоа има и еден куп племенски теории на заговор, и пиење детергент.

Ковид-19 е страв од нешто неопипливо, апстрактно, како дух, а трае, и можеби е тука, можеби не. Нешто како страв од едипална одмазда кај четиригодишно дете – има опасност, не ја гледа, не ја разбира, не знае од каде ќе се појави и дали ќе го заобиколи, дали тато ќе го казни за љубовта кон мама. Малку луѓе се спремни да поднесат самотија, да толерираат двосмисленост и да осетат емоција без да дејствуваат импулсивно со телото. Во ера кога има пандемија не само на коронавирус, туку и на карактерни патологии, посебно нарцизам, кои луѓето ги прават посебно неподготвени и осетливи на психолошки стрес, мислам дека ќе има голем пораст на депресивни состојби, анксиозност и болести на зависност. Во Њујорк тоа веќе и го гледаме.

Пандемијата не е завршена, а во САД се случи настанот во Минесота, што предизвика серија протести не само во Америка, туку и низ целиот свет. Каков е животот таму во последниве два-три месеци?

– Во последниве месеци Њујорк беше како заспан џин. Улиците празни, со повеќе стаорци од луѓе, излозите затворени, а до болниците огромни камиони-фрижидери полни со мртви тела. Бучеа сирени од амбулантни коли, а помеѓу нив имаше некоја заканувачка тишина, која многумина ги тераше на психолошко повлекување во себе. Но, имаше и убави моменти – возење со велосипед низ празен град навечер, на пат за дома, како Лилипутанец по мевот на Гуливер. А телефонот в џеб како да знаеше, па секоја вечер ми правеше одличен избор: Ван Дајк Паркс, Џуд Сил, „Спаркс“, Бил Феј, „Ток Ток“, Тони Конрад, една по друга нумера, како музика за документарец. Да не верува човек.

Потоа дојде бранот на протести по убиството во Минесота. Целото мое маало беше искршено, запалени беа полициски возила, а хеликоптери кружеа цел месец над Менхетен и над Бруклин. Оти, како што ми рече таксист во Кејптаун, „кога селото не го прифаќа синот, овој ќе го запали за да ја осети неговата топлина“ (африканска поговорка).

Границите делумно се отвораат, некаде се носат протоколи за одржување културни настани. Дали во ваква ситуација размислувате за промоција на албумот?

– Годинава тешко дека ќе има промоција. Ама не се знае. Баба ми Мила велеше: некогаш она што носи денот и годината не носи.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 38, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот