Интервју со Кристина Арнаудова-Петровски: Веќе некое време не сум дел од естрадата

Македонската поп-пејачка веќе неколку години активно е посветена на својата хуманитарна организација „Проект среќа“, преку која им се помага на лица што имаат потреба од помош. Музичката кариера засега ја стави во мирување на одредено време, а помеѓу обврските дома околу семејството и здружението, таа се одмора со вежбање јога.

Постојаната трка со професионални обврски, домашни обврски и сиот стрес што го носи секојдневието, доведува до момент кога секој сака да стави сопирачка и да види што може да направи за да го смири духот и умот, да најде внатрешен мир. Пејачката Кристина Арнаудова во тоа успева вежбајќи јога.

– Сè уште сум почетник, само неколку месеци како се поминати од мојата дружба со јогата, која ја вежбам секојдневно. Јогата ја проучував подолго време и се подготвував да започнам, ама не знам од која причина не почнував. Тоа е вежба за мозокот, телото и духот, и е единствена таква дисциплина што не се фокусира примарно на мускулите и на силата, туку го третира човекот како целина. Отсекогаш им се восхитував на луѓето што ја практикуваат и им бев обожавателка. Во овој период на стрес и неизвесност, таа ни е неопходна на сите за да можеме да го смириме духот и умот, кои мораме да признаеме, кај повеќето од нас се многу вознемирени – вели таа и додава дека порано вежбала во теретани, но сфатила дека тоа не е веќе за неа, односно дека на нејзиното тело не му треба само сила, туку и мир.

Како една темпераментна жена, која професионално е многу активна, се пронајде во оваа смирена дисциплина?

– Во одреден период од животот сфатив дека ми се потребни мир и смиреност на умот. Тоа отсекогаш ми недостигало. Природно сум многу темпераментна, не знам да седам на место, постојано нешто работам, и тоа не е секогаш добро. Потребно ми е да знам да бидам мирна сама со себе и да го смирам умот, кој знае да биде наш најголем пријател, но и непријател. Јогата е дисциплина за која ништо не ти е потребно, само сопственото тело. И по можност тивка околина, нешто што ретко го имам (ха-ха-ха). Во време на пандемија, кога дружењето и движењето треба да се ограничени, јогата е најбезбедна за практикување.

Дали ова беше можност да избегате од новава реалност со пандемијата, која на сите ни наметна нови правила на живот?
– Да, но јогата не е само вежба за сила, туку е исклучително корисна за луѓе што имаат болки во грбот, како мене. По некое време правилно практикување јога, грбот и коските самите се враќаат на место. Не сум експерт за јога, ептен сум почетник, но од срце им ја препорачувам на сите.

Како вие, како семејство го минувате овој период?

– Kако и сите, се навикнавме. Дружењата и движењата ни се сведени на минимум, јас работам од дома, Максим учи од дома, Матео оди во градинка. Нема одење по гости, другарчиња, пријатели , дружби, забави, родендени… Сметам дека сите ние, ако се движиме само на местата што ни се неопходни и сè друго ставиме на пауза, вирусот нема вака да напаѓа и брзо ќе го снема. Не разбирам зошто луѓето не можат да се воздржат одредено време од сè што е ризично однесување. На сите ни е мачно, разбирливо е тоа. Но, ако сме воздржани и дисциплинирани, сево ова ќе трае пократко. Немаше потреба да дојде до овој степен…

Вашето здружение не мирува. Деновиве видов објава во која беше напишано дека давате помош на лица што имаат потреба. Може подетално за тоа?

– Ние работиме постојано, тоа е наше секојдневие, а помагање на лица што имаат потреба е нашата работа. Секојдневно се делат пакети помош, храна, компјутери, таблети, лаптопи, училишни прибори, се бараат донатори што го овозможуваат сето тоа, градиме тоалети на семејства со деца што немаат или се во многу лоша состојба… Имаме многу активности со „Проект среќа“. Иако оваа криза и нас нè погоди и нашата иднина станува неизвесна, сепак се надевам дека за доброто на стотици лица и огромен број деца, ќе успееме да преживееме во ова тешко време. Сите наши активности, можете да ги следите на нашата фејсбук-страница „Проект среќа“.

Кои се идни планови на „Проект среќа“?

– Нашето училиште за музика „Гитари, дирки и свирки“ е активно, и бесплатно го посетуваат деца кои се во некоја од категориите социјален ризик. Тука изучуваат гитара и клавир. Исто така, активно е нашето бесплатно детско драмско студио „Неверленд“. Хуманитарните проекти постојано се активни, ние сме им цело време на располагање на семејствата и на децата што имаат потреба. Од друга страна, се надеваме дека во 2021 година ќе имаме поголема поддршка од компаниите и од институциите, како би можеле и ние како здружение да преживееме.

Иако е време на пандемија, целиот свет е засегнат од ковид-19, сепак кога е шоубизнисот во прашање, во странство луѓето од тој свет не мируваат. Се одржуваат онлајн концерти, промоции, па дури и цели шоуа. Но, кај нас некако како да е сè ставено на стенд-бај. Според Вас, зошто е така?

– Кај нас и во нормални услови тој сегмент е речиси мртов, последнава деценија. Нема шоу-програми, нема емисии, нема иницијативи, ретки се концертите, малку албуми, колегите музичари се трудат од петни жили да преживеат, да работат и да понудат нова музика. Од друга страна, наидуваат на молк, на ѕид, на игнорирање. И во нормални услови работата е тешка, а во вакви услови да се најде ентузијазам и да се работи е речиси невозможно. Во време на пандемија останатите земји пуштаат на нивните медиуми домашна музика, како би можеле музичарите да живеат барем од авторски права. Кај нас како е? Знаете и сами. Никому не му е гајле. На медиумите не им паѓа ни на крај памет интензивно да пуштаат македонска музика. Оправдувањето е дека нема музика, што не е точно. Веќе некое време не сум активен дел од естрадата, едноставно се посветив на хуманитарната работа и тоа стана центар на моите интереси. Но, жал ми е што состојбата станува сè полоша.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот