Интервју со Кристина Ампева: Се расплакав кога видов колку многу работнички дојдоа на протестот

Околу 300 работнички од текстилната индустрија во неделата протестираа против барањата на работодавачите – работниците да работат 8 часа и 30 минути со вклучена полчасовна пауза, да се ревидираат празниците и да има нормиран учинок, но протестираа и за она што тврдат дека на многумина сега им се случува – прекувремена работа без надоместок, враќање на дел од земената плата, враќање на К-15…

За Кристина Ампева, претседателка на граѓанската организација „Гласен текстилец“, која е и најголемиот „виновник“ за организирање на протестот, ова е историски настан затоа што досега работничките не се осмелиле во толкав број да застанат во одбрана на своите права.

– Ова го доживеав многу емотивно. Се расплакав кога видов колку работнички се осмелија јавно да протестираат, со што практично јавно го прикажаа своето незадоволство и пред своите работодавци – вели Ампева во разговорот за „Слободен печат“.

Ампева вели дека вчерашниот ден, по протестот, осамнал без поплаки од работничките дека добиле закана од својот работодавец и дека очекува така и да остане. Во спротивно, потенцира Ампева, Здружението „Гласен текстилец“ ќе преземеме сè што е потребно да се казни работодавецот, затоа што работниците имаат загарантирано право на протест.

Работодавци им давале, па им земале пари на инвалиди

 

По протестот Ампева вели дека очекува Владата да биде разумна и да не ги прифати барањата на Кластерот за текстил, но очекува и работниците уште повеќе да се борат за своите права.

– Од самиот Кластер за текстил кажаа дека имаат сознанија за текстилни компании во кои се вработени лица со инвалидитет, а на кои газдите им земаат дел од дадената плата. За овие луѓе државата дава субвенции. Јас повеќепати сум кажала дека државата треба да направи анализа пред да одлучи кому дава субвенции – вели Ампева.

Таа потсетува дека ако работодавецот зема пари назад, тоа е кривично дело и треба да се пријави во МВР.

– На оваа тема ние сме разговарале и со Организацијата на работодавачи и со Кластерот за текстил. Таму знаат за многу компании што на своите вработени им бараат назад дел од платата. Тие треба јавно да ги кажат имињата на овие фирми, затоа што во крајна линија, тие и ним им се закана и нелојална конкуренција – вели Ампева.

На 70 отсто од работниците не им се плаќа прекувремената работа

 

Според анкетата што ја спровел „Гласен текстилец“, од 870 работници, 70 отсто рекле дека не им е платена прекувремената работа.

– Тоа се случува затоа што системот за евиденција е во рацете на работодавците. Сега правиме притисок системот за евиденција да биде поврзан со некоја институција. Тоа е возможно, само треба да постои политичка волја да се направи – нагласува Ампева.

Работодавците во текстилната индустрија беа и најгласни во врска со најавеното зголемување на минималната плата на 14.500 денари од декември. За да се ублажи ова зголемување, пак, се донесе закон со кој ќе се субвенционираат придонесите за зголемениот износ на пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот