Интервју со кошаркарската легенда Лазар Лечиќ: Треба да има двајца странци по екипа

Лазар Лечиќ не е задоволен како одат работите во кошарката во Македонија/фото: Фејсбук/Lazar Lecic

Легендарниот тренер особено потенцира дека треба да се намали бројот на странски кошаркари кои сега доминираат во македонското првенство, затоа што сегашната состојба се одразува негативно на квалитетот на домашните кошаркари и на резултатите на репрезентацијата. МЗТ Скопје и КФСМ треба да работат заедно, а не да се расправаат, порача Лечиќ…   

Лазар Лечиќ (82), една од најголемите легенди на македонската кошарка, не е задоволен како одат работите во спортот под обрачите во Македонија. Смета дека некои работи треба да се поправат.

Што се однесува до бројот на странците во домашното првенство, Лечиќ смета дека треба да се ограничи на двајца по екипа, што за неколку години би довело до ревитализација и поголема промоција на домашни играчи. Сезонава дозволено е четворица странци да има секоја екипа од Првата лига, од кои тројца во игра во исто време во регуларниот дел, а во плејофот и сите четворица смеат да се на паркетот заедно.

Лечиќ ја осуди и нетрпеливоста помеѓу најдобриот клуб во Македонија, МЗТ Скопје Аеродром и Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ). Клубовите и федерацијата треба да работат заедно, а не да се расправаат, вели искусниот кошаркарски работник.

Лазар Лечиќ има статус на кошаркарска легенда не само во Македонија туку и во регионов/фото: Фејсбук/Lazar Lecic

Како ја оценувате очигледната доминација на странски играчи во домашното првенство?
– Не се согласувам со толку странци. Клубовите не создаваат играчи и затоа си купуваат. Не може странците со парите што ги заработуваат овде, да одат напред. Што добиваме ние со тоа? Ништо. Со тоа и тренерите стануваат паразити, пензионери. Купи ми го овој играч, купи ми го оној… Тренерите треба да создаваат играчи. Правилото со двајца странци по екипа беше најуспешно. Да ги натераш клубовите да мислат на младите. На младите да им отвориш место и шанса да се покажат.

 Како тоа се одразува на репрезентацијата?
– Од седење на клупа никој не станал играч. Ако сакаме да одиме напред и да мислиме на македонската кошарка и на репрезентацијата, доволни се двајца странци по екипа. Така да биде додека извадиме наши играчи. А потоа ќе видиме. Што се однесува до меѓународни клупски натпревари, нормално е да има поголем број странци по клуб. Но кај нас треба тоа да го ограничиме.

Како дојдовме до оваа ситуација?
– Клубовите од тренерите бараат резултати и полесно им е да земат странци. Наместо да прават домашни играчи, треба да ги остават тренерите да немаат оптоварување. Не се создава играч за една-две години. Треба да поминат најмалку четири години. Затоа и ќе имаме постојано проблем со репрезентацијата.

Како го оценувате квалитетот на странците во донашното првенство?
– Клубовите немаат играчи и земат такви со слаб квалитет. Земи двајца странци што вредат, наместо четворица што не вредат. Барем ќе има од кого да учат нашите млади кошаркари. Во Македонија кошарката е популарна и Македонците знаат да играат кошарка. Како јас ги правев тие резултати на времето? Зарем малку кошаркари излегоа оттука?

Денес има и многу кошаркарски школи што работат со млади…
– Кошаркарските школи се за бизнис, а не за квалитет. Тие се отвораат за финансиска добивка. Агенцијата за млади и спорт треба да ги стимулира само клубовите, да имаат екипи од сите возрасти. Секој клуб треба да има тимови во исте возрасни категории. Најдобрите тренери треба да работата со младите за да создадат кошаркари. Тоа ќе биде успешна работа. Така беше порано.

Подолго време трае нетрпеливоста помеѓу нашиот најдобар клуб МЗТ Скопје Аеродром и КФСМ. Што би им порачале?
– На МЗТ не му одговара да се расправа со сојузот, а сојусто не треба да се расправа со МЗТ. Треба да си помагаат. Никаде не води таа кавга. Грото на репрезентативците е кај МЗТ. Но се знае дека сојузот е водач на кошарката. Порано немавме вакви работи. Караницата никогаш не е на добро. Нека најдат компромис и човек од авторитет кој ќе ги смири за доброто на нашата кошарка. Се може да се реши. Може да не се сакаат, но не смеат да се расправаат – вели Лечиќ.

Биографија на Лазар Лечиќ


Лазар Лечиќ има статус на кошаркарска легенда не само во Македонија туку и во регионов.
Професионалната кариера му започнува во Работнички во 1957 година и имам многу успеси и титули со овој клуб, што го внесе во најдобрата лига на СФРЈ. Успешно работел и во Олимпија, Борац Чачак, Војводина, МЗТ Скопје… Во странство најпознат е по работата во грчки Арис со кој има титули во грчкото првенство и куп и успешни настапи во европските купови, во раните деведесетти.

Тој има исклучителна кариера и во југословенстката репрезентација каде беше асистент на селекторот при освојувањето на титулата на СП 1970 година.  Има придонес во тоа време и за медалите на југословенскиот тим на ЕП, медитерански игри, балкански првенства…

 

 

Видео на денот