Интервју со композиторот Стојан Стојков: Сложените форми бараат зрелост во творечкиот израз

Деновите на македонска музика во својата програма годинава го внесоа и сегментот „Запознај го композиторот“, но и го отворија прашањето колку пошироката јавност навистина ги познава врвните творци на македонската класична музика.

Композиторот Стојан Стојков спаѓа во редот на најпродуктивните музички творци со широк дијапазон на создадени/напишани музички дела. Меѓу другите дела, тој е автор на последната опера поставена на македонски јазик, „Змејовата невеста“, чија праизведба се случи во 2015 година. Тогаш Стојков кажа дека опера не се создава секој ден, бидејќи тоа е најсложената форма во музичкото творештво и бара огромен капацитет на знаења на авторот од повеќе жанрови и форми и посебно од областа на композиторската техника.

Композиторот Стојан Стојков (1941) своето музичко образование го почнал во Средното музичко училиште во Скопје, каде што дипломирал на отсекот пијано. Паралелно посетувал часови по композиција кај проф. Властимир Николовски. По завршувањето се запишал на Музичката академија во Белград, каде што дипломирал композиција во класата на професорите Миленко Живковиќ и Енрико Јосиф. По враќањето во Македонија, паралелно со творечката ја започнува својата педагошка дејност.

Творештвото на Стојан Стојков опфаќа широк жанровски круг во рамките на класичната музика: од помалите форми, до поголемите, оркестарски, вокално-инструментални и сценски дела. Во сите нив релациите со фолклорот се речиси неизбежни, а приклонувањето кон неговиот рустикален дел на авторот му овозможува, потпирајќи се најчесто на народната дијафонија, да употребува специфични хармонски и полифони решенија, повеќеслојни акордски созвучја и различни формални структури.

Иако е во пензија повеќе од десет години, Стојков не престана ниту со творечката ниту со педагошката работа. Кога го посетивме во неговиот дом, ни ги покажа старите партитури, но ни откри дека му требаат и нови празни листови за следните дела што ги носи во мислите. Разговорот тргна од согледувањето на актуелните состојби во музичката сфера.

На Денови на македонската музика се одржа настан на кој беше претставено Вашето творештво, но и пошироко Вашата личност и како композитор и како професор. Колку пошироката јавност е упатена и запознаена со работата на македонските композитори?

– Комуникацијата на авторот со публиката е многу важна, особено во време на создавањето на одредено дело. Се сеќавам во периодот кога се вратив од студиите, веднаш се вклучив во работата на Сојузот на композиторите на Македонија и во претходниот систем имаше и поддршка од институциите и присутност на класичната музика во медиумите, а со тоа и комуникација со публиката. За жал, по промената на системот, полека почнаа да се губат одредени форми на комуникација, а се намали и поддршката од државните институции. Во последно време тоа и драстично се почувствува, особено откако се случи Деновите на македонска музика минатата година воопшто да не бидат поддржани од Министерството за култура. Тоа е единствената манифестација на која се изведуваат дела од македонските композитори и неопходна е не само за авторите и за изведувачите, туку и за афирмација на нашата музичка култура, воопшто. Затоа таа манифестација е многу битна, бидејќи овозможува нашите дела да бидат изведени пред домашната публика, а отвора можности и за нивна промоција и во светот.

Повеќе од половина век опстојувате во музичката сфера како композитор. Се сеќавате ли на првите дела?

– Ако се вратам на мојата прва композиција во 1961 година, тогаш веќе се 60 години. Првото дело го работев со Кирил Македонски во рамките на школската програма, потоа со Властимир Николовски се подготвував за приемните испити на музичката академија во Белград, каде што се зафатив со сериозни форми, со сериозна работа и со професионален однос кон тоа што го работев.

Покрај композиторската работа, голем дел од Вашиот професионален ангажман беше како професор, прво во Средното музичко училиште, а потоа и на Факултетот за музички уметности во Скопје. Ако Вие сте учеле од првите генерации творци, какви генерации учеа од Вас?

– Првите години на факултетот не предавав композиција, туку предмети што многу беа значајни за компонирањето, како хармонија, полифонија, хармонска анализа и други. Прв од композиторите што дојде кај мене на подготовки за прием на факултет беше Гоце Коларовски, а потоа дојдоа и Вања Николовски Ѓумар и Слаѓана Кавај.

Секој музичар на почетокот треба да поседува талент, а тоа значи музички слух, добар глас, љубов кон музиката, упорност и посветеност во работата

Како се препознава талентот за компонирање?

– Секој музичар на почетокот треба да поседува талент, а тоа значи музички слух, добар глас, љубов кон музиката, упорност и посветеност во работата. Ако сето тоа го поседува, тогаш низ теоретската настава тие што навистина се талентирани сами се издвојуваат по својот стил на работа. Вториот начин на регрутација е желбата за компонирање. Убав пример беше Гоце Коларовски, кој на почетокот свиреше обоа. Кога забележав дека нема некоја голема желба за инструментот, му предложив да продолжи со композиција, бидејќи од неговата генерација отскокнуваше по предметите што ги предавав, а беа поврзани со компонирањето. Потоа од него излезе прекрасен композитор, кој, за жал, рано го заврши животот.

Каква инспирација Вас Ве повлече во компонирањето?

– Уште од малечок сум поседувал некакво „ухание“, како што поетски се изразува Михаил Ренџов, кое ме водело кон мојата струка. Не сум бил свесен дека ќе станам композитор. Не сум се занесувал со некои, во тоа време, нереални моменти, но верувам дека станува збор за некаква предодреденост. Во тие тешки времиња во 1956 година Скопје беше подалеку отколку што сега е Њујорк. Пеш одев по два и пол часа од Подареш до Радовиш, па потоа во две етапи со воз за Скопје. Тогаш огромната желба и божјото ухание ме водело на многу мала возраст да издржам пред сите тешкотии и да се запишам на музичкото училиште во Скопје. Професорите го забележаа тоа што го поседувам и упорно развивајќи се, стигнав до тоа што сум сега. Почнав со виолина, дипломирав на клавир, за на крајот да станам композитор.

Во Вашиот опус има минијатури, а преку оркестарски и вокално-инструментални стигнувате до големи сценски дела, како балет и опера. Зошто е толку тешко да се напише опера?

– Кај моите ученици и студенти претпочитав постапност во развојот, од минијатура, преку камерните и оркестарските дела да стигнат до покрупните форми, како кантатите и операта. Кај мене природно се случување развојот кон посложените форми и дела. Истиот принцип им го препорачував и на младите генерации. Сложените форми бараат зрелост во творечкиот израз. На пример, операта „Змејовата невеста“ почнав да ја пишувам дури откако се пензионирав. За жал, операта беше изведена два-три пати и не знам дали повторно би била ставена на репертоар. Со балетот „Охридската робинка Ташула“ беше малку подобра работата и имаше повеќе изведби, но веќе поминаа дваесетина години од неговата последна изведба.

Кај моите ученици и студенти претпочитав постапност во развојот, од минијатура, преку камерните и оркестарските дела да стигнат до покрупните форми, како кантатите и операта

Во разговорот употребивте поетски израз од Михаил Ренџов, но од неговите „Псалми“ имате употребено и во Вашето музичко творештво. Како течеше таа соработка во уметничките кругови?

– Порано немаше коронавирус и имаше голема дружба, а често „Кај Јоле“ се спојуваа друштва и на писатели и на композитори. На шега писателите често коментираа за нашата музика, а ние за нивната поезија. Но, така кај мене се разви љубопитноста за поетскиот стих. Така ја засакав поезијата и се обидував да ја прочитам мислата што се пренесува низ стиховите. За да може да се употреби некој стих во музичко дело мора да се допре до основната мисла во песната. Така создадов цели циклуси со стихови од Ренџов, од Ефтим Клетников, Матеја Матевски, Анте Поповски. Тоа се случи бидејќи го сакам вокалот во музиката. Вокалот за мене е совршен инструмент кој не секогаш исто се повторува. Тоа го научив од народното творештво и од народните пејачи. Тие секогаш кога пеат, се натпреваруваат самите со себе. Затоа секогаш кога пишувам композиција за вокал, давам назнаки таа да биде достапна до можностите на пејачот, но и да може да го илустрира поетскиот текст и мисла.

Тоа може да го почувствува музички образованата и информирана публика, но колку класичната музика би можела да биде штит од напливот на турбофолк музиката?

– Како и да свртиме ќе дојдеме до образованието, бидејќи во училиштата многу малку се застапени, не композиторите, туку музичките дела од различните епохи. На учениците не им се дава можност да се запознаат со различните стилови и жанрови на музиката. Така, бидејќи новокомпонираната музика е комерцијална, а факултетите не можат да ги прифатат сите талентирани изведувачи, тие се вклучуваат во различни ансамбли со кои заработуваат за живот. Со текот на времето тие изведувачи стануваат и композитори, но бидејќи ги немаат елементарните техники на компонирањето, создаваат тип на музика што повеќе не вреди отколку што вреди. Бидејќи таквата музика се изведува пред поголема маса слушатели, таа влијае врз нивниот вкус. Така се наруши балансот помеѓу новокомпонираната, популарната и класичната музика. Тука повторно ќе се вратам и на манифестациите кои ја популаризираа класичната музика, а кои во последниве години не добиваа доволно поддршка од надлежните установи. Тие создаваа и културна публика, која знае да слуша музика. Сега и таа ситуација е дисхармонична, а ние како композитори веќе се наоѓаме во незавидна ситуација. Порано класичната музика почесто ја имаше и во медиумите, но сега и таму состојбата вртоглаво се влошува, а медиумите се тотално незаинтересирани за македонската современа музика. Тоа, пак, се должи на фактот што во медиумите веќе нема вработено професионалци, музиколози, кои би направиле уредувачка политика во која ќе биде третирана и класичната музика.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 52, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-12 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот