ИНТЕРВЈУ СО ИВО БОСИЛКОВ: МОРА да ја разбудиме свеста за климатските промени

Иво Босилков / Фото: Архива

Утре во Скопје ќе се одржи протест против климатските промени во светот. Оваа идеја кај нас ја застапува еколошкото движење Fridays For Future, чија цел е да создаде свест за оваа работа и да ја контекстуализира оваа битка на домашна територија. За таа цел, разговаравме со Иво Босилков, координатор на движењето Fridays For Future.

Од каде идејата за Fridays For Future?

– Идејата за Fridays for Future на глобално ниво потекнува од Грета Тунберг. Таа разбра дека за да се доведат тие политики кои се потребни во оваа ситуација која ја имаме сега е неопходна масивна мобилизација и политизација на прашањето.  Тоа би требало да доаѓа од најмладите, односно тие кои се најзасегнати околу цела таа работа. Така што Грета ја донесе таа борба на едно порадикално, непосредно ниво и со тоа даде инспирација на многу млади луѓе, воедно и тука. Fridays for Future Скопје е резултат на начинот на кој што видовме дека се организираат овие млади луѓе во странство и секако контекстот тука е уште попогоден на некој начин, за да се создаде ваква филијала, бидејќи знаеме дека сме најзагадена земја во Европа и тоа е директно поврзано со климатските промени, што и сакаме да го ставиме до значење.

Каква поддршка имате од граѓаните, а каква од институциите?

Од институциите поддршка не ни треба, освен да ги донесат тие политики кои ни се очајно потребни, кога зборуваме за политичките институции, односно за власта. NGO исто така се во битка за животната средина, меѓутоа тие си ја бркаат сопствената работа, а Fridays for future се дефинира како движење на млади, кое нема непосреден контакт со институциите и е антисистемско движење. Тие нѐ поддржуваат до некој степен и тоа е добредојдено, но ние сме си сами за себе и така и сакаме да останеме. Граѓаните кога ќе не видат, ги сметаат тие акции за симпатични, но постои незнаење, кое за мене е зачудувачко околу тоа како климатските промени влијаат и се поврзани со општата ситуација. Тука нормално, постои недоверба и скептичност кај некои луѓе кои што не гледаат како: Кои сте вие? За кого го правите ова? Така да, сега за сега, пак е ова во некаква почетна фаза и поддршката што ја имаме од граѓаните е минимална.

Што сакате да порачате со протестот во петок?

– Со протестот во петок сакаме да порачаме дека се уште сме тука. Дека не планираме да се откажеме од тоа што го бараме и тоа што Грета го бара во последнава година и тоа што многу движења за борба против климатските промени го бараат со децении, меѓутоа сето тоа останува недоволно. Тоа што сакаме да го испратиме како порака е дека ние истрајуваме во цела оваа борба и дека не е ова за еднаш или за два пати, туку планираме да го продолжиме се додека нашиот глас не се слушне, бидејќи ова е една егзистенцијална битка.

Сметате ли дека со протестите кои што немаат масовен одзив, можете да ја натерате државата да преземе нешто?

– Така како што е во моментов, би било тешко со бројките што ги имаме сега. Меѓутоа како што би рекол еден од нашите помлади членови, кој е студент, Никола, што е океанот ако не збир од капки. Така што капка по капка доаѓаме и ова ќе расте, од ова нема бегање во иднина во секој случај. Тоа што ние покажуваме дека во моментов не сме масовна група, како што е во Европа и во останатите земји на западот, не нѐ обесхрабрува и знаеме дека секој пат ќе бидеме се повеќе и повеќе и знаеме дека ова го правиме за нас и за идните генерации, заради што бројките ќе дојдат.

Кои други активности ги преземате како организација?

– Сега скоро имавме предавања, во стил на презентации и работилници во средните школи, „НОВА“ и „Јахја Кемал“. Приватните школи моментално повеќе не прифаќаат. Тоа се работи за да се зголеми свеста за климатската криза. Меѓутоа исто така пробуваме да направиме акции кои кореспондираат со ресурсите што ги имаме во моментот. Тоа се герила акции, скоро имавме едно претставување на времепловот на климатските промени на камениот мост, со модели, со луѓе. Дебатираме, се собираме, се дружиме, преку што создаваме човечки односи меѓу нас и го градиме идентитетот на ова движење и се обидуваме тоа да го рефлектираме на нашата околина и да направиме тоа да биде препознаено.

Кога вие би биле власт, што би направиле?

– Тешко прашање, бидејќи ние не сме експерти, не сме политичари. Ние сме обични граѓани, повеќето се практично деца. Сега во моментов тоа што го знаеме е дека оваа Влада има буџет од два милиони евра за чист воздух и чиста животна средина. Тоа е смешно, тоа е мизерна сума за нас, бидејќи проблемот со животната средина е проблем број еден тука. Така што, доколку се работи за пари или буџет би направиле редистрибуција каде што место два милиони, тоа би било 200 милиони. Така да кога би имало пари, би имало и решенија за проблемот. Така што ние, не би знаеле во моментов што да кажеме. Но, ние не ни треба да знаеме. Наше е да го препознаеме проблемот и тоа и го правиме. А постојат научни студии и препораки од NGO за што треба да се прави и како тоа да се направи. Едноставно тоа само треба да се следи. Проблемот е волјата и парите. А пари одат на бесмислени работи. Така да тоа би го смениле ние.

Која е главната цел на вашето дејствување?

Главната цел на нашето дејствување е да создадеме свест за оваа работа и да ja контекстуализираме оваа битка, оваа ситуација на оваа домашна територија. Ова е број еден прашање кое станува приоритет во светот и ние сакаме да се поврземе со тие процеси кои се одвиваат на Запад и во Америка. Да не бидеме со овој менталитет дека сме мала држава па ќе правиме тоа што ќе ни кажат или нема да правиме ништо, ама сепак другите ќе го решат за нас. Ние мора да создадеме разбирање за работите, дека мораме сите практично да буткаме во иста насока на национално и на локално ниво и тоа е таа идеја што сакаме да ја пренесеме. Дека нема бегање од ова и нема ставање на главата во песок и надевање дека сето ова ќе пројде. Со ова мора да се соочиме, бидејќи инаку за неколку децении ќе се соочиме со вистинска катастрофа.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот