Интервју со Искра Михајловска: Без политичка волја не се возможни промени

Скопје е како нерамномерно наполнета шиена кукла. Едната рака ѝ е преполна, а другата ѝ виси. Запнале сите да градат во 4 км2, да ги напикаат луѓето во станови кои не се за живот, ама им продаваат „фенси“ локација. Скопје има потенцијал да расте и да се развива, само потребен ни е храбар човек кој нема своите визии да ги моделира според туѓи желби за профит. Вака го сецира Скопје и она што му се случува архитектот и претседателка на Собранието на Асоцијација на архитекти Искра Михајловска во интервјуто за „Женски печат“/„Слободен печат“, воденo од поранешната новинарка Ида Протугер Вељковиќ.  

Две чудесни жени се сретнаа за ова интервју кое ви го носиме на страниците на „Женски печат“. Во улога на „прашувач“ е поранешната новинарка Ида Протугер Вељковиќ (фала ти Ида!), денес сертифициран советник за личен развој, системски бизнис-развој, дипломиран психолог, со адреса на живеење – Виена, Австрија. Од другата страна пак, е уште една скопска „ѕверка“ и „вондервуменка“, архитектката Искра Михајловска, која од неодамна е претседателка на Собранието на Асоцијацијата на архитектите на Македонија.

Ида Протугер Вељковиќ: Позната архитектка, а од неодамна и претседателка на Собранието на Асоцијацијата на архитектите на Македонија. Долгогодишен активист во Здружението на граѓани „Здравје пред профит во Центар“. Колку можат стручните луѓе во земјата да променат нешто, надвор од органите на извршната власт?

– Претседател на Собрание на Асоцијација сум од скоро, но од поминатите скоро шест години со граѓански активизам слободно можам да кажам дека без политичка волја не се возможни промени. Дури и малку да ви попуштат, во еден момент или ќе пробаат да ве политизираат или едноставно ќе ве употребат како „гласот на народот“ и ќе ве изиграат на итарпејовски начин. Мислам дека во последниве години со граѓански активизам само борбата за подигање на свеста кон ретките болести успеа да извојува значајни и видливи промени, веројатно затоа што имаше и политичка волја за тоа.

Од овие години научивме дека за подостоинствен и поквалитетен живот во градот не е потребна само политичка волја и граѓански активизам, туку и градежници и бизнисмени кои се образовани и со широк поглед. Никогаш не сме рекле дека не треба да се гради. Но, еве јас доаѓам од Дебар Маало. Ајде нека ми каже некој политичар, дека автомобилите на улица „Орце Николов“ се на вистинското место и дека децата безбедно одат до училиште. Со примери за нарушен квалитет на живот можам да ви го исполнам цел весник. Како жители на Дебар Маало пробавме да направиме некаква промена и, за жал не успеавме. Верувавме дека заедно со градоначалникот на Центар ќе направиме промени кои ќе бидат пример, но не успеавме. Бизнисмените кои се занимаваат со градежништво со нивното влијание победија. Се надеваме дека барем ја подигнавме свеста на центарци.

Ида Протугер Вељковиќ: Од ваша перспектива, како мислите дека се чувствува Скопје и која е неговата најургентна потреба?

– Скопје е како нерамномерно наполнета шиена кукла. Едната рака ѝ е преполна, а другата ѝ виси. Запнале сите да градат во 4км2, да ги напикаат луѓето во станови кои не се за живот, ама им продаваат „фенси“ локација. Скопје има потенцијал да расте и да се развива, само потребен ни е храбар човек кој нема своите визии да ги моделира според туѓи желби за профит.

Ако малку погледнат на страна ќе видат како во старите и големи градови се прават нови населби со згради со модерни технологии. Ги населуваат млади луѓе во кои може удобно да живеат семејства, безбедно да играат децата, да си чуваат куче, да имаат каде да си го приберат велосипедот, ролерките, да си ја паркираат колата без нервози… Се чудам каде ли си ја чуваат новогодишната елка и украсите во оние ќумези што им се продаваат како луксузни локации низ Скопје?

Ида Протугер Вељковиќ: Ако сонуваме за Скопје надвор од канџите на урбаната мафија, кои би биле првите три услови тој сон да стане јаве?

– Многу лесно се користи фразата „урбана мафија“ и секогаш се мисли само на градежниците, а не е така. Тие би биле немоќни ако законите намерно не се направени со дупки и ако нема можности некој да им попушти со флексибилно толкување на законите и условите за градба. Тоа е спрега помеѓу политичари, државни чиновници и бизнисмени, кои водејќи се исклучиво од своите интереси, го уништуваат животот на мнозинството, без одговорност каков ужасен град им оставаат на своите поколенија. Нивните деца и внуци нема да живеат тука?

Така што мојот сон за град во кој би сакала спокојно да живеам, е поврзан со раскинување на таа коруптивна спрега.

Многу лесно се користи фразата „урбана мафија“ и секогаш се мисли само на градежниците, а не е така. Тие би биле немоќни ако законите намерно не се направени со дупки и ако нема можности некој да им попушти со флексибилно толкување на законите и условите за градба.

Ида Протугер Вељковиќ: Се ближат локални избори. Нема подобрување кај јавниот превоз, ниту во поглед на транспаретноста кај урбаното планирање и носење суштински одлуки за квалитетот на живот на граѓаните. Дали навистина промената на имињата на улиците беше од суштинско значење или можеше да се направат покрупни чекори кон поквалитетен живот?

– Веројатно тајмингот е политичка калкулација со изборите што доаѓаат, но промената на имињата на улиците требаше одамна да се случи. Тој потег на градската власт не би го споредувала со другите теми што се предмет на урбано живеење.

Подобрувањето на јавниот превоз е голем предизвик и веројатно најтешката работа во главен град на држава, па со тоа и една од најскапите зафати, и за очекување е да не може да се реши во еден мандат. Секако, не е оправдание, ако не се почне навремено да се планира.

Пред избори обично се губи логиката на дискусијата и затоа не би сакала да влегувам во нешто што може да е дневнополитички потег на власта. Она за што се залагаме е транспарентноста. Не само општинските власти, не само оваа власт, туку секоја власт треба да се навикне да работи на транспарентен начин. Треба да сфатат дека кога граѓаните бараат транспарентност од нив, тие не им се непријатели, туку сојузници.

Од скоро сум претседател на Собранието на ААМ, но член сум долги години и една од нашите главни заложби, со години наназад е барање за транспарентност на постапките кога е во прашање архитектонски проект. Како можело во минатото конкурсот за архитектонско дело да биде редовна појава, а денес авторскиот труд на архитектот да се сведе на обична јавна набавка? Пред некоја недела на политички настан ни се случи презентација на подарен проект за реконструкција на Универзална сала. Колегата што го донира проектот е искусен и не се сомневам дека има капацитет да направи реконструкција на Универзална. Но, начинот на кој сѐ ова се случи нѐ врати години назад како кога политичкиот врв го договараше „Скопје 2014“. Тогаш слушавме прикаски за евтини проекти со скапи изведби, донации од автори и сл. Сè уште се надевам дека нема да се вратиме во тоа време и дека постапката ќе ја објасни градоначалникот Петре Шилегов. Не поради авторот, туку поради политичката потреба за транспарентност.

Oд поминатите скоро шест години со граѓански активизам слободно можам да кажам дека без политичка волја не се возможни промени. Дури и малку да ви попуштат, во еден момент или ќе пробаат да ве политизираат или едноставно ќе ве употребат како „гласот на народот“ и ќе ве изиграат на итарпејовски начин.

Женски печат: Кој ви помогнал повеќе во животот, мажите или жените?

– Лош соговорник сум за ова прашање. Веројатно така сум растена. Никогаш не сум водела сметка, ниту кога ми помагале, ниту кога сум помагала дали некој е маж, жена, Турчин, Албанец, Ром… Има само добри и лоши луѓе.

Женски печат: Како е да се живее со Горан Михајловски?

– Никогаш не е досадно. Ѕвони телефонот во ситни саати во ноќта. Секогаш има испланирано две патувања однапред. На ова се радуваат и другарите, зашто ги планира и нивните патувања. Секако, ова важи за претходниот живот. Сега, додека сме во чекалната да ни се врати животот, си гледаме стари слики и веќе не се осмелуваме да планираме.

ФОТОГРАФИИ: Драган Митрески

Видео на денот