Интервју со Ирена Спасовска, фолк-пејачка: Не му се враќајте на маж што ве изгубил поради друга
Фолк-пејачката Ирена Спасовска на „Охрид фест“ ја испеа песната „Горат шумите на Македонија“, за која вели дека настанала во еден здив, откако се соочивме со големи загуби за време на пожарите што ја зафатија нашата земја.
Освен за музиката, со Ирена секогаш е задоволство да се зборува за приватниот живот, љубовта, вредностите…
Вчера славеше роденден, како го прослави и со кого?
– Роденденот си го прославив во еден објект во Охрид со мое драго друштво и поминавме одлично.
Прочитав дека велиш: „Секоја страница од мојот живот е роман, сакам да остарам затоа што секој ја нема таа привилегија“. Во каков роман би го сместила својот живот?
– Па да, секој ден е посебен и подрагоцен за мене. Сакам да остарам бидејќи некој ја нема таа привилегија. Мислам дека се разбира што сакам да кажам со тоа. Целта е да остариме, но битно е да се искористат благодатите од секој ден што ни е даден. Мојот животен роман е трилер, понекогаш со заплети и разврски што успешно ги решавам. Но, најчесто е среќен, бидејќи сум во години кога живеам по мои правила и ги толерирам нештата до точка што јас ја поставувам. Ги филтрирам работите до таа мера така што и 5 минути ми се многу да си го губам моето скапоцено време, што некогаш сум се давала безрезервно за кои било ситуации.
Кога сме кај годините, освен што не те плашат, како ја одржуваш убавината? И колку е важна убавината за една жена?
– Па не ме плашат доколку ги живеам до крај, онака како што сакам. Страшно е да остарам и да се покаам за нешто што не сум го направила, а сум можела. Сега засега си ги подредувам работите според мојата интуиција и околностите под кои живеам. Јас себеси се сакам со сите убавини што ги носам и со сите мани. И едните и другите се еднакво битни за да се одржи балансот.
Музиката е дел од твојот живот, „Горат шумите на Македонија“ е новата песна, со која си сега актуелна?
– Најново е мојата нова песна на „Охрид фест“, „Горат шумите на Македонија“, за која ги напишав музиката и текстот. Соочени сме со големи загуби во тој поглед и од тие побуди во еден здив излезе од мене убава песна, која се надевам ќе остане.
Долго време си дел од естрадата, каков е твојот став за фолк-музиката кај нас?
– Фолк-музиката си е добра, но нејзината презентација за жал не е добра. Убаво би било кога општините би нè викале нас и парите да се акумулираат во нашата земја отколку да се излеваат надвор и да се богатат пејачите од другите земји.
Освен музиката, што друго те исполнува, а не го знае јавноста за тебе?
– Ме исполнува да си угодувам себеси и на тие што ми значат. Ми значи кога ги хранам уличните мачиња и кучиња. Се грижам за нивната благосостојба. Тоа ми е голема болка, па сакам да помогнам, а сè друго ми е небитно…
Имаш ли омилена книга и на кој филм секогаш со радост му се навраќаш?
– Омилен ми е филмот со Ричард Гир со кучето Хачико. Ги читам книгите од Дејл Карнег и сè што е добро. „Полноќна роза“ од Лусинда Рајдли ја препорачувам. Читам постојано и тоа ми додава душевен мир.
Јавноста те знае како музичар, но приватно, каква си кога ќе се угаснат камерите?
– Јас сум личност што сака прецизност, отвореност, искреност, лојалност. Обично по дома сум опуштена и по пижами. Дека сакам да патувам, веќе знаете.
Што е со љубовта? Има ли некој со кого го делиш секојдневието и дали сè уште веруваш во љубовта?
– Не кажувам. Ова нека остане за мене. Секако дека верувам, јас сум опкружена со љубов од секаков вид, а љубовта е вечна додека трае. А, искрено, во последно време се сакам повеќе себеси и гледам да си се усреќам. Сè на сè, јас сум навистина среќна жена, а најдоброто допрва следува!
Која е пораката што сакаш да ја испратиш до сите жени што се во зрелите години?
– Жени, бидете жени и не правете компромис со мажите по цена и да останете сами. Давајте си го срцето само на оној што навистина заслужува. Слушајте ја интуицијата, таму се одговорите. Бидете одговорни за својот живот и никогаш, ама никогаш не му се враќајте на некој што еднаш ве изгубил за друга. Ако тој е неспособен да најде некоја откако ќе го „шутнат“, вие бидете паметни и не наседнувајте. Негувајте си ги пријателствата со вашите пријателки и вложувајте си во патувања и спомени. Секако доколку можете, вдомете си куче. Е тогаш и Господ ќе ве награди – ова од искуство го кажувам.