Интервју со Илинка Скаловска, музичарка: Не беше лесно да се студира музика во Италија на сопствен трошок, но трудот се исплатеше
Илинка Скаловска е реномирана музичарка со богата биографија. Таа има завршено дипломски и постдипломски студии по пеење, хорско диригирање и композиција на престижни музички конзерваториуми во Италија.
Неодамна ја промовираше својата нова песна „Нова искра“, што беше, меѓу другото, и повод со Илинка да разговараме во интервју за „Слободен печат“.
Неодамна ја промовираше песната „Нова искра“. Како си задоволна од промоцијата и од тоа како е прифатена песната?
– Задоволна сум од промоцијата, беше доста успешна. Што се однесува до песната, пред сосема кратко време е пуштена во јавноста, но првите резултати и реакции на публиката се мошне позитивни. Мислам дека има добри изгледи да доживее успех.
Со кого работеше на ова музичко дело, каде се снимаше спотот и која е пораката што сакаш ја испратиш?
– Музиката, аранжманот и текстот на песната се мои, исто како и вокално-инструменталната изведба. Миксот и мастерингот, пак, го направив со Дејан Миленковски и Валентино Скендеровски. Спотот го снимав на неколку убави места во Скопје. Преку оваа песна главната порака што сакав да ја дадам беше да пренесам позитивност и надеж – нешта што ни се потребни во секојдневието и кои се фигуративно пресликани во насловот на песната – „Нова искра“.
Како реномирана музичарка со богата биографија, кога всушност откри дека имаш талент за музика?
– Уште од раното детство и јас и моите најблиски забележавме дека имам талент за музика. Така што практично целиот живот се занимавам со музика.
Заврши дипломски и постдипломски студии по пеење, хорско диригирање и композиција на престижни музички конзерваториуми во Италија. Како би го опишала тој период и од животот и од музицирањето?
– Тој период беше мошне убав, но и многу напорен бидејќи не е лесно самостојно, со свои напори и на свој трошок да се студира во странство. Сепак, тоа ми овозможи да се здобијам со широки и корисни музички знаења.
Од каде љубовта кон преработки на народни песни?
– Отсекогаш покрај класичната музика ме влечел и нашиот фолклор и сум сакала да создавам дела што вклучуваат и елементи од него и кои на тој начин ќе бидат карактеристичен белег и на моите композиции.
Но, приватно каква музика слушаш?
– Ми се допаѓаат сите музички жанрови бидејќи секој музички вид е убав на свој начин. Не се ограничувам на само еден музички стил и слушам различна музика.
Освен што се занимаваш со музика, работиш и како модел. Каде е поголем предизвикот? И како оди ангажманот во работата како модел?
– Како модел работам само повремено, но во последно време создавам мои модни креации, кои може во блиска иднина да ги претставам со моделството. Воедно има мои костим-дизајни и во моите спотови.
Како и секоја млада девојка, колку внимаваш на изгледот?
– Мислам дека најважно за да имаме добар изглед е да се води здрав живот. За мојот изглед пред сè се грижам со вежбање, здрава исхрана, избегнување штетни пороци и слично, а шминкањето и модата за мене се од секундарна важност.
Што те прави среќна, а што те вади од такт?
– Ме прават среќна моите најблиски како и сите луѓе што ги сакам. Ме радуваат исто така успесите со музиката што ми се важен дел од животот. Тоа што ме нервира, пак, е што понекогаш имам премногу обврски и животот ми станува многу стресен. Мислам дека тоа е честа појава во денешно време.