Интервју со Игор Ангеловски: Македонија е репрезентација која повеќе не се плаши од никого

Селекторот Ангеловски за Слободен печат зборува за изминатата година и квалификациите за ЕП 2020, за претстојниот дуел со Косово во баражот за ЕП 2020, играта на репрезентацијата, за македонските екипи…

Македонската фудбалска репрезентација во 2019 година го забележа најголемиот успех во квалификациите, го освои третото место и е на чекор од пласман на Европското првенство. За разлика од клупскиот фудбал, каде македонските екипи доживеаја фијаско во европските купови, репрезентацијата беше најсветлата точка во изминатата година.

Освоеното прво место во Лигата Д од Лигата на нациите и преселбата во Лигата Ц, освоеното трето место во квалификациите за ЕП 2020 и обезбедениот бараж натпревар со Косово се постигнувањата се најсветлите моменти за македонскиот фудбал.

Огромен дел од заслугите одат на сметка на селекторот Игор Ангеловски кој веќе четири години е предводник на „црвено-жолтите“. Ангеловски за Слободен печат зборува за изминатата година и квалификациите за ЕП 2020, за претстојниот дуел со Косово во баражот за ЕП 2020, играта на репрезентацијата, за македонските екипи…

EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

Селекторе, колку сте задоволен од резултатите, но што е поважно, од играта на македонската репрезентација во 2019 година и штотуку завршениот квалификациски циклус.

– Па доколку треба веќе да избереме дали од резултатите или од играта, јас би рекол дека сум повеќе задоволен од играта, без разлика што овој резултат е најдобар во историјата на квалификациите во македонската репрезентација. Но, според играта заслуживме некој бод повеќе.

Што селекторот виде како добро и позитивно од настапите во овој квалификациски циклус и од 2019 година , а од што не сте задоволен и има време и простор за да се подобро.

– Тоа што е добро е што Македонија е веќе една компактна репрезентација која со игра и квалитет се спротивставува на секој противник. Македонија е репрезентација која не се плаши повеќе од никого без разлика на името на противникот и со огромна верба во себе влегуваме и настапуваме на натпреварите. Тоа што може да биде подобро се некои техничко-тактички детали, некои индивидуални одлуки во дадени натпревари што морамеда ги подобруне, а со тоа да го кренеме и нивото на квалитет во играта.

Колку Македонија според играта е блиску или далеку од врвните европски репрезентации.
– Во оваа група имавме два топ фаворити и имавме репрезентации со кои тешко се справувавме во минатото. Израел никогаш го немавме победено на домашен терен. Против Словенија и Израел на гости освоивме по бод, а дома успеавме да ги совладаме. Со Полска жалам за оној натпревар во Скопје, но на тој натпревар покажавме дека можеме да се носиме и со поквалитетни репрезентации.

Фото: ФФМ

Единствен слаб натпревар беше тој со Австрија кога имавме лош ден и заслужено загубивме. Покажавме дека Македонија со еден квалитет, компактност, може да се справи со оние репрезентации како што се Израел, Словенија, Полска и Австрија и се надевам дека тој квалитет ќе го надградиме за да можеме да влеземе и со оние топ репрезентации во Европа, како Шпанија, Италија, Германија. Во минатиот циклус против Италија одигравме два феноменални натпревари. Во Скопје загубивме во 93. минута, додека во Торино ремизиравме иако бевме многу блиску до победата и тоа е уште еден показател за квалитетот на македонската репрезентација.

Изминатата година Македонија покажа дека конечно може лесно да се справи со оние репрезентации кои не се дел од европскиот врв каде што припаѓаме и нив. Веќе играме и сме подобри од нив?

– Не е само тоа, Македонија во минатото имаше проблеми и со репрезентации како Андора, Лихтенштајн кога знаеше да киксира. Сега тоа го надминавме и сме супериорни против такви репрезентации. Супериорно го освоивме првото место во Лигата на Нации, а во квалификациите супериорно ги добивме двата дуели со Летонија така што веќе оваа репрезентација на Македонија не дозволи ниту едно негативно изненадување. Напротив, го подигнавме квалитетот и покажавме дека со репрезентации како што се Израел или Словенија имавме позитивен скор, а бевме блиску и до такво нешто и против Полска и Австрија.

facebook.com/FudbalskaReprezentacija/

Откако сте селектор, во дуелите со тие средни по квалитет репрезентации, ние сме супериорни на домашен терен, а се забележува и голем напредок во играта и резултатите кога играме на гости. Како да ја снема онаа психолошка бариера од настапите на гости. Ова е еден нов квалитет во играта на оваа репрезентација.

– Тоа е мојата филозофија на игра, и во клупската тренерска кариера и сега со репрезентацијата, јас не отстапувам од тоа да играме на гол повеќе од противникот. За мене е неуспех да се браниме 90 минути и по некоја среќа на околностите да одиграме 0:0, а не сме оствариле ниту една шанса. Подобро е да се ремизира со резултат 2:2 на пример, иако најдобро е да се победи.

Македонија во 2018 година ја заврши на 68 место, и 2019 година ја завршува на истото место. Бројките покажуваат дека нема напредок, но на теренот е видлив напредокот на играта.

– На ФИФА ранг листата е многу полесно да се скокнете од 100 место до 60-70, отколку од 60 и понатаму. Тоа е бидејќи и останатите репрезентации имаат позитивни резултати така што е многу потешко да се пробиеме понапред. Уште една работа која не ни оди во прилог е тоа што ФИФА го смени бодувањето. Доколку се рангиравме според стариот систем ние ќе бевме далеку подобри. Искрено за мене тоа не е одлучувачки фактор. За новинарите можеби е интересно, но некогаш не ја покажува вистинската слика..

Во Новата година, најважниот натпревар за Македонија ќе биде тој на 26 март на Националната Арена „Тодор Проески“ кога играме против Косово во баражот за пласман на ЕП.

– Ние на тој натпревар ќе пристапиме како и на секој друг. Тоа ќе биде дуел на две квалитетни репрезентации со голем влог. Сепак, тоа не треба да претставува оптеретување, товар, бидејќи доколку победиме против Косово, ние нема да се пласираме на ЕП, туку не очекува уште еден дуел кој го играме на гости. Најважно е добро да се подготвиме на психички план, бидејќи фудбалерите без проблем ќе влезат во тој натпревар. Потребна ни е огромна подршка од трибините, очекувам полн стадион, како што имавме и во квалификациите, а ние ќе вратиме со една максимално борбена игра, игра која се надевам дека ќе ни донесе голема радост.

ffm.mk

Косово беше едно од најпријатните изненадувања во квалификациите и не смее да се потцени иако играме дома.

– Ние никого не потценуваме. Ние не ги потценивме ниту Лихтенштајн, ниту Гибралтар, а сигурно тоа нема да се случи против Косово. Максимално ќе ја анализираме играта на Косово, ќе се обидеме да ги неутрализираме квалитетните сегменти од нивната игра. Фудбалерите се свесни што ни носи овој натпревар, јавноста исто така е свесна, така што очекувам во максимално најдобро издание и ние и навивачите да прославиме една значајна победа.

Како ќе се наближува натпреварот, така ќе се зголемува притисокот врз фудбалерите. Тие се спортисти но сепак им е потребна помош од страна, и дали се размислува за работа со психолог за овој натпревар.

– Сите репрезентативци во клубовите во кои што настапуваат имаат психолози. Во клубовите има далеку поголеми стресови и фудбалерите се навикнати на вакви натпревари така што засега немаме ни време ниту можност да интервенираме бидејќи фудбалерите ќе ги имаме на располагање на само два дена пред натпреварот. Собирот ќе биде на 23 март, а натпреварот е на 26 март.

Дали веќе почнува да се чувствува притисокот иако има околу 100-тина дена до него.

– За нас секој натпревар е притисок. Ние спортистите сме навикнати на притисок и можам да кажам дека тоа ни претставува убаво чувство. За нас притисокот мотивирачки, тоа не храни и ние живееме за натпреварот. Едвај чекаме да дојде 26 март и да покажеме што знаеме, а мислам дека знаеме многу. Ние сме постојано како нација која има големи очекувања и тоа е добро. Јав бев првиот кој кажа Македонија ќе се бори за пласман на ЕП, така да не бегам од тоа и мило ми е што бев во право дека овие фудбалери можат да се борат за пласман, а јас верувам дека и тие можат да го сторат тоа.

Вие ја направивте неминовната смена на генерации. Да бидеме искрени, капитенот Пандев е при залезот на кариерата и дали се размислува во идната година за дополнително вбризгување на нова крв. Во овие квалификации добивме уште двајца млади фудбалери кои се влог за иднината, Стојановски и Костадинов.

фото: ФФМ

– Македонија веќе е компактна репрезентација која може да се спави со секого но заборавив да кажам дека веќе имаме селекција која може да игра дури три квалификациски циклуси заедно освен Горан. Но тоа што Горан го направи за Македонија, може да ни биде пример и мотив за во иднина. Најважно е што ние функционираме како тим и како тим се справуваме против секого и така ќе биде иднина. Дури сега се покажа дека потегот кој го направив со подмладувањето е исправен, успеавме да креираме спој на искуство и младост и среќен сум што засега тоа функционира одлично и дава резултати.

Со добрите игри се врати публиката, а ги снема свирежите.

– Од една страна сум среќен, а од друга сум тажен. Кога игра Македонија, стадионот мора да биде полн. Не треба да се откажуваме од репрезентацијата, ако во минатото имало лоши резултати публиката ја нема на трибините, а сега кога победуваме играме пред полн сттадион. На фудбалерите им е потребна постојана поддршка. Има време и за критики и свирежи, кога ќе одиграме слаб натпревар, свирежите знаат да не освестат. Но, би сакал, 30.000 навивачи да ни свират, но и 30.000 навивачи да не бодрат 90 минути, а потоа доколку не се задоволни нека не казнат со свирежи. Стадионите, но и салите мора постојано да бидат полни бидејќи сите репрезентативци ја претставуваат Македонија и максимално се борат на секој натпревар.

Јас сум среќен што како селектор што иако од Полска загубивме, но 25.000 навивачи на крајот од натпреварот , станаа и ги наградија фудбалерите со аплауз бидејќи се бореа играа машки.  За наша среќа ние во континуитет бележиме позитивни резултати и со тоа ја вративме публиката која ни дава огромна поддрршка.

Го знае ли селекторот составот со кој ќе настапи против Косово доколку ги одбегнат повредите.

– Првиот тим веќе го имам во глава и посакувам да немаме повредени. Во овие квалификации имавме многу пехови со повредените, а ние како мала земја немаме преголем избор на квалитетни фудбалери и нормално дека ни е проблем кога имаме 1-2 повредени или суспендирани. Доколку се здрави, тогаш веќе го знам составот.

Македонските екипи многу брзо испаднаа од европските купови. Ваш коментар за квалитетот на македонската прва лига. Сепак не смее да се заборави дека дел од стандардните репрезентативци влегоа во првиот тим како членови на македонските екипи.

– Сум работел и јас во македонски екипи и се трудам да испратам поддршка до екипите со повикување на фудбалери од домашното првенство. Понекогаш тоа се осум, некогаш 3-4, но постојано се трудам и гледам да има фудбалери од македонските екипи за да испратам порака дека ја почитувам нивната работа но за жал во Македонија немаме константна квалитетна работа. За мене е несфатливо, на пример клуб како Вардар, пред две години да игра во Лигата на Европа, а по една или две сезони да се најде до позиција да не може да ги подмири средствата. Не обвинувам никого но зборувам за константа. Секоја чест за Вардар кој со такви услови успеа да стане есенски шампион и тоа е за огромен почит за тренерот, навивачите, клубот, управата. Исто така имаме стабилен спонзор во Шкендија кој вложува големи средства, а сепак не успеа да помине аматери од Лихтенштајн. Исто така Работнички не може да си дозовли пред три години да се бори за титули, а сега да биде последен на табелата.

фото: ФФМ

Колку во овие квалификации, факт е дека го зголемивме респектот во очите на сите европски репрезентации пред се се мисли на тие од европскиот крем.

– Доволен доказ за респектот кој го имаме кај сите е налчинот на кој тие пристапуваат протв нас. Прес конференциите пред и по натпреварите кога селекторите зборуваат за нашиот квалитет. Кога еден селектор како Матјаж Кек признава дека Македонија е подобра репрезентација, кога Херцог исто така признава дека сме подобнри. Кога селекторот на Полска признава дека среќно победиле во Скопје и тоа покажува со каков респект гледаат на нас и за тоа се заслужни само фудбалерите. Сосема заслужено сите Македонија ја гелдаат со поголем респеклтѕ.

Каков е селекторот во приватниот живот.

Селекторот е татко на Лука, Луна и Леа, сопруг на Тања и секој момент од слободноито време го користам да го поминам во нивно друштво бидејќи семејството  е тоа од кое црпам се и што ми е се во животот. Горд сум што сум татко на три деца и што имам нормално семејство, нормален живот и што сум воспиутан во тие македонски норми.

 

Која е вашата новогодишна честитка за фановите и читателите за 2020 година.

– Од се срце им посакувам среќна нова 2020 година и со своите семејства да доживеат многу посреќни моменти од 2019 годсина. Во поглед на репрезентацијата сакам сите да бидат здрави и да ги видам во март во хотел „Плаза“.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот