Интервју со Ѓокица Зафировски, музичар и дизајнер: Во мојата глава живеат три персони

Македонскиот музичар, гитарист и вокал на некогашната група „Санс“, Ѓокица Зафировски, кој со своето семејство повеќе од 20 години живее и работи како дизајнер во Лондон, минатата 2020 година објави два соло-албуми.

Култниот статус на македонската рок-група „Санс“ (Suns) во првиот том на „Македонска рок енциклопедија“ на Тошо Филиповски е потврден со текст на две и пол страници со приказ на сите фази, состави, концерти и изданија на групата. Константа во биографијата на бендот од неговото основање во 1989 година преку многубројните промени на составот, а и во времето откако бендот престана да постои, е Ѓокица Зафировски. Во 1994 година бендот го објави албумот „Мојот сон е само мој“ и со него влезе во македонската музичка историја.

Заедно со своето семејство Зафировски повеќе од 20 години живее во Лондон и работи како дизајнер. Токму затоа изненадувачки беше фактот што во текот на 2020 година објави два соло- албуми – „Вселена“ и „Помеѓу зборови“. Албумите може да се најдат на платформата бендкамп, а приказните за нивното создавање ги откриваме низ разговор со авторот.

Долго време не сме се сретнале, а ако прашам – што има ново, веројатно ќе треба да опфатиме период од 20 години. Но, што овие денови се случува во Лондон?

– Во моментов сѐ е застанато, како и секаде во светот. Но, да биде поинтересно, ќе одговорам претпандемиски, со надеж дека таа реалност полека ќе ни се врати во некоја форма. Лондон е голем светски центар, се случува сѐ и сешто, за сечиј вкус, но за тие што учат, работат и живеат тука е само место за живеење полно со секојдневни обврски. Возбудата е за туристите. Она за што можам да ти дадам увид е светот во којшто се движам јас. Ми пораснаа ќерките Јана (25) и Ема (17), не ме рецкаат веќе два отсто, имам повеќе слободно време за музика и творештво, како и за социјален живот со сопругата Маја. За мене е убаво освежување што во последниве неколку години се отворија многу мали интимни џез-клубови, каде што се свири страшно добра музика во разни стилови. Не сум љубител на масовни настани, но неодамна бевме фамилијарно на „Горилаз“, и тоа навистина беше феноменален концерт. Возам точак колку можам во секоја пригода. Дождот не е пречка, само студот.

Албумот „Вселена“ е селекција од песни што ги имам напишано во подолг период, но се дооформија во процесот на истражувањето на новиот звук и стил на пеење

Со години немав слушнато ништо за тебе, а минатата година изненади со објава на два албума, „Вселена“ во зимата и „Помеѓу зборови“ (Between the words) во есента 2020 година. Дали пандемијата на коронавирусот поинаку делуваше на тебе, или што беше мотив за ваквата креатива?

– Албумот „Вселена“ студиски го работев претходната година, пред да се случи ковидот, и е селекција од песни што ги имам напишано во подолг период, но се дооформија во процесот на снимањето на албумот и во истражувањето на новиот звук и стил на пеење. Барав новина и свежина за приказните, и мислам дека ги најдов. Сепак, многу луѓе го пофалија албумот. За жал, изостанува музичка рецензија или критика во некој македонски медиум, но мислам тоа повеќе не постои. Простете ако грешам. Задоволен сум со приемот по социјалните мрежи. Албумот „Помеѓу зборови“ како идеја се роди поодамна, кога почнав посериозно да го студирам утот како инструмент со макамската музичка теорија, врзан за генезата на нашата македонска чалгија и инспириран од многу џез/етно/амбиентални албуми и автори и авторки на кои наидов и се заљубив во нивната музика. Студиски го работев веднаш по првиот албум, а тоа веќе беше сред пандемијава, и желбата да најдам некоја формула да ја спојам електрониката и акустиката резултираше во амбиент во кој уживав додека медитирав на темите. Мислам дека тоа и се чувствува на албумот. Ковидот не е причината за моите нови музички творештва. Долго време полека се создаваа услови да изградам простор, да најдам нови инспирации, да научам нови инструменти и алатки и да одвојам време да ги реализирам овие идеи. Среќен сум што се случија. А, ги имам уште многу. Ова е само почеток.

Албумот „Помеѓу зборови“ како идеја се роди поодамна, кога почнав посериозно да го студирам утот како инструмент со макамската музичка теорија

На двата албума си автор на текстовите и на музиката, ги свириш сите инструменти. Колку напредното технолошко време ти овозможи да бидеш сам свој музички мајстор?

– Технологијата дефинитивно го олесни процесот на аудиоинженеринг, едитирање и продукција – денес не ви требаат баснословни суми да постигнете квалитет. Но, перформансот и магијата се случуваат во интелектот, прстите, гласот и духот на музичарот – и сепак, треба да напишете добар текст и музика. Сите компоненти се важни. Сите инструменти на моите албуми се аналогни и отсвирени во живо, освен ритамот. Тапанарскиот занает е еден од најтешките. За тапаните и перкусиите користев семплер. Ако сте столар, ви требаат машини и стругови и работилница. Ако сте музичар, ви треба студио и снимателска опрема. Во моите почетоци, најголем проблем за напредок за секој бенд беше немањето соодветна просторија, опрема и услови за континуирана работа. Немавме ни обични демо четириканалци – сѐ беше недостижно. Имаше голема дискриминација кој имаше пристап до добри студија, опрема и за која цена. Јас со години учам и експериментирам со аудиоинженеринг и миксање и овие два албума беа можност да го применам тоа знаење. Работењето самостојно во студио има свои предности и маани. Секогаш има подобар начин да направите нешто, но треба да знаете кога да престанете и да го направите последниот микс. Процесот на учење нема крај.

Моите музички интереси секогаш биле пошироки од самиот доминион на рок-музиката, со која бев примарно преокупиран и беше мој музички стил и израз многу години

Покрај гитарата, на песните е очигледно (се слуша) и звук на други жичени инструменти што даваат нијанси на ориентален звук. Дали тоа е трагање по нов звук?

– Моите музички интереси секогаш биле пошироки од самиот доминион на рок-музиката, со која бев примарно преокупиран и беше мој музички стил и израз многу години. Кога полека ми се создаваше време, почнав сѐ повеќе и повеќе да слушам и да бидам инспириран од други стилови и култури. Но, сепак, интересот ми се задржа на инструментите од нашето поднебје. Така ги набавив и почнав да ги изучувам примот, македонската тамбура и утот – кои налик се многу слични на гитарата – но се комплетно различни и по метод на свирење, штимање итн. Треба време да совладате инструмент и да го потчините под свое. Бојата на овие инструменти е магична и сакав да ги вклопам во моите аранжмани, суптилно и ненаметливо, во современ контекст. Направив многу демо-снимки за да пробам разни звучни слики и полека се оформи звукот што го слушате на „Вселена“.

Како документ од времето на групата „Санс“ остана „Мојот сон е само мој“. Од денешен аспект, што беше сонот?

– „Мојот мир, мојот дел, мојот свет – и мојот сон е само мој“ – е рефренот на песната по која албумот е именуван, крик на еден измрцварен 20 и нешто годишник, растен во социјалистички стабилизациски реформи на свеќи, распад на земјата во која се родил, војни, криминал и корупција како негово секојдневие, уништени генерации младост, мрачна иднина, не по негова вина. Затечени сред меќава. Можевме ние да пишуваме безгрижни љубовни песнички додека сѐ гори околу нас, но музиката за нас беше платформа за револт, а не за „разбибрига“. Сонот беше да се живее во сосема поинаков, подобар свет, а не во разгром. Денес не се чувствувам комотно да зборувам за земја во која не живеам и не работам долго време, немам право на тоа, но сум дел од културното ткиво и генезата на таа земја, и имам право да кажам дека, за жал, сонот сѐ уште не е реалност. Како автор и уметник имам право и одговорност да ја критикувам таа состојба. Тоа важи и генерално на глобално ниво, светов ни е навистина во жална состојба и новите генерации со наша помош мораат да бидат подобри од нас, за да го променат на подобро, за нивно добро. Парадоксално на рефренот, мислам дека ова е заеднички сон на многу луѓе денес.

Повод за реизданијата на албумот „Мојот сон е само мој“ на групата „Санс“ е јубилеј, потсетување, носталгија, културно значење, славење на македонската независна култура

Од касетното издание во 1994, албумот беше реиздаден на винил во 2019 година. Требаше ли да помине толку долго време?

– Да потсетам, имаше и реиздание на цеде во 2004. Повод за реизданијата е јубилеј, потсетување, носталгија, културно значење, славење на македонската независна култура. Цедето на 10, винилот на 25-годишнината. На 15-годишниот јубилеј одржавме концерт. Ние (бендот „Санс“) сме многу горди на тој албум, двоен албум поточно, печат на едно време. Многу труд и лични жртви се вложени во него, независно издание што направи историја, снимено во сиромаштија и распаднат систем. Изданието и сите реизданија се самофинансирани, без никаква институционална поддршка од никого, освен, се разбира, со голема благодарност до издавачите „Коприва“, „Литиум“ и „Корпус деликти“ респективно за помошта во легалните процедури.

Интернетот и социјалните медиуми ги избришаа физичките и просторните граници. Колку успеваш од Лондон да следиш што на музички план се случува во Скопје?

– Многу ме интересира и сум добро информиран за сѐ што се случува. Кога сум во земјата, одам на концерти и купувам плочи и изданија од нашите автори и авторки. Не само во главниот град, од целата земја. Во Охрид пред некоја година наидов на феноменални локални чалгаџии, им купив цеде што сами го снимиле и издале. Ме радува што многу домашни издавачи, како „Шарла“, „Балкан Велики“, „ПМГ Рекордингс“, „Корпус деликти“ и СЏФ ги ставаат и старите изданија, но и промовираат и публикуваат и многу нова музика преку бендкамп-платформата. Новата музика особено ме радува. Во изминативе две години се издадоа многу добри албуми, со светско ниво. Таа ќе го збогати и ќе го продолжи векот на нашата култура и битие, но и публиката треба да си го одврзе ќесето и да ја поддржува таа култура и тие храбри независни издавачи. Медиумите треба да ѝ дадат простор, да ја следат. Интернетот прави илузија дека сѐ треба да е бесплатно.

Се обиде ли во Лондон да направиш некаква музичка интеракција со тамошната сцена?

– Досега не. Моите песни се напишани на македонски јазик, кругот на публиката е мал. Локално и нешто балкански. Меѓутоа со новиот албум „Помеѓу зборови“ мислам дека имам добар материјал, со кој ќе можам да започнам комуникација со поширока публика поради инструменталниот карактер на музиката. Аплицирав за настап на неколку фестивали и клубови по пандемијава, ќе видиме како ќе оди. Во процес сум на дефинирање на третиот албум и сѐ уште не знам на што ќе излезе. Експериментирам, тоа е дел од мојот процес на работа, но веќе има теми со потенцијал за поширока публика.

Сигурно не живееш од музика во Лондон. Практично, од што живееш? Во описот на твојата професија наидов на информација за UI/UX дизајнер и директор на продукција, како и работа во „Гугл“?

– Во мојата глава живеат три персони. Музичарот, Дизајнерот и Третиот. На Музичарот, слободоумен и занесен од разноразни инспирации што пишува песни на македонски јазик, многу тешко му оди бизнисот, речиси никако. На Дизајнерот, креативен и прагматичен, бизнисот многу добро му тргна пред четврт век, и до ден-денес е многу успешен. Овој Третиов ги пази двајцава да не се скараат и да си дадат време и простор да постојат. Мојот бизнис-профил, титули и иновации се транспарентно достапни на Линкдин, кој се интересира, нека повели, цела историја е таму. Она што мене („мене“ се сите тројца заедно) ми значи е, дали и колку придонеле Музичарот и Дизајнерот за македонската култура и светската наука. А се надевам, уште ќе придонесуваат.

Пандемијата и забраните на движење ќе траат и оваа година, но планираш ли да доаѓаш наваму? Евентуално, би правел ли промоција на новите два албума во Скопје?

– Штом се отворат границите и е безбедно за нас и нашите домашни да ги посетиме, ќе се видиме веднаш. Најубавите моменти во музиката се доживуваат на концерт во живо, и секако планирам промоција не само во Скопје, туку и во колку што е можно повеќе градови во земјата – во помали интимни простори, како во старите добри времиња. Во зависност од времето за подготовка и условите, ќе бидат или со придружен бенд или соло акустични. Дотогаш ќе биде и третиот албум, на кој моментално работам. Им пожелувам на сите да се чуваат и да останат во добро здравје и дух и да се видиме на концерт наскоро. Албумите се достапни на https://gjokica.bandcamp.com/. Благодарам на можноста да ѝ се претставам на вашата ценета читателска публика.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 70, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот