ИНТЕРВЈУ СО ФИЛИП ФИДАНОВСКИ: Нема нешто поценето и подоблесно од тоа да создавате уметност и убавина

Изложбата „Трилогија: Ликови-луѓе“ на Филип Фидановски е круна на повеќе негови проекти реализирани од 2010 до 2019 година. Во суштина, прикажани се три изложби во една поставка. „Трилогија: Ликови-луѓе“ ги обединува изложбите „Време за…“ (2010), „Тајната вечера“ (2013) и „Дијалози во боја“ (2019).

Кои се главните карактеристики на изложбата поставена во галерискиот простор на „Арт Хаб“?

– Многу е специфична темата што се обработува на самата изложба. Општа е, социјална е, но и културолошка. Темата зафаќа многу аспекти. Идејата со оваа изложба ми е да предупредам на отуѓеноста на луѓето едни од други, на заборавената комуникација меѓу нас. Новата технологија, Фејсбук и разните социјални мрежи направија луѓето да се однесуваат како туѓинци, да немаат никаков допир меѓусебно, а многу се силни кога ќе седнат пред тастатурата. И мене ми се случило да седнеме во друштво, да се фатиме за мобилните телефони и да молчиме гледајќи во дигиталните екрани. Тоа веќе ми е тотална мизерија. Со оваа изложба тргнувам од „Време за…“, бидејќи навистина мислам дека треба да најдеме време за пријателите, за најблиските, но и за самите себе, а кое веќе никогаш го немаме. Сегментот „Тајната вечера“ не е толку протоколарен како што изгледа, туку е вечера каде што се поканети двајца, иако на поставката има 12 лика. Симболиката со 12-те апостоли, или 12 витези на тркалезната маса е повеќе од јасна. Пораката е дека во трката со времето и со бизнисот, во целата оваа динамика на животот, заборавивме дека со луѓето треба да седнеме како луѓе. Третиот сегмент, „Дијалози во боја“, произлегува од претходните два со одредени модификации. Портретната глава на која се поставени други ликови, всушност, е мој автопортрет на кој ставам лица од други луѓе. Меѓу нив има и „Тој“ (2017) и „Таа“ (2017) и „Распеани чудаци“ (2018) и „Портрет на молк и врисок“ (2015). Истата порцеланска автопортретна скулптура беше искористена уште во еден мој проект –„Пикасо, можеби Јас“. Така што со оваа изложба ги поврзав сите овие изложби во една поставка.

Една од скулптурите поставена сосема сама во аголот на галеријата има наслов „Портрет на молк и врисок“. Колку нејзината позиција и наслов можеме да ги толкуваме како уметнички коментар на современото општество и на денешнината?

– Токму тоа е нејзината функција. Таа скулптура е чиста и бела, што укажува на невиност, но целата е наежена од сето она што ни се случува во општеството. Целата изложба го претставува мојот поглед на она што ни се случува во општеството, поглед од аспект на уметник, но и од аспект на професор што ги гледа учениците како комуницираат меѓу себе. Тие седат едни до други и се допишуваат со мобилен телефон, а немаат жива комуникација меѓу себе.

Главна карактеристика и на изложбата и на вашето творештво е керамиката. Како се одлучивте да се занимавате со оваа дисциплина и што таа бара од уметникот за да креира успешно уметничко дело?

– Конкретно на изложбата станува збор за порцелан, кој е уште потежок за работа од керамиката. Процесот на создавање едно дело бара голема концентрација во работата и точност. Ако се случи грешка, нема да имате производ. Точноста ја поврзувам со мајсторството во работата. Точноста е таа што ја одредува прецизноста на техничко-технолошкиот процес во изведбата на делото. Керамиката во теоријата, а во практиката како уметност, е енигма во моментот кога го ставате предметот во печката и го печете на 1.200 Целзиусови степени. Енигмата е тоа што не знаете по печењето што ќе извадите надвор од печката. Може ќе извадите ремек-дело како што сте го замислиле, или ќе извадите керамички или порцелански крш. Токму затоа керамиката е голем предизвик за сите уметници. Пикасо намерно правел скулптури од керамика затоа што го почувствувал предизвикот на таа енигма.

Како професор во Државното средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“, забележувате ли интерес на младите генерации за оваа дисциплина? Каков совет им давате?

– Интересот за ваквите дисциплини е сѐ помал, а расте интересот за некакви мултидисциплинарни и компјутерски програми. Се намалува интересот за традиционалните дисциплини, како што е керамиката, иако таа е многу модерна како изразно средство во уметноста. Тие што, сепак, ќе се одлучат за оваа дисциплина ги советувам да бидат истрајни во работата. Во училиштето предавам занает. Не предавам од учебник. Затоа секогаш им велам на учениците да не очекуваат дека ќе им дадам нешто, туку тие треба занаетот да го украдат од мене. Занаетот се краде, не се учи. Гледајте што правам, прашувајте зошто го правам и ќе ви дадам точен одговор. Таков е мојот однос со учениците.

Изложбата „Трилогија: Ликови-луѓе“ е втора изложба, по „Претседателите на ДЛУМ“, поставена во галерискиот простор на уметничкиот центар „Арт Хаб“ во ГТЦ. Колку сте задоволни од посетеноста на првата изложба и кои се очекувањата за понатаму?

– За чудо, посетеноста на првата изложба беше огромна. На дневна основа најмалку по дваесетина луѓе поминувале да ја видат изложбата „Претседателите на ДЛУМ“. Враќањето на ДЛУМ во ГТЦ резултира со еден доказ дека на градот му недостигаат галерии, а не кафулиња во строгиот центар. На центарот му недостигаат културни содржини, затоа што најголемата фреквенција на луѓе е тука и тука треба да ги шириме културата и образованието. Тенка е границата меѓу културата и образованието и не знам кога челниците ќе сфатат дека во центарот треба тие да се шират, а не кафулиња и наркоманија.

ДЛУМ склучи договор за јавно-приватно партнерство со сопственикот на „Арт Хаб“ за поставување изложби на своите членови во галерискиот простор, но на некој начин, повторно е потстанар? До кога така?

– ДЛУМ тука не е ниту потстанар. Со договорот на ДЛУМ му се доделени одредени термини во кои прави претставувања на своите членови. Со галеријата имаме техничка соработка, а за возврат добиваме 12 термини за изложби во текот на годината. Во суштина ништо не е бесплатно, туку е еден вид компензација. Ние помагаме со логистика и со техничка поддршка, а од галеријата ги добиваме 10-те дена во текот на еден месец.

Чаре за свој простор барате повеќе години. Има ли крај за таа мисија?

– Чаре бараме и ќе го бараме. Барем додека ми трае мандатот ќе барам и сигурен сум дека ќе го најдам, бидејќи сум тврдоглав по природа. Поднесов барање до премиерот на државата да нè прими како делегација од Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Не планираме да разговараме само за точката галериски простор, туку и за намалување на даноците за продажба на уметнички дела, кои сега се 18 проценти, а притоа печатниците за печатење плаќаат 5 проценти данок. Зошто уметноста да не е привилегирана, а другите да се. Има и други аспекти на економијата кои имаат 5 проценти, а уметноста е со 18 проценти данок. Ќе го отворам и прашањето за еден денар за културата, со коешто ќе бараме еден денар од сите акцизни стоки, како што има за здравството, за образованието, да има и за културата. Со тие пари да се реафирмира и да се врати откупот на дела од самостојните изложби на уметниците. Веќе имаме голем вакуум-период во кој музеите и галериите од одредена група уметници немаат ниту едно дело. Затоа сакаме да го вратиме откупот на дела како што било порано, по истиот начин и правила, со комисии составени од релевантни фактори од областа на ликовната уметност во државава, со претставници од Националната галерија, од Музејот на современата уметност, од ДЛУМ. Тие комисии ќе одредуваат од сите самостојни изложби кое дело ќе биде откупено од одреден автор. Тоа ќе биде и мотивација и стимулација за авторите. Ако му се плати едно дело, тој ќе има можност да направи ново, а не да бара односно да проси пари за да си купи материјали за ново дело. Тоа се предлозите што ги иницирав, упативме писмо до премиерот и сега чекаме да видиме кога и дали ќе нè прими.

Во овој период тече и Конкурсот за следниот Зимски салон, како една од најзначајните активности на ДЛУМ. До каде сте со таа работа?

– Крајниот рок за предавање на делата за Зимскиот салон е од 25 до 31 декември и сѐ уште не би можел да кажам ништо во тој правец. Некаде по Нова година ќе објавиме колку дела се пријавени, а кураторот Кирил Пенушлиски ќе каже колку од тие дела ќе бидат примени. До крајот на оваа година ја имаме Годишната изложба на ДЛУМ, која ќе биде протестна изложба. Нема да има изложба, туку ќе оставиме на 24 декември да дојдете во „Мала станица“ и да видите што ќе направиме. На 25 декември ќе ја доделиме наградата „Нерешки мајстори“ за животно дело на Анета Светиева и ќе направиме изложба во „Арт Хаб“, каде што ќе ѝ биде врачена наградата. Финансиски наградата ќе биде поткрепена од „Еуролинк осигурување“ и г-ѓата Олга Костовска. Оваа година сите награди на ДЛУМ се со финансиска поддршка.

По сите разговори за состојбите и за односот кон културата во државава, дали во некој следен живот повторно би ја избрал ликовната уметност?

– Секако! Нема нешто поценето и подоблесно од тоа да создавате уметност и убавина. И секако, не би сакал да сум политичар.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 7, во викенд-бројот на „Слободен печат“ на 30 ноември/ 1 декември 2019)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот