ИНТЕРВЈУ со Филип Аврамчев: „Skopje Light Art District“ мора да се доживее

Оваа година по втор пат се одржува „Skopje Light Art District“, кој претставува прв од негов тип на меѓународен фестивал на светлосна уметност во Скопје. Фестивалот го организираат Универзална Сала, Град Скопје и ROCK проектот од програмата Horizon.

За фестивалот, неговата посетеност и иднината што му претстои, Слободен печат разговараше со директорот на Универзална Сала, Филип Аврамчев.

Од каде идејата за „Skopje Light Art District“ ?

 

– Главната идеја за „Skopje Light Art District“ произлезе од бројните вакви фестивали на светлината кои се одржуваат низ Европа и светот. Како директна инспирација за настанот послужи фестивалот на светлината во Лион, град кој што е вмрежен со Градот Скопје во рамки на РОЦК проектот каде што се одржува еден од најстарите фестивали од ваков тип во светот.

Гледајќи дека е втора година по ред како се одржува настанот, кои се разликите од ланскиот ?

 

– Оваа година одбравме малку подолга патека од онаа што беше минатата година. Исто така и бројот на светлосни инсталации и перформанси е зголемен на 18, така да има по нешто за секој посетител. Оваа година имаме светлосни уметници од целиот свет, со доста интересни дела и досега, задоволни сме и од посетеноста и од начинот на кој се одвива фестивалот. За прв пат, една од инсталациите има и натпреварувачки карактер, тоа е натпреварот во видео мапинг, на кој 9 видео уметници од земјата и странство со проекции на фасадата на зградата МЦМ се натпреваруваат за фестивалското Гран При, наградата “Златко Славенски“.

Дали годинава има поголема посетеност од минатата година ?

 

– Судејќи по реакциите и заинтересираноста, посетеноста е значително зголемена. Се работи за светски настан, за културно доживување. Ова не е нешто што се раскажува и што се случува секој ден и навистина треба да се погледне и доживее. Голем дел од граѓаните кои не го посетија минатогодишното издание на фестивалот, се наши гости оваа година, но и самата распространетост на инсталациите му дава можност на секој случаен минувач да биде дел од самиот настан.

Колку уметници присуствуваат и на кои локации се наоѓаат нивните дела ?

 

– Годинава имаме 26 уметници од државата и странство, поставени на 18 локации низ центарот на градот. Започнувајќи од Куршумли Ан во Старата чаршија со светлосните бранови на Пол Фридлендер, преку кејот на реката Вардар и тамошните инсталации на светлосните уметници, се до Градскиот Парк каде е Chill зоната и првиот натпревар во видео мапинг на фасадата на зградата МЦМ. Поставките и перформансите се активни од 20:30 до 24:00 часот.

Каква е поддршката на градските институции за овој настан ?

 

– Половина од средствата за настанот ги обезбедува Град Скопје преку Програмата за култура, а половина се обезбедени од РОЦК проектот, дел од Хоризонт 2020 програмата на ЕУ.

Што е планот за иднината на „Skopje Light Art District“?

 

– Целта е „Skopje Light Art District“ да расте секоја година и да понуди нешто ново на скопјани. Еден од главните предизвици е зголемување на степенот на инклузивност и вклученост на што поголем број на граѓани, компании, уметници и уметнички друштва, културни установи, со цел фестивалот да постигне ниво на одржливост. Со овогодинешното издание, Skopje Light Art District го достигна нивото на сериозен меѓународен фестивал и идната година очекуваме уште поголем интерес кај светски реномирани уметници за настап на фестивалот.

Во продолжение погледнете ги сликите од настанот.

[foogallery id=”31429″]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот