Интервју со Емануел Рембер: Сегашноста е миг на изолација

Во издание на Издавачкиот центар „Три“ излезе од печат книгата „Скршнувања“ на францускиот дипломат, писател и хроничар Емануел Рембер, кој речиси три години е на дипломатска служба во нашата држава.

Францускиот дипломат, писател и хроничар Емануел Рембер со години работи во служба на својата држава во повеќе земји низ светот. Последниве три години е директор на Францускиот институт и советник за култура во Амбасадата на Франција во Скопје.

Автор е на делата „Баренцовата шапка“, „Немирни денови во Либија“ и „Во Лотарингија“. Збирката хроники „Скршнувања“ е негова четврта објавена книга и содржи хроники објавени во списанијата „Космо“, „Економија и бизнис“ и „Портрет“. На книжевен план книгата е огледало на патешествијата на Рембер во нашата земја и на средбите со многу интересни луѓе и предели. Со својот препознатлив, питом и ерудитен стил францускиот дипломат раскажува за многу свои посети на градови, планини и езера, за средби со обични луѓе и уметници, им пишува писма на своите деца, ги споделува со нас своите размисли за кулинарството, за уживањето во медитацијата, за екологијата.

Одмерен и отмен во секое негово појавување на јавните настани, Рембер со многу чувство ги бележи појавите и личностите во периодот на неговата дипломатска работа во нашата држава.

Дојдовте во Скопје, по Брисел, Триполи, Братислава, Осло… Како Ви изминаа годините поминати во Скопје?

– Речиси три години поминаа откако сум во Скопје и пошироко во Северна Македонија. Земјите не можат да се споредуваат, секоја функција е ново „скршнување“, патешествие што ме оттргнува од изворниот пат, кој, пак, за мене e Нормандија. Толку многу го сакам тој регион во Франција, Нормандија, каде што сум и роден.

Но, да се вратиме на Северна Македонија, пред сѐ, многу ја сакам работата што ја правиме тука, со одличниот тим на Францускиот институт, во сите области на културата. Во месецот на Франкофонијата, односно во текот на март, требаше да имаме програма посветена на книгата и на француската шансона. Сè мораше да се одложи поради пандемијата.

Што се однесува до моето слободно време тука во Северна Македонија, моите овдешни пријатели доаѓаат од најразлични хоризонти: многу франкофони се разбира, но исто така и вљубеници во природата, планинари, тенисери, фармери и месари, како тој во Крушево.

На почетокот од книгата го користите цитатот: „Три настани се важни за човекот: раѓање, живот и смрт. Не се сеќава како се родил, страда што ќе умре и заборава да живее“ од Жан де ла Бријер (1645-1696). Зошто?

– Пред сѐ, Жан де ла Бријер е дел од тие автори на кои им имам посветено мал книжевен семинар во Францускиот институт, кој, пак, беше насловен како „Почетоци во литературата“. Во „Карактерите“ на Ла Бријер, формата е толку кратка и фрагментарна што таа на крај се одрекува од свое потполно довршување. Тој се откажува од нешто што можеше да биде голема книга, нешто огромно, дури и колосално. Таа негова грижа е да не се заврши, односно да се направат само почетоци… „Почетоци во литературата“. Жанрот што најмногу го претпочиташе Ла Бријер е токму портретот, нешто како хрониките што се објавуваат во едно списание, тоа се една низа на портрети.

Токму посочениот цитат ви овозможува да ја дофатите специфичноста и оригиналноста на начинот на кој пишува Ла Бријер, односно неговиот избор на фрагментот. Тој наметнува постегнато пишување и поедноставување на секоја тема со цел да се задржи само суштинското, цртата, детаљот што ќе ја означи целината. Тој цитат ни кажува сè, го резимира животот со стил.

Со наслов „Македонски хроники“ во првото поглавје на книгата правите автопортрет, но многу повеќе низ куси хроники ја портретирате земјата во која сте на дипломатска мисија. Очигледно е дека бележникот секогаш Ви е при рака, но што најдиректно Ви дава инспирација за пишување?

– Да, токму така, во најголем дел пишуваме само за себе. Во текстот „Автопортрет, во писмо до ќерка ми“ напишав: „Па, еве сум! Добро ми е. Непроменет во изгледот. Ниту полн, ниту слаб, просед и проќелав. Главно изгледам како патник, со среден раст и со става на дипломат во Скопје, по Брисел, Триполи, Братислава, Осло – патник што останува вчудовиден од сè околу себе, како во тинејџерско доба. Патник во воздух. Наликувам повеќе на птица отколку на крт.“

Што се однесува до бележникот, тој му е неопходен на секој што сака да пишува секој ден. На пример, „пишувам, заврзувам, се врзувам. Нишката е невидлива. Се заплеткувам во ткаенината на зборовите и се обидувам да го отплеткам замрсеното клопче. Тоа е сè (…) Ако не пишувам, се досадувам… но во суштина, пишувањето е егзил со, од време на време, поштенската картичка од некоја земја“.

Во вториот дел од книгата се поместени портрети на славни светски и француски личности. Колку сите тие се дел од Вашиот личен духовен развој?

– Прашањето е интересно. Станува збор за портрети на други. Овој пат, не е веќе „Мене треба да ме гледате во еден пејзаж“, туку треба да ги запознаете авторите што сум ги читал. Треба да ме видите во мојата библиотека за да ме запознаете: Монтењ, Бодлер, Флобер, Бекет, Черчил, Генсбур, Франсоаз Саган, Мондријан итн.

Третиот дел го носи насловот на книгата – „Скршнувања“ и содржи хроники што го носат духот на нашето време. Какво е Вашето чувство на сегашноста?

– Сегашноста е миг на изолација. Се работи само за едно скршнување (подвлекувам)!… Не престанав да го крстосувам светот и да живеам во различни земји. Денес, изолирани дома, ние сме зафатени од една чудна војна. Оваа единствена ситуација, незамислива до пред шест месеци, треба да ни помогне да размислиме за затвореноста дома, за читањето и нашиот однос кон светот.

Изолација… Ова патување во одново пронајденото време (Пруст), благодарение на моќта на книжевноста, на времето посветено на подготовка на убави јадења, ќе овозможи можеби будење на чувствителноста, на контемплацијата, на внатрешниот живот. Ако коронавирусот ја поштеди целината на нашиот организам, што им го посакувам на сите, тој ќе ја покаже цврстината на нашиот внатрешен свет.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 27, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-20 април 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот