Интервју со Елизабета Секирарска: Образовни политики, a не политика во образованието – колку и да е тешко!

Елизабета Секирарска, професорка со стаж од три децении, останува со верба дека учителствувањето е единствената професија што не е професија, туку е начин на живот.

Елизабета Секирарска е со триесетгодишен стаж во образовната професија, активно работи на имплементација на современи интерактивни методи и техники во наставата и како обучувач и развивач на компјутерски алатки за работа во наставните предмети. Член е на уредувачкиот одбор на педагошката ревија „Воспитни крстопати“, каде што објавува свои стручни трудови, од кои дел се наградени. Во 2013 година беше прогласена за просветен работник на годината на државно ниво во категоријата средни училишта.

Секирарска често нагласува дека „улогата на наставникот секогаш е иста – да инспирира, да поттикнува, да учи, да воспитува, да го заменува затворениот ум со отворен, да го преобразува мозокот во ум, конечно. Да овозможува зреење на младите. Да им помага да го научат светот и да го гледаат на правилен начин. Да им биде пријател и по тоа пријателство да го помнат цел живот. Да го заслужат со тоа епитетот добар учител“.

Додава сека сите претходно наброени улоги на наставникот се педесет во едно, и колку и да се сменети околностите, учителот е секогаш носител на тие улоги.

– Само сцената се менува, а тој како и секој добар актер, умее да владее со неа. Ако е добар, се разбира. Ако не е, ќе изостане аплаузот и зад учителот ќе остане само спуштената завеса. Секако, со менувањето на концептот на сите вредности, кое современието го носи како своја придобивка, сите некогаш силно етаблирани аспекти на живот, во кои спаѓа и третманот на учителот од страна на децата и на родителите, секако му се усложнува улогата и го става во ситуација на изведба на вжештена сцена, поради што станува покомплексно да се биде учител, вели Секирарска во интервјуто за „Слободен печат“.

Воздивнуваме гледајќи го статусот на образованието во Финска, губејќи од вид дека тој успех не е состојба изградена за еден ден, туку континуиран влог во еден систем кој постојано се надоградува.

Во првата седмица на октомври се одбележа Меѓународниот ден на учителот. Темата за 2020 година е „Учители – управување со криза, нова визија за иднината“. Знаеме ли да управуваме и да се справиме со кризата, кои ни се најтешките предизвици, и каква визија имате лично Вие за иднината на нашиот образован систем?

– Предизвиците со кои се соочуваме како фела се бројни и разновидни и траат долго време. Стануваат уште поочигледни и посериозни во услови на криза од било кој вид, а особено во криза со волку сериозен и широк опфат, која е пред се здравствена, економска и за жал, и човечка, а кога приоритетите стануваат дискутабилни и кога во систем кој многу долго време, со децении е маргинализиран, треба да се етаблираат нови воспитно-образовни формати, вчекорени со светот. Како директен имплементатор на заложбите на надлежните за креирање на систем кој ќе функционира непречено и онака како што според својата структура самиот подразбира – во интерес на децата пред се, некако не сум сигурна дека најуспешно се справуваме со кризата. Менаџирањето на кризи е сериозен зафат кој подразбира подготвеност по сите основи. Стојам зад фактот дека пристапите кон воспитно-образовните реформи низ годините наназад, кои повеќе се формални отколку суштински, го дерогираа системот во целост и не го формираа како сфера која ќе е способна да се соочи во криза од ваков вид. За пофалба се напорите да се соочиме со предизвиците кои кризата ги исправи пред нас и како фела и како надлежни, но останува фактот дека сепак се најдовме затечени и недоволно подготвени за налет од ваков тип, со напомена дека  мора да се има предвид дека и посилни и подобро организирани системи од нашиот се фатија во костец со кризата и таа борба не е едноставна ниту за нив. Ова го нагласувам не како оправдување, затоа што не сакам никого да амнестирам од одговорност за случувањата, туку како факт дека нештата се непредвидливи и умеат да направат блокада, ако долго време на образованието не му е овозможен статусот кој како базичен општествен фундамент мора да го има. Околу прашањето за мојата визија за образованието, ќе речам дека е многу тешко сонот да го гледаш како јаве, ако си свесен дека реалноста е кошмар, нели, но сепак, би сакала да доживеам систем кој навистина ќе образува, учи и воспитува. Само така ќе заслужува да се вика Образование.

Сведочиме на спроведување на обуки кои се повеќе формални и во кои фелата е повеќе заинтересирана за тоа проследени ли се со сертификати, отколку за тоа каде и како тоа за што се обучува ќе може да се примени.

Колку учителите и наставниците кај нас се подготвени за онлајн-настава, со оглед на тоа што мнозинството претходно немале слично искуство, и каде го гледате тука просторот за напредување?  

– Дел од предизвиците пред кои сме исправени е и фактот дека сите наставници не се еднакво подготвени за онлајн-наставата. Таа неподготвеност може да биде од различен вид – недоволно познавање на информатичко-компјутерската технологија, возрасната граница на наставниците манифестирана како отпор од постарите колеги, кои се пред пензионирање и за кои совладувањето со новите алатки повеќе е товар отколку предизвик, клишето на востановеното водење класична настава како пречка за прифаќање на  современите алатки во време на дигитализација, отпорот на наставниците заради зголемениот обем на задачи и работното време, затоа што подготовката за реализација на наставата преку онлајн-модели е многу покомплексна, доколку е сериозно сфатена и уште многу други причини, кои за резултат имаат недоволно добра изведба на наставата. Сметам дека просторот за напредување ќе беше многу поширок доколку навреме се размислуваше во контекст на современите воспитно-образовни трендови. Притоа, мислам на следење на развојот на системите на другите земји од кои во континуитет ќе црпиме искуства и корисни училишни практики, водејќи сметка за тоа дека не смееме да пристапуваме кон проста имплементација на нивите образовни модели на домашен терен, не водејќи сметка за реалните домицилни образовни услови, во кои тие практики ќе треба да виреат. На пример, со тага воздивнуваме гледајќи го статусот на образованието во Финска и нејзиниот образовен модел, губејќи од вид дека тој успех не е состојба изградена за еден ден, туку континуиран влог во еден систем кој постојано се надоградува и заради тоа служи за пример на земјите за кои образованието е базата на која почиваат сите други сфери. Кај нас, на пример, сведочиме на спроведување на обуки што се повеќе формални и во кои фелата е повеќе заинтересирана за тоа проследени ли се со сертификати, отколку за тоа каде и како тоа за што се обучува ќе може да се примени. И не е фелата виновна за тоа – предолго живееме образовна форма, наместо образовна содржина. Причините? Уште многу простор ќе ми треба за да ги протолкувам, за тоа – во некоја друга прилика.

Кои веќе постоечки слабости во образовниот систем пред коронакризата, сега најмногу ќе дојдат до израз?

– Секогаш се вели дека кога нештата не се добри, најубаво се гледа во колкав степен се лоши кога ќе се создаде атмосфера на сериозно „заболување“. Во тој случај, се здогледуваат сите заболени органи и нивната зафатеност, а како што реков погоре, заболувањето е системско, долготрајно, несоодветно лекувано или поточно кажано, недоживувано како заболување воопшто. Како последица на тоа, се гледаат погрешните чекори како обиди за реформирање, погрешните осмислувања на наставните програми, несоодветните кадровски решенија, грешките во чекори во училниците како оној прекрасен базичен учебен простор, во кој при физичкото присуство не се воспоставени правилни и навистина валидни релации, кои сега во услови на немање контакт со учениците би обезбедиле здрав и правилен однос кон она што треба да се совлада низ онлајн-комуникацијата. Она што особено го гледам како нешто што исплива на површина е, би рекла, меѓусебниот третман на наставниците во вакви услови, кој полека, но сигурно, прерасна во битка наместо во соработка и со право ја доби димензијата на автоимуна болест, во која се напаѓаат пријателките клетки, кои никако не би смееле да се напаѓаат. Ова се случува бидејќи клетките во образовното тело се препознаваат како непознати антигени, воспитно-образовниот систем е со нарушен имунитет и почнува да си ги напаѓа деловите од телото, сметајќи ги за туѓи. Така се случува сферата што се потпира на силен колективен дух, да добива индивидуален печат и не е во состојба да застане на цврсти нозе, што според природата на нејзиното делување, по автоматизам значи слаб систем, кој не успева ниту да образува, ниту да воспитува.

Еднаш рековте дека неписмен учител не смее да биде учител, зашто описменува. За жал, сведоци сме на бројни примери на учители кои не си ја оправдуваат учителската улога. Од друга страна, сведоци сме и дека во последниве децении до учителско/наставничко/професорско место речиси редовно се доаѓа преку партиска или роднинско-градоначалничко-директорска линија, а не според квалификации. Постои ли надеж дека овој непотизам кај нас воопшто може да се искорени?    

– Многупати досега сум кажала дека е привилегија да си учител. Не може секој да биде учител. Она што како учители сме го сториле со нашите ученици е она што ќе го видиме кога ќе си заминат од нас и кога ќе си го созадат животот и според она што „понеле“ од кај нас. Ако тргнеме од фактот дека го гледаат и го доживуваат не само она на кое ги учиме, туку и она што сме ние самите, многу е важно да не се губи од вид дека учителот е модел за однесување по сите основи. Ако јас како учител имам проблем со личните плафони, особено во поглед на писменоста, кога ќе стапнам во училница, како би била во состојба да ги научам децата дека не смеат да имаат плафон што ќе им го замаглува видикот? Можам да му го дадам на ученикот само она што самата го поседувам, а тоа мора да биде она што детето го заслужува – најдоброто. Околу непотизмот пак, и партиските вработувања, би рекла дека и тоа е само дел од тажната слика, врамена во тешка рамка од која не може да се излезе, за жал. Не гледам засега реален простор за надеж дека учител може да се биде само и само затоа што си роден за таа професија, а не затоа што се на сила други критериуми што не се во корелација со личните референци. Мачно, но реално присутно.

Митолошката легенда за Персеј зборува дека херојот гледал во светот преку својот штит и овој индиректен начин му овозможил да ја погледне Медуза во очите, без да се скамени. Тоа е она што ни треба во образованието, и конкретно во училиштето, да се погледне во реалноста – дури и кога таа ќе нè повреди како вирусот – без да не скамени. Што ќе видиме во таа реалност?  

– За почеток, мислам дека ни недостасува подготвеност да бидеме херои како учители. Искрено мислам така, затоа што да бевме подготвени и желни да смениме нешто, по цена и да се скамениме, нели, ќе сменевме. Гаснењето на тој жар, кој долго време тлее, но не се разгорува, само покажува дека Медузата точно знае дека нема работа со херои, а и оние ретките со таков крст на чело, немаат штит, па остануваат скаменети. Останатите ја гледаат таа скаменетост и свесно прифаќаат состојба која добива  статус „а да си молчам јас, не морам нешто па и да бранувам особено“. Реалноста го покажува токму тоа – битката за убава училница, за тој прекрасен ментален простор во кој се разменуваат емоции, ум и ставови и во кој се расне и зрее, како и, во вакви услови, битката за убав виртуелен простор во кој децата и без нас ќе учат како да се со нас, некако – како да се – ако не загубени, тогаш се сигурност ставени на чекање.

Каков совет би ѝ дале на министерката за образование и наука?

– Многу нешта би сакала да ѝ кажам. Сепак, ќе посочам само неколку работи: Образовни политики, не политика во образованието – колку и да е тешко. Дури и да се чини невозможно. Повеќе соработка, комуникација и сослушување на базата – ние најдобро ги знаеме состојбите на терен. Упорност и борба за фелата – ние го заслужуваме тоа. Децата го заслужуваат тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот