ИНТЕРВЈУ со Елеонора Запрова, директорка на Британскиот совет во Македонија: Поддршка за образование за пазарот на трудот на иднината

Комбинирањето на учењето и технологијата е нашата иднина, но да не заборавиме дека за да се постигне тоа потребен е стратешки пристап на образовните институции за инвестиции во училиштата како и унапредување на професионалниот развој на наставниците, бидејќи од нив зависат промените во училниците, вели директорката Запрова.

Тригодишната регионална програма „Училишта на 21-от век“ е финансирана од Владата на Обединетото Кралство и ја спроведува Британски совет во соработка со македонското Министерство за образование и наука и министерствата за образование во сите земји од Западен Балкан. Со програмата „Училишта на 21-от век“ предвидено е да се поддржи развојот на образовните системи во Западен Балкан преку градење вештини за критичко размислување, решавање проблеми и кодирање кај децата. За важноста на овие вештини и начинот на кој нашите училишта, наставници и ученици се справуваат со новите предизвици разговаравме со директорката Елеонора Запрова.

П: Г-ѓо Запрова, програмата е фокусирана на стекнување и подобрување на  вештини за критичко размислување, решавање проблеми и кодирање, како и на нивната примена во наставата и животот. Зошто овие вештини се важни за современите образовни системи, како за учениците, така и за нивните наставници? Кои се придобивките од нив?

– Вештините на 21-от век се способности и атрибути кои може да се предаваат или учат во прилог на унапредување на начините на размислување, учење, работење и живеење во светот. Овие вештини на 21-от век, или основни вештини, се темел на современото образование ширум светот, а нивната важност е потенцирана во сите Рамки за компетенции на меѓународно ниво. Денес, најголем предизвик ни е да ги подготвиме децата за работните места од иднината, имајќи предвид дека повеќето од овие работни места сè уште и не постојат. Оттаму, клучно е на децата да им овозможиме поддршка за стекнување на вештини за критичко и креативно размислување како и да развијат дигитални вештини кои ќе им бидат потребни за да бидат конкурентни на пазарот на трудот во иднина.

Македонските образовни институции го забележаа овој тренд и пред неколку години воведоа кодирање во наставата. Имаме тесна соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието во поглед на спроведувањето на програмата. За да обезбедиме одржлив процес, одржуваме обуки за директорите на училиштата и наставниците, на кои досега учествуваа повеќето училишта во државата. За да го постигнеме ова, за време на програмата на основните училишта ширум државата им донираме џебни програмабилни уреди „Микро:бит“. За овие уреди не е потребна комплексна технолошка инфраструктура во училиштата, што ги прави едноставни за употреба за учениците и наставниците, онлајн или во училница.

Сметаме дека е стратешки важно да се инвестира во образованието и науката, бидејќи тоа е основен предуслов за дигитализација и трансформација на секое општество. Преку 2.000 наставници и 300 директори на основни училишта беа обучени да ги воведат споменатите вештини во нивните училишта и училници. Оваа програма ги опфаќа сите основни училишта во државата и им пружа еднакви можности на сите деца, од големите градови до малите села и заедници.

П: Доколку ги земеме предвид предизвиците со кои се соочуваме во 21-от век и силното влијание на пандемијата на Ковид-19 врз образованието, директорите на основните училишта и наставниците, нивниот личен придонес и напредок се чинат поважни од кога и да е. Каков придонес има програмата во овој поглед?

– Во право сте, се соочуваме со најголемиот предизвик на нашето време и верувам сите го делиме ставот дека директорите на основните училишта и наставниците се вистинските херои на денешницата, со оглед на неочекуваните предизвици што пандемијата на Ковид-19 ги наметна во училниците.

Како директен одговор на пандемијата на Ковид-19, нашата програма за обука во целост ја прилагодивме да биде онлајн и со овој модел на обука започнавме во јануари. Во моментов, обуките се одржуваат на платформата за обука на наставници „Мудл“, која е во сопственост на Бирото за развој на образованието. За да го постигнеме тоа, потребни беа силни заложби, но истото ќе ни овозможи да опфатиме уште поголем број наставници и директори на основните училишта и оди во прилог на одржливоста на програмата.

Овозможивме поддршка за наставниците со секцијата „Ресурси“ на нашата веб-страница, на која се достапни сите наши материјали, и организиравме низа вебинари за да им помогнеме полесно да се префрлат на учење од далечина. Исто така, во моментов Предизвиците за кодирање за учениците се одржуваат онлајн, бидејќи безбедноста и здравјето на учесниците ни се на прво место.

П: За време на првите две години од спроведувањето на програмата огромен број училишта, нивните наставници и ученици беа мотивирани за учество во прочуените Предизвици за кодирање кои ги организиравте во рамките на програмата. Дали во нив учествуваат подеднаков број девојчиња и момчиња?

– Да, и навистина сум среќна поради тоа, како и поради тоа што за кодирање се подеднакво заинтересирани девојчињата и момчињата, што е особено важно. Не постои напредок и просперитет без родова еднаквост и девојчиња кои се еманципирани од рана возраст. Нашите предизвици за кодирање се мошне популарни во училиштата во регионот. За секој Предизвик ни пристигнуваат огромен број пријави за учество. Досега, учениците од училиштата коишто учествуваа на Предизвиците покажаа напредни дигитални вештини и претставија иновативни решенија за проблеми со кои се соочува локалната заедница, како и начини на кои може да се подобри нивниот секојдневен живот на училиште. На пример, тимот од основното училиште „Блаже Конески“ од Прилеп изготви проект наречен „Далечински безбедносен систем за камиони“, односно учениците со помош на уредот „Микро:бит“ создадоа комплексен систем за заштита на возилата во сообраќајот. Друг тим, од основното училиште „Кирил и Методиј“ од Скопје, конструираше пијано со уредот „Микро:бит“. Учениците спроведуваат напредни експерименти со уредот „Микро:бит“ во склоп на училишните предмети. Тие се обидуваат да пронајдат иновативни решенија за проблеми, како што се одлагањето отпад, справувањето со бучава, проблемите во сообраќајот, пружањето помош на лица со нетипичен развој, еколошките проблеми и друго.

Досега, имавме прилика да видиме голем број интересни проекти на нашите Предизвици за кодирање. Децата имаат огромен потенцијал за иновација и со помош на нивните одлични наставници може да создаваат нови нешта, да решаваат проблеми, да смислуваат иновации и да го исполнат нивниот потенцијал.

П: Иако пандемијата има силно и неизбежно влијание, сведоци сме и на и позитивни аспекти, како што е унапредувањето на дигиталните вештини. Дали сме на вистинскиот пат кога се работи за стратешкиот пристап за комбинирање на технологијата и учењето?

– Како што напоменав, за време на пандемијата на Ковид-19 ја прилагодивме програмата на новите околности, но дадовме и сè од себе да ги дигитализираме и останатите програми. Подготвивме нови онлајн курсеви по англиски јазик, нови тестови по англиски јазик, многубројни обуки и работилници за уметничката заедница, како и за индустријата за видеоигри.

Комбинирањето на учењето и технологијата е нашата иднина, но да не заборавиме дека за да се постигне тоа потребен е стратешки пристап на образовните институции за инвестиции во училиштата како и унапредување на професионалниот развој на наставниците, бидејќи од нив зависат промените во училниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот