Интервју со Елена Стојческа: Флејтата ја чувствувам како продолжен дел од моето тело

Со преселувањето во странство за да го продолжи музичкото образование и да го трасира својот пат до успехот, нашата врвна флејтистка Елена Стојческа, знаела дека нема право на грешка. Денес, кога предизвиците и докажувањата се надминати, и кога нејзиното име е синоним за победник, кога е рамо до рамо со врвните светски музички имиња, скромно ни вели дека би сакала во иднина да има поголема соработка со композитори од Македонија.

Флејтистката Елена Стојческа е родена во Скопје, по завршувањето на музичкото образование во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, образованието го продолжува во Франција и Италија, учејќи од врвни професори. Стојческа веќе долги години живее и работи во Париз, таа е позната солистка, камерен музичар и педагог, а од јуни минатата година ѝ беше понудена позиција на Директор на Конзерваториумот на Ливри-Гарган и како директор работи во блиска соработка со директорот за култура и со заменик-градоначалникот за култура на Ливри-Гарган, односно, како што вели, соработува со две извонредни жени!

Во Франција, културната политика на државата е да овозможи секој граѓанин од 5 до 85-годишна возраст да има контакт со музиката и уметноста. Основна задача на еден професор е да оформи високообразовани аматери.

На флејта свири од нејзината одумгодишна возраст, ја привлекле формата и тонот на инструментот. Вели дека за изборот на флејтата, пресуден бил првиот контакт со професорката Бети Станковска во чија класа поминала прекрасни 9 години, а за да биде музичар, значајно е влијанието на нејзините родители со нивната безрезервна љубов, поддршка и музиката со која ѝ овозможиле да израсне. Од Морис Равел до Дејвид Боуви, од кога памети за себе, Стојческа памети добра музика и домашно музичко образование, иако нејзините родители не биле музичари.

Заминавте во Франција пред 25 години со цел да го продолжите образованието, во меѓувреме се стекнавте со повеќе дипломи, освен флејтистка сте и професор, кои беа најголемите предизвици на овој образовен пат и колку дипломите и титулите се ценат во Франција? 

– Во Франција се соочив со огромна конкуренција и со еден сосема различен систем на образование на кој требаше да се адаптирам. Бројните предизвици поврзани со професијата ми се двигател за да напредувам, додека предизвиците кои не се врзани со професијата имаат понекогаш поголема тежина, но се и оној неодминлив дел од животното искуство преку кое се градиме како личности.

По првите години целосно поддржани од моите родители и само едногодишна стипендија, почнав паралелно да работам за да можам во еден дел да ги финансирам моите студии. Работев како истоварувач во супермаркет, чував деца, држев приватни часови и потоа добив работа како одговорен библиотекар во одделот за музика во библиотеката на Сент Манде. Паралелно студирав, магистрирав, добив интернационални награди и непрекинато имав камерни и солистички концерти. По добивањето на француското државјанство, кое го добив по заслуга, добив пристап за соработка со повеќе оркестри, професорски позиции, можност да ги полагам државните конкурси за педагогија. Државните конкурси се веќе друга приказна. Не се одржуваат често, од 400 кандидати само 10 до 15 проценти добиваат професорска позиција од Б или А категорија на ниво на цела Франција. Едноставно знаев дека немам право на грешка и среќна сум дека ги надминав сите предизвици и на тоа поле. За државните конкурси се потребни дипломи, но за работа во оркестар не е потребен никаков административен документ, се бара само извонредно музичко ниво и доволно е кандидатот да е полнолетен.

Имавте можност да учите од најголемите француски и европски флејтисти. Кои беа, и сè уште се актуелни, трендовите и разликите што можевте да ги забележите помеѓу македонскиот и странскиот систем?

– Огромна разлика има помеѓу периодот кога заминав од Македонија и денес. Денес полесно e да се патува, олеснета е достапноста кон содржини од голем квалитет преку интернетот, со целата таа комуникација разликите полека се намалуваат, а секој музичар се издвојува со сопствениот животен багаж и секако со она богатство што го носи со себе од поднебјето и културата од која потекнува.

Во Македонија имав среќа да се здобијам со многу квалитетно музичко образование кое потоа го продолжив во Франција и Италија. Можноста да учам од музичарите кои ме инспирираат ја создадов сама. Ги барав каде се и ја вложував потребната енергија за да влезам во нивна класа. Три години патував со ноќни возови во Италија за специјализација, само поради професорот по флејта. Можеби најголемата разлика која ја забележав помеѓу Македонија, Франција, па и Италија, беше големата понуда на предмети поврзани со современата музика или со нов пристап кон музиката.

Обемна е темата, но мислам дека тука е интересно доколку зборувам за разликата помеѓу македонскиот и францускиот систем на музичко образование денес. Во Франција, културната политика на државата е да овозможи секој граѓанин од 5 до 85-годишна возраст да има контакт со музиката и уметноста. Основна задача на еден професор е да оформи високообразовани аматери. Бројот на студенти кои се професионализираат во музиката е многу мал, помалку од еден процент од вкупната бројка на ученици, за нив секако се достапни најдобрите државни институции.

Но, оној елитен систем на музичко образование веќе не постои во Франција и во тек се нови реформи за уште поголема достапност, посебно во општините кои се дел од мрежата за приоритетно образование, како и кон децата со посебни потреби. За таа цел државата и јавниот сектор финансираат посебни проекти на соработка помеѓу конзерваториумот, училиштата и општината или регионот. Голем број конзерваториуми или државни музички училишта се отворени и за возрасни почетници без никаков старосен лимит. Има посебно организирани класи за средношколци кои сакаат да се професионализираат во музиката, но не постои средно специјализирано музичко училиште како во Македонија.

Во секоја општина има музичко училиште или конзерваториум и за упис во почетните нивоа нема приемен испит, нема селекција. Секое дете може да добие квалитетно образование организирано во три циклуси. Третиот циклус е циклус на ориентација каде што студентот има опција да одбере да се професионализира или пак да го заврши аматерскиот отсек со концерт-рецитал. Селекција се прави само при влез во специјализираните инситуции за професионализација и тука конкуренцијата е голема бидејќи се присутни кандидати од цел свет.

Со Оркестарот на Алијанса во Филхармонијата на Париз, фотограф J-C. Guilloux

Што значи за Вас свирењето на флејта? Која е приказната што го придружува овој таканаречен боговски инструмент и на какви видови флејта свирите? 

– Според археолошки откритија, флејтата е најстариот инструмент, датиран пред 35.000 години, можеби и до 43.000 години, постои сомнеж и дебата околу откритието во Словенија на коска од пештерска мечка која наликува на флејта од страна на археологот Иван Турк.

Најблиска до гласот, јас флејтата ја чувствувам како продолжен дел од моето тело преку кој комуницирам. Како еден вид дополнителна гласна жица. Ги свирам сите модерни флејти: Ц флејтата, алт флејтата, бас, октобас и имам специјализација на пиколо. Започнав како автодидакт да изучувам барокна флејта траверсо, но ми недостасува време за подлабока работа на инструментот.

Дали некогаш да се биде жена било дискриминирачко во вашата професија, на пример, дали позициите од поголемо значење, дури и во рамките на еден оркестар, им се доделуваат полесно на мажите отколку на жените?

– За жал родовата дискриминација е секаде присутна, конкретно, помало е присуството на жени диригенти или композитори. Но, тоа се менува на подобро во последниве години и се надевам дека кризата која се очекува да ја проследи оваа пандемија нема да го поремети тој напредок. Од друга страна, за среќа, јас лично досега немам почувствувано дискриминација, ниту како странец, ниту како жена. Сигурно изборот на флејтата како инструмент е олеснителна околност, сепак процентуално има многу повеќе жени флејтисти. Сметам дека мојот труд и квалитет досега биле секогаш ценети и вреднувани во секој домен од мојата професија.

Од јуни минатата година, ми беше понудена позиција на директор на Конзерваториумот на Ливри-Гарган и како директор работам во блиска соработка со директорот за култура и со заменик-градоначалникот за култура на Ливри-Гарган, две извонредни жени!

Колку пандемијата ја парализираше Вашата работа? Како светот на класичната музика, кога сцените се затворени, се прилагоди на новото нормално, верувате ли дека набрзо ќе се врати во истата состојба како пред пандемијата?

– Во Франција сите концерти се откажани веќе 7 месеци. Ситуацијата посебно се одрази врз работата на оркестрите. Снимките и настаните без публика, со пренос во живо, ја заменија во еден мал дел концертната сезона. Оркестарот со кој соработувам успеа да задржи и активност преку едукативни концерти. Имено, освен шест недели настава на дистанца, тука училиштата и сите образовни институции останаа отворени, а наставата се одржа со присуство. Тоа овозможи да се реализираат едукативни интервенции во училишта каде што настапуваме во помал состав, правиме презентација на инструментите, на композитор или на одредено дело. Овие концерти се дел од акциите финансирани од јавниот сектор, за развој и демократизација на културата за кој зборував претходно. Освен обврските како директор, задржав и еден дел од мојата педагошка активност, посебно во Конзерваториумот Моцарт во центарот на Париз. Ми се чини дека сум позафатена професионално годинава, а како ќе биде кога ќе заврши оваа пандемија, не знам. Едно е сигурно, сите сме жедни да се вратиме на сцена и пред публика.

Денови на Македонска музика 2020

Постои ли некоја сцена од мечтите на која би сакале да настапите, и со кого?

 – Јас повеќе мечтаам за луѓе отколку за некое посебно место или сцена. Најсреќна сум кога сум опкружена со музичари со кои ја делам таа взаемна љубов кон музиката. Посебна ми е соработката со блиски пријатели, пијанистката Јанинка Невчева, Весна Ангелова, виолончелистката Маја Богдановиќ, со мојот сопруг гитаристот Ромен Петио, со композиторите, запознавањето на нови пријатели преку музиката. Би сакала во иднина да имам поголема соработка со композитори од Македонија.

Посебна ми е соработката со блиски пријатели, пијанистката Јанинка Невчева, Весна Ангелова, виолончелистката Маја Богдановиќ, со мојот сопруг гитаристот Ромен Петио, со композиторите, запознавањето на нови пријатели преку музиката.

Што Ви недостига од Македонија, кога ќе ве видиме кај нас, кои се следните планови?

– Најблиското семејство, посебно моите родители. Не сум често на македонската сцена, но 2020 година, иако тешка на глобално ниво, за мене беше посебна. Во февруари, заедно со извонредниот Паскал Галоа одржавме работилници за современа техника во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, настан коорганизиран со колешката Наташа Еленова.

По 10-годишна пауза повторно настапив на Охридско лето, а по 13 години и во Скопје на Денови на Македонската музика со Дуо СолиПс. Овие настапи беа благодарение и на покана на селекторите на фестивалите Даница Стојанова и Дарија Андовска. Секако би сакала да настапувам и соработувам почесто со колегите од Македонија, се надевам моите следни настапи таму нема да бидат по 10 години.

Имам многу проекти на лично и професионално ниво. Ќе видиме колку пандемијата ќе ја дозволи нивната реализација.

Проект за кој посебно се радувам е заедничкиот концерт во Франција на учениците по флејта од Македонија и од конзерваториумот на Ливри Гарган, кој би требало да се одржи до крајот на 2021 година.

 

Во Франција, културната политика на државата е да овозможи секој граѓанин од 5 до 85-годишна возраст да има контакт со музиката и уметноста. Основна задача на еден професор е да оформи високообразовани аматери.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот