Интервју со Дуке Бојаџиев: Музиката ја доживувам како еден јазик со многу „дијалекти“

Долго време урбаниот живот во Њујорк ми беше инспирација, сега повеќе инспирација црпам од природата / Фотографија: ЕУ Хаус

Македонскиот композитор, пијанист и продуцент Дуке Бојаџиев во само три дена одржа два концерти во Скопје, едниот на официјалната прослава на Денот на Европа, а вториот во поинтимна атмосфера во клубот „Станица 26“.

Секое доаѓање на Дуке Бојаџиев во родната земја е поврзано со интензивен музички распоред. Така беше со концертите со Македонската филхармонија и со настапот во Античкиот театар во Охрид пред неколку години, а со сличен интензитет поминаа и двата концерта што ги одржа пред неколку денови во Скопје.

На 8 мај, во рамките на одбележувањето на Денот на Европа, заедно со дваесет членови на оркестарот на Филхармонија и екипа музичари што ги донесе од Ибица, Дуке настапи во Градскиот парк во Скопје и во магичниот амбиент покрај езерцето привлече стотици љубопитни посетители.

На клупскиот настап со тројца соработници од Ибица во клубот „Станица 26“ на 10 мај присуствуваа стотина верни следбеници на неговиот музички израз. Двата настана беа убав повод да оствариме средба со Дуке и да откриеме во кој правец се движат неговите интереси и во животот и во музичкото творештво.

Фантастичен концерт во необичен амбиент во Градскиот парк во Скопје одржа минатиот викенд во рамките на прославата на Денот на Европа. Како воопшто се случи соработката со Делегацијата на ЕУ и со „ЕУ Хаус Скопје“ за реализација на концертот?

– Добив имејл пред шест месеци од „ЕУ Хаус“, во кој тие изразија желба и ме поканија да направам концерт за прославата на Денот на Европа. Потоа комунициравме со г-ѓа Вјоса Бериша од „ЕУ Хаус“ и почувствував многу убава енергија за соработка од неа и од целиот нејзин тим. Го работев концертот интензивно 4-5 месеци со интенција да биде уникатно доживување и воедно различно од моите претходни настапи. Да биде една универзална порака и молитва за мир во светот.

Концертот на Дуке Бојаџиев покрај езерцето во Градскиот парк во Скопје беше необично искуство и за музичарите и за публиката / Фотографија: ЕУ Хаус

Повеќе години наназад имаш традиција на настап со музичари од Македонската филхармонија, но специфично за концертот беше што имаше повеќе сегменти, а во вториот беа вклучени и интернационални музичари. Колку теми наменски беа компонирани за овој концерт и дали сам ги правеше аранжманите?

– Со музичарите од Филхармонија соработувам со години, бидејќи се со врвен квалитет и професионална етика. Темите не беа наменски компонирани, но беа наменски конципирани во една целина, а повеќето ги напишав во минатите две години. Аранжманите, композициите и продукцијата се мои.

Интернационалната екипа со која настапи доаѓа од различни звучни подрачја, а дел од нив и со егзотични инструменти. Тоа е случај само за овој концерт или, можеби, тоа е екипата со која соработуваш во овој период?

– Тоа е екипата со која соработувам во изминатите шест месеци и би сакал оваа соработка да продолжи и понатаму, бидејќи е вистински длабока и инспиративна. Инаку, често користам егзотични инструменти и музичари во моето творештво низ годиниве, посебно во филмската музика. Тоа ми е голем извор на инспирација.

Клупскиот настап на Дуке Бојаџиев во „Станица 26“ беше одлична можност одблиску да се запознае неговата екипа од Ибица

Како и каде се сретна со екипата со која сега работиш и на каков инструмент свири Бахрамџи?

– Со моите соработници од Ибица се сретнав по разни настани низ островот, многу музичари запознав, а селектирав тоа што најмногу ме инспирираше. Со Бахрамџи беше „љубов на прв поглед“ момент, бидејќи неговата уникатна енергија веднаш ме плени. Инструментот на кој свири Бахрамџи се вика сантур, древен арапски жичен инструмент со потекло од Месопотамија. Медуза Одисеј се негови соработници повеќе години, кои преку него ги запознав и веднаш се осетивме на музичко поле. Иса и Миријам, исто така, ги запознав на некој настан, дојдоа кај мене во студио и кога го слушнав нејзиниот глас, веднаш ми беше јасно дека ова ќе биде долгорочна соработка.

Средбата на Дуке Бојаџиев со Бахрамџи била „љубов на прв поглед“ момент, бидејќи неговата уникатна енергија веднаш го пленила / Фотографија: ЕУ Хаус

Мислам дека претходната средба со тебе ми беше пред околу четири години на промоцијата на албумот „Синергија“. Во меѓувреме се случија уште многу проекти. После „Синергија“ се чини дека твојот фокус повеќе е насочен кон ритмична музика проткаена со поезија од источната мистика. Што те повлече во таа насока?

– Музика проткаена со поезија од источната мистика работам уште одамна. На „Љубовта е патот“, моето албумско издание од 2008 година, користам за првпат суфи поезија од Руми. Албумот „Синергија“ беше една моја финална музичка експресија пред да го напуштам Њујорк, каде што си експериментирав со фузија од нови инспирации, но секогаш се навраќам на источната мистика и суфи поезијата. Тоа ми е еден вечен извор на инспирација што се проткајува низ целото мое творештво.

Од претходно те знаеме како наградуван композитор на филмска музика. Какви ангажмани имаш во тој правец?

– На полето на филмската музика постојано сум активен. Во моментов работам на новиот филм на Тамара Котевска, во британска продукција и македонска копродукција. Многу инспиративен и возбудлив, во еден многу специфичен формат, кој е на граница меѓу документарен филм, театар и игран филм. Вистински предизвик и уживање за мене како композитор, посебно што уживам во талентот и креативноста на Тамара.

Што беше причината од Њујорк да се преселиш во Париз, а во последно време и Ибица стои во твојата биографија?

– По 18 години во Њујорк се презаситив и навистина ми фалеше Европа и европската култура и живот. Како што дојдов, се препородив, и креативно и ментално. Првин бев во Париз, каде што живеев две години, потоа Ибица, каде што моментално поминувам најмногу време. Тоа е еден егзотичен скриен духовен рај на Медитеранот.

Постојано еволуирам, учам, се губам и повторно се пронаоѓам себеси во многу форми и музички стилови / Фотографија: ЕУ Хаус

На почетокот имаше изворни влијанија во твоите композиции, потоа продолжи со филмска музика, а во последниве години стана препознатлив по електро-акустичниот израз. Како во себе го чувствуваш минувањето низ сите овие музички фази?

– Јас постојано еволуирам, учам, се губам и повторно се пронаоѓам себеси во многу форми и музички стилови. Музиката ја доживувам како еден јазик со многу „дијалекти“, како една експресија која ми помага да растам и еволуирам. Јас го зборувам тој јазик и како што зреам се наоѓам инспириран од различни нешта. Долго време урбаниот живот во Њујорк ми беше инспирација, сега повеќе инспирација црпам од природата.

Пред околу четири месеци се појави спотот на темата „Убав ден“ на младата и талентирана Дина Јашари во твоја продукција. Како се случи таа соработка и колку успеваш да оствариш соработка и со други музичари од македонската сцена?

– Лани бев во Македонија два месеца во тек на летото. Склоп на околности ме споија со Дина и соработката се случи многу опуштено и спонтано. Инспирацијата не прашува за време, си доаѓа, а на креаторот останува дали ќе ја манифестира или само ќе ја пушти да одмине. Кога ќе почувствувам силна инспирација, секогаш се трудам да ја манифестирам и преточам во форма што ќе можам да ја споделам со светот. Со Дина се најдовме на вистинско место во вистинско време.

Освен концертите што повремено ги одржуваш тука и соработките со различни автори, на кој начин се одвива другата комуникација со родната земја?

– Јас сум музички амбасадор на мојата родна земја, секаде каде што работам низ светот со гордост кажувам од каде сум, и каде сум создаден и оформен како човек. Секогаш кога сум во можност, го споделувам моето светско искуство дома, и моето домашно искуство со светот. Врската со родната земја е како врската со мајката, од неа излегуваш и до крајот на животот си длабоко и интимно поврзан.

Фотографија: Александра Костадиновска

Портфолио со импресивна меѓународна кариера

Дуке Бојаџиев е еден од најзначајните македонски композитори со импресивна меѓународна кариера. По дипломирањето на престижниот Беркли колеџ, во 2001 година се сели во Њујорк, каде што ја гради својата интернационална кариера како композитор на филмска музика, музички продуцент и пијанист. Дуке има работено со познати имиња од филмската фела, како оскаровците Џонатан Деми и Данис Тановиќ.

Неговата музика е дел од рекламните кампањи на врвни светски брендови, ТВ-серии и ексклузивни мултимедија презентации. Од позначајните музички соработки се издвојуваат тие со „Телепоп мјузик“, Синди Лопер, „Блу ман груп“, Џина Гершон. Зад себе има повеќе албумски изданија, а неговата музика може да се најде на многубројни светски компилации. Дуке има настапувано низ целиот свет, во сали како „Карнеги хол“ (Њујорк), „Чипријани балрум“ (Њујорк), „Авалон театар“ (Лос Анџелес), Антички театар (Охрид).

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 128, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот